Вести
Објавен нонпејпр меѓу Скопје и Софија, Бугарија го одбила

Бугарија на средбата во Берлин минатата недела изразила подготвеност да ја прифати преговарачката рамка за Северна Македонија, како и да го поддржи одржувањето на правата Меѓувладина конференција во декември 2020 година за време на германското претседателство со Европската Унија. Ова се наведува во нон пејперот од средбата, кој на својот Фејсбук профил го објави, Кристијан Фердинанд Вершутц, дописник на ОРФ за Украина и Балканот, a го пренесува македонската државна агенција МИА.
Минатата недела во Берлин се одржа средба на германските министри за надворешни работи и за Европа, Хајко Маас и Михаел Рот со македонскиот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров и шефовите на дипломатиите на Северна Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Екатерина Захариева.
Нон пејперот, како што пренесува МИА, содржи девет потточки во кои е наведено она што е договорено на оваа средба, по која следуваа телефонски разговори на германската канцеларка Ангела Меркел со премирот Зоран Заев и со неговиот бугарски колега Бојко Борисов, но и на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер со неговите колеги од Северна Македонија и Бугарија, Стево Пендаровски и Румен Радев.
"Бугарија, Северна Македонија и Германија ги потенцираа заедничките заложби за европската перспектива на Западен Балкан и за кредибилна ЕУ политика на проширување, како и за зајакнување на регионалната соработка, која е круцијална за стабилноста на регионот. Во овој дух, Бугарија потврдува својата подготвеност да се согласи на преговарачката рамка ЕУ-МКД и за одржување на првата Меѓувладина конференција во декември 2020 година, во текот на германското претседателство со Советот на Европската Унија“, се наведува во нонпејперот, а пренесува МИА.
Во врска со првата Меѓувладина конференција, Северна Македонија официјално ќе декларира пред земјите членки на Европската Унија и институциите дека кусото име на државата, Северна Македонија, се однесува единствено на политичкиот ентитет „Република Северна Македонија“.
Бугарија, како што се наведува во нон пејперот кој го пренесува државната агенција, го задржува правото преку унилатерална изјава во прилог на преговарачката рамка, да изјави дека кога ќе упатува на македонскиот јазик тоа подразбира македонски јазик согласно Уставот на Република Северна Македонија. Германското претседателството ќе побара од Советот да го земе предвид ставот на Бугарија дека кога ќе упатува на македонскиот јазик тоа ќе се смета дека е согласно Уставот на Република Северна Македонија. Северна Македонија, пак, се додава во документот, е подготвена официјално да изјави дека македонскиот јазик е кодифициран во 1945 година.
„Бугарија и Македонија ја потврдија својата заложба за интензивирање на блиската билатерална соработка заснована на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, со специјален фокус на работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, која ќе биде интензивирана и ќе стане потранспаретна, вклучувајќи и објавување на резултатите кои ги постигнала“, се вели во документот и се додава дека Германија ја изразила својата поддршка за работата на Комисијата, со размена на најдобрите практики и методологии.
Во Берлин било договорено и дека Бугарија и Северна Македонија официјално ќе го реафирмираат членот 11 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, вклучително и прашањата поврзани со малцинствата, и ќе ја потврдат својата посветеност кон преземање на ефикасни мерки за спречување на негативна пропаганда од страна на институциите и телата, како и да се обесхрабрат активностите на приватни субјекти со цел поттикнување на насилство, омраза и други слични активности што може да ги нарушат нивните односи.
„Бугарија, Северна Македонија и Германија го потенцирале значењето на поврзаноста и инфраструктурата, особено железничката и патната поврзаност од Драч, преку Скопје, Софија до Варна. Тие ќе дадат приоритет на Коридорот 8 во рамките на Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан на Европската Комисија“, се наведува во документот кој го пренесе државната агенција.
Инаку, минатата недела македонскиот претседател Стево Пендаровски во телевизиско гостување рече дека на состанокот во Берлин на македонските и бугарските политичари со посредство на германските, рече дека во Берлин бил постигнат компромис кој како што кажа подоцна е одбиен од бугарскиот претседател Румен Радев и од нивниот премиер Бојко Борисов.
види ги сите денешни вести
Неуспешен 34-ти обид за конституирање на косовското Собрание

Ниту во 34-ти пат по ред, членовите на Косовското собрание не успеаја да го конституираат новиот парламент што произлезе од изборите на 9 февруари.
Ова е 26-ти пат Демократската партија на Косово (ДПК), Демократската лига на Косово (ЛДК), Алијансата за иднината на Косово (АИК) и Српската листа да не предложат по еден член за формирање комисија за тајно гласање за кандидатката на движењето Самоопределување, Албулена Хаџиу, за претседател на Собранието, бидејќи таа не успеа да ги добие потребните 61 глас на отвореното гласање.
Тие ќе се состанат повторно за 48 часа, во сабота, на 21 јуни.
По седницата, пратениците од Движењето „Самоопределување“ изјавија дека ја чекаат одлуката на Уставниот суд во врска со промената на начинот на гласање за претседател на Собранието.
Хаџиу, кандидатот на Самоопределување за претседател на Собранието, рече дека случајот е испратен до Уставниот суд пред пет недели и дека Судот „доцнел“ со донесувањето одлука. Таа рече дека прашањето што е поднесено е „едноставно“ и дека Уставниот суд треба или да прифати да го разгледа или да го прогласи за недозволено. Додаде дека ако партиите не ги прифатат резултатите од изборите, Косово треба да организира нови избори.
Сепак, за да се случи ова, потребно е прво да се конституира Собранието. Истото мислење го изрази и Артан Абраши од партијата.
Запрашан за барањето на другите партии за деблокирање на Собранието преку политички договор, тој рече дека „политичкиот злоба“ го држи Собранието како заложник. Коментирајќи ја средбата меѓу лидерот на Демократската лига на Косово, Лумир Абдиџику, и лидерот на Социјалдемократската иницијатива, Фатмир Лимај, Абраши рече дека ваквите состаноци не носат резултати.
Прашањето за промена на методот на гласање - од јавно во тајно - беше упатено до Уставниот суд од партиите што беа во опозиција во претходниот мандат.
Според нив, предлозите на Самоопределување не се во согласност со уставот и тие побараа од Судот да издаде „привремена мерка за суспендирање на одржувањето на седниците, сè додека итно не го разгледа ова прашање и не донесе одлука“.
Со оглед на тоа што земјата остана без нови институции повеќе од четири месеци по изборите, ЛДК - која заврши трета по број на гласови - презентираше план од 15 точки за формирање влада на единство, повикувајќи ги сите партии да учествуваат во формирањето на таков извршен орган со цел да се извлече земјата од кризата.
Овој предлог беше отфрлен од Самоопределување, додека ПДК и АБК објавија дека би претпочитале да формираат влада со партиите што беа во опозиција во претходниот мандат. Сепак, прашањето не може да се движи напред кон формирање нова косовска влада сè додека не се конституира Собранието.
Седницата за конституирање на Собранието започна на 15 април, а пратениците мора да изберат претседател и пет потпретседатели – за што се потребни 61 глас – за да се отвори патот за формирање на извршната власт.
Меѓународните актери апелираа до пратениците што поскоро да ги формираат новите институции.
Кавга меѓу советници ескалира во инцидент - прекината седницата во кочанскиот совет

Без завршница денеска остана 65. седница на Советот на Општина Кочани, откако најпрвин беше побарана пауза, а потоа поради инцидент меѓу советниците и обидот за тепачка, претседателот на советот Лазо Митев информираше дека го прекинува понатамошното разгледување на точките од дневниот ред.
Физичка пресметка изби откако претходно во вербална расправија влегоа советниците Аки Акиов и координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Мирче Стојков.
Советникот Аки Акиов од Партијата за демократски просперитет на Ромите, тргна вербално да се расправа со друг советник. Како што известуваат медиумите, додека се обидуваше да дојде до него, со шише вода ја погоди во глава Ана Кралева, помошник-раководител на Секторот за правни, јавни дејности и општи работи во Општина Кочани.
На инцидентот му претходеа дискусии околу повторниот предлог за воспоставување меѓуопштинска соработка со Општина Струмица, се слушнаа дофрлања и меѓусебни навреди што беше и причина за инцидентот.
На почетокот на седницата беа прифатени предлозите во дневниот ред да се вметнат уште две точки што се однесуваат на ослободување од плаќање надоместок за гробните места во алејата на починатите во трагичниот пожар во клубот „Пулс“, како и иницијатива за имплементација на обука за самозаштита во образовните институции во општината.
По предлог на в.д. градоначалникот Венко Крстевски, на оваа седница повторно се најде на разгледување договорот за воспоставување меѓуопштинска соработка со Општина Струмица, за што тој даде кратко образложение. Од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ оценија дека предлогот може да почека за да нема селективност при инспекцискиот надзор на субјектите, а при обраќањето на советникот Аки Акиов дојде до вербални навреди и прекин на седницата.
Меѓусебни обвинувања помеѓу власта и опозицијата
За инцидентот на седницата се огласија од опозициската СДСМ.
Социјалдемократите најостро го осудуваат насилството што се случи на седницата на Советот на општина Кочани.
„Ги осудуваме и провидните сценарија на ВМРО-ДПМНЕ, кои со провокации и намерно поттикнување тензии се обидуваат да создадат конфликти и нестабилност во Кочани. Учесници во инцидентот се советник на ВМРО-ДПМНЕ и советник од Ромската партија, а повредена е вработена во општинската администрација – што дополнително ја отсликува сериозноста на овој инцидент. СДСМ целосно се оградува од постапките на советникот што го предизвика денешиот инцидент, потенцираме дека не станува збор за наш член туку коалициски партнер“, се вели во партиското соопштение.
Од таму велат дека очекуваат надлежните институции целосно да го расчистат случајот и да утврдат одговорност кај сите инволвирани.
„На Кочани му е потребна солидарност, стабилност и решенија, а не насилни сценарија инспирирани од политички калкулации на власта“, велат од СДСМ.
Реагираше и владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Од таму прашуваат дали в.д. градоначалникот Венко Крстевски и опозициската партија се нарачатели на насилство во советот.
„Заслепени од привремената власт, в.д. градоначалникот Венко Крстевски и СДСМ – изгледа дека и се режисери на агресијата и поделбите во Кочани. „Казна“ за негласање соработка со осуденик и лице на црната листа на САД, стигнува преку советник насилник кому токму тие му даваат безрезервна поддршка. Дополнително СДС шири говор на омраза и дезинформации по социјални мрежи. Бараме веднаш оставка од Венко Крстевски и јавно извинување од СДСМ за поддршката на насилство и хаос“, се вели во соопштението на владејачката партија.
Една пациентка од повредените во Кочани е во тешка состојба, петмина остануваат на лекување во странство

Состојбата на повредените во дискотеката „Пулс“ во Кочани е непроменета. Петмина повредени се во странство, а петмина се во Скопје. Една пациентка е сè уште во тешка состојба, информираше попладнево (19 јуни) на прес-конференцијата во Владата, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
„Мислам дека деновиве се направи проценка за позначително пресадување на кожа кај таа пациентка. Инаку, таму проблемот е инфективен и се третира на најдобар можен начин со најдобрите можни антибиотици во моментот“, изјави Клековски.
Министерот за здравство пак, Азир Алиу вчера најави отворање на модерен и иновативен центар за развивање креативни идеи за младите кои беа повредени во пожарот. Целта на здравствените власти е преку отворањето на овој центар да им понудат помош на повредените, на тој начин што ќе создадат простор за нивна дружба и реализација на проекти.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна рано наутро на 16 март. Во него загинаа 62 млади луѓе, а околу 200 лица се здобија со повреди и беа пренесени на лекување во болниците низ земјава и странство.
Обвинителството поднесе обвинение за 34 лица кои со постапувањето или непостапување во системот предизвикале да се случи трагедијата. Во обвинението се опфатени и трите фирми на сопственикот на дискотеката кој е првообвинет.
Мицкоски: Постои основано сомнение за саботажа во РЕК Битола, МВР го истражува случајот

Постои основано сомнение дека е можно во раните утрински часови пред два дена да се случила саботажа во РЕК Битола. МВР го истражува случајот што е нивна работа, а на вработените во АД ЕСМ им останува час поскоро да го оспособат блокот 2 и да биде во функција, изјави денеска (19 јуни) премиерот Христијан Мицкоски.
„Важно е што навремено снабдување со електрична енергија ќе добијат сите корисници. Во РЕК Битола се даваат натчовечки напори во делот на дисциплината и ремонтите. Двата блока се веќе во ремонт, а работеше единствено овој, бидејќи таква е потребата на пазарот во моментов РЕК Битола да работи со еден блок, а пикот да се пегла со други извори“, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање на отворањето на комплексот „Македонско село“ во Горно Нерези.
Инаку вчера рано изутрина Термоблокот 2 во РЕК Битола автоматски се исклучи од електроенергетскиот систем поради проработување на заштитниот механизам на блокот, кој се активирал како последица на зголемена температура, односно опожарени дрвени елементи во близина на ормарот за електронско управување.
Во меѓувреме, целата централа остана без работа бидејќи првиот блок е во редовен ремонт, а третиот е исклучен поради намалена побарувачка.
Од АД ЕСМ посочија дека со оглед дека станува збор за потенцијална саботажа, веднаш по настанот, надлежните служби на РЕК Битола реагирале согласно оперативните протоколи и ја известиле криминалистичката полиција која извршила увид. Оттаму информираа дека струја има доволно, оти кусокот го обезбедуваат хидроцентралите и купената струја на берза.
Ова не е првпат сомнителен инцидент да ја погоди централата. Пред четири години, голем пожар го уништи трансформаторот на еден од блоковите, предизвикувајќи огромна штета и година ипол чекање на набавка на нов трансформатор.
Финските пратеници го одобрија повлекувањето од Договорот за забрана на противпешадиски мини

Финските пратеници денеска (19 јуни) гласаа за напуштање на договорот за забрана на противпешадиски мини, од кој четири други земји во регионот исто така планираат да се повлечат, наведувајќи ги за тој потег, безбедносните закани што ги претставува соседна Русија.
Одлуката беше одобрена со големо мнозинство, со 157 гласа „за“ и 18 гласа „против“.
На почетокот на април, Хелсинки објави дека ќе започне со подготовки за повлекување од Конвенцијата од Отава за противпешадиски мини, на која земјата пристапи во 2012 година, наведувајќи го како причина фундаментално изменета безбедносна средина, при што соседна Русија претставува долгорочна закана за Европа.
Нордиската земја дели граница од 1340 километри со Русија.
Министерот за одбрана Анти Хакканен изјави дека брзиот процес за напуштање на договорот „испраќа силен сигнал дека Финска дејствува брзо и кохерентно во прашањата поврзани со одбраната“.
Оваа пролет, Естонија, Литванија и Латвија, како и Полска, исто така објавија планови за напуштање на договорот.
На потписниците им е забрането да користат, складираат, произведуваат и пренесуваат противпешадиски мини, а исто така се должни да ги уништат преостанатите залихи.
Наменети да бидат закопани или скриени на земја, мините често ги осакатуваат жртвите, кои не се веднаш убиени, а групите за помош го критикуваат нивното долгорочно влијание врз цивилите.
Се очекува финскиот претседател да ја одобри одлуката во блиска иднина, која ќе стапи на сила шест месеци откако Финска официјално ќе ги извести Обединетите Нации.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, неодамна изјави дека е „длабоко загрижен од неодамнешните најави и чекори преземени од неколку земји-членки за повлекување од Конвенцијата за забрана на противпешадиски мини“, повикувајќи ги државите „веднаш да ги запрат сите чекори кон нивно повлекување“.
„Овие најави се особено загрижувачки, бидејќи ризикуваат ослабување на цивилната заштита и поткопување на две децении нормативна рамка што спаси безброј животи“, изјави тој.
Гутереш додаде дека планира да започне глобална кампања „за да се почитуваат нормите на хуманитарно разоружување, да се забрза акцијата против мините како овозможувач на човековите права и одржливиот развој и да се поттикне визијата за свет без мини“.
Контролорите на летање се закануваат со штрајк, ако продолжат партиските вработувања во М-НАВ

Во известување до раководството на М-НАВ, Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛМ) бара да се поништи последниот оглас за нови вработувања и да се испочитуваат обврските од минатогодишната Спогодба која беше основа за ставање во мирување на тогашната одлука за штрајк.
Од Синдикатот повикуваат да се пристапи на итна реализација на неисполнетите точки од Спогодбата најдоцна до крајот на месецов, а во спротивно најавуваат реактивирање на штрајкот на 10 јули.
Во известувањето до УО на М-НАВ се наведува дека состојбата во М-НАВ е влошена, како резултат на сериозно нарушени меѓучовечки односи, блокирани процеси за јавни набавки, неуспешна транзиција на нови технички системи, прекршување на одредби од Колективниот договор, тајни и неосновани измени во систематизацијата, отворање несуштински работни позиции и прераспоредувања без запазување на актите на друштвото до раководството, како и непочитување на точки од Спогодбата помеѓу М-НАВ и ССКЛ од 13.07.2023 која беше основа за ставање на штрајкот во мирување.
Синдикатот во известувањето доставено на 16. месецов реагира и на неодамна објавениот оглас за нови вработувања во М-НАВ, за кои оценува дека „не одговараат на реалните, итни и суштински потреби на компанијата“.
Се бара поништување на огласот, а евентуалното пополнување на работните позиции да се изврши преку прераспоредување на постоечки вработени во М-НАВ преку интерен оглас или со додавање на работни задачи на недоволно ангажирани вработени како и одделенски реорганизации и рационално прераспоредување на постојниот кадар.
Според Синдикатот, во услови кога се бележи рекорден пораст на авионски прелети, застарениот технички систем е во критична состојба и може секој момент да откаже, има недостиг од инженерски кадар и поради тоа, велат, не се реализираат проектите требаше одамна да бидат завршени.
Исто така, се посочува дека има недостиг од контролори на летање кои во корелација со нов систем кој раководството не успеало да го стави во функција би можеле да го подигнат капацитетот на опслужени воздухоплови и до 50 проценти.
Синдикатот реагира и дека не е реализиран ниту еден инфраструктурен проект, сѐ уште не е изработена функционалната аанализа на компанијата со која би се ставила на стабилна основа за понатамошно долгогодишно функционирање и оти повеќе од девет месеци нема ангажирана агенција за обезбедувањево услови кога се бележи рекорден пораст на авионските прелети.
Ракета на СпејсИкс експлодираше за време на рутински тест

Еден од вселенските бродови „СпејсИкс“ (SpaceX) на Илон Маск експлодираше за време на рутински тест доцна во среда (18 јуни) во Тексас, соопштија органите за спроведување на законот.
Вселенскиот брод 36 доживеа „катастрофален дефект и експлодираше“ во лансирната станица „Старбејс“ кратко по 23:00 часот (04:00 часот по Гринич во четврток)“, пишува во објава на Фејсбук од властите на округот Камерон.
Видео споделено со објавата ја прикажува мегаракетата прикачена на лансирната рака, а потоа блесок и огромна, огнена експлозија.
„СпејсИкс“ на Маск соопшти дека ракетата се подготвувала за десеттиот тест лет кога „доживеала голема аномалија додека била на тест платформа во „Старбејс“, без да елаборира за природата на компликацијата.
„Безбедносно чисто подрачје околу локацијата беше одржувано во текот на целата операција и целиот персонал е безбеден и евидентиран. Нема опасности за жителите во околните заедници и ве молиме поединците да не се обидуваат да се приближат до областа додека продолжуваат безбедносните операции“, информираше „СпејсИкс“ на социјалните медиуми.
Според властите на округот Камерон, лансирањето на „Ѕвезден брод“ (Starship)не било закажано за среда навечер кога експлозијата се случила за време на „рутински тест за статичко палење“.
„Ѕвезден брод“ на јужниот брег на Тексас, во близина на границата со Мексико, е седиштето на вселенскиот проект на Маск.
Висока 123 метри, „Ѕвезден брод“ е најголемата и најмоќна ракета во светот и е клучна за долгорочната визија на Маск за колонизација на Марс.
„Ѕвезден брод“ е претставена како повеќекратна ракета со капацитет на носивост до 150 метрички тони. Најновиот неуспех следи по експлозијата на прототип на „Старшип“ над Индискиот Океан кон крајот на мај.
Најголемата и најмоќна некогаш изградена ракета, полета на 27 мај од објектот „Старбас“, но експлодираше наместо да го изврши планираното спуштање во Мексиканскиот Залив.
Претходните две летања исто така завршија лошо, при што горниот дел се распадна над Карибите.
Како што пишува АФП, неуспесите веројатно нема да влијаат многу на амбициите на Маск за вселенско патување.
„СпејсИкс“ уверува дека неговото мото „брзо не успевај, туку брзо учи“, кој му помогна да доминира во комерцијалните вселенски летови, на крајот ќе се исплати.
Путин тврди дека е подготвен за разговори за прекин на огнот во Украина

Рускиот претседател Владимир Путин тврдеше дека е подготвен „да најде решение“ за неговата војна со Украина и потенцијално да се сретне со украинскиот лидер, дури и кога бројот на жртви од последниот напад на Русија врз Киев се искачи на 28 лица.
„Треба да најдеме решение кое не само што ќе стави крај на сегашниот конфликт, туку и ќе создаде услови што ќе спречат повторување на слични ситуации на долг рок“, рече Путин на брифинг за странските медиуми во Санкт Петербург.
Путин рече дека разговорите би можеле да продолжат во одреден момент по 22 јуни, датумот што претходно го предложи за голема нова размена на затвореници и размена на тела на паднати војници.
Сепак, рускиот лидер додаде дека ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски само во „последната фаза“ од какви било мировни преговори.
„Подготвен сум да се сретнам со сите, вклучително и со Зеленски. Тоа не е проблемот - ако украинската држава му верува на некого конкретно да води преговори, тоа може да биде Зеленски. Дури сум подготвен да се сретнам со него - но само ако тоа е некаков вид последна фаза“, рече Путин.
Западот воведе санкции врз Русија, додека НАТО ги засили своите сили на источното крило откако Путин ја започна целосната инвазија на Украина во февруари 2022 година. Групите за човекови права тврдат дека руските сили извршиле големи кршења на правата и воени злосторства за време на нивните воени операции.
Западните сојузници, исто така, широко го критикуваа Путин за неговото одбивање да се согласи со условите за прекин на огнот што ги предложи американскиот претседател Доналд Трамп.
Брифингот на Путин дојде додека украинските работници за итни случаи во текот на 18 јуни извлекуваа тела од урнатините на уништените станбени згради во Киев погодени од руските ракетни и беспилотни летала, додека бројот на жртви во украинскиот главен град се искачи на 28 лица, според градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.
Работници со кучиња-трагачи и тешка градежна опрема пребаруваа низ урнатините барајќи повеќе преживеани од нападот еден ден претходно - еден од најголемите во Киев во последниве години.
Повеќе од 150 луѓе во Киев и на други места беа ранети во баражот ракети на 17 јуни, соопштија службите за итни случаи, кој ја погоди и Одеса, при што загинаа најмалку две лица во пристанишниот град на Црното Море.
Украинските власти прогласија ден на жалост за жртвите на нападот, кој Зеленски го нарече „чист тероризам“ и за што го обвини Путин.
„Целиот свет, САД и Европа конечно мора да одговорат како што цивилизираното општество реагира на терористите. Путин го прави ова само затоа што може да си дозволи да ја продолжи војната“, напиша Зеленски.
Во Киев, цел деветкатен дел од станбена зграда беше срамнет со земја од ракетен напад за време на рускиот напад, кој се случи рано наутро додека многу жители спиеја. Прозорците во соседните згради беа разнесени, а парчиња урнатини беа расфрлани по улицата.
Русија започна уште еден напад со беспилотни летала врз украински цели рано на 18 јуни, иако беше многу помал и помалку смртоносен од нападот од претходниот ден, кој исто така вклучуваше крстосувачки и балистички ракети.
Зеленски отпатува во Канада за да се придружи на состанок на самитот на Групата седум и закажа разговори на маргините со Трамп.
Средбата, сепак, беше засенета од предвременото заминување на Трамп, а лидерите не успеаја да постигнат силен договор за конфликтот во Украина. Трамп го наведе ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Иран како причина за неговото предвремено заминување.
Русија продолжи со нападите врз Украина и покрај напорите на Соединетите Држави да посредуваат во мировен договор. Немаше видлив напредок од двете рунди преговори во Истанбул во изминатиот месец, освен размена на затвореници, а третата рунда не е закажана.
Русија тврди дека не ги таргетира цивилите и покрај доказите дека го прави тоа, а многу од растечкиот број цивилни жртви се предизвикани од руски напади со ракети со долг дострел и беспилотни летала.
Потврдениот број на цивилни жртви од почетокот на целосната инвазија е над 13 000, според ОН, но официјалните лица велат дека вистинскиот број е веројатно поголем.
Најмалку 32 повредени во ракетните напади на Иран во Израел, погодена е и болница

Иран лансираше нов пламен од ракети кон Израел во четврток, при што беше објавено дека е погодена болница.
Новинарите на АФП јавуваат за насилни, продолжени експлозии во Ерусалим и Тел Авив, а сирени се огласиле во неколку делови од земјата како предупредување за дојдовни ирански ракети.
Кратко потоа, армијата соопшти дека граѓаните можат да ги напуштат своите засолништа, додека министерот за надворешни работи рече дека болницата Сорока во Бершеба, јужен Израел, претрпела „голема штета“ во нападот.
Израелските спасувачи изјавија дека најмалку 32 лица се повредени во последниот ракетен напад на Иран.
Експлозиите во Ерусалим беа најгласните што ги слушнале новинарите на АФП откако започна конфликтот минатата недела. Баражот дојде по новите израелски напади врз Техеран и на други места, и со растечките шпекулации за тоа дали Вашингтон ќе влезе во конфликтот.
Заменик-министерката за надворешни работи на Израел, Шарен Хаскел, го нарече нападот на Иран врз израелска болница „намерен“ и „криминален“.
„Иран штотуку ја погоди болницата Сорока во Бер Шева со балистичка ракета. Не е воена база. Болница. Ова е главниот медицински центар за целиот регион Негев во Израел. Намерно. Криминално. Цивилна цел. Светот мора да проговори“, напиша Хаскел на платформата X.
Во меѓувреме, врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, го отфрли барањето на Трамп за „безусловно предавање“, и покрај тврдењата на американскиот лидер дека „Иран има многу проблеми и сака да преговара“.
Адвокатите на обвинетите за убиството на Вања и Панче бараат ослободителни пресуди

Адвокатите на четворица од вкупно петмина обвинети во случајот со убиствата на 14-годишното девојче Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, побараа ослободителни пресуди за своите клиенти, на рочиштето кое се одржа на 18 јуни во Основниот кривичен суд Скопје.
Судскиот процес пред првостепениот суд е пред крај и останува уште завршни зборови да дадат адвокатот на првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо и секој од обвинетите поединечно. Следното рочиште е закажано за 20 јуни, а откако и секој обвинет лично ќе даде заврши зборови, судот ќе треба да закаже рочиште за изрекување на пресудата.
Обвинителството веќе ги даде завршните зборови и побара доживотен затвор за Палевски, како и останатите тројца обвинети Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев.
Петтиот обвинет е таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека давал информации за движењето на девојчето.
За него обвинителството претходно побара судот да му одреди „соодветна затворска казна“, додека неговиот адвокат Владимир Туфегчиќ денеска (18 јуни) побара ослободување бидејќи според него обвинетието за таткото е „неосновано“ и „опасен судски преседан“.
Туфегчиќ смета дека клучната теза и теорија на случај на обвинителството не е докажана, а тоа е мотивот – да се дадат пари на обвинетите за откуп на детето. Ниту пак, според одбраната, во судскиот процес е изведен доказ за дејствијата на таткото со кои се докажува дека тој комуницирал со Палевски.
Бранителот на обвинетиот Велибор Манев, адвокатот Горан Бошевски, пак, побара ослободителна пресуда за неговиот клиент за кривичното дело убиство, а осудителна за делото грабнување. Според адвокатот, не постоел договор за убиства и оттаму нема умисла за извршување таков вид кривично дело.
Ослободителна пресуда денеска побара и адвокатот Бојан Манев, бранител на обвинетиот Боре Видевски, посочувајќи дека обвинителството не ја докажало вината на неговиот клиент.
И адвокатот на обвинетиот Влатко Кешишев, адвокат Игор Ефремов, побара ослободителна пресуда со образложение дека тој не само што не учествувал, туку ниту знаел, ниту имал намера убиството да се случи. Евентуална вина, како што посочи Ефремов, неговиот клиент може да сноси само за грабнувањето на Вања.
На претходните судски рочишта, преку своите адвокати семејствата на двете жртви, Вања и Панче, се изјаснија дека во целост го прифаќаат барањето на обвинителството за казните, се приклучија кон кривичното гонење и побараа имотно правно побарување.
Малолетната Вања од Скопје и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември 2023, а на 2 декември истата година, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете