Достапни линкови

Вести

Германската полиција врши претреси во домови на крајни десничари

Илустрација- германски полицајци
Илустрација- германски полицајци

Германската полиција денеска изврши претреси во домовите на 12 луѓе кои се осомничени дека создале крајно десничарска група која имала намера да напаѓа имигранти и странци. Осомничените се на возраст од 19 до 57 години и живееле претежно во провинцијата Шлезвиг-Холштајн, соопшти полицијата.

Тие ја формирале групата „Ариевски круг Германија“ во јули во градот Бад Зегеберг во северна Германија. Сите осомничени имале крајно десничарски погледи, отворено ја покажувале поддршката за крајно десничарските групи, нивните симболи и слогани. Целта на претресот во нивните домови, соопшти полицијата, е да се пронајдат и други докази.

види ги сите денешни вести

Грузија отвори нови кривични постапки против Сакашвили и други опозиционери

Главниот обвинител на Грузија, Гиорги Гваракидзе (фотоархива).
Главниот обвинител на Грузија, Гиорги Гваракидзе (фотоархива).

Канцеларијата на обвинителството на Грузија во четврток отвори серија кривични случаи против водечки опозициски политичари, вклучувајќи го и затворениот поранешен претседател Михаил Сакашвили, само два дена откако Европската унија ја критикуваше земјата за нејзиното назадување во демократските реформи.

Главниот обвинител Гиорги Гваракидзе на прес-конференција ги објави обвинувањата против опозиционерите, кои вклучуваат саботажа, помагање и поттикнување непријателски настроени активности кон државата и повикување на соборување на владата.

Владејачката партија Грузиски сон, која е на власт од 2012 година, минатата недела најави дека ќе поднесе тужба до Уставниот суд со која ќе бара забрана за три опозициски групи бидејќи наводно претставувале „вистинска закана за уставниот поредок“.

Доколку бидат осудени, на осумте обвинети опозиционери – Елена Коштарија, Зураб Џапаридзе, Гиорги Вашадзе, Ника Гварамија, Ника Мелија, Мамука Хазарадзе, Бадри Џапаридзе и Сакашвили, им се заканува затворска казна до 15 години.

Сите обвинети веќе се во затвор за други обвиненија, освен Хазарадзе и Бадри Џапаридзе.

„Прорускиот режим денес ги прогонува не само политичарите, туку и европскиот пат на Грузија. Отпорот ќе продолжи по секоја цена. Решени сме да се бориме за мирни политички промени со сите законски и политички средства“, изјави опозициската коалиција „Силен сон“ откако беа објавени обвиненијата.

„Сериозно назадување на демократијата“

Комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, презентирајќи го годишниот извештај за напредокот на кандидатките за членство, во вторникот изјави дека Грузија е кандидатка „само по име“ поради „сериозно назадување на демократијата“.

Владејачката партија Грузиски сон ги отфрли тврдењата на Кос, обвинувајќи го Брисел за мешање во внатрешните работи на земјата.

Според главниот обвинител Гваракидзе, Сакашвили е обвинет според членот 317 од Кривичниот законик односно за поттикнување на извршување незаконски дејствија, што носи казна до три години затвор.

Сакашвили, кој ја водеше Грузија од 2004 до 2013 година, отслужува затворска казна за разни прекршоци, вклучително и злоупотреба на службената должност. Се очекува тој да остане во затвор до 2034 година.

По поранешниот претседател во Грузија некои го воспеваат, други го критикуваат сметајќи го за непредвидлив и авторитарен. Неговите критичари го обвинуваат и за кратката војна на Грузија со Русија во 2008 година, која заврши со губење на контролата врз два региона – Абхазија и Јужна Осетија.

Останатите обвиненија против опозициските политичари вклучуваат давање информации на странски претставници за увозот на нафта и воените активности на Грузија, организирање протести и обид за „радикализирање“ на демонстрациите по парламентарните избори во 2024 година, за кои опозицијата тврди дека биле наместени.

Односите на Грузија со ЕУ се влошија откако Тбилиси минатата година донесе анти-ЛГБТ закон и таканаречен закон за „странски агенти“.

Релациите дополнително се влошија по парламентарните избори во октомври 2024 година, на кои партијата Грузиски сон ја задржа власта. Владејачката партија потоа одлучи да ги прекине преговорите за пристапување во ЕУ, додека продолжи да води политики што многумина, вклучително и Брисел, ги сметаат за пријателски настроени кон Русија.

Од изборите, во Тбилиси секојдневно се одржуваат протести, а истите се интензивираа откако власта објави прекин на преговорите со ЕУ.

Акција на ОЈО ГОКК поради сомнежи за дела од „коруптивна природа“

Акцијата е под раководство на ОЈО ГОКК, а во неа учествуваат истражители од обвинителството и МВР (фото: илустрација).
Акцијата е под раководство на ОЈО ГОКК, а во неа учествуваат истражители од обвинителството и МВР (фото: илустрација).

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) спроведува акција поради сомнежи за корупција.

„Во моментов истражители од Истражниот центар на ОЈО ГОКК и единиците на Министерството за внатрешни работи (МВР), под раководство на јавен обвинител од ова Обвинителство, вршат претреси на повеќе локации низ државата поради основано сомневање за сторени кривични дела од коруптивна природа“, соопштија од Обвинителството попладнето на 6 ноември.

Дел од медиумите објавија дека станува збор за коруптивни дејствија поврзани со Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Но, од ОЈО ГОКК не открија повеќе детали и најавија дека со детали за акцијата ќе излезат утре бидејќи претресите сè уште траат.

Рокас: Постои сериозна можност да се продолжи со уставните измени

Шеф на делегацијата на ЕУ во Скопје, Михалис Рокас.
Шеф на делегацијата на ЕУ во Скопје, Михалис Рокас.

Постои сериозна можност да се започне дијалог и да се продолжни со обврската во однос на уставните измени, порача шефот на делегацијата на ЕУ во Скопје, Михалис Рокас, на заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во врска со Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата во 2025 година што беше објавен на 4 ноември.

Рокас рече дека извештајот ги дава потребните препораки за да се одржи земјата цврсто на нејзиниот пат кон ЕУ и оти „сега е време да се искористи можноста, да се забрзаат реформите и да се спроведуваат поодлучно“.

Евроамбасадорот потсети дека ЕК нотира дека Северна Македонија нема напредок во однос на судските реформи и борбата против корупцијата.

„Од суштинско значење останува ова да да се направи. Ова не се одредници туку тоа се темел за довербата на граѓаните и европската иднина. Трета година по ред во оваа област немаме значителен напредок, а сепак, токму тука една голема посветеност може да направи сериозно голема разлика“, рече Рокас.

Тој потенцираше дека треба да се обезбеди финансиска независност на судството и тоа да биде ослободено од мешање, како и да се зголемат парите во државниот буџет за спроведување на реформите.

Рокас го поздрави тоа што земјата ги „развива мапите за владеење на правото, јавната администрација и функционирањето на демократските институции, како акцискиот план за заштита на малцинствата“.

„Тие се клучни подготвителни чекори за отворање на кластерот Основи. Со нетрпение очекуваме усвојување на овие документи до крајот на годината за да можеме да продолжиме со интегративниот процес“, рече Рокас.

Усогласеност со политиките во однос на Украина

Она што го пофали евроамбасадорот, согласно Извештајот на ЕК, е што Северна Македонија останала усогласена со безбедносната и надворешната политика на Европската Унија.

„Може да бидете сигурно дека брзото проширување на ЕУ е наш приоритет, наша цел, особено во актуелниот политички контекст и во таа насока го цениме фактот дека земјата останува усогласена со безбедносната и надворешна политика на ЕУ во однос на руската агресија против Украина. Ова покажува дека земјата продолжува да биде силен, доверлив партнер кој ги споделува вредностите и приоритетите на ЕУ“, рече евроамбасадорот.

Премиерот Мицкоски, пак, потенцираше дека ваквата усогласеност е „важна придобивка за карактерот на нашите меѓусебни односи и за нивото на нашата посветеност кон европските вредности“.

„Како Влада остануваме целосно посветени на европскиот пат и на реформите кои ја прават државата посилна, пофункционална и поправедна. Ќе ги адресираме сите области каде е забележан застој со конкретни мерки и отчетност. Нашата цел е полноправно членство во рамки на ЕУ“, изјави Мицкоски на заедничката прес-конференција.

Претходно во текот на денот, тој рече дека е задоволен бидејќи нема назадување на државата, но и рече дека ако земјата ги направи уставните измени тогаш ќе добие најдобри оценки, но и ново вето.

Уставните измени, со кои бугарската заедница ќе се вметне во Преамбулата, се дел од обврските што Скопје ги презема во компромисот што беше постигнат околу преговарачката рамка во 2022, откако претходно во 2020 Бугарија стави вето за почеток на преговорите. Северна Македонија одржа прва меѓувладина конференција со Брисел, но за втора и за отворање на кластерите во рамки на преговорите со ЕУ, треба да ги направи уставните измени.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, пак, негодува на ваквиот компромис што го постигна претходната влада на СДСМ и ДУИ, и за да направи уставни измени бара гаранции од меѓународната заедница дека нема да има нови условувања од Бугарија.

Бројот на жртви од пожарот во Тузла се искачи на 12

Домот за стари лица во Тузла.
Домот за стари лица во Тузла.

Полициската управа на кантонот Тузла во Босна и Херцеговина објави дека уште едно лице починало во тузланскиот Клинички центар, со што бројот на жртви во пожарот што избувна во Домот за стари лица на 4 ноември се искачи на 12.

Според прелиминарните резултати од досега спроведените обдукции, 11 лица починале поради задушување, односно труење со јаглерод моноксид.

„Телото на една жртва беше изгорено. Обдукцијата на жената што почина денес ќе биде извршена во блиска иднина“, посочија од Обвинителството на кантонот Тузла на 6 ноември.

Исто така, оттаму наведоа дека истрагата на лице место е завршена и оти во наредниот период ќе бидат доставени извештаи до Секторот за криминалистичка полиција на Министерството за внатрешни работи.

„Ќе ја информираме јавноста за причините за пожарот кога ќе бидат анализирани извештаите и наодите од мислењата на експертите и истражителите“, соопшти Обвинителството.

Универзитетскиот клинички центар (УКЦ) Тузла на 6 ноември објави дека во моментов таму се хоспитализирани 14 пациенти. Четири пациенти се на Клиниката за анестезиологија и реанимација, од кои двајца се на апарати за механичка вентилација.

Шест пациенти, кои биле сместени во Домот за стари лица во Тузла, пак, се хоспитализирани на Клиниката за белодробни заболувања.

„Сите пациенти имаат стабилни витални параметри. Во моментов има еден полицаец во амбулантата на оваа клиника, кој се јавил денес во текот на денот и е под надзор. Тројца пациенти се хоспитализирани на Клиниката за интерни болести, а здравствената состојба на пациентите во моментов е стабилна. Еден пациент е хоспитализиран на Клиниката за урологија и моменталната здравствена состојба му е стабилна“, соопшти УКЦ Тузла.

Во Федерацијата на Босна и Херцеговина и Брчко, 6 ноември беше прогласен за Ден на жалост поради жртвите од пожарот во домот. Во Тузла, пак, е прогласен четириднева жалост.

Ден на жалост прогласи и Црна Гора.

Директорот Домот за стари лица во Тузла, Мирсад Бакаловиќ, поднесе оставка на 5 ноември.

Оваа институција се самофинансира од приходите што ги генерира и, според изјавата на директорот за Н1 ТВ во јануари, не е корисник на пари од ниту еден буџет.

Градот Тузла е сопственик на зградата и го назначува раководството на домот, но институцијата не добива субвенции или пари од буџетот.

Федералниот премиер Нермин Никшиќ вети владина помош за згрижување на лицата кои престојувале во овој дом.

За четири дена шест жртви на македонските патишта

Од почетокот на годината, во сообраќајки во Северна Македонија загинале 115 лица (фотоархива).
Од почетокот на годината, во сообраќајки во Северна Македонија загинале 115 лица (фотоархива).

Првите четири дена од ноември, во сообраќајќи на патиштата низ Северна Македонија, загинале шест лица, а од почетокот на 2025 вкупниот број на жртви изнесува 115.

Оваа статистика ја објави Министерството за внатрешни работи (МВР) нарекувајќи ја „поразителна“ и побара од граѓаните да бидат внимателни и поодговорни учесници во сообраќајот.

„Апелираме до граѓаните: оставете го мобилниот телефон додека управувате со возилото, не возете со брзина поголема од дозволената, не седнувајте зад воланот доколку сте консумирале алкохол. Почитувајте ги сообраќајните правила и прописи не го ставајте во ризик вашиот и животот на вашите најмили, како и на останатите учесници во сообраќајот“, порачаа од МВР.

Посебен апел оттаму упатуваат и до родителите да не дозволуваат на децата да управуваат какво било возило без соодветна обука и дозвола.

Во текот на 2024 година во сообраќајќи во Северна Македонија животот го загубиле 142 лица.

Според статистиката на полицијата, најчестите причинители кои доведуваат до сообраќајни несреќи со фатални последици се непочитувањето на сообраќајните правила, односно користењето на мобилен телефон при возење, возењето со брзина поголема од дозволената, возењето под дејство на алкохол, итн.

Од МВР најавуваат дека ќе продолжат со засилени контроли на терен.

Ѓорѓиевски ја презеде функцијата од Арсовска, најави чистење на Скопје и брз ребаланс на буџетот

Орце Ѓорѓиевски ја презеде функцијата градоначалник на Скопје од Данела Арсовска.
Орце Ѓорѓиевски ја презеде функцијата градоначалник на Скопје од Данела Арсовска.

Новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, од ВМРО-ДПМНЕ, на 6 ноември ја презеде функцијата од досегашната градоначалничка, Данела Арсовска.

Ѓорѓиевски на позицијата доаѓа откако во вториот круг од локалните избори на 2 ноември го победи противкандидатот од Левица, Амар Мециновиќ.

Претходно во текот на денот, тој го доби уверението за градоначалнички мандат откако Државната изборна комисија ги објави конечните резултати за најголемиот дел од општините и градовите каде се одржа втор круг од изборите.

По преземањето на функцијата, новиот градоначалник рече дека ќе го „врати достоинството на градот“ и оти меѓу првите чекори што ќе ги направи веднаш е да ги тргне рампите пред бараките каде се сместени административните простории на градските власти.

Ѓорѓиевски посочи дека вечерта, во 20:30 часот на 6 ноември, ќе ја започне најавената акција за чистење на Скопје во рок од 72 часа.

„Вечерва од 20:30 започнуваме со темелна активност за чистење на главниот град. Појдовната точна ќе ни биде пред паркингот на спортската сала 'Борис Трајковски' и во наредните 72 часа ќе дадеме се од себе да блесне градот Скопје како што ветив на моите сограѓани“, рече Ѓорѓиевски.

Скопје изминатиот период се соочи со комунален колапс. Контејнерите беа преполни, јавното претпријатие „Комунална хигиена“ не го чистеше ѓубрето, а Јавното обвинителство отвори истрага во рамки на која во притвор се поранешниот директор на претпријатието и еден од раководителите.

Чистењето на градот за 72 часа беше едно од најгласните ветувања на Ѓорѓиевски во текот на кампањата. Арсовска и дел од опозицијата, пак, ја обвинуваа партијата ВМРО-ДПМНЕ дека со нејзините членови во Управниот одбор на „Комунална хигиена“ намерно го кочат собирањето на ѓубрето во главниот град.

Покрај чистењето на Скопје, новиот градоначалник најави и брз ребаланс на градскиот буџет со цел да се обезбедат пари за почнување на нови проекти, но и за откочување на некои што се закочени повеќе години, како што е клучката кај Момин поток за решавање на сообраќајниот хаос во тој дел од градот, но и пуштање во функција на двата нови моста на реката Вардар - едниот во Карпош, другиот меѓу Аеродром и Гази Баба.

За средбата со Арсовска, со која си разменија низа обвинувања изминатиот период, Ѓорѓиевски рече дека била протоколарна.

„Нормално е во примопредавање да имаме една протоколарна средба“, рече новиот градоначалник на Скопје.

Арсовска, пак, се огласи на социјалните мрежи посакувајќи му среќа, а на скопјани им се заблагодари за поддршката.

„Ви благодарам на сите за континуираната поддршка, особено во мојата борба против организираниот криминал и корупцијата во градот, мисија во која ќе продолжам за да победи правдата, да понесе одговорност Висар Ганиу (ексградоначалник на Чаир) кој со својата организирана криминална банда до денес загрозува животи на илјадници наши сограѓани“, рече Арсовска.

Таа, пред четири години стана градоначалничка со поддршка токму од ВМРО-ДПМНЕ, но нивните патишта се разделија уште во првата година од мандатот со меѓусебни обвинувања за злоупотреби.

На овие локални избори, покрај во Скопје, ВМРО-ДПМНЕ освои градоначалнички места во уште во 54 општини.

Коалицијата ВРЕДИ во девет, плус Струга каде го поддржа независниот кандидат Менди Ќура.

СДСМ освои шест градоначалници, коалицијата НАИ предводена од ДУИ четири, а по еден освоија ЗНАМ и Унијата на Роми.

Во четири општини ќе има нови избори бидејќи не беше исполнет цензусот на гласање да излезат една третина од гласачите.

Полска планира воена обука на 400.000 луѓе до 2026

Полски војници на парада во Варшава, август 2024 г.
Полски војници на парада во Варшава, август 2024 г.

Полска месецов започнува нова програма за воена обука како дел од нејзиниот поширок план за обука на околу 400.000 луѓе до 2026 година, соопшти полското Министерство за одбрана.

Поттикната од руската инвазија на Украина, Полска троши најголем дел од својот буџет за одбрана меѓу членките на НАТО. Таа стана трета најголема армија во Алијансата, со 216.000 војници, и планира да го зголеми бројот за речиси една третина во текот на следната деценија, пишува Ројтерс.

Министерот за одбрана Владислав Косињак-Камиш ја опиша програмата, наречена „Подготвеност“, како „најголемата воена обука во историјата на Полска“.

Програмата ќе биде доброволна и отворена за сите граѓани – од студенти и вработени до компании и пензионери.

Таа вклучува основни курсеви за безбедност, обука за преживување, медицинско образование и часови за сајбер хигиена.

„Само во ноември и декември ќе обучиме околу 20.000 луѓе преку индивидуална обука, но вкупниот број, вклучувајќи ги сите форми на обука, е околу 100.000 луѓе“, изјави за новинарите заменик-министерот за одбрана Чезари Томчик.

Министерството планира следната година да обучи околу 400.000 луѓе „индивидуално и во групи, како дел од програмата ’Образование со армијата‘“, преку обука на резервисти и доброволна воена служба, рече Томчик.

Началникот на Генералштабот, Вислав Кукула, изјави дека програмата има две основни цели – зајакнување на отпорноста на граѓаните и заедниците и зголемување на достапноста, подготвеноста и капацитетот на воените резервисти.

Програмата првпат ја најави премиерот Доналд Туск во март велејќи дека целта е „изградба на армија од резервисти“ поради зголемените безбедносни грижи по руската инвазија на Украина.

Украина и Русија разменија воздушни напади врз клучна инфраструктура

илустрација
илустрација

Руските воздушни напади повторно ја таргетираа цивилната инфраструктура на Украина преку ноќ, откако Киев возврати, погодувајќи рафинерија за нафта во рускиот Волгоград и енергетски објекти во окупираната од Русија, Украина.

Украинските воени претставници на 6 ноември соопштија дека нападот што зафати дел од рафинеријата во Волгоград во пламен бил дел од бран од 75 беспилотни летала лансирани кон Русија.

Руските претставници изјавија дека едно лице загинало во областа Красноармејск, во градот порано познат како Сталинград. Во областа се наоѓа голема рафинерија во Волгоград која постојано е цел на Украина.

Украинските сили, исто така, ги таргетираа енергетските и индустриските објекти во Русија, погодувајќи ја електраната на државниот округ во регионот Кострома и рафинеријата за нафта во Волгоград.

Електраната Кострома, која се наоѓа во Волгореченск, е трета по големина термоелектрана во Русија. Гувернерот на регионот, Сергеј Ситников, потврди дека имало „неколку експлозии“ во градот.

Регионалниот гувернер Александар Богомаз изјави дека украински беспилотни летала го погодиле и рускиот Брјанск, при што биле повредени најмалку едно лице.

Руското Министерство за одбрана тврди дека неговите воздушни одбранбени сили уништиле 261 украински беспилотни летала над руска територија преку ноќ.

Портпаролот на руската Федерална агенција за воздушен транспорт, Артјом Коренјако, изјави дека неколку аеродроми во Владикавказ, Грозни, Иваново, Јарослав, Саратов и Волгоград привремено го ограничиле воздушниот сообраќај „за да се обезбеди безбедност на летовите“.

Украина ги засили нападите врз клучни објекти како што се рафинерии за нафта, складишта за гас и други логистички инсталации, обидувајќи се да ја забави руската воена машинерија.

Киев бара од САД оружје со долг дострел, како што се ракетите Томахавк, за кои вели дека се клучни за возврат на ударите од Русија, додека Кремљ ги интензивира воздушните напади врз украинските градови.

Руски напади на Украина

И Русија продолжи со нападите врз украинската инфраструктура, а регионалниот гувернер на Дњепропетровск, Владислав Хајваненко, изјави дека руски беспилотни летала го погодиле градот Камјанск, при што биле повредени осум лица.

Нападот предизвика повеќе пожари низ градот и делумно ги уништи покривот и таванот на четирикатна станбена зграда.

„Имаше голема паника. Немав поим што да правам следно“, изјави Валентина, жителка на Камјанске, за украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.

„Го гледам мојот стан. Изгледа како да е скршен прозорец таму, но никој не знае како изгледа внатре. Забрането ни е да одиме таму,“ вели Ина, жителка на Камјанске.

Хајваненко рече дека беспилотни летала ја погодиле и заедницата Петропавливка во округот Синелник, предизвикувајќи пожар во „општинско претпријатие“.

Во регионот Харкив, руските напади повредиле шест лица, вклучувајќи и 10-годишно девојче во градот Боходухив во текот на изминатите 24 часа, соопшти регионалниот гувернер Олех Синехубов.

Украинските воздухопловни сили објавија дека Русија лансирала 135 беспилотни летала преку ноќ од пет насоки, вклучувајќи околу 50 беспилотни летала од типот Шахед.

Новата стратегија за образование до крајот на годината

илустрација
илустрација

Остануваат уште неколку чекори до усвојувањето на конечната Стратегија за образование 2026-2032, која пет месеци е во процес на креирање, соопшти министерката за образование и наука Весна Јаневска на втората работилница за изработка на новиот документ, на која учествуваа претставници од институции и од домашни и меѓународни партнерски организации – УНИЦЕФ, ГИЗ, УНДП и Светска банка.

Стратегијата за насоката на македонското образование во наредните шест години, посочи Јаневска, треба да ја засили поддршката за наставниците и да го поттикне развојот на нивните компетенции за современа настава според глобалните образовни трендови и стандарди.

Се очекува таа да донесе подобар квалитет во високото и во средното стручно образование, поголема инклузивност, едносменска настава, дигиталната писменост, грижа за менталното и физичкото здравје на младите итн.

„Владата останува фокусирана на сите промени што мора да се случат до конечната цел, затоа што алтернатива за нас не постои“, рече министерката Јаневска во своето обраќање.

Во изминатите месеци откако е почнато креирањето на стратегијата слушала, како што рече, сугестии, предлози и решенија на актуелни предизвици. Укажа и дека по усвојувањето на документот „ќе следува потешкиот дел -почитување на пишаното, односно имплементација и мерење на постигнувањата“.

„За нешто попуштав, некаде не отстапував од личните убедувања и визијата што ја имав кога почнав да раководам со ресорот. Останува конечно да ја привршиме стратегијата, да ја донесеме до крајот на годината и од следната година да почнеме со забрзана, тешка работа за која резултатте треба да ги очекуваме на среден рок“, изјави Јаневска.

Претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Лесли Милер, посочи дека новата стратегија е можност да се обликува она што е следно, „но не само како еден убав документ, туку и во училниците, заедниците и во животот на децата“.

За директорот на Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) Давид Оберхубер е многу важно стратегијата што ќе се усвои да биде применета и да не заврши во фиока.

Бојана Нацева, претставничката на Светска банка, исто така укажа на потребата да се одговори на барањата на новото време и да се креираат продуктивни работни места за кои се смета дека најмногу ќе доведат до намалување на сиромаштијата и ќе го зголемат просперитетот на луѓето.

Образовниот систем во земјата е тема на чести јавни критики. Неколку министри за образование и во минатото воведуваа реформи за подобрување на квалитетот на образованието, но меѓународните релевантни тестирања во последните неколку години покажуваат пад на квалитетот на образовниот процес и слаби резултати на учениците.

Мицкоски за Извештајот на ЕК: Да ги донесеме уставните измени за петка и повторно ново вето

Христијан Мицкоски, премиер на РСМ
Христијан Мицкоски, премиер на РСМ

Да ги направиме уставните измени, најдобри ќе бидеме и потоа да добиеме ново вето и повторно нови проблеми и тогаш сигурно ќе добиеме петка и ќе бидеме шампиони. Вака премиерот Христијан Мицкоски го коментираше најновиот извештај на ЕК за напредокот на Северна Македонија, во кој комисијата повика на усвојување на уставните измени за вклучување на Бугарите во Уставот.

Во извештајот меѓудругото се потенцира дека иако „властите продолжија да работат на патоказите за владеење на правото, реформата на јавната администрација и функционирањето на демократските институции, како и на акцискиот план за заштита на малцинствата, Северна Македонија треба да ги интензивира напорите за почитување на владеењето на правото, особено преку заштита на независноста и интегритетот на судството и засилување на борбата против корупцијата“.

Премиерот вели дека е задоволен од содржината на извештајот, иако потенцираше дека има стагнација во некои области.

„Од она кое што е таму напишано јас сум исклучително задоволен, бидејќи нема назадување. И тоа е владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата и затоа нон стоп зборувам дека се потребни промени во Судскиот совет, во Обвинителството итн. Сега веќе по завршувањето на изборите многу посериозно ќе се занимаваме со таа тема, додека, пак, во сите други области има одреден мал напредок или значлителен напредок“.

Мицкоски додаде дека не се согласува со констатацијата дека има некои други земји кои што се пред нас.

„На пример ние сме многу пред Албанија. Иако некои од еврокомесарите даваат такви изјави какви што даваа така што кога ќе се анализира состојбата на државите кој е подготвен, кој не е подготвен, објективна оценка е дека Црна Гора е прва, второто место сме ние и Србија, па потоа доаѓаат Албанија, БиХ, Косово, итн од земјите во регионот“, рече Мицкоски.

Премиерот потенцираше дека Владата ќе продолжи да работи и дека тој е фокусиран на спроведување на реформите.

„Јас апсолутно сум фокусиран на реформите. Оваа Влада е реформска и во таа насока ќе продолжи. Ме охрабруваат пораките за реформите во делот на економијата, во делот на борбата против перењето пари, воведувањето на заедничкиот платежен систем односно СЕПА, Царината, деловите како што се бесплатен роаминг што ќе се имплементираат“, рече премиерот.

Мицкоски попладнево во Владата ќе го прими Извештајот од евроамбасадорот Михалис Рокас, а потоа е предвидена заедничка прес-конференција.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG