Вести
Високи температури до недела, Владата со препораки

Од денеска до недела територијата на Македонија ќе биде зафатена со високи температури од портокалова фаза. Согласно добиените информации од метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи, Владата донесе препораки за ослободување од работни обврски на најранливите групи на население, бремените жени и хронично болните лица. Во градинките се препорачува да не се практикува физичка активност на отворено и да не се изнесуваат децата надвор од 11:00 до 17:00 часот. Препораките важат и за единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, за пружање помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници, во регионите опфатени од топлотниот бран. Исто така се препорачува, работодавците да ги почитуваат законските обврски во насока на одредени технолошки и производни процеси, кои претставуваат дополнителен ризик за здравјето на работниците. Владата упати апел до јавноста и граѓаните за внимателно движење во шумите и избегнување дејствија кои на отворен простор можат да предизвикаат пожар.
Во центарот на Скопје ќе патролираат лекарски тимови за помош од топлотен бран
Министерстовото за здравство пак, потсетува дека во летниот период е потребно да се почитуваат следните општи мерки за заштита на здравјето:
Во текот на екстремно топли денови да се остане повеќе во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка.
Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце носете заштитни очила и капа, а при сончање да се користи крем со висок заштитен фактор.
Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку мрсна храна.
Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци.
При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри.
Хронично болните лица редовно да ја земаат пропишаната терапија, во консултација со матичните лекари.
Топлотниот бран во Европа како „маркер на климатските промени“
Поради високите температури и зголемената можност за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува: задолжително миење на свеж зеленчук и овошје пред нивната употреба; термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу краток рок по подготовката, како и избегнување термички необработени производи.
види ги сите денешни вести
Тепачка пред болницата во Прилеп, приведени 13 лица

Вкупно 13 лица се приведени по тепачка помеѓу две групи пред градската болница „Борка Талески“ во Прилеп, информираа од полицијата на 19 септември.
За да се смири ситуацијата, еден од полицајците со пиштол испукал и еден куршум во воздух.
Од Основното јавно обвинителство Прилеп веќе постапуваат по предметот и според информациите оттаму, пресметката помеѓу двете групи почнала изутрината во селото Бела Црква, општина Кривогаштани. Потоа, тепачката се префрлила пред градската болница.
Од Итната медицинска помош информираа дека пред да се појават групите пред болницата, три лица побарале лекарска помош. Тие имале лесни телесни повреди, главно од тупаници и не биле во никаква животна опасност. Сепак биле пратени на натамошно лекување во хируршкото одделение во болницата.
По лицата кои барале лекарска помош, веднаш се појавиле двете групи кои физички се пресметувале.
Според информациите од Секторот за внатрешни работи (СВР) Битола, во тепачката лицата користеле и дрвени и други предмети.
„На местото се испратени полициски службеници, но лицата не постапиле по нивните наредби да престанат, по што еден од нив испукал неколку истрели во воздух од службениот пиштол“, изјави портпаролката на СВР Битола, Сања Стаматова.
По документирање на случајот, од полицијата најавуваат дека ќе поднесат и пријави за учесниците во физичката пресметка.
Мицкоски: Нема да одиме на предвремени парламентарни избори

Премиерот Христијан Мицкоски порачува дека по локалните, нема да се оди на предвремени парламентарни избори. Тој смета дека Владата е стабилна и кохерентна и е уверен дена владината коалиција, во која со ВМРО-ДПМНЕ се и коалицијата ВЛЕН и партијата ЗНАМ, ќе победат на локалните избори.
На средба со новинарите, Мицкоски потенцираше дека Владата има мандат од четири години, период за кој планира да ги реализира ветените проекти, а предвремените парламентарни избори, како што кажа, ќе значат само нивно одложување за најмалку шест месеци.
„Како ВМРО-ДПМНЕ можеби би ни одговарале предвремени парламентарни избори, но ние не ги гледаме работите партиски, туку државнички. Ако одиме на избори сите проекти кои треба да ги имплементираме би имале стагнација од најмалку шест месеци“, вели Мицкоски.
Опозициската ДУИ и нејзината коалиција Европски фронт, пак, постојано бараат избори обвинувајќи ја актуелната власт за неуспех, но и за тоа дека ВЛЕН освоил помалку гласови од нив и не треба да ги претставува Албанците во Владата.
Во СДСМ, пак, велат дека се подготвуваат за избори кога и да се.
„Јас како шеф на централниот изборен штаб и како генерален секретар сум сигурен дека СДСМ е во кондиција и дека СДСМ е спремна за избори кога и да бидат, сега се локалните, независно дали ќе има предвремени парламентарни избори. Но, гледајќи ги ситуациите во државата и целата нефункционалност на системот по сите нивоа без да кажуваме дали имаме очекувања, можам само да кажам дека сериозно се подготвуваме на избори кога и да бидат“, рече генералниот секретар на партијата Александар Саша Димитиревиќ во интервју за Радио Слободна Европа минатата недела.
Последните парламентарни избори во Северна Македонија се одржаа на 8 мај 2024 година. Тогаш се гласаше и во втор круг на претседателските избори. На 19 октомври ќе се одржи првиот круг од локалните избори. Во општините каде нема да се избере градоначалник во првиот, ќе се гласа во втор круг на 2 ноември.
Министерство за животна средина: Нема надминување на ПМ 10 во Трубарево

Министерството за животна средина тврди дека испитувањата на воздухот покажале нема загаденост ПМ 10 честички во Трубарево каде на 13 септември избувна пожар во простории на фабрика за електричен и електронски отпад на фирмата Ф Групација.
„Според добиените резултати, просечните концентрации на ПМ 10 честички се во рамките на дозволените граници и не е евидентирано надминување на граничните вредности“, велат од Министерството.
Оттаму посочуваат дека резултатите покажале дека просечната концентрација на овие честички е 9,8 микрограми на кубен метар, максималната измерена била 43,3, додека моменталната вредност е 8,2 микрограми на кубен метар.
Резултатите се за мерења направи во период од 24 часа односно од 11 часот на 18 септември до 11 часот на 19 септември.
Од Министерството велат дека ќе продолжат со редовно следење на квалитетот на воздухот.
Претходно од овој ресор тврдеа и оти нема загадување со тешки метали на водата и почвата, како и дека нема радиоактивност.
Причините за пожарот во Трубарево сè уште не се познати. Увидот на лице место беше направен на 17 септември, а истрагата треба да одговори од што настанал пожарот.
Израелската армија соопшти дека ќе употреби „невидена сила“ во градот Газа

Израелската војска денеска (19 септември) предупреди дека ќе делува со „невидена сила“ во градот Газа, повикувајќи ги жителите да бегаат кон југ, додека истовремено објави затворање на привремената евакуациска рута отворена пред 48 часа.
Обидот на Израел да го заземе градот Газа предизвика меѓународен гнев, со оглед на тоа што територијата е веќе уништена од речиси двегодишната војна и погодена од глад.
Ова се случува во пресрет на планираниот потег на неколку западни земји, меѓу кои Франција и Британија, да ја признаат палестинската држава следната недела на самит на ОН.
Обединетите Нации проценија на крајот на август дека околу еден милион луѓе живеат во градот Газа и околината. Израел тврди дека стотици илјади од нив веќе избегале од најголемиот град во Појасот Газа.
Во објава на „Х“ упатена до жителите на Газа, воениот портпарол Авихај Адраи,на арапски јазик изјави:
„Од овој момент, патот Салах ал-Дин е затворен за патување кон југ. Израелските одбранбени сили ќе продолжат да делуваат со невидена сила против Хамас и другите терористички организации.“
Тој додаде дека единствената можна рута кон југ е преку улицата Ал-Рашид и ги повика жителите да „ја искористат оваа можност и да им се придружат на стотиците илјади жители на градот кои се преселија на југ во хуманитарната зона“.
Израел во средата објави „привремена“ нова рута за жителите да избегаат од градот Газа, откако започна интензивна копнена офанзива и масовно бомбардирање на главниот град на палестинската територија, по речиси две години разорна војна.
Војската соопшти дека транспортната рута преку улицата Салах ал-Дин ќе остане отворена само 48 часа од пладне.
Салах ал-Дин е главниот пат кој се протега од север кон југ низ Појасот Газа.
Офанзивата врз градот Газа, поддржана од Соединетите Држави, започна во вторникот, во исто време кога истрага на Обединетите Нации го обвини Израел за извршување на „геноцид“ во Појасот Газа, тврдејќи дека премиерот Бенјамин Нетанјаху и други високи функционери го поттикнале злосторството.
Израел ги отфрли наодите и ги нарече „искривени и лажни“.
По Трамп, и Унгарија ќе го означи движењето „Антифа“ како терористичка организација

Унгарија ќе ја следи политиката што ја објави пред неколку дена американскиот претседател Доналд Трамп и ќе го означи левото, антифашистичко движење „Антифа“ за терористичка организација, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Орбан, во коментарите на државното радио рече дека е „задоволен“ од одлуката на Трамп да ја означи Антифа како „голема терористичка организација“ во Соединетите Држави.
„Антифа е навистина терористичка организација. Во Унгарија е време да се класифицираат организации како „Антифа“ како терористички организации, следејќи го американскиот модел“, рече Орбан.
Тој се осврна и на инцидент од 2023 година во кој антифашистички активисти нападнаа неколку наводни учесници на годишен настан на крајната десница во Будимпешта. Меѓу осомничените беше и италијанската антифашистичка активистка и актуелна европратеничка Иларија Салис, која беше затворена во Унгарија повеќе од една година, што доведе до дипломатски спор меѓу Будимпешта и Рим околу нејзиниот третман зад решетки.
Салис беше ослободена во домашен притвор во мај 2024 година, пред да освои место во Европскиот парламент, што ѝ даде правен имунитет. Унгарија продолжува да бара таа да биде вратена во земјата за да се соочи со судење, а унгарските обвинители бараат 11-годишна казна.
Орбан денеска изрази жалење за ослободувањето на Салис, велејќи дека антифашистите „дојдоа во Унгарија и тепаа мирни луѓе на улиците, од кои некои беа претепани речиси до смрт, а потоа станаа членови на Европскиот парламент и оттаму ѝ држат предавања на Унгарија за владеењето на правото“.
„Антифа“, скратеница од „антифашист“, е општ термин за високо децентрализирана мрежа на автономни екстремно левичарски активистички групи кои се спротивставуваат на фашизмот, фашистите и неонацистите, особено за време на демонстрациите. „Антифа“ е повеќе како идеологија отколку организација, иако некои од групите усвоија тактики што вклучуваат насилство.
Цената на лебот останува иста

Лебот нема да поскапи, уверува претседателот на Сојузот на стопански комори (ССК), Горан Ѓорѓиевски.
Како што истакна на прес-конференција, цената на пченицата е стабилна, а не очекува големи флуктуации ниту во однос на суровото сончогледово масло.
Одговорајќи на новинарски прашања во врска со евентуалните нови владини мерки, Ѓорѓиевски нагласи дека бизнисот не се согласува со замрзнување маржи, туку за пазарно формирање на цените.
Според него, треба доследно да се применува Законот за нефер трговски практики.
Законот за нефер трговски практики стапи на сила на 28 септември, кога беше краен рок трговците да ги усогласуваат договорите за снабдување меѓу добавувачите и производителите. Во нив трошоците за рабат и други маркетинг трошоци се ограничени на 10%, а кои, според досегашната пракса изнесувале од 20% до 35%.
Казните предвидени со овој закон почнаа да се применуваат со почетокот на 2025 година. До крајот на 2024 процесот се следеше со мониторинг.
Во однос на минималната плата пак, Ѓорѓиевски потенцира дека мора да има одржлив баланс кога се работи за платите. Покачувањето на минималната плата, рече тој, влијае на зголемување на сите останати плати.
„Проблем не е бизнисот, туку администрацијата. Треба да научиме дека треба да работиме за да земаме плата. Треба да креираме ситуација на работње во општеството“, напомена претседателот на ССК.
Со последните измени, новата минимална плата во земјава изнесува 24379 денари. Синдикатите бараат таа да биде 30 000 денари.
Ле Риголер: Не ги сфаќајте реформите како обврска, туку како нешто од кое ќе имате корист

Реформите што ги бара ЕУ не треба да се сфатат како ограничувачки, ниту пак треба да се сметаат како обврска која треба да се спроведе зашто ЕУ го бара тоа, туку треба да се сфтатат како нешто што е добро и позитивно за земјата и од што бенефит ќе имаат сите граѓани, изјави денеска (19 септември)францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер.
Одговорајќи на новинарски прашања по потпишувањето на Меморандумот за соработка со Министерството за јавна администрација (МЈА), Ле Риголер напомена дека Франција одблиску го следи спроведувањето на реформите во земјава.
Сепак, тој не сакаше да даде оценка за тоа каква е моменталната состојба во земјава и дали има реални шанси за напредок кон Европската Унија.
Наместо тоа, тој порача да се причека Извештајот од Европската комисија за напредокот што треба да биде објавен наскоро.
„Одблиску го следиме спроведувањето на реформите. Набрзо ќе биде издаден Извештајот од Европската комисија за напредокот на сите држави кандидати за влез во ЕУ, вклучително и за земјава. Да почекаме да го погледнеме, да видиме што ќе содржи“, рече францускиот амбасадор.
Реформата во јавната администрација е еден од условите кои се бараат од нашата земја, како кандидат за членство во ЕУ. Во минатите европски извештаи, токму администрацијата беше критикувана поради партизираност и неефикасност.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека „завршило времето кога администрацијата беше сведена на политички плен и вети дека таа ќе се трансформира во професионален и ефикасен сервис за граѓаните.
Иран тврди дека има „фер“ предлог за да спречи повторно воведување санкции

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека предложил „фер и избалансиран“ нуклеарен предлог до европските сили за да се спречи враќање на санкциите на ОН против Исламската република.
Иран „презентираше креативен, фер и избалансиран предлог кој ги адресира вистинските грижи и е заемно корисен“, рече Арагчи на платформата Х.
Тој додаде дека предлогот во четврток бил доставен до Британија, Франција и Германија, познати како Е3, како и до Европската Унија.
„Претворањето на оваа идеја во акција може брзо да ги реши суштинските прашања и да спречи криза“, изјави Арагчи, нагласувајќи дека „Иран не може да биде единствениот одговорен актер“.
Коментарите беа дадени во момент кога Советот за безбедност на Обединетите Нации треба да гласа за повторно воведување на строги економски санкции против Техеран поради неговата спорна нуклеарна програма.
Дипломатски извори очекуваат дека Иран нема да ги обезбеди потребните девет гласови за одржување на статус квото и спречување на повторното воведување на казнените мерки до крајот на месецот.
Е3, потписнички на историскиот нуклеарен договор од 2015 година со кој беа укинати меѓународните санкции врз Иран во замена за ограничувања на неговата нуклеарна програма, тврдат дека Техеран ги прекршил своите обврски од договорот.
Договорот, познат како Сеопфатен заеднички план на акција, имаше цел да спречи Иран да дојде до нуклеарно оружје- нешто за што западните сили и најголемиот непријател на Иран, Израел, одамна го обвинуваат, но што Техеран постојано го негира.
Договорот е во криза уште од 2018 година, кога САД се повлекоа за време на првиот мандат на Доналд Трамп и повторно воведоа санкции против Техеран.
Ова го поттикна Иран во 2019 година да почне да ги повлекува своите обврски, вклучително и ограничувањето на пристапот на инспекторите од нуклеарната агенција на ОН до неговите објекти.
Во јуни, Израел започна невиден напад врз Иран, таргетирајќи нуклеарни и воени објекти, како и станбени области, при што беа убиени повеќе од 1000 лица, вклучувајќи високи команданти и нуклеарни научници.
Иран возврати со ракетни и дрон напади во кои беа убиени десетици во Израел.
Соединетите Држави накратко се приклучија на израелската кампања со серија напади врз клучни нуклеарни објекти пред да биде постигнато примирје по 12 дена војна.
Минатата недела, Иран се согласи на нова рамка за соработка со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) откако ја суспендираше таа соработка по израелските и американските напади.
МААЕ предупреди дека Иран е единствената држава без нуклеарно оружје која збогатува ураниум до 60 проценти, односно многу над лимитот од 3,67 проценти утврден со договорот од 2015 година.
Трамп вели дека САД се обидуваат да ја „вратат“ базата Баграм во Авганистан

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Соединетите Држави се обидуваат да ја вратат воздухопловната база Баграм од талибанските власти во Авганистан, наведувајќи ја како причина потребата на екстремистичката група од американска помош и близината на објектот до нуклеарните објекти на Кина.
„Се обидуваме да ја вратиме“, рече Трамп на 18 септември за време на заедничката прес-конференција со британскиот премиер Кир Стармер во Лондон.
„Се обидуваме да ја вратиме затоа што на талибанските власти имаат требаат работи од нас“, рече тој, без да образложи.
„Но, една од причините зошто ја сакаме таа база е, како што знаете, дека е на еден час оддалеченост од местото каде што Кина произведува нуклеарно оружје. Значи, се случуваат многу работи“, додаде Трамп.
Во мај, Трамп, исто така, изрази жалење за губењето на огромната база на околу 40 километри од Кабул, велејќи во тоа време дека Кина ја „окупирала“.
Ниту Трамп ниту американските претставници не кажаа што се подразбира под можноста за „враќање назад“ или дали се водени какви било преговори. Талибанците не ги коментираа изјавите на Трамп.
Талибанските власти, погодени од немири, природни катастрофи, сиромаштија и терористички напади, се обидоа да ги подобрат односите со Меѓународната заедница, иако Русија е единствената земја што досега воспостави дипломатски односи.
Западните земји изјавија дека земјата прво мора да ја подобри состојбата со човековите права, особено кога станува збор за третманот на жените и девојчињата.
Баграм беше најголемата американска воена база во Авганистан, но во јули 2021 година беше предадена на претходната авганистанска влада, само неколку недели пред хаотичното повлекување на американските трупи и враќањето на Талибанците на власт.
Изградена во 1950-тите, повеќе од 100 000 американски војници поминаа низ базата за време на американското учество во земјата.
По граѓанската војна во која загинаа десетици илјади цивили, на власт дојдоа Талибанците кои го презедоа Кабул во 1996 година.
За време на првиот мандат на Трамп, американската администрација објави конечно повлекување на американските трупи од Авганистан.
Повлекувањето на крајот се случи за време на администрацијата на претседателот Џо Бајден. Повлекувањето на трупите беше проследено со хаос и најмалку 13 американски војници беа убиени, што го означи крајот на 20-годишното присуство на Америка во Авганистан.
Две бомби од Втората светска војна пронајдени во Берлин

Бомба од Втората светска војна откриена во реката Шпре во централниот берлински округ Мите не треба да се деактивира, соопштија властите на 19 септември.
„Можеме да кажеме дека се е во ред. Веќе нема никаква опасност“, изјави портпарол на берлинската полиција за ДПА.
Областа околу местото каде што била откриена бомбата во населбата Фишеринсел беше блокирана, што доведе до евакуација на неколку илјади жители.
„Бомбата не треба да се деактивира. Ќе биде извадена од Шпре и безбедно отстранета“, рече портпаролот и додаде дека запаливата бомба била класифицирана како безопасна за време на проценката.
Нуркачите ја прегледале бомбата рано изутрината.
Во меѓувреме, бомба од Втората светска војна од 100 килограми треба да биде деактивирана подоцна во петокот во западниот берлински округ Шпандау, каде што властите исто така поставија блокирана безбедносна зона.
Според извештаите, евакуациите не ги засегнале медицинските установи. Сепак, областите кои се блокирани се амбасади и административни згради. Затворени с епатишта, а една линија на метрото е привремено суспендирана. Обезбедени се привремени засолништа за луѓе кои не можат да останат кај пријатели или роднини.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете