Достапни линкови

Вести

Реакции по забрана за капење и дивоградби во Охрид

Поглед на Охрид.
Поглед на Охрид.

Во Охрид на плажа на потегот од Самоиловата тврдина кон одморалиштето Партизан- Младост се поставени знаци за забpaнето капење . Станува збор за старата градска плажа, која сега се нарекува плажа Мизо и каде што летуваат и деца од одморалиштето.

До ова доаѓа по препораките од УНЕСКО и дадените рокови за спроведувањето на неопходните мерки за спас на Охрид од ставање во листатата на природни богатства кои се во опасност.

Знакот за забрането капење е поставен затоа што отпадните води директно се влеваат во водите од езерото.

„Колекторот после толку години не е во функциja и ова е причината поради која капењето е забpaнето. До кога ќе го yништyвaте и она малку убаво што остана во Македонија, се вели во реакциите на социјалните мрежи.

Реакции на социјалните мрежи има и откако вчера во Охрид е отворена пицерија „Луна“ која се смета за дивоградба и е во сопственост на советникот од ДУИ во општина Охрид, Нефи Усеини.

Советникот од ДУИ за медиумите изјави дека пред повеќе години е изграден објектот кој се наоѓа во најпрометниот дел на Охрид, кај чинарот. Но во јавноста има информации дека тоа е направено без градежна дозвола.

На Свеченото отварање синоќа присуствуваше и градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко.

види ги сите денешни вести

Шведска делумно ја запира помошта за Србија поради корупција

Знаме на Шведска
Знаме на Шведска

Шведската влада соопшти во понеделникот дека, поради развојот на настаните во Србија „во погрешна насока“, ќе ја прекине делумно поддршката за државните органи во Србија, а повеќе ќе ја насочи кон зајакнување на граѓанското општество.

Во соопштението објавено на веб-страницата на владата на скандинавската земја се наведува дека „веќе извесно време се забележуваат недостатоци во волјата на српската влада за спроведување реформи“, особено во однос на почитувањето на принципите на владеењето на правото, борбата против корупцијата и заштитата на основните слободи и права, како што се слободата на изразување и слободата на медиумите.

„Развојот во Србија оди во погрешна насока. Тоа се однесува на сè — од порастот на корупцијата до непочитувањето на принципите на владеењето на правото. Земјите не можат да очекуваат шведска поддршка ако не спроведуваат реформи и развој какви што очекуваме. Затоа сега ги правиме овие промени“, се наведува во соопштението на шведскиот министер за развојна соработка и надворешна трговија, Бенјамин Дуса (Дуса).

Соопштението на шведската влада за намалување на помошта за српските државни органи следуваше по објавувањето на нацрт-извештајот на Европската комисија, во кој се оценува дека во Србија темпото на спроведување реформи е значително забавено, додека во земјата веќе една година траат масовни протести предводени од студенти во блокада, кои бараат одговорност за загинувањето на 16 лица при уривањето на настрешницата на реконструираната Железничка станица во Нови Сад.

Владата на Шведска, која ѝ пружа поддршка на Србија во рамките на Стратегијата за реформска соработка со Западен Балкан и Турција, наведе дека одлучила да ја преиспита поддршката кон Белград, во согласност со принципите на проширувањето на ЕУ засновано на заслуги.

Тоа, како што се додава, значи дека се наградуваат земјите кои напредуваат и покажуваат подготвеност за реформи, додека поддршката може да се намали или замрзне за земјите кои не ги почитуваат основните права или имаат недостатоци во својот демократски развој.

Европската комисија во нацрт-извештајот за напредокот на земјите кандидати оцени дека „Србија треба да спроведе кредибилни реформи во сите области“, особено во полето на усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.

Во документот се наведува дека дошло до продлабочување на „поларизацијата во српското општество“ поради „масовните студентски и граѓански протести кои се одржуваат низ цела Србија од ноември 2024 година“.

Тоа, според нацрт-документот, ја одразува разочараноста на граѓаните поради корупцијата и воочениот недостаток на одговорност и транспарентност, заедно со случаи на прекумерна употреба на сила против демонстрантите и притисоци врз граѓанското општество.

Претходно, во октомври, Европскиот парламент усвои резолуција за „Поларизацијата и зголемената репресија во Србија, една година по трагедијата во Нови Сад“, во која беше оценето дека српското раководство е политички одговорно за ескалацијата на репресијата, нормализацијата на насилството и ослабувањето на демократските институции во земјата.

ДИК ги соопшти првичните официјални резултати од гласањето во вториот круг

Борис Кондарко, претседател на ДИК / Фотоархива
Борис Кондарко, претседател на ДИК / Фотоархива

Државната изборна комисија (ДИК) попладнево ги соопшти првичните официјални резултати од гласањето во вториот круг на локалните избори што се одржа вчера.

Како што истакна претседателот на ДИК Борис Кондарко, се гласаше во 32 општини и во градот Скопје. Вкупниот бројот избирачи изнесуваше 1 013 357.

Бројот на избирачки места на кои се спроведе гласањето беше 1 777, вкупниот број избирачи кои гласале е 424 923 или 41,93 отсто.

Бројот на неважечки гласачки ливчиња е 23 930, а на важечки 404 464.

За градоначалник на Скопје во десетте скопски општини гласале 474 304 избирачи, а на територијата на Скопје 167 575 гласачи.

Вкупниот број неупотребени ливчиња е 306 729, бројот на важечки гласачки ливчиња е 157 047, а на неважечки 10 528.

Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг освои градоначалнички места во Град Скопје и во 21 општина, коалицијата ВРЕДИ во четири, коалицијата предводнеа од СДСМ во три, Унијата на Роми, Движењето ЗНАМ и НАИ во по една општина, а во една општина ќе раководи независен кандидат за градоначалник.

За кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Орце Ѓорѓиевски гласале 95 572 избирачи или 57,03 отсто, додека за кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ гласале 61 475 или 36,69 проценти од вкупниот број избирачи.

Кондарко информира дека од моментот на објавување на овие резултати, почнува да тече рокот за поднесување приговори.

„Од денеска, од 16:30 часот, од објавувањето на првичните официјални резултати, во наредните 48 часа, до среда, до 16:30 минути, течат роковите за евентуални приговори врз основа на објавените првични официјални резултати, а за спроведување на постапката на утврдување на резултатите од гласањето. Приговорите се доставуваат директно до ДИК, електронско поднесување не е дозволено“, истакна Кондарко на денешната прес конференција (3 ноември).

Според него, ако има приговори, крајниот рок за објавување на конечните резултати од локалните избори ќе биде понеделник или најдоцна вторник.

„Ако до среда, до истекот на рокот за поднесување приговори во некоја од 32-те општини не бидат поднесени приговори, за тие места каде нема приговори ДИК во четврток ќе објави конечни резултати“, истакна Кондарко.

Тој додаде и дека доколку бидат поднесени приговори, ДИК има рок од 72 часа да одлучува по приговорите.

„Потоа, по одлуките на ДИК, има рок од 24 часа за поднесување тужби до Управниот суд. Тоа би било најдоцна до недела. Управниот суд има рок од 48 часа за одлучување по тужбите. Значи, крајните рокови за одлучување на Управниот суд би биле до понеделник. Понеделник или најдоцна вторник, по конечните одлуки на Управниот суд, би бил крајниот рок за објавување на конечните резултати“, посочи Кондарко.

Тој најави дека конечните резултати ќе бидат соопштени на седница на ДИК за што јавноста ќе биде навреме иозвестена, истакна Кондарко.

Од 19:00 часот вчера течат роковите за приговори по основ на постапката за спроведување на гласањето.

Психолошката траума во Газа го зголеми бројот на луѓе кои бараат помош

Фотоархива
Фотоархива

Жителите на Газа страдаат од „вулкан“ на психолошка траума предизвикана од разорната воена кампања на Израел, што стана очигледно по примирјето минатиот месец, според палестински стручњаци за ментално здравје. Двегодишното интензивно израелско бомбардирање и повторените воени напади, за кои локалните здравствени власти велат дека убиле повеќе од 68.000 луѓе, заедно со масовната бездомност и глад, влијаеја врз сите 2,3 милиони жители на Газа.

Кризата е очигледна по големиот број луѓе кои сега бараат третман од тимот на Болницата за ментално здравје во Градот Газа, кој во моментов работи во блиска клиника затоа што нивната зграда е оштетена, изјави нејзиниот директор Абдала ал-Џамал.

„Дури и стигмата што постоеше порано, стравот да се посети психолог, веќе не постои,“ рече тој, опишувајќи „многу големо зголемување“ на бројот на пациенти во споредба со периодот пред конфликтот.

Џамал и неговиот колега работат колку што можат, но поради сериозните оштетувања на болницата нивните ресурси се ограничени, а мораат и да ја делат истата просторија, што ги лишува пациентите од приватност при консултациите.

„Тоа, искрено, е понижувачки начин на обезбедување услуги, но се обидуваме колку што можеме да најдеме алтернативи,“ рече тој додавајќи дека секој ден имаат по повеќе од 100 пациенти.

Кај децата, стручњаците за ментално здравје од палестинското здружение „Црвена полумесечина“ пријавуваат чести случаи на ноќни кошмари, мокрење во кревет и други симптоми, вклучувајќи неможност за концентрација.

„Децата во Газа сега страдаат од недостиг на храна, вода, засолниште и облека“, рече Нивин Абделхади, специјалистка од организацијата, која организира активности за децата што вклучуваат игри и приказни.

Примирјето стапи на сила на 10 октомври, иако од тогаш имаше повеќе избувнувања на насилство. Тоа го прекина големиот вооружен конфликт што започна со нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, во кој, според израелските податоци, беа убиени околу 1.200 луѓе.


Ројтерс

ОБСЕ /ОДИХР: Кандидатите немаа еднакви услови за кампања

Локални избори, втор круг/ноември 2025
Локални избори, втор круг/ноември 2025

Вториот круг од изборите за градоначалници им понуди на гласачите избор меѓу политичките алтернативи и кампањата беше конкурентна во поголемиот дел од општините. Сепак, не сите кандидати имаа еднакви услови за кампања, беше посочено на прес-конференцијата на меѓународната набљудувачка мисија од ОБСЕ /ОДИХР за вториот круг од локалните избори во земјава.

Набљудувачите оценија дека како и во првиот круг, основните слободи на изразување како и слободата на здружување и собири биле почитувани и учесниците во изборите имале можност слободно да водат кампања. Но, според нив, тонот на кампањата бил повоздржан од првиот круг, со одделни случаи на лични напади од страна на кандидати и партиски лидери едни кон други.

„Вториот круг од изборите за градоначалници се одвиваше уредно и кампањата во целина остана конкурентна, но не сите имаа еднакви услови“, изјави денеска (3 ноември) Матео Мекачи, шеф на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР.

Меѓународните набљудувачи оценија и дека продолжила вклученоста на владини претставници во изборниот процес, како и, како што наведоа, постојаните притисоци врз избирачите, заедно со бројните обвинувања за купување гласови, што претставува загриженост.

Мекачи истакна дека го набљудуваат изборниот процес од почетокот на септември и посочи дека иако правната рамка обезбедува техничка основа за одржување демократски избори и понатаму постојат бројни недоследности и слабости, особено во однос на изборната администрација, пристапот до медиумите и системот за решавање изборни спорови.

За вториот круг на локалните избори, според податоците на ДИК, акредитирани беа 1622 набљудувачи од кои 957 домашни и 651 меѓународни и 14 странски новинари.

Според податоците од официјалната веб страна на ДИК, најмногу меѓународни набљудувачи на Локалните избори 2025 има акредитирано ОДИХР - Канцеларија за демократски институции и човекови права - 500.

Руски воздушни напади врз Покровск, погодена цивилната инфраструктура

Украински војници во близина на градот Покровск
Украински војници во близина на градот Покровск

Руските воздушни напади погодија цивилни цели во Украина, соопштија украинските власти на 3 ноември, при што неколку лица загинаа, а станбени згради беа сериозно оштетени. Москва истовремено соопшти дека извела масовни напади додека нејзините трупи продолжуваат да напредуваат кон клучниот град Покровск.

На источните и јужните приоди кон Покровск, руските сили во последните недели полека напредуваат, заземајќи патишта, постепено прекинувајќи линии на снабдување и вршејќи притисок врз украинската одбрана.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на ноќта на 3 ноември нападнало воени и индустриски објекти, вклучително и украински воен аеродром, база за поправка на воена опрема, воено-индустриски капацитети, како и гасна инфраструктура што ги поддржува.

Тврдењата не можат независно да се потврдат, додека украинскиот 7. корпус за брз одговор соопшти дека операциите за чистење на градот од руските трупи продолжуваат, при што украинските сили спречиле обид за пресекување на линијата на снабдување од Родинске кон север.

Покровск се наоѓа на раскрсница на два главни автопати — едниот што води западно кон Дњепропетровската област и градот Дњепро, и другиот што води североисточно кон градот Костјантивка, кој претставуваше клучна точка на украинската одбрана на централните и јужните делови од фронтот долг 1.100 километри.

Во меѓувреме, гувернерот на украинската Доњецка област, Вадим Филашкин, изјави дека во текот на ноќта загинале три лица, додека локалните власти во североисточната област Суми соопштија дека едно лице загинало во посебен напад.

Олександр Прокудин, гувернерот на областа Херсон, рече дека руската војска во текот на ноќта напаѓала повеќе градови и населени места во таа област.

„Поради руската агресија, едно лице загина, а осум се повредени“, рече Прокудин.

Гувернерот на Дњепропетровската област, Владислав Хајваненко изјави дека руските ракети предизвикале пожар во деловна зграда и повредиле едно лице, додека гувернерот на регионот Харков, Олег Синехубов, рече дека 13 градови и населени места, вклучувајќи го и главниот град на областа Харков, биле цел на руски дронови и ракети во текот на ноќта. Пет лица се повредени.

Првиот заменик-началник на Ингулскиот округ во градот Миколаив, Антон Ужва, изјави за Радио Слободна Европа дека руски воздушен напад утрото погодил и оштетил локален хипермаркет за градежен материјал.

„Оштетени се и пет повеќекатници, најчесто се скршени прозорците. За среќа, никој не е сериозно повреден“, рече Ужва.

Новинарите на Радио Слободна Европа известија од лице место дека зградата на хипермаркетот е сериозно оштетена, вклучувајќи го покривот и неколку уништени ѕидови.

Локалната жителка Наталија изјави за Радио Слободна Европа дека тоа подрачје редовно е изложено на руски воздушни напади.

Официјалните претставници на украинската противвоздушна одбрана соопштија дека руската војска во текот на ноќта користела 150 дронови и ракети во нападот.

ДКСК со повеќе изборни пријави, дел проследени и до Обвинителството

Локални избори, втор круг/02.11.2025
Локални избори, втор круг/02.11.2025

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) постапувала по повеќе пријави поврзани со изборниот процес. Од нив, дел се проследени до надлежни институции, а дел затворени поради утврдено непостоење на прекршувања – соопштија од Комисијата на денешната седница.

Една од пријавите се однесува на директорка на средно училиште, која во електронска комуникациска група споделила содржина креирана од политичка партија и изборен плакат, со молба за поддршка на кандидат преку споделување на објавата.

ДКСК утврдила дека надлежен орган за понатамошно постапување е Јавното обвинителство.

Во друг случај, пријавен е избор на професор за проректор на универзитет, за кој ДКСК утврдила дека не се прекршени законски одредби во изборниот процес, бидејќи избраното лице веќе имало работен однос во моментот на донесување на одлуката, што не се смета за започнување на нова постапка за вработување.

На денешната седница се реферираше и за пријава за одговорно лице на средно училиште, кое донело одлука за вработување, за која ДКСК утврдила дека е во рамките на дозволениот период, поради што не се утврдени прекршувања.

Во однос на пријава за наводна изјава на кандидат за градоначалник, кој ветувал парични средства во готово за ранливи категории и пензионери, ДКСК утврдила дека станува збор за изјава на кандидатот за дел од програма и промоција на активности кои би се реализирале во текот на мандатот, и не се работи за директно прекршување на изборниот процес.

-Се работи за изјава дадена пред медиуми за дел од програма на кандидат кој што е посветен на ранлива категорја на граѓани како и на пензионери. Се работи за проект којшто го промовира и мерка која подразбира дел од неговата програма и промоција на активностите кои што ќе бидат реализирани во текот на мандатот, посочија оттаму.

На денешната седница, Државната комисија за спречување на корупција претходно ги усвои Проценката на ризици од корупција за потребите на изработка на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026–2030 и Методологија за изготвување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026–2030.

Државната комисија за спречување на корупција денеска на 24. седница го разгледа и усвои Извештајот од антикорупциска проверка на одредби од Изборниот законик, Глава VI, како и Изборна кампања со поднаслов „Медиумско претставување“ од член 75 до член 76- д. ДКСК.

Извештајот, како што изјави потпретседателката Цвета Ристовска, ќе го достави до институциите со цел да се направи усогласување на одредени членови за да се прецизира дефинирањето на учесник во изборна кампања, како и рамноправен пристап до платено политичко рекламирање за сите учесници.

Ристовска посочи дека ДКСК утврдила три регулаторни ризици со сегашното дефинирање на процесот на платено политичко рекламирање во Изборниот законик, поради двосмислена терминологија, која може да се толкува различно.

Обвинетиот за инцидентот во возот во Англија, обвинет за уште еден напад со нож во Лондон

Станицата Хадингтон во Лондон, по нападот со нож врз патници во еден од возовите
Станицата Хадингтон во Лондон, по нападот со нож врз патници во еден од возовите

Човекот за кој се тврди дека извршил серија напади со нож во брз воз во Англија е обвинет и за напад со нож на станица во Лондон претходно истиот ден, соопшти полицијата во понеделник, 3 ноември.

Триесет и двегодишниот осомничен треба да се појави пред Прекршочниот суд во Питерборо. Тој е обвинет за 10 обвиненија за обид за убиство, едно обвинение за телесна повреда и едно обвинение за поседување остри предмети по нападите во возот на линијата од Донкастер до Лондон во саботата на 1 ноември, соопшти Британската транспортна полиција.

Тој е обвинет и за уште едно обвинение за обид за убиство и поседување на остри предмети во врска со инцидент во воз на станицата Понтон Док DLR во источен Лондон во раните утрински часови истиот ден, каде што една жртва претрпела повреди на лицето откако била нападната со нож.

Член на персоналот на компанијата LNER е во критична, но стабилна состојба по нападите со нож на линијата Донкастер до Лондон, додека уште четири лица остануваат хоспитализирани.

Британската транспортна полиција прогласи голем инцидент кога возот застана во Хантингдон, Кембриџшир, откако патниците ги активираа алармите за итни случаи и двајца мажи беа уапсени осум минути откако полицијата беше повикана во 19:42 часот.

Еден од мажите подоцна беше ослободен без понатамошни мерки откако полицајците утврдија дека не бил вмешан. Се смета дека нападот започнал кратко откако возот ја напуштил станицата Питерборо.

Полицијата ги истражува сите околности, вклучително и дали менталното здравје било фактор за инцидентот, но не се верува дека станува збор за терористички акт.

Министерката за транспорт Хајди Александар рече дека осомничениот не им бил познат на полицијата за борба против тероризмот или на разузнавачката агенција MI5, но не сакаше да каже дали имал контакт со службите за ментално здравје.

Заменик-шефот на полицијата Стјуарт Канди, од BTP, изјави дека кривичната истрага и поддршката за жртвите се приоритет за Британската транспортна полиција.

„Нашата истрага, исто така, разгледува и други можни поврзани кривични дела.“

Главниот обвинител Трејси Истон изјави дека тим обвинители работел на утврдување дека има доволно докази за да се изнесе случајот на суд и дека е во јавен интерес да се покрене кривична постапка.

„Тесно соработувавме со Британската транспортна полиција за да разгледаме огромен број докази, вклучително и видео надзорот. Бројот на обвиненија ќе биде под надзор додека ова продолжува да напредува. „Знаеме какво разорно влијание имаа настаните во возот во саботата и како инцидентот ја шокираше целата земја. Нашите мисли се со сите засегнати“, изјави главниот обвинител.

Инаку десет лица од кои за деветмина беа повредени по нападот со нож во возот на линијата Донкастер-Лондон Кингс Крос на 1 ноември. Железничката компанија LNER соопшти дека станува збор за нивен воз. Наоружани полициски службеници влегле во возот и ги уапсиле двајцата осомничени во рок од осум минути по првите повици на патниците.

Мајката на загинат во Нови Сад го продолжи штрајкот со глад, полицијата приведе 37 лица

Дијана Хрка, мајка на еден од 16-те жртви на 1 ноември 2024 година во Нови Сад, штрајкува со глад, Белград, Србија, 3 ноември 2025 година.
Дијана Хрка, мајка на еден од 16-те жртви на 1 ноември 2024 година во Нови Сад, штрајкува со глад, Белград, Србија, 3 ноември 2025 година.

Пред зградата на српскиот парламент во Белград, ситуацијата е мирна на 3 ноември, по инцидентите на митингот претходната вечер, каде што полицијата приведе 37 лица.

На местото каде што Дијана Хрка, мајката на еден од 16-те луѓе кои загинаа при пад на настрешница во Нови Сад пред една година, штрајкува со глад пред парламентот, има неколку десетици граѓани кои ја поддржуваат.

Во знак на поддршка за Хрка, група средношколци го блокираа сообраќајот на аголот од улицата Таковска и булеварот Крал Александар и го развеаја транспарентот „Сметајте на нас“.

Претходниот ден, на протестот за поддршка на Хрка, имаше неколку инциденти во кои врз собраните граѓани беа фрлани петарди, топовски истрели и шишиња.

Од правец на шаторската населба лоцирана во паркот Пионирски и на улицата пред влезот во Народното собрание, каде што се собираат поддржувачи на владејачката Српска напредна партија (СНС), врз собраните на митингот за поддршка беа фрлани пиротехнички средства.

Вечерта, поголема група мажи од шаторската населба се упати кон луѓето собрани на протестот, па полицијата постави кордон меѓу двете групи и немаше директен контакт.

Министерството за внатрешни работи на Србија (МВР) објави дека полицијата довела 37 лица во службените простории кои, како што е наведено, учествувале во нарушување на јавниот ред и мир и предизвикување инциденти.

Вишото јавно обвинителство во Белград објави дека Владимир Штимац е уапсен под сомнение дека на протестот „повикал на насилна промена на уставниот поредок и ги поттикнал учесниците на ненајавениот собир да ги нападнат учесниците на вториот најавен собир одржан во паркот Пионирски, потоа врз полицајците, како и на насилно соборување на носителите на највисоките државни функции“.

Владимир Штимац е поранешен кошаркар на Црвена звезда Белград и член на националниот тим.

Обвинителството објави дека Штимац ги нарекол полицајците на протестот „криминалци кои дури немаат ни идентификациски броеви“.

Се додава дека Штимац е приведен на 48 часа.

Српскиот претседател Александар Вучиќ ги обвини граѓаните кои дојдоа да ја поддржат Дијана Хрка дека се обиделе да го нападнат „симболот на слободата - паркот Пионирски“, објави агенцијата Бета.

Во заедничко соопштение, Министерството за внатрешни работи на Србија и Безбедносната и информативна агенција (БИА) „остро ги осудија инцидентите во центарот на Белград“.

Во неделата, во близина на зградата на српскиот Парламент, на улицата до бетонската ограда што ја обезбедува шаторската населба на поддржувачите на СНС, голем број граѓани се собраа да ја поддржат Дијана Хрка.

Протести во поддршка на Дијана Хрка беа организирани и во Нови Сад, Чачак, Суботица, Бачка Топола, Лесковац.

Дијана Хрка претходно објави дека штрајкува со глад во шатор во близина на зградата на српскиот Парламент. Таа изјави дека лидерите на владејачката Српска напредна партија (СНС) ѝ ветиле дека одговорните за падот на настрешницата ќе бидат во затвор, но тоа не се случило една година по несреќата.

Таа го најави својот штрајк со глад на комеморативниот собир во Нови Сад на 1 ноември, кога десетици илјади луѓе им оддадоа почит на жртвите од трагедијата на железничката станица во Нови Сад.

Архивата на јавни собири објави дека 110.000 луѓе присуствувале на собирот во Нови Сад во саботата. Според Министерството за внатрешни работи на собирот имало 39.000 граѓани.

Извештај на Европската комисија: Северна Македонија сѐ уште не ги усвоила уставните измени

Урсула Фон дер Лајен, претседателка на Европската Комисија
Урсула Фон дер Лајен, претседателка на Европската Комисија

Северна Македонија сè уште не ги усвоила потребните уставни измени со цел вклучување на Бугарите во Уставот, наведени во Заклучоците на Советот од јули 2022 година, кои земјата се обврза да ги започне и постигне, се наведува во редовниот годишен извештај на Европската комисија за напредокот на земјите кандидати за членство во Европската унија (ЕУ).

„Властите продолжија да работат на патоказите за владеење на правото, реформата на јавната администрација и функционирањето на демократските институции, како и на акцискиот план за заштита на малцинствата. Северна Македонија треба да ги интензивира напорите за почитување на владеењето на правото, особено преку заштита на независноста и интегритетот на судството и засилување на борбата против корупцијата“, се наведува во нацрт-извештајот на ЕК во кој имаше увид Радио Слободна Европа (РСЕ).

Според извештајот на Европската комисија, Црна Гора е најнапредна во процесот на пристапување кон ЕУ бидејќи ги отвори сите 33 поглавја од преговорите. Таа земја ги започна преговорите за членство со ЕУ пред 13 години и досега затвори седум поглавја од преговорите.

„Континуираната политичка посветеност на црногорските власти кон стратешката цел за европска интеграција даде опипливи резултати во постигнувањето на потребните реформи и напредокот на земјата на патот кон пристапување кон ЕУ“, се вели во извештајот.

Дијалогот за нормализација на односите, кој е исто така дел од пристапните преговори за двете земји, е сè уште клучен за Србија и Косово, според извештајот што ги опфаќа земјите од Западен Балкан.

Србија сè уште заостанува кога станува збор за почитување на надворешната и безбедносната политика на ЕУ, бидејќи не воведе санкции кон Русија поради нејзината инвазија на Украина. Извештајот, исто така, посочи на зголемената поларизација во таа земја поради бранот масовни протести што траат веќе една година.

Босна и Херцеговина (БиХ), како што е оценето, заостанува во реформите поради „политичките тензии“, како и проблемите со усвојувањето на неуставни закони во ентитетот на БиХ Република Српска.

„Ентитетот Република Српска усвои закони што го поткопуваат уставниот и правниот поредок и функционалноста на државните институции. Овие закони беа укинати од Уставниот суд. По кривичната пресуда потврдена во жалбата, претседателот на ентитетот Република Српска беше отстранет од функцијата, а предвремените избори беа закажани за 23 ноември“, се вели во извештајот.

Во Србија и Босна и Херцеговина, како што е наведено, постојат различни ризици од „заробување на државата“ во контекст на борбата против корупцијата.

„Корупцијата продолжува да претставува значаен предизвик што земјите во процесот на проширување мора да го решат како приоритет“, се наведува во извештајот.

Србија отвори 22 од 35 преговарачки поглавја, од кои две се привремено затворени. Европската комисија оцени дека властите во Србија „продолжиле да го прогласуваат членството во ЕУ за своја стратешка цел, но вистинското темпо на спроведување на реформите значително се забавило“.

ЕУ посочува дека „Србија треба да спроведе кредибилни реформи во сите области“, особено во областа на хармонизација со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.

Во однос на Косово се посочува дека напредокот е попречен од поделената домашна политика и политичкиот застој по парламентарните избори на 9 февруари, и покрај тоа што Косово е посветено на својот европски пат, со високо ниво на јавна поддршка.

Во документот се споменува дека Косово доброволно ја усогласило својата надворешна политика со онаа на Европската Унија, што сигнализира јасна посветеност на вредностите на ЕУ.

Меѓу другото, во нацрт-извештајот се споменува дека Европската комисија ги презела првите чекори кон постепено укинување на казнените мерки.

Косово, за разлика од другите земји од Западен Балкан, нема статус на земја-кандидат, иако аплицираше за членство во декември 2022 година.

Во извештајот се наведува и општа оценка за сите земји-кандидатки, а таа е дека „процесот на проширување сега оди побрзо отколку во последните 15 години“.

Европската Унија им понуди шест милијарди евра на земјите од регионот во 2024 година како дел од таканаречениот План за раст, со цел да се забрза нивниот развој и интеграција.

Ердоган вели дека Хамас ќе се држи до примирјето во Газа

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Хамас е „решен“ да се држи до примирјето во Газа, изјави во понеделник (3 ноември) турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, додавајќи дека е клучно муслиманските нации да играат водечка улога во реконструкцијата на палестинската територија. Хамас е прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ.

„Се чини дека Хамас е решен да се држи до договорот“, им рече Ердоган на делегатите од Организацијата на исламски држави (ОИК) собрани во Истанбул на нивниот годишен самит за економска соработка на COMCEC.

Неговите забелешки дојдоа во време кога Турција се подготвуваше да биде домаќин на министрите за надворешни работи на Саудиска Арабија, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Јордан, Пакистан и Индонезија на разговори за реконструкцијата на Газа, бидејќи расте стравот од несигурното примирје од 10 октомври.

Разговорите треба да започнат околу 11:00 часот во хотел во Истанбул, а прес-конференцијата е закажана неколку часа подоцна.

„Во овој момент, треба да доставиме повеќе хуманитарна помош за луѓето во Газа, а потоа да започнеме со напорите за реконструкција. Израелската влада прави сè што е во нејзина моќ за да го спречи ова“, рече Ердоган.

Осврнувајќи се на планот објавен во март за реконструкција на разурнатата палестинска територија, Ердоган рече дека планот за реконструкција подготвен од Арапската лига и Организацијата за исламска соработка треба веднаш да се спроведе.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG