Достапни линкови

Вести

Државата ќе ги покрие долговите за струја на институциите направени од „објективни фактори“

Иустративна фотографија
Иустративна фотографија

Државата ќе мора да ги покрие долговите за електрична енергија на оние клучни институции кои имале објективни причини за такво нешто, но не и на оние институции кај кои не постојат вакви причини, најави премиерот Димитар Ковачевски.

За оние институции кај кои не постојат објективни причини за неплаќањето на сметките, тој посочи дека ќе ги повика на одговорност.

„Не ми е сфатливо како може со години да не се плати струја што е недомаќинско однесување на дел од раководителите на тие институции. Кај дел има и објективни фактори на пример здравствените институции беа оптоварени со многу трошоци во текот на корона кризата. Не трпам директори кои не плаќале струја затоа што сметале дека нивните институции не можат да останат без струја само затоа што се од витално значење“, изјави Ковачевски.

За овој проблем најави дека денеска ќе има состанок во Министерството за економија.

Во однос на ставањето во функција на сите енергетски капацитети во државата, Ковачевски информираше дека почнуваат монтажните активности на Блок 3 во РЕК Битола затоа што дел од опремата е пристигнат и оти комерцијалниот директор на ЕСМ денеска е во Турција со цел да го доорганизира транспортот на трансформаторот. Додаде и дека очекува многу наскоро да биде ставен во мрежа и ТЕЦ Неготино.

види ги сите денешни вести

Советот на министри на БиХ повторно не успеа да го усвои планот потребен за повлекување на пари од ЕУ

Совет на министри на Босна и Херцеговина (архивска фотографија)
Совет на министри на Босна и Херцеговина (архивска фотографија)

Советот на министри на Босна и Херцеговина не ја усвои реформската агенда, што е еден од предусловите за БиХ да добие средства од Планот за раст на Европската унија за Западен Балкан, на својата седница на 17 септември.

Рокот за поднесување на конечната верзија на реформскиот план истече минатата година, по што износот планиран за БиХ беше намален за десет проценти, а новиот рок што го постави Европската комисија е 30 септември.

Доколку не го достават навреме, БиХ би можела да изгуби дополнителни 100 милиони евра од фондот што првично изнесуваше речиси милијарда евра за БиХ.

„Сè уште сум оптимист во врска со усвојувањето на Нацрт-агендата за реформи, иако документот денес не ја доби потребната поддршка“, изјави Борјана Кришто, претседателка на Советот на министри на Босна и Херцеговина по седницата.

Кришто рече дека надлежните институции имаат 772 коментари за кои треба да се постигне согласност.

„Мене ми е неверојатно што некој е против ова, а не ми е неверојатно што СНСД (Сојуз на независни социјалдемократи, предводен од Милорад Додик) е против ова. Единствената причина зошто некој урива е тоа што не сака напредок за БиХ. Не станува збор само за спречување на напредокот, туку за држење на сите граѓани како заложници“, рече Един Форто, министер за транспорт и врски на БиХ по седницата.

Форто оцени дека политиката на СНСД, која има двајца министри од српскиот народ во државната влада и каде што барем еден мора да гласа за секоја одлука, „не може да се објасни поинаку освен дека сите работат за еден човек“.

„Тој се обидува да ја уценува целата држава и меѓународната заедница за укинување на санкциите. Тој не бара подобар статус за РС, туку подобар статус за себе“, додаде Форто, кој е претседател на владејачката Наша странка.

Министерот за надворешна трговија Сташа Кошарац, кадар на СНСД, рече дека „потребно е повеќе време за да се договорат уште некои елементи“ и дека „мора да се обезбеди видливоста на институциите на Република Српска во сите процеси“.

„Секако, видливоста на институциите на РС во спроведувањето на чекорите од Агендата за реформи е важна за нас. Мислам дека затоа е донесена таква одлука во првиот круг од гласањето. Имаме и втор круг“, рече Кошарац, кој гласаше против усвојувањето на агендата за реформи.

БиХ изгуби 108 милиони евра во јули бидејќи не ги исполни роковите. Тие пари беа пренасочени кон други земји во регионот.

Иако Советот на министри ја усвои Нацрт-агендата за реформи на крајот на јуни, оттогаш, властите на сите нивоа не направија ништо за да ја усвојат.

Властите во БиХ не беа во можност да се договорат за план за реформи речиси две години, бидејќи ентитетите и кантоните се расправаат за надлежностите, законите и реформите во неколку сектори, како што се образованието, социјалната политика и пазарот на трудот. Владите се расправаат и за новиот закон за државниот суд и обвинителство и Уставниот суд на БиХ.

Властите во Босна и Херцеговина планираа да номинираат инфраструктурни проекти во вредност од повеќе од 2,3 милијарди евра.

Со пари од ЕУ, БиХ планираше да ги заврши работите на паневропскиот Коридор 5Ц, кој би го поврзал хрватското пристаниште Плоче со Будимпешта.

Исто така, планирана е модернизација на железничката мрежа, а номинирани се и важни енергетски проекти и реконструкција на преносната мрежа, како и дигитализација на земјата.

Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан содржи вкупно шест милијарди евра, од кои четири милијарди се меки заеми, додека две милијарди се грантови. Парите од овој фонд се исплаќаат двапати годишно.

Србија веќе повлече над 110 милиони евра, Албанија 65 милиони, а Црна Гора 27 милиони евра.

Сите проекти од Планот за раст мора да бидат завршени до крајот на 2027 година, и нема да има продолжувања.

Уставниот суд не поведе постапка за Правилникот на ДИК

Седница на Уставниот суд на Северна Македонија (архивска фотографија)
Седница на Уставниот суд на Северна Македонија (архивска фотографија)

Уставниот суд на денешната седница донесе одлука да не поведе постапка за Правилникот за регулирање на постапката за собирање потписи за поддршка на кандидатските листи поднесени од група избирачи и начинот на определување на нотарите, донесен на 17 август годинава од Државната изборна комисија.

Подносители на иницијативата до Уставниот суд беа Здружението „Светски македонски конгрес” од Скопје застапувано од претседателот Тодор Петров и Стевче Стојанов.

Во иницијативата поднесена од Здружението „Светски македонски конгрес”, се наведува дека со донесување на оспорениот Правилник е напрaвена повреда на неколку членови од Изборниот законик и Уставот.

Подносителот тврди дека иако изборните рокови се во тек, ДИК постапила надвор од своите овластувања и со подзаконски акт пропишала услови за остварување на избирачко право на граѓаните да учествуваат во вршење на јавни функции.

Во иницијативата поднесена од Стевче Стојанов е наведено дека со оспорениот Правилник, ДИК уредила норма за поддршка на кандидатска листа за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник поднесени од „група избирачи” која треба да биде потпишана од најмалку двајца избирачи и со тоа уредување, ДИК излегла надвор од законските рамки и се ставила во улога на законодавач.

Претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски на седницата рече дека е добро што има дискусија и оти предметот е важен. Смета дека пополнувањето на правни празнини е многу важна тема и во уставното и во регуларното судство и воопшто во правото. Појасни дека кога во околности се укинати некои одредби или поништени одредби, тогаш и право и должност на законадавецот е да ги полни тие правни празнини.

„Што правиме кога правната празнина не ја пополнува законодавецот? Која порака тој ја праќа спрема сите останати? Оваа одлука што денес ќе ја донесе Уставниот суд, како што рече, е многу важна и затоа јас лично се определувам за мериторна одлука. Со тоа Уставниот суд кажува дека кога во услови кога законадавецот не е уставно дисциплиниран, тоа е негова желба или определба, тогаш уставните празнини ќе се попополнуваат и ова е еден од начините на пополнување. Дали има основа ДИК? Има, и тоа како има“, смета Костадиновски.

Судијата Јадранка Дабовиќ - Анастасовска рече дека е убедена дека ДИК не постапувале спротивно закон и Устав., додека судијата Добрила Кацарска смета дека овој Правилник е спротивен на закон и рече дека тој не е објавен во Службен весник.

„Ние не можеме да ги затвориме очиме пред нешто што е незаконито. Станува збор за судии на Уставен суд“, рече Кацарска.

Со Правилникот кој го донесе ДИК, се овозможи само со два потписи од двајца избирачи да бидат потребни за да можат независните кандидати за советници и градоначалници да учествуваат на претстојните локални избори кои треба да се одржат во октомври.

Јавен обвинител изврши увид по пожарот во Трубарево

Фoтографии од складот на фабриката за преработки на електронски и пластичен отпад во Трубарево каде избувна пожар на 13.09.2025
Фoтографии од складот на фабриката за преработки на електронски и пластичен отпад во Трубарево каде избувна пожар на 13.09.2025

Обвинител од Скопското јавно обвинителство и увидни екипи на МВР денеска извршија увид на лице место по неодамнешниот пожар во Трубарево. Увидот е во однос на настанувањето на пожарот и на складирањето на отпадот на предметната локација. Беше извршено фотографирање и дронско снимање на локацијата.

„Со оглед на затрупувањето на локацијата од безбедносни причини, увидните дејствија на терен се отежнати. По наредба на јавен обвинител, локацијата ќе остане обезбедена и во наредниот период за потребите на постапката. Таму ќе продолжат да се вршат дополнителни мерења на загадувањето од Министерството за животна средина, а на терен ќе излезе и вешто лице од областа на екологијата“, соопштија од обвинителството.

Жители на Трубарево се плашат од последиците од пожарот
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:39 0:00

Од обвинителството соопштија дека на местото на пожарот се уште има и противпожарна екипа, бидејќи на дел од локацијата и понатаму се јавуваат повремени чадења и постои опасност од ново разгорување.

Основниот кривичен суд Скопје денеска им го продолжи притворот за нови 48 часа на четворицата опфатени во постапката во врска со пожарот.

Се работи за 56-годишен управител и сопственик на две правни лица, 22-годишна управителка на трето правно лице, 42-годишник во својство на раководител на подружница и 59-годишник вработен во правно лице.

Пожарот избувна во саботата на 13 септември околу 14 часот во складиште за рециклирање отпад во Трубарево. Институтот за јавно здравје соопшти дека нема опасни нивоа на тешки метали во почвата и радиокативност во водата. На местото каде гореле батерии има зголемено присуство на бакар и цинк.

Данска ќе купи оружје со долг дострел за да се спротивстави на руските закани

илустрација
илустрација

По години кратења на својот воен буџет, Данска ќе набави прецизно оружје со долг дострел, за да се спротивстави на заканата што ја претставува Русија за Европа, дури и кога немаше непосреден ризик од напад врз нордиската земја, изјави премиерката Мете Фредериксен.

Данска оваа година го зголеми својот воен буџет за да се справи со акутните недостатоци по целосната инвазија на Украина од страна на Русија во 2022 година.

„Нема сомнение дека Русија ќе биде закана за Европа и Данска во годините што доаѓаат“, изјави Фредериксен за новинарите во среда (17 септември), додавајќи дека нема непосреден ризик од напад врз Данска.

Набавката може да вклучува ракети и беспилотни летала способни да погодат цели на непријателска територија, најави министерот за одбрана Троелс Лунд Поулсен.

Тој не кажа колку ќе потроши владата за овој напор, ниту пак прецизираше кое оружје ќе го купи.

Војната во Украина „покажува колку е важно да се има способност за возвратен удар или удар во длабочина, како и да се има интегрирана слоевита воздушна одбрана заедно со копнена воздушна одбрана“, потенцираше Поулсен.

Членката на НАТО минатата недела изјави дека ќе потроши 58 милијарди дански круни (9,20 милијарди долари) за системи за воздушна одбрана произведени во Европа, што е нејзина најголема набавка на оружје досега.

Речиси 16500 лица ширум Европа починале како последица на жешкото време

илустрација
илустрација

Климатските промени и растот на температурите предизвикани од човечкиот фактор се одговорни за смртта на околу 16500 лица во Европа во текот на ова лето, се наведува во студија на група британски истражувачи на климата и здравјето.

Врз основа на истражување на климатскиот модел во 854 европски градови, научници од Империјалниот колеџ во Лондон и епидемиолози од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, утврдиле дека како резултат на глобалното затоплување температурите во Европа во периодот јуни-август биле за 2,2 степени Целзиусови повисоки во однос на просекот за тој период од годината.

Според нив, во посочениот период бројот на починати лица во тие градови бил за околу 24400 поголем од просечниот, но дека сите тие смртни случаи не се последица на зголемените температури. Сепак, глобалното затоплување, како што се оценува во студијата, е одговорно за речиси 70 отсто од „вишокот“ смртни случаи или за смртта на околу 16500 лица.

Научниците посочуваат дека до овие резултати дошле врз основа на истражувачкиот модел и дека не се базираат на вистинските бројки на смртни случаи во европските градови во текот на ова лето, бидејќи „на повеќето земји им треба долго време да ги објават тие податоци“. Сепак, тие нагласуваат дека нивните проценки се во „реалната рамка“ на смртни случаи.

Во студијата се проценува дека бројот на смртни случаи за време на топлотните бранови е значително потценет, бидејќи дел од официјално наведените причини за смрт, како срцеви, респираторни или други здравствени проблеми, бележат раст со зголемувањето на температурите.

Во земјите најтешко погодени од топлотниот бран - Романија, Бугарија, Грција и Кипар, каде температурите беа и до шест степени Целзиусови повисоки од просекот, во периодот од 21 до 27 јули се проценува дека имало 950 „вишок“ смртни случаи како последица жештините или околу 11 смртни случаи дневно на еден милион луѓе.

Според истражувањето, најмногу проценети смртни случаи како резултат на климатските промени – 835 имало во Рим, по што следуваат Атина со 630 и Париз со 409. Повеќе од 85 отсто од проценетите „вишок“ починати биле луѓе на возраст од 65 години, а околу 40 проценти постари од 85 години.

Но, во истражувањето се посочува и дека причината за зголемената смртност ова лето, покрај на зголемените температури, се должи и на подготвеноста на градовите да реагираат на екстремните жештини, демографската структура на населението, како и на загадувањето на воздухот.

Истражувачите посочуваат и дека изнесените бројки во студијата не се целосни, бидејќи со анализата не биле опфатени некои региони во Европа, како на пример делови од Балканот.

Во слична студија на „Нејчр Медисин“ за летото 2023 година, беше проценето дека растот на температурите резултира со над 47000 „вишок“ смртни случаи во Европа.

Оваа 2025 година беше регистрирано четвртото најжешко лето во Европа откако се води евиденција за температурите.

Сопругата на рускиот опозициски лидер Навални тврди дека тој бил отруен

Јулија Навалнаја
Јулија Навалнаја

Сопругата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, Јулија изјави дека лабораториската анализа на шверцувани биолошки примероци покажала дека тој бил убиен со труење додека бил затворен во арктичкиот затвор во февруари 2024 година.

Навални, најголемиот критичар на претседателот Владимир Путин со години, почина во мистериозни околности додека отслужуваше 19-годишна затворска казна по низа обвиненија што се сметаат за одмазда за неговата кампања.

Пред да биде погребан, неговата сопруга Јулија Навалнаја рече дека неговите сојузници „успеале да добијат и безбедно да пренесат биолошки примероци од Алексеј во странство“.

„Лабораториите во две земји дојдоа до заклучок дека Алексеј е убиен. Поточно: отруен“, рече таа во видео објавено на социјалните мрежи.

Навалнаја не откри дополнителни детали за тоа кои примероци се добиени, ниту за резултатите од анализата, но ги повика лабораториите независно да ги објават своите резултати и да наведат кој отров веруваат дека е употребен.

Навални, харизматичен активист против корупцијата, собра стотици илјади луѓе низ Русија на протести против Кремљ додека ги разоткриваше наводните нелегално стекнати придобивки од внатрешниот круг на Путин.

Претходно беше отруен во 2020 година додека водеше кампања во Сибир и беше префрлен во Германија со итен лет за евакуација, каде што помина месеци на закрепнување.

Затворен по враќањето во Русија во јануари 2021 година, тој беше осуден по низа обвиненија, вклучително и „екстремизам“.

Од зад решетки, тој продолжи да води кампања против Путин и се изјасни против неговата инвазија на Украина.

Руските власти соопштија дека тој починал ненадејно на 16 февруари 2024 година, откако се разболел додека шетал надвор по ручекот во неговата затворска колонија.

По смртта на Навални, службениците со денови одбиваа да го предадат неговото тело на неговите роднини, предизвикувајќи сомнежи кај неговите следбеници.

Навалнаја отсекогаш тврдеше дека нејзиниот сопруг е убиен по наредба на Путин. Кремљ ги негира обвиненијата.

Продолжен притворот на четворицата осомничени за пожарот во Трубарево

Основен Кривичен суд, Скопје
Основен Кривичен суд, Скопје

Кривичниот суд им го продолжи краткотрајниот притвор за нови 48 часа на четворицата сопственици и управители на фабриката за електронски отпад во скопско Трубарево, по предлог на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје.

Четворицата беа приведени и во неделата вечерта спроведени пред судија на претходна постапка, по што судот им одреди првичен 48-часовен притвор.

Според Обвинителството, станува збор за 56-годишен управител и сопственик на две правни лица, 22-годишна управителка на трето правно лице, 42-годишник во својство на раководител на подружница и 59-годишник вработен во правно лице.

Жители на Трубарево се плашат од последиците од пожарот
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:39 0:00

Од ОЈО Скопје информираат дека денеска (17 септември) ќе започне увид на лице место за причините за пожарот, а увидните екипи на терен ќе ги координира јавен обвинител.

Пожарот избувна во саботата на 13 септември околу 14 часот во складиште за рециклирање отпад во Трубарево. ИЈЗ соопшти дека нема опасни нивоа на тешки метали во почвата и радиокативност во водата. На местото каде гореле батерии има зголемено присуство на бакар и цинк.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот во Трубарево е ставен под контрола.

Иран ја спречи комеморацијата на Махса Амини на тригодишнина од нејзината смрт

Протест во Берлин по повод смрта на Махса Амини, 25 април 2024 година
Протест во Берлин по повод смрта на Махса Амини, 25 април 2024 година

Три години по смртта на Махса Амини, иранските власти сè уште го спречуваат нејзиното семејство да одржи комеморација за 22-годишната девојка која почина додека беше во притвор на полицијата за морал во Техеран поради наводно кршење на законот за носење хиџаб на глава.

Извор близок до семејството, за Радио Фарда изјави дека нејзиниот татко, Амџад Амини, денеска (16 септември) бил повикан од разузнавачките службеници во Сагез, во иранската покраина Курдистан и бил предупреден да не презема никакви мерки за одбележување на настанот.

Аматерските видеа објавени на интернет покажаа дека продавниците во Сагез се затворени на 16 септември во она што беше опишано како штрајк на локалните дуќанџии за одбележување на годишнината.

Изворот, кој побара анонимност, рече дека безбедносните сили се стационирани пред домот на семејството во Сагез од 14 септември и ги следат нивните движења.

Според изворот, безбедносните сили, исто така, го блокирале пристапот до гробиштата Аичи - каде што е погребана Амини - за да ги спречат посетителите да стигнат до нејзиниот гроб. Исто така на семејството му беше забрането да го посети местото.

Извори од Радио Фарда додадоа дека властите ги блокирале пристапните патишта до гробиштата со испуштање вода од браната Чераг Веис во коритото на реката Сакез.

Слични мерки беа преземени минатата година на втората годишнина од смртта на Амини, што предизвика национални протести низ целиот Иран. За време на тие демонстрации, жените ги симнаа шамиите, а многумина извикуваа слогани против свештеничкиот естаблишмент, вклучувајќи го и врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи.

Властите одговорија со насилно задушување, при што загинаа повеќе од 500 луѓе и беа уапсени повеќе од 20000.

Хјуман рајтс воч во соопштението по повод годишнината изјави дека властите не успеале да спроведат ефикасни, непристрасни и независни истраги за сериозни кршења на човековите права и злосторства според меѓународното право за време и по протестите „Жени, живот, слобода“ во 2022 година.

Групата за човекови права додаде дека третата годишнина од протестите е „остар потсетник за засегнатите влади да бараат кривична одговорност и други патишта за правда за жртвите и нивните семејства“.

„Жртвите и нивните семејства кои претрпеле брутално насилство од рацете на иранските власти немаат изгледи за правда, бидејќи оние кои треба да достават надомест на штета се самите вмешани во прекршувања и злосторства и ги штитат другите одговорни од одговорност“, порача Бахар Саба, виш истражувач за Иран во Хјуман рајтс воч.

Нетанјаху се закани на Хамас: Ако ги повредите заложниците, ќе ве ловиме со поголема сила

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја предупреди палестинската милитантна организација Хамас да не ги повредува заложниците што ги киднапираше. САД и ЕУ ја прогласија Хамас за терористичка организација.

„Ако повредат барем влакно од главата на еден заложник, ќе ги ловиме со поголема сила до крајот на нивниот живот и тој крај ќе дојде многу побрзо отколку што мислат“, го цитираa Нетанјаху, израелските медиуми.

Според медиумските извештаи, Хамас преместил неколку заложници, кои претходно биле држени во тунели, во шатори и куќи за да ја спречи израелската војска да спроведува операции во одредени области.

Нетанјаху рече дека заложниците се чуваат на локации што би можеле да бидат опасни за нив и дополнително изјави дека ова го шокирало и американскиот претседател Доналд Трамп.

Трамп претходно во вторникот го предупреди Хамас дека „ќе мора пеколно да плати“ ако ги користи заложниците како човечки штитови.

Семејствата на заложниците се исклучително загрижени поради израелската копнена офанзива во градот Газа. Тие се плашат за животите на киднапираните и сметаат дека би можеле да бидат искористени како човечки штитови.

Роднините на киднапираните објавија дека имаат намера трајно да останат пред резиденцијата на Нетанјаху во Ерусалим, спиејќи во шатори. Тие рекоа дека таму ќе има секојдневни протести.

Семејствата на заложниците го обвинуваат израелскиот премиер дека одлучил да ги „жртвува од политички причини“.

Според израелските медиуми, илјадници демонстранти веќе се собрале пред резиденцијата на Нетанјаху во вторник вечерта. Неколку стотици луѓе протестираа и пред неговата канцеларија.

Во Појасот Газа, 48 заложници сè уште се држат и, според израелските информации, се верува дека 20 од нив се сè уште живи.

Велика Британија подготвува кралски пречек за Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп и неговата сопруга Меланија на аеродромот во Лондон со претставник на кралот Чарлс, 16 септември 2025 година
Американскиот претседател Доналд Трамп и неговата сопруга Меланија на аеродромот во Лондон со претставник на кралот Чарлс, 16 септември 2025 година

Американскиот претседател Доналд Трамп официјално ја започнува својата втора државна посета на Велика Британија во среда (17 септември), со сите кралски почести како пред клучни дипломатски разговори.

Кралот Чарлс и кралското семејство ќе го постават црвениот тепих за претседателот Трамп, кога тој ќе пристигне во замокот Виндзор, најстариот и најголемиот населен замок во светот и семеен дом на британските монарси речиси 1000 години, со поворка од кочии, топовски оган, воени авиони и раскошен банкет.

Велика Британија вели дека тоа ќе биде најголемиот воен церемонијален прием за државна посета.

Трамп, обожавател на кралското семејство, не го криеше своето задоволство што не само што е првиот американски лидер, туку и првиот избран политичар поканет од британскиот монарх на две посети.

„Го сакам кралот Чарлс“, рече тој во февруари на својата социјална мрежа „Truth Social“.

Премиерот Кир Стармер се надева дека ќе го искористи тоа чувство во корист на Велика Британија, додека неговата влада се стреми да ја искористи посетата за да го зацврсти „специјалниот однос“ меѓу двете земји, да ги продлабочи економските врски, да обезбеди милијарди долари инвестиции, да разговара за царините и да изврши притисок врз американскиот претседател во врска со Украина.

Веќе имаше важни најави од компании како Гугл (Google) и договорот за нуклеарна енергија.

„Всушност, јас сум таму за трговија. Тие сакаат да видат дали можат малку да го подобрат трговскиот договор. Постигнавме договор и тоа е одличен договор. И јас сум тука да им помогнам. „Тие би сакале да видат дали можат да добијат малку подобар договор, па ќе разговараме со нив“, рече Трамп додека ја напушташе Белата куќа во вторник.

Портпаролот на Стармер ја опиша државната посета како „историска пригода“ која доаѓа „во клучно време за глобалната стабилност и безбедност“.

Во среда ќе доминираат церемонии. Трамп и неговата сопруга Меланија прво ќе бидат пречекани од принцот Вилијам, постариот син на кралот и неговата сопруга Кејт.

Чарлс и неговата сопруга, кралицата Камила, потоа ќе им се придружат на Доналд и Меленија Трамп во поворка со кочии низ замокот, а 1300 британски војници ќе поминат по рутата.

Кралското семејство ќе им покаже на претседателот и првата дама историски предмети поврзани со САД од Кралската колекција пред Доналд и Меланија да ја посетат капелата „Свети Ѓорѓи“, последното почивалиште на кралицата Елизабета, која го угости Трамп за време на неговата прва државна посета во 2019 година, каде што ќе положат венец на нејзиниот гроб.

Потоа ќе следи прелет на воени авиони пред државниот банкет каде што кралот и претседателот ќе одржат говори. Воведени се строги безбедносни мерки, со голема полициска операција во Виндзор, а 1600 полицајци ќе бидат распоредени во Лондон за да се справат со протестот „Коалиција за стоп на Трамп“.

За самиот Чарлс, посетата би можела да предизвика мешани чувства. Тој очигледно има малку заедничко со Трамп, по 50 години застапување за заштита на животната средина и хармонија меѓу религиите, но и неговата неодамнешна цврста поддршка за Канада.

Посетата, исто така, ќе му даде најголемо глобално внимание од неговото крунисување.

Во четврток, настаните ќе се преместат во селската резиденција на Стармер, Чекерс, каде што фокусот ќе биде на геополитиката.

Премиерот се надева дека кралската помпезност ќе помогне да се избегнат прашања како што се слободата на говорот во Велика Британија, што предизвика критики од американската администрација, или последиците од отстранувањето на Питер Манделсон од функцијата амбасадор на Велика Британија во Вашингтон.

Манделсон беше отстранет поради неговите врски со осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн, а тоа би можело да доведе до незгодни прашања за Стармер и Трамп, чиј однос со него е исто така под лупа.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG