Достапни линкови

Вести

Рафинеријата во Панчево е пред целосен прекин на работата

Српскиот претседател Александар Вучиќ
Српскиот претседател Александар Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека Србија има уште четири дена за целосно затворање на рафинеријата доколку Соединетите Држави не ја одобрат лиценцата за работа на Нафтената индустрија на Србија (НИС).

„Рафинеријата НИС работи во 'тивок режим', сè уште не е затворена“, рече Вучиќ.

На 18 ноември, НИС побара од САД посебна лиценца за работа додека траат преговорите меѓу акционерите и заинтересираните страни за промена на сопственичката структура.

Вучиќ рече дека се очекува Србија да ја добие таа лиценца, „но има уште работи што тие (САД) треба да ги слушнат, видат“ за да ја одобрат лиценцата.

Тој вели дека во случај на затворање на рафинеријата, потребни се 20 дена за нејзино рестартирање.

„Направивме сè што ни кажаа нашите руски пријатели и бевме доведени во многу тешка ситуација. Сè уште имаме денес и утре да ја добиеме лиценцата“, додаде тој.

Вучиќ рече дека во владата има гласови дека НИС треба да се национализира, но дека неговиот предлог, кој беше усвоен, е да се дадат уште 50 дена за да се најде нов купувач за НИС.

Тој рече дека затворањето на рафинеријата ќе „го загрози функционирањето на здравствениот систем, службите за итни случаи“, како и снабдувањето на трговските синџири и функционирањето на транспортниот систем.

Вучиќ, исто така, рече дека Народната банка на Србија добила предупредување, како и комерцијалните банки во Србија, за секундарни санкции поради соработката со НИС.

„Ги ставаме во опасност и комерцијалните банки и Народната банка. Јас лично добив усни гаранции од Американците дека нема да има такви санкции за банките“, рече тој.

Вучиќ претходно во ноември изјави дека руските сопственици преговараат за продажба на нивниот удел во Нафтената индустрија на Србија (НИС) со три партнери, но не кажа кои се тие.

Американските санкции врз НИС стапија во сила на 9 октомври во обид на американската администрација да ја спречи Русија да ги користи приходите од енергија за војната во Украина. Овие санкции претходно беа одложени осум пати.

Во 2008 година, Државата Србија продаде 51 процент од акциите на компанијата НИС на руската државна компанија Газпром Нефт за цена од 400 милиони евра, без тендер.

Во меѓувреме, сопственичката структура на НИС е променета неколку пати, но таа сè уште е претежно во рацете на руски компании, додека Србија има 29,87 проценти од акциите.

НИС е единствената компанија во Србија која се занимава со истражување, производство и преработка на нафта, како и со производство на природен гас.

Србија е единствената земја во Европа, заедно со Белорусија, која не се приклучи на санкциите на Европската Унија против Русија поради нејзината инвазија на соседна Украина.

ОН: Еден фемицид на секои 10 минути во светот

илустрација
илустрација

Според проценките на Обединетите Нации, минатата година на секои 10 минути една жена или девојче било убиено од партнер или член на семејството. Во најновиот извештај за фемициди (убиства на жена или девојче поради нејзиниот пол) се наведува дека лани околу 83 000 жени и девојчиња во светот биле намерно убиени.

Во околу 60% од тие случаи, сторителот бил член на семејството или партнер, соопштија телата на ОН при објавувањето на годишниот извештај на Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените.

Спротивно на тоа, 11% од машките убиства биле извршени од роднини или партнери.

Според податоците на ОН, фемицидите се особено чести во африканскиот регион, каде што е забележан најголем број фемициди во 2024 година, 22 600.

Во Азискиот регион имало 17 400 случаи, во Америка 7 700, Европа 2 100 и Океанија 300 случаи на фемицид. Африка имала највисока стапка на фемициди во кои жртвата и сторителот биле во интимна или семејна врска.

Таму биле регистрирани по 3 жртви на 100.000 жени или девојчиња. Во Европа, стапката беше најниска, 0,5.

Во 2023 година, околу 51 100 девојчиња и жени беа убиени од роднини или интимни партнери ширум светот од 85.000 жени и девојчиња кои починале како резултат на насилен криминал.

Русија го бомбардира Киев додека САД водат разговори за мировниот план

Најмалку шест лица се убиени, а 13 други повредени во руските воздушни напади врз Киев во текот на ноќта, објавија украинските медиуми рано во вторник, 25 ноемрври.

Главниот град бил нападнат со хиперсонични ракети, крстосувачки ракети и борбени дронови, според медиуми, вклучувајќи го и новинскиот портал „Киев Индепендент“.

Експлозии и прекини на електричната енергија се пријавени во неколку области на украинскиот главен град. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека станбени згради биле погодени и запалени. Една зграда била евакуирана, додаде тој.

Според „Киев Индепендент“, Министерството за енергетика на Украина го опиша нападот како „масовен комбиниран напад“ врз енергетската инфраструктура на земјата.

Воздухопловните сили на Украина издадоа национална тревога за воздушен напад откако руските воени авиони полетаа од бази во Русија.

Исцрпените Украинци веќе се соочуваа со тешка зима, бидејќи месеците руски напади врз нивната електрична мрежа и енергетска инфраструктура ги оптоваруваа работниците што брзаа да извршат поправки и да ја зајакнат одбраната.

На бојното поле, украинските сили се изморени, борејќи се да ги спречат руските сили да ги освојат клучните источни градови, вклучувајќи ги Покровск, Костјантинивка и Купјанск.

Минатата недела, Украинците и нивните европски сојузници беа изненадени од новиот мировен план на САД од 28 точки, чиј протечен нацрт содржеше неколку точки за кои Русија се залагаше од почетокот на тоталната инвазија во февруари 2022 година. Планот им беше презентиран на украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговите советници во Киев од страна на секретарот на американската армија, Ден Дрискол, кој беше во посета.

Потоа, украинските претставници заминаа за Женева во текот на викендот за да се сретнат со претставници на САД, вклучувајќи го и државниот секретар Марко Рубио, за да се обидат да изработат нацрт-договор што ќе бара помалку отстапки од Украина и нема да резултира со она што некои во Киев го сметаа за речиси капитулација.

Во заедничка изјава на 23 ноември, Белата куќа и канцеларијата на Зеленски изјавија дека разговорите во швајцарскиот град покажале „значаен напредок“ кон завршување на војната и довеле до „ажурирана и усовршена“ рамка што „целосно ќе го поддржи“ суверенитетот на Украина и ќе обезбеди праведен мир.

„Засега, по Женева, има помалку точки - повеќе не се 28 - и многу од вистинските елементи се земени предвид во оваа рамка“, рече Зеленски на социјалните медиуми на 24 ноември. Тој рече дека ќе „разговара за чувствителните прашања“ со Трамп.

На 25 ноември, повеќе украински претставници заминаа за Абу Даби на повеќе разговори со Дрискол и други американски претставници, објавија CBS News и „Фајненшл тајмс“ (Financial Times).

Новинските агенции, вклучувајќи ги „Фајненшл тајмс“, „Волстрит џурнал“, „Политико“ и „Си-Ен-Ен“, објавија дека Дрискол се состанал и со руски претставници во Абу Даби. Сите извештаи цитираа неименувани претставници.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 25 ноември изјави дека „нема што да каже“ за пријавените средби, но дека Русија верува дека предлогот на САД „би можел да стане многу добра основа за преговори“.

Украинската делегација ја напушта Женева додека продолжува работата на мировниот предлог од САД

Украина - Руски напади врз Харкив, 23 ноември 2025 година.
Украина - Руски напади врз Харкив, 23 ноември 2025 година.

Украинските преговарачи ја напуштија Женева по разговорите за предлозите за завршување на војната со Русија, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, додека се поставуваат прашања дали може да се постигне договор до рокот на американскиот претседател Доналд Трамп - Денот на благодарноста на 27 ноември.

„Очекувам целосен извештај вечерва за напредокот на разговорите во Женева и главните акценти на нашите партнери“, напиша Зеленски на мрежата „Икс“ на 24 ноември.

„Врз основа на овие извештаи, ќе ги утврдиме следните чекори и тајмингот. Ќе продолжиме да се координираме со Европа и со другите партнери низ целиот свет.“

Зеленски не кажа повеќе детали.

Двете страни изјавија дека разговорите во швајцарскиот град покажале „значаен напредок“ кон завршување на војната и довеле до „ажурирана и рафинирана“ рамка што „целосно ќе го поддржи“ суверенитетот на земјата разорена од војна и ќе обезбеди праведен мир.

Во соопштението од Вашингтон од 23 ноември не се прецизира какви промени се направени во мировниот план од 28 точки предложен од Трамп, кој поддржувачите на Киев го критикуваа како премногу пријателски кон Русија.

„Тие потврдија дека секој иден договор мора целосно да го почитува суверенитетот на Украина и да обезбеди одржлив и праведен мир. Како резултат на дискусиите, страните изготвија ажурирана и усовршена мировна рамка“, пишува во соопштението без натамошни детали.

Самиот Трамп не коментираше веднаш за суштината на разговорите, додека германскиот канцелар Фридрих Мерц се чини дека по консултациите со лидерите на Европската унија(ЕУ) посочи дека рокот од 27 ноември што го постави Трамп за прифаќање на планот од страна на Украина е малку веројатен.

„Тоа е макотрпен процес“, рече Мерц по дискусиите на маргините на самитот на ЕУ и Африканската унија во Луанда, главниот град на Ангола, додавајќи дека „во најдобар случај, ќе има мали чекори напред оваа недела“.

„Следниот чекор мора да биде: Русија мора да седне на масата... И ако ова е можно, тогаш секој напор ќе се исплати“.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 24 ноември изјави дека Москва уште не добила никакви информации од Вашингтон за разговорите.

„Сè уште не сме виделе никаков план. Го прочитавме соопштението објавено по дискусиите во Женева. Одредени измени се направени во текстот што го видовме претходно. Чекаме. Се чини дека дијалогот таму продолжува, некои контакти ќе продолжат. Уште еднаш, засега, не сме добиле ништо официјално“, рече Песков.

Заедно со европските сојузници на Украина, многу американски пратеници - вклучително и некои републиканци - го нападнаа оригиналниот предлог, а некои го нарекоа „список на желби“ на Кремљ.

Во соопштението на Белата куќа се вели дека „украинската делегација потврди дека сите нивни главни загрижености - безбедносни гаранции, долгорочен економски развој, заштита на инфраструктурата, слобода на навигација и политички суверенитет - биле темелно разгледани за време на состанокот“.

Повеќе западни новински агенции, цитирајќи неименувани извори, велат дека американски и украински претставници разговараат за потенцијална посета на Зеленски на Вашингтон - уште оваа недела - за да разговараат со Трамп.

Ројтерс цитираше извор кој вели дека разговорите ќе се фокусираат на најчувствителните прашања во мировниот план од 28 точки што го предложи Трамп - како што е можноста за територијални отстапки на Украина кон Русија.

И покрај отпорот од американски пратеници и од странски сојузници, Трамп ја остави отворена можноста за измени во планот.

Германската новинска агенција ДПА јави дека алтернативниот европски план нема да бара од Украина да отстапи територија што сè уште ја контролира и ќе постави повисок лимит за големината на нејзините вооружени сили - на 800.000 војници, наместо ограничувањето од 600.000 во американскиот предлог. Украина, исто така, ќе добие силни безбедносни гаранции.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека ќе има телефонски разговор со рускиот колега Владимир Путин на 24 ноември за да разговара за мировните напори во Украина.

За време на разговорите во Женева, нападите продолжија. Украинските власти изјавија дека Русија започнала „масовен“ напад со беспилотни летала врз Харков на 23 ноември, при што загинаа најмалку четири лица, а 17 други беа повредени во станбена зона.

Русија речиси секоја ноќ лансираше ракети и беспилотни летала врз украински станбени, комерцијални и инфраструктурни објекти.

Кремљ негира дека таргетира цивилни области и покрај нападите врз такви области.

Руските напади врз енергетската инфраструктура оставија милиони луѓе без греење или електрична енергија секој ден, со часови.

Украина одговори со испраќање беспилотни летала против енергетски и други објекти во Русија за кои Киев вели дека се користат за извршување напади врз украински градови.

Русија, исто така, се соочува со прекини на електричната енергија, а нејзината економија е сериозно оштетена поради воените трошоци и западните санкции.

ЕУ ги поздрави напорите за мир во Украина, но бара вклучување во носењето одлуки

Претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта
Претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта

Мирот во Украина не може да биде привремено примирје, туку тој мора да биде трајно решение, изјави денеска во Луанда претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта по неформалниот состанок на лидерите на ЕУ посветен на најновите случувања околу напорите за постигнување мир во Украина.

„Постои нов моментум во мировните преговори. Вчерашниот состанок во Женева меѓу САД, Украина, институциите на ЕУ и европските претставници претставува значителен напредок. САД и Украина нè информираа дека дискусиите биле конструктивни и дека е постигнат напредок по неколку прашања. Го поздравуваме овој чекор напред. Некои прашања остануваат да се решат, но насоката е позитивна“, рече Кошта, придружуван од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Тој додаде дека лидерите ги поздравуваат напорите на претседателите на САД и на Украина, Доналд Трамп и Володимир Зеленски и нивните тимови за постигнување договор, но и дека заклучиле оти во носењето одлуки за прашањата што директно ја засегаат ЕУ, како што се санкциите, проширувањето или замрзнатите руски средства, потребно е целосно вклучување и на Унијата.

„Подготвени сме да продолжиме да го поддржуваме овој процес, со тесна соработка во рамките на Европската Унија и во тесна координација со Украина, САД и НАТО. Она што е важно сега, е да продолжиме напред како партнери обединети околу нашата заедничка цел: да запре оваа војна, да престане убивањето луѓе и да запре воената агресија врз Украина и да обезбедиме праведен и траен мир за украинскиот народ“, рече претседателот на Европскиот совет.

Кошта додаде дека ЕУ е посветена да продолжи да ја обезбедува целата потребна дипломатска, воена и економска поддршка на Украина, а особено финансиската, на што европските лидери се обврзаа на Самитот во октомври.

Фон дер Лајен, од своја страна, нагласи дека благодарение на ефикасното и координирано европско ангажирање, како и силното присуство на ЕУ во Женева, постигнат е „добар напредок“ во преговорите за праведен и траен мир во Украина.

„Иако останува да се направат уште некои работи, сега постои солидна основа за движење напред. Додека го правиме тоа, мора да останеме обединети и да продолжиме да ги ставаме најважните интереси на Украина во центарот на нашите напори. Станува збор за безбедноста на целиот наш континент, сега и во иднина“, рече Фон дер Лајен.

Таа додаде и дека на денешниот состанок лидерите го потврдиле единството во поддршка на Украина. Додаде и дека Унијата ќе продолжи да се ангажира со партнерите од Коалицијата на подготвените, при што напорите ќе бидат насочени кон обезбедувањето на иднината на Украина.

Во меѓувреме, Белата куќа соопшти дека разговорите во Женева со Киев означиле „значаен напредок“ кон завршување на војната во Украина и доведоа до „ажурирана и усовршена“ рамка што „целосно ќе го поддржи“ суверенитетот на земјата разорена од војна и ќе обезбеди праведен мир.

Во соопштението од Вашингтон од 23 ноември не се прецизира какви промени се направени во мировниот план од 28 точки предложен од претседателот Доналд Трамп, кој поддржувачите на Киев го критикуваа како премногу пријателски кон Русија.

Советот на ЕУ го одобри буџетот на Унијата за 2026 година

илустрација
илустрација

Советот на ЕУ денеска (24 ноември) формално го усвои Предлог-буџетот на Европската Унија за 2026 година, којшто беше усогласен со Европскиот парламент на 15 ноември, јави МИА.

Во Буџетот вкупно 192,8 милијарди евра се предвидени за „обврски“, а 190,1 милијарди евра во „исплати“. „Обврските“ се трошоци за активности што се спроведуваат во текот на неколку финансиски години, а „исплатите“ опфаќаат расходи за проекти само за тековната година.

По усвојувањето на Буџетот, данскиот министер за финансии Николај Вамен, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ, изјави дека со ова е направен последниот чекор во обезбедувањето средства што ќе и овозможат на Унијата да продолжи да ги исполнува заедничките приоритети во текот на следната година.

„Со оглед на приоритетите, како што се одбраната, миграцијата, конкурентноста и подготвеноста, овој Буџет ни овозможува решително да одговориме на потребите на европските граѓани. Во исто време, вградивме флексибилност за да можеме да се справиме со кризите што се во тек“, рече Вамен.

Со Буџетот, за реагирање во непредвидени околности се обезбедни 715,7 милиони евра.

Сега останува Буџетот да биде и формално одобрен од страна на Европскиот парламент, што се очекува да се случи в среда (26 ноември).

Се предвидува Буџетот на ЕУ за следната година да ја зголеми конкурентноста, да ја зајакне одбранбената подготвеност на Европа, да обезбеди поддршка за хуманитарна помош, да се справи со миграциските притисоци, како и да овозможи брза и ефикасна реакција на непредвидени потреби и кризи.

Вкупните средства за „обврски“ се на ниво од еден отсто од БДП на ЕУ, а „исплатите“ на 0,99 проценти од европскиот БДП.

Со усогласениот Буџет за следната година, во однос на првичниот предлог на Еврокомисијата, зголемени се средствата се програмата за научни истражувања „Хоризонт Европа“, за транспортните и енергетските мрежи, за цивилната заштита и за земјоделство.

Инаку, ова е шести годишен Буџет во рамките на Повеќегодишната финансиска рамка за периодот 2021-2027 година.

Царините во фокус на разговорите меѓу американскиот и европските министри за трговија

илустрација
илустрација

Трговските преговори меѓу Европската Унија (ЕУ) и САД напредуваат, но сè уште има работа што треба да се направи во врска со аспекти како што се царините за челик, изјави на 24 ноември шефот на ЕУ за трговија, Марош Шефчовиќ.

Министрите за трговија на ЕУ во Брисел ќе разговараат за спорните трговски односи со своите американски колеги, министерот за трговија Хауард Лутник и трговскиот претставник Џејмисон Грир.

Разговорите со американските колеги ќе вклучуваат критични материјали и суровини, изјави Шефчовиќ за новинарите.

Како што објави ДПА, во центарот на разговорите е спроведувањето на договорот за царини меѓу САД и ЕУ постигнат во јули, како и глобални прашања како што се прекумерниот капацитет и протекционизмот.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на САД, Доналд Трамп, се согласија ова лето дека основна царина од 15 проценти ќе се применува за поголемиот дел од увозот на ЕУ во САД.

Европската Унија (ЕУ) и САД објавија заедничка изјава на 20 август во која се наведува дека сеопфатната царинска стапка на САД ќе биде максимум 15 проценти за огромното мнозинство од извозот на ЕУ, вклучувајќи ги и стратешките сектори како што се автомобили, фармацевтски производи, полупроводници и дрва.

Од 1 септември, за некои групи производи се применува посебен режим, т.е. само царински давачки утврдени според принципот на најповластена нација. Тие вклучуваат недостапни природни ресурси, авиони и делови за авиони, генерички фармацевтски производи и нивните состојки и хемиски прекурсори.

Вашингтон претходно се закани дека ќе воведе многу повисоки тарифи. За возврат, ЕУ направи неколку отстапки, вклучително и ветување за купување американска енергија во вредност од 750 милијарди долари и други големи инвестиции до крајот на мандатот на Трамп.

Сепак, некои детали од договорот и нивното спроведување сѐ уште се нејасни.

ЕУ е исто така загрижена за последиците од рестриктивните трговски политики на Вашингтон под администрацијата на Трамп.

Постојат загрижености дека американските царини за стоки од други региони би можеле да доведат до тоа глобални прекумерни капацитети да се продаваат по дампинг цени на ЕУ наместо на САД, со што ќе се изврши дополнителен притисок врз европските економии.

update

Рубио: Трамп е „задоволен“ од напредокот на разговорите во Женева за Украина

Американскиот државен секретар Марко Рубио и шефот на кабинетот на претседателот на Украина, Андриј Јермак,по затворените разговори за мировниот план во Женева, на 23 ноември 2025 година.
Американскиот државен секретар Марко Рубио и шефот на кабинетот на претседателот на Украина, Андриј Јермак,по затворените разговори за мировниот план во Женева, на 23 ноември 2025 година.

Белата куќа соопшти дека разговорите во Женева со Киев означиле „значаен напредок“ кон завршување на војната во Украина и доведоа до „ажурирана и усовршена“ рамка што „целосно ќе го поддржи“ суверенитетот на земјата разорена од војна и ќе обезбеди праведен мир.

Во соопштението од Вашингтон од 23 ноември не се прецизира какви промени се направени во мировниот план од 28 точки предложен од претседателот Доналд Трамп, кој поддржувачите на Киев го критикуваа како премногу пријателски кон Русија.

„Дискусиите беа конструктивни, фокусирани и почитувачки, нагласувајќи ја заедничката посветеност за постигнување праведен и траен мир“, соопшти Белата куќа во она што го нарече заедничка изјава со Украина.

„Разговорите покажаа значителен напредок кон усогласување на позициите и идентификување на јасни следни чекори. Тие потврдија дека секој иден договор мора целосно да го поддржи суверенитетот на Украина и да обезбеди одржлив и праведен мир. Како резултат на разговорите, страните развија ажурирана и подобрена мировна рамка“, дсоопшти Белата куќа, без да даде детали.

Во соопштението се додава дека двете страни се согласиле да „останат во близок контакт со своите европски партнери“, кои остануваат едни од најсилните поддржувачи на Украина.

Самиот Трамп не даде веднаш коментар.

Заедно со европските сојузници на Украина, многу американски пратеници - вклучувајќи и некои републиканци - го нападнаа оригиналниот предлог, а некои го нарекоа „список на желби“ на Кремљ.

Во соопштението на Белата куќа се наведува дека „украинската делегација потврди дека сите нивни главни загрижености - безбедносни гаранции, долгорочен економски развој, заштита на инфраструктурата, слобода на навигација и политички суверенитет - беа темелно дискутирани за време на состанокот“.

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека на разговорите за окончување на војната во Украина е постигнат „огромен напредок“, додавајќи дека претседателот Доналд Трамп бил „задоволен“ по брифингот за текот на дискусиите.

Рубио вторпат им се обрати на новинарите на 23 ноември, по средбата со украинската делегација во Женева, оценувајќи дека разговорите биле „најпродуктивни и најзначајни“ откако администрацијата на Трамп е на власт.

„Сè уште има работа, но денес сме многу подалеку од утрово, а уште повеќе од пред една недела“, рече тој, не откривајќи детали.

Додаде дека безбедносните гаранции за Украина „мора да се разгледаат“ и дека разговорите продолжуваат на 24 ноември.

Средбите во Женева се фокусирани на американскиот план за запирање на војната што трае од руската целосна инвазија во февруари 2022 година. Планот не е официјално објавен, но протечените елементи предизвикаа загриженост кај сојузниците на Киев, кои сметаат дека е наклонет кон Русија.

Трамп претходно рече дека планот не е конечен и може да претрпи измени, но неговите коментари на Truth Social од 23 ноември покажаа фрустрација со ставовите на Европа и Украина.

„Украинското ‘раководство’ не покажало никаква благодарност, а Европа сè уште купува руска нафта,“ напиша тој со големи букви во неговиот пост.

ЕУ-членките Унгарија и Словачка и натаму купуваат руска сурова нафта, а истото го прави и Турција, членка на НАТО.

Во очигледен одговор, украинскиот претседател Володимир Зеленски на социјалните мрежи му се заблагодари „лично на претседателот Трамп“ за помошта „која ги спасува животите на Украинците“.

Во следна објава Зеленски го опиша и темпото на дипломатијата во Женева: „Многу работи се менуваат – внимателно работиме на чекорите за да ја завршиме војната. И утре ќе биде подеднакво активно.“

Што содржи планот?

Според протечените информации, многу од одредбите бараат сериозни уступки од Киев и се поклопуваат со барањата на Москва – вклучително и предавање на Донецк, Луганск и Крим, како и ограничување на големината на украинската армија.

Киев би требало исто така да донесе уставна забрана за приклучување кон НАТО, додека на западниот воен сојуз би му биле поставени ограничувања за стационирање на своите сили. Финансиските санкции кон Москва исто така би биле олеснети според планот.

Во замена, Украина би добила некакви „гаранции за безбедност“, најмногу од САД, би ѝ било дозволено да се приклучи кон Европската унија и би добила одредени финансиски бенефиции. Русија исто така би била должна да се повлече од делови на Украина кои ги окупира во моментов.

Поради отпор од американските законодавци и странски сојузници, Трамп на 22 ноември остави отворена можноста за промени во планот.

На прашањето на новинарите дали неговиот предлог е „конечна понуда за Украина“, Трамп одговори: „Не.“

Европските сојузници на Украина, кои не учествувале во изработката на американскиот план, рекоа дека предлогот бара „дополнителна работа“.

Новинската агенција Ројтерс извести за детали од европските контра-предлози, кои вклучуваат поголема големина на украинските сили и американска гаранција за безбедност слична на членот 5 од НАТО – според кој напад врз една држава се смета за напад врз сите.

Рубио рече дека не видел никакви европски контра-предлози.

Со известување од украинскиот сервис на РСЕ/РЛ, новинските агенции Ројтерс, АФП и ДПА.

Република Српска: Каран победник според СНСД, СДС оспорува

Мирослав Додик
Мирослав Додик

Претседателот на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), Милорад Додик, изјави дека на предвремените избори за претседател на Република Српска победил кандидатот на оваа партија, Синиша Каран.

„Добил 9.984 гласови повеќе, врз основа на она што досега е пребројано. Имаше ниска излезност. Народот не ги сакаше овие избори. Опозицијата ги извлече сите свои луѓе, нашите не, и тоа е поради бунтот. Кога ќе ги собереме гласовите од мобилните тимови и оние кои гласаа во отсуство, за Синиша Каран ќе има околу 12.500 гласови повеќе“, изјави Додик на прес-конференција во 22 часот со прелиминарните податоци.

Говорејќи за повиците од претставниците на опозициската Српска демократска странка, Додик изјави дека „Република Српска сега ќе се занимава со своето репозиционирање и ќе бара да ѝ бидат вратени сите надлежности од Дејтонскиот мировен договор“.

Тој додаде дека Синиша Каран ќе работи на тоа како професор по уставно право, а тој како претседател на партијата.

„Сега добија два Додика“, рече претседателот на СНСД.

Синиша Каран им се заблагодари на „претседателот Додик и српскиот народ“.

„Мирот и стабилноста се наш приоритет. Нека достоинствено го прифатат поразот. Народот им го порача тоа, а на институциите на Република Српска им даде нова сила да се бориме против оние што се борат против неа,“ изјави Каран.

СДС бара повторување на изборите во три града

Јовица Радуловиќ, вршител на должност претседател на Српската демократска партија, изјави дека не ги прифаќа наводите на Сојузот на независни социјалдемократи за изборна победа.

„Бројките што тие ги изнесоа не се ниту приближно точни. Ние не ги признаваме резултатите што тие ги објавија. Станува збор за неколку стотици гласови, но во корист на (кандидатот на СДС) Бранко Радуше“, рече Радуловиќ.

Тој истакна дека треба да се почекаат резултатите од мобилните тимови и од непотврдените гласачки ливчиња и додаде дека „повеќе од 20.000 луѓе од дијаспората се регистрирани за гласање по пошта“.

„Ова е почеток на политичкиот крај на Милорад Додик и СНСД. Овие избори не завршуваат вечерва, туку дури кога ќе се повторат во Добој, Зворник и Лакташи“, рече Радуловиќ и додаде дека „постојат видео-снимки од обиди за изборна измама“, како и дека ќе бара повторно броење и гласање во овие градови.

Гласачите во автономната Република Српска во Босна и Херцеговина, на 23 ноември излегоа на предвремени избори за нов претседател, распишани откако поранешниот претседател Милорад Додик беше разрешен од функцијата и доби забрана за вршење на јавни функции во период од шест години.

Регистрирани се 1,26 милиони избирачи, а кандидати се Драган Ѓокановиќ, Бранко Блануша, Синиша Каран, Никола Лазаревиќ, Игор Гашевиќ и Славко Драгиќевиќ.

Вучиќ на средба со американски конгресмени за прашањето на Нафтната индустрија на Србија.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се сретна со конгресмените Мајкл Тарнер и Доналд Норкрос, Белград, 23. ноември 2025 година.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се сретна со конгресмените Мајкл Тарнер и Доналд Норкрос, Белград, 23. ноември 2025 година.

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, им соопштил на конгресмените од две американски сојузни држави, Охајо и Њу Џерси, дека за Србија „многу значајно прашање е функционирањето на Нафтната индустрија на Србија (НИС)“ и „изразил уверување дека ова прашање наскоро ќе биде решено“.

Вучиќ тоа го објави на 23 ноември на мрежата Инстаграм по средбата со конгресмените, републиканецот Мајкл Тарнер и демократот Доналд Норкрос во Белград .

„Во содржински и отворен разговор, изразивме подготвеност да ја зајакнеме соработката и врските помеѓу Србија и Соединетите Американски Држави (САД), како и да продолжиме дијалог по сите прашања од заеднички интерес“, напиша Вучиќ на Инстаграм.

САД ја ставија компанијата НИС, која е во мнозинско руско сопствеништво, на листата санкционирани компании во јануари, а примена на санкциите, по повеќемесечно одлагање, започна на 9 октомври.

Американската администрација бара излез на руското сопствеништво од НИС за да се укинат санкциите врз националната нафтена компанија на Србија.

Санкциите на САД се насочени, меѓу другото, кон спречување финансирање на војната во Украина преку средства кои доаѓаат од руските енергетски компании.

За сега, се наведува дека постојат три заинтересирани купувачи за НИС, на која САД ѝ воведоа санкции поради мнозинското руско сопствеништво.

Не е познато за кои компании станува збор, а ниту НИС ниту мнозинскиот сопственик, руската државна компанија Гаспром њефт, одговориле на прашањата на Радио Слободна Европа (РСЕ) за тоа со кого се преговара.

Србија повеќе од четвртина век зависи од руските енергенти, а соработката со таа држава ја продолжила и по руската инвазија на Украина во 2022 година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG