Вести
ЕУ и Зеленски се сомневаат дека Путин е подготвен да постигне мир

Европската Унија и украинскиот претседател Володимир Зеленски изразија сомнежи во врска со подготвеноста на рускиот претседател Владимир Путин да ја заврши повеќе од тригодишната војна во Украина, додека се наѕира можноста за самит во Будимпешта со американскиот претседател Доналд Трамп.
Зеленски рече дека е „подготвен“ да седне на мировни преговори во унгарскиот главен град, место кое е критикувано од Европската Унија со оглед на тоа што против Путин е издадена потерница од Меѓународниот кривичен суд.
Шефицата за надворешна политика на Европската Унија, Каја Калас, на 20 октомври изјави дека, иако мировните напори на Трамп се добредојдени, „не гледаме дека Русија навистина сака мир“.
„Русија разбира сила и преговара само кога навистина е ставена на преговори. Значи, во моментов, сè уште не го гледаме тоа“, рече таа и додаде:
„Во врска со Будимпешта, не, не е убаво да се види дека навистина лице за кое е издадена потерница од МКС доаѓа во европска земја“.
Украинскиот претседател рече дека верува оти Путин претпочита да ги одложи „вистинските мировни преговори“ и не сака да се сретне со него бидејќи тоа би барало согласност за конкретни позиции и потенцијални отстапки за да се стави крај на војната.
Потоа Зеленски повика на дополнителен притисок врз рускиот лидер, велејќи дека Путин „се плаши од санкции“ и секундарни санкции што би ја притиснале руската економија.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха во објава на X на 20 октомври објави:
„Путин нема намера да ја заврши оваа војна - тој само се обидува да купи време. Затоа ни треба притисок, притисок и само притисок. Единственото нешто што Путин го разбира“.
Кремљ, пак, ја обвини Украина дека испраќа контрадикторни сигнали што го отежнуваат наоѓањето пат кон мир, додека Москва се обидува да се вклучи во сериозна соработка со Вашингтон.
„Целосните подготовки за самитот сè уште не се започнати“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пред новинарите во Москва на 20 октомври.
„Секако, сите ги исполнуваат наредбите дадени од претседателите, но консултациите од голем обем, тимската работа за соодветните услови за самитот не се започнати. Ќе започнат наскоро“, додаде Песков.
Коментарите доаѓаат откако Трамп го пречека Зеленски во Вашингтон на 17 октомври за да разговараат за идните мировни преговори.
Зеленски пристигна на својот трет состанок во Белата куќа оваа година подготвен да разговара за потенцијален договор за оружје во кој Украина ќе ја снабди американската војска со технологии за беспилотни летала во замена за ракети Томахавк со долг дострел, но се чини дека Трамп се оддалечува од идејата да ѝ обезбеди оружје на Украина.
Наместо тоа, американскиот претседател ги повика Русија и Украина веднаш да престанат со борбите, велејќи дека е пролеана доволно крв, и најави дека планира да се сретне со Путин во Будимпешта во наредните недели. Не е одреден датум за самитот.
За време на интервјуто за телевизијата Ен-Би-Си (NBC), Зеленски ја повтори својата отвореност за вклучување во билатерални или трилатерални мировни преговори со САД и Русија на маса.
Тој, исто така, рече дека борбите на бојното поле треба да престанат по сегашната линија на контакт меѓу руските и украинските сили и дека треба да се воспостави прекин на огнот за да започнат мировните преговори.
Насилството во Газа го става на тест кревкото примирје, двете страни се обвинуваат

Нестабилниот прекин на огнот во Појасот Газа беше повторно тестиран во понеделник, 20 октомври со насилни конфронтации пријавени и од палестинската и од израелската страна.
Палестинската новинска агенција WAFA соопшти дека две лица биле убиени од израелски оган во населбата Туфа во источен град Газа, повикувајќи се на информации од локална клиника.
Израелската војска соопшти дека во два одделни случаи во блиската населба Шеџаја во понеделник наутро, Палестинците влегле во ограничена зона контролирана од израелските сили и им се приближиле на војниците.
Војската соопшти дека лицата ја преминале „жолтата линија“, која ја означува границата до која израелските трупи се повлекле според условите на примирјето, и се сметале за закана. Потоа војниците отвориле оган, опишувајќи ги мажите како „терористи“, се додава во соопштението.
Војската веднаш не соопшти дали има жртви и не е јасно дали инцидентите се поврзани со извештајот на WAFA за смртните случаи во Туфа.
Кревкото примирје меѓу Израел и Хамас го претрпе својот прв голем предизвик во во неделата, на 19 октомври. Според израелската војска, трупите во јужна Газа биле нападнати, вклучително и со ракетна граната, при што загинале двајца војници.
Израел одговори со најсилните воздушни напади откако започна примирјето на 10 октомври. Медицинските лица изјавиле дека 44 Палестинци биле убиени. Хамас(која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација)негираше вмешаност во нападот. Израелската армија подоцна соопшти дека ќе продолжи да се придржува до договорот за прекин на огнот, но ќе одговори на какви било прекршувања.
Кос: Советот на ЕУ во ноември би можел да донесе одлука за старт на преговорите со Украина и Молдавија

Европската комисија го заврши скрининг процесот со Украина и Молдавија и веќе во ноември Советот на ЕУ би можел да донесе одлука за почеток на преговорите со двете земји по шесте преговарачки кластери, изјави денеска (20 октомври) во Луксембург еврокомесарката за проширување Марта Кос при пристигнувањето на состанокот на Советот за надворешни работи на Унијата, пренесува МИА.
Според неа, двете земји го забрзаа спроведувањето на реформите, се справуваат со корупцијата, ги зајакнуваат институциите и ги почитуваат принципите на владеењето на правото.
„Уверена сум дека земјите членки нема да сакаат да видат како сето тоа запира, бидејќи ако застанеме сега, тоа е нешто што би и помогнало на Русија“, додаде Кос.
На прашање како Европската комисија планира да го надмине ветото од страна на Унгарија за старт на преговорите на ЕУ со Украина, Кос истакна дека се разгледуваат сите можности и дека ќе се продолжи во тој правец, потенцирајќи дека проширувањето е принцип базиран на заслуги и Киев, како што рече, испорачал резултати во таа насока.
„Унгарија не се спротивстави на давањето статус на кандидат за членство на Украина, па затоа и сега очекувам унгарска поддршка за го отвориме првиот кластер, а потоа и сите други. Ако Унгарија е загрижена за унгарското малцинството во Украина, можеме да се справиме со тоа во рамки на Кластерот 1“, изјави Кос.
Во врска со користењето на замрзнатите руски средства за поддршка на Украина, Кос истакна дека тоа е прашање за кое се дискутира и се разгледуваат правно заснованите можности за реализација на таа идеја за доброто на Европската Унија и на нејзините земји членки.
Еврокомесарката за проширување додаде дека освен за европските перспективи на Украина и Молдавија, на состанокот ќе стане збор и за „загрижувачките случувања во Грузија“.
Таа додаде дека противниците на грузиската Влада се затворани, а се новинарите и организациите на граѓанското општество, замолчани.
Таа додаде и дека со договорот меѓу Ерменија и Азербејџан првпат се добива можност да се воспостави мир во целиот кавкаски регион, што како што рече, отвора перспективи преку тоа подрачје Европа да гради нови инфраструктури на поврзување со Централна Азија, откако трговските патишта низ Русија што претходно ги поврзуваа беа затворени по руската агресија врз Украина.
Белград и Москва потпишаа меморандум за соработка

Во понеделник, градските власти на Белград и Москва потпишаа меморандум за соработка меѓу главните градови на Србија и Русија.
Документот беше потпишан на 20 октомври, како дел од настанот „Московски денови во Белград“.
Дури и по руската инвазија на Украина и западните санкции, Србија остана еден од ретките европски партнери на Кремљ, иако земјата е кандидат за членство во Европската Унија.
Меморандумот за соработка меѓу главните градови на Србија и Русија го потпишаа претседателот на Собранието на Белград, Никола Никодијевиќ и министерот на Владата на Москва и раководител на Одделот за надворешни економски и меѓународни односи Сергеј Черјомин.
Никодијевиќ изјави дека меморандумот треба да овозможи понатамошна соработка во областите на транспортот, културата, образованието и спортот.
„Многу ни е важно што толку голем град како Москва, еден од најголемите европски градови, сака да има тесна соработка со градот Белград“, рече тој на прес-конференцијата.
„Верувам дека меморандумот што го потпишавме денес ќе биде еден вид „билет“ за рускиот пазар за многу наши бизнисмени, но и дека Белград и Србија на овој начин ќе обезбедат нови инвестиции од Русија“, истакна Никодијевиќ.
Никодијевиќ оцени дека претходниот 10-годишен меморандум за соработка ги подобри односите меѓу главните градови.
„Во исто време, на овој начин им „отворивме врата“ на нашите бизнисмени кои имаа соработка со компании од Москва и од цела Русија“, додаде тој.
Функционерот на Москва, Сергеј Черјомин, се потсети на првиот настан „Московски денови во Белград“ во 2016 година.
Една година подоцна, „Деновите на Белград во Москва“ се одржаа во главниот град на Русија.
„Политичката ситуација во последните години не ни дозволи да продолжиме во истиот дух, но благодарение на напорите на градот Белград и поволната клима што преовладува, оваа година повторно ја обновуваме оваа традиција“, рече Черјомин.
Меморандумот за соработка на главните градови беше потпишан на 81-годишнината од ослободувањето на Белград од нацистичката окупација во Втората светска војна.
Градот беше заеднички ослободен од силите на Советската Црвена армија и Народноослободителната армија на Југославија.
Орбан: Успехот на самитот во Будимпешта е од егзистенцијален интерес за Унгарија

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска (20 октомври) изјави дека за Унгарија е од егзистенцијален интерес мировниот самит во Будимпешта меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин да биде успешен, бидејќи унгарската економија конечно ќе може да здивне и да се врати на растот од пред руско-украинската војна.
„Од моментот кога беше објавен мировниот самит во Будимпешта, единственото прашање што го поставуваат левичарски ориентираните аналитичари и политичари, обидувајќи се да најдат мана, е дека е убаво што Трамп и Путин ќе се сретнат во Будимпешта, но како тоа ќе направи лебот да биде поевтин“, напиша Орбан на Фејсбук.
Тој наведе дека во првите три години од руско-украинската војна, Унгарија загубила 9,1 милијарди форинти (23,3 милиони евра), односно повеќе од два милиони форинти по семејство.
„Ако успееме да ја завршиме војната, сето ова ќе престане. Унгарската економија конечно ќе може да здивне со олеснување и ќе можеме да се вратиме на растот од пред војната. Сите ќе заработуваат повеќе, па дури и лебот ќе биде поевтин. Затоа, од егзистенцијален интерес на Унгарија е мировниот самит во Будимпешта да биде успешен. Да направиме сè што можеме за тоа!“, напиша Орбан.
Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега, Владимир Путин, се согласија да се сретнат во Будимпешта по телефонскиот разговор одржан еден ден пред посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Вашингтон.
Трамп соопшти дека состанокот во Будимпешта е „за да видиме дали можеме да ја завршиме оваа „неславна војна меѓу Русија и Украина“.
Тој исто така рече дека американската делегација, која ќе преговара со руската страна пред неговите разговори со Путин, ќе ја предводи американскиот државен секретар Марко Рубио.
По кражбата во музејот, Лувр останува затворен и денеска

Музејот Лувр ќе остане затворен втор ден откако вчера крадци украдоа скапоцен накит од светски познатиот музеј во Париз.
„Музејот нема да се отвори денеска“, изјави претставник на музејот за агенцијата АФП.
Посетителите се известени дека музејот останува затворен поради „исклучителни околности“ и дека трошоците за сите посетители кои купиле билети за тој ден ќе бидат надоместени.
„Музејот е затворен цел ден“, им рече член на персоналот на посетителите.
Непосредно пред објавата, редици нетрпеливи посетители се пробиваа низ дворот на пирамидата на музејот и под сводовите на галеријата на главниот влез.
Керол Фукс, постара туристка од Соединетите Држави, стоеше во ред повеќе од еден час.
„Многу ми е жал за оној што беше на стража во таа просторија“, изјави таа за АФП откако крадците избегаа со скапоцени камења од галеријата Аполо во неделата на 19 октомври.
„Дали некогаш ќе бидат пронајдени? Се сомневам во тоа. Мислам дека одамна ги нема“, рече таа.
Францускиот претседател изјави дека се преземаат сите активности за фаќање на сторителите и враќање на експонатите, и дека целиот процес го води канцеларијата на парискиот обвинител.
Сторителите украле осум парчиња накит со речиси непроценлива вредност - брошеви, тијари и ѓердани со дијаманти и бисери од времето на Луј Четиринаесетти или француското кралство од 19. век. Историскиот накит бил изложен во две витрини во салата Аполо на првиот кат од јужното крило на Лувр. Сторителите до таму дошле преку балкон, до кој дошле со возило со подвижна платформа.
Претседателот Макрон истакна дека новиот проект за модернизација на Лувр, кој беше претставен во јануари, ќе овозможи зголемена безбедност и ќе гарантира зачувување и заштита на француската култура.
Двајца загинати откако товарен авион излетал од пистата во Хонг Конг

Товарен авион од Дубаи се лизна од пистата во морето при слетување на Меѓународниот аеродром во Хонг Конг рано наутро во понеделник, 20 октомври, соопшти аеродромот, а локалните медиуми објавија дека две лица загинале.
Фотографиите направени по несреќата, која се случила во 3:50 часот по локално време, го покажуваат товарниот авион Боинг 747 со ознака AirACT полупотопен во морето во близина на аеродромот.
Четири члена на екипажот на авионот се спасени, беше објавено од аеродромот во Хонг Конг.
Две лица кои биле во возило до пистата и за кои се верува дека биле погодени од авионот, починале, објави „Саут Чајна Морнинг Пост“, повикувајќи се на полициски извори.
Пистата е затворена по несреќата, се додава во соопштението.
Емирати објавија дека летот EK9788 имал несреќа при слетувањето во Хонг Конг во понеделник и дека станува збор за Боинг 747 на турската компанија ACT Airlines.
„Членовите на екипажот се спасени, а во авионот немало товар“, се наведува во соопштението од Емирати.
Управата за цивилно воздухопловство на Хонг Конг соопшти дека несреќата е пријавена кај органите за истрага на воздухопловни несреќи и дека ќе помогне во истрагата.
За 44 општини изборите завршија во првиот круг

Првиот круг од локалните избори заврши за 44 четири општини во кои кандидатите ги освоија потребното мнозинство за победа. Според првичните неофицијални резултати во најголем дел од нив победија кандидатите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Според обработени 99,94 отсто од гласовите на избирачите на 3472 од вкупно 3474 избирачки места, ВМРО-ДПМНЕ ќе има градоначалници во 32 општини избрани уште во првиот круг.
Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во првиот круг имаат градоначалници во: Берово, Битола, Босилово, Бутел, Василево, Вевчани, Велес, Гази Баба, Гевгелија, Ѓорче Петров, Градско, Делчево, Демир Хисар, Зелениково, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Кратово, Новаци, Ново Село, Охрид, Петровец, Пехчево, Прилеп, Радовиш, Ресен, Свети Николе, Сопиште, Струмица и Штип.
Специфична е ситуацијата во општината Старо Нагоричане бидејќи таму кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ е на границата со 50 отсто освоени гласови.
Обработените податоци покажуваат дека во првиот круг Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) победил во три општини Крива Паланка, Богданци и Кривогаштани, коалицијата ВЛЕН во пет- Арачиново, Желино, Сарај, Чаир и Теарце.
Коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ) предводена од ДУИ ќе има градоначалници во шетири општини-Гостивар, Липково, Пласница и општина Чашка.
Изборте се неуспешни во три општини – Центар Жупа, Врапчиште и Маврово Ростуше, бидејќи таму не излегоа најмалку една третина од бројот на запишаните избирачи иво Избирачкиот список.
Зеленски е „подготвен“ да се сретне со Трамп и Путин во Будимпешта на мировни преговори

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да седне на преговарачка маса во Будимпешта за да се постигне мир, нагласувајќи дека се сомнева во подготвеноста на рускиот претседател Владимир Путин да ја заврши војната во Украина, која започна пред повеќе од три години.
„Не сум сигурен дека Путин е сè уште подготвен да ја заврши оваа војна. Мислам дека можеби ќе сака да се врати со агресија“, рече Зеленски во интервју за Ен-Би-Си (NBC) емитувано на 19 октомври.
Зеленски верува дека Путин ги одложува вистинските мировни преговори и ја избегнува средбата затоа што тоа би подразбирало конкретни договори и можни отстапки за завршување на војната.
Тој, исто така, повика на дополнителен притисок врз рускиот лидер, велејќи дека Путин „се плаши од санкции“ и мерки што би можеле дополнително да ја притиснат руската економија.
Овие изјави следеа откако американскиот претседател Доналд Трамп го угости Зеленски во Вашингтон на 17 октомври на разговори за идните мировни преговори.
На овој, трет состанок во Белата куќа оваа година, Зеленски планира да разговара за можен договор според кој Украина би им понудила на САД технологија за беспилотни летала во замена за ракети со долг дострел Томахавк.
Сепак, Трамп изрази резерви во врска со идејата за испорака на ова оружје во Украина и ги повика Русија и Украина веднаш да престанат со борбите, велејќи дека „доволно крв е пролеана“.
Зеленски рече дека прашањето за „Томахавк“ е многу чувствително за Русите и дека Путин „се плаши дека САД би можеле да го испорачаат ова оружје во Украина“, бидејќи тоа би му дозволило на Киев да погоди стратешки воени цели и инфраструктура во Русија.
Трамп, исто така, објави дека планира да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во Будимпешта во наредните недели.
Во интервју за NBC, Зеленски ја повтори својата подготвеност да учествува во мировните преговори, со учество на САД и Русија.
Тој додаде дека прекинот на огнот би бил предуслов за почеток на преговорите.
„Ако сакаме да ја запреме оваа војна и да започнеме мировни преговори, мора да останеме таму каде што сме и да не му даваме на Путин ништо дополнително само затоа што тој го бара тоа“, рече тој.
Што е следно додека преговарачите го разгледуваат самитот во Будимпешта?
„Вашингтон пост“ на 18 октомври објави дека за време на телефонскиот разговор со Трамп на 16 октомври, Путин побарал Украина да се откаже од целосна контрола врз регионот Донецк - стратешки важен дел од источна Украина кој е делумно под руска окупација - како услов за завршување на војната.
Во коментарите доцна на 19 октомври, Трамп рече дека регионот треба „да остане поделен каков што е сега“, при што Русија контролира околу 78 проценти од територијата на Донецк.
„Тие треба да престанат таму каде што се. Нека двете страни прогласат победа - историјата ќе одлучи“, напиша Трамп на социјалните медиуми на 17 октомври.
Тој ги повтори тие коментари на 19 октомври, велејќи:
„Оставете како што е сега. Тие можат да преговараат подоцна“.
Според „Фајненшл тајмс“ од 19 октомври, повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата, Трамп му рекол на Зеленски за време на состанокот во Белата куќа да ги прифати условите на Русија за завршување на војната, вклучително и предавањето на регионот Донецк.
Сепак, во изјава за новинарите на 19 октомври, Трамп негираше дека разговарал за предавање на Донецк од Украина на Русија.
Трамп го предупредил Зеленски дека Путин му се заканил дека ќе ја „уништи“ Украина ако не ги прифати неговите услови.
На прашањето во интервју за Fox News дали Путин ќе прифати мировен договор без да земе големи делови од украинската територија, Трамп рече:
„Мислам, тие се бореа и ах, тој Путин има многу украинска територија. Мислам, знаете тој освои одредени територии“, рече Трамп во интервју кое беше емитувано на 19 октомври, но беше снимено пред неговата средба со Зеленски и телефонскиот разговор со Путин.
Се очекуваат територијални отстапки како дел од евентуалниот мировен договор за Украина, но не е сигурно што би можел да прифати Путин - или што би можел законски да понуди Киев. Уставот на Украина бара национален референдум за одобрување на каква било промена на територијата, а такво гласање не може да се одржи во рамките на вонредната состојба што е во сила од руската инвазија во 2022 година.
Зеленски отпатува во Вашингтон првенствено поради можноста Украина да добие ракети „Томахавк“, кои можат да погодат цели на растојание до 2500 километри.
Трамп со недели размислуваше за испраќање ракети „Томахавк“ во Киев, бидејќи стануваше сè пофрустриран од одбивањето на Путин да преговара за крај на војната, но по разговорите со рускиот претседател, се чини дека се откажал од можноста - барем засега.
Зеленски рече дека прашањето за ракетите „Томахавк“ е „многу чувствително за Русите“ и дека Путин „се плаши дека Соединетите Држави ќе испорачаат ракети на Украина“ затоа што тоа би му овозможило на Киев да таргетира стратешки воени локации и инфраструктура, што би можело да ги ослабне воените напори на Русија.
„Добро е што претседателот Трамп не рече „не“, но засега не рече ниту „да“, изјави Зеленски.
Пред евентуалниот самит во Будимпешта, американските и руските претставници наводно планираат повеќе средби на ниско ниво отколку што имаше во пресрет на средбата на Трамп и Путин во Алјаска во август.
Обвинителство и МВР: Изборен ден без инциденти

Обвинителството и Министерството за внатрешни работи вечерва, по затворањето на гласачките места соопштија дека изборниот ден поминал во мирна атмиосфера, без ниту еден инциеент, но со изолирани случаи на пријави за обиди за поткуп или фотографирање и уништуивање на гласачко ливче.
Бројот на информации кои упатуваат на сомненија за сторени кривични дела е мал во целата држава, соопшти Јавното обвинителство на Северна Македонија откако јавни обвинители во текот на целиот цел го следеа изборниот процес во рамки на локалните избори.
„Станува збор за изолирани настани, а обвинителствата даваат приоритет на нивно итно расчистување“, изјави обвинителот Џељаљ Бајрами, кој е претседател на привремената Комисија на Јавното обвинителство за следење на постапувањето по евентуални кривични дела поврзани со изборите.
Тој информираше за поединечни случаи по кои постапуваат обвинителствата низ градовите.
Во Велес се испитува наводен поткуп при избори и гласање од страна на две лица. Сличен предмет има и во Крива Паланка и во Крушево.
„ОЈО Скопје е известено од МВР за две задржани лица на гласачко место во Општина Чаир кои одбивале да се легитимираат, како и за 2 фотографирања на гласачко ливче во Гази Баба што во суштина е прекршок. ОЈО Охрид постапува за настан во Охрид, каде три лица во возило, по оперативни сознанија на МВР биле запрени и во возилото биле пронајдени банкноти од по 2.000 денари и наводни списоци на гласачи. По наредба на јавен обвинител се испитуваат сите околности на случаите“, рече Бајрами.
Во Штип и Кочани, исто така се постапува по индиции за потпкуп, но и за притисок врз гласачи.
„ОЈО Тетово и ОЈО Кичево, по објавени информации на медиуми оформија предмети по допрен глас и испитуваат евентуални прекршувања на изборниот молк во Кичево и во Желино. Исто така, ОЈО Кичево постапува и по информација за нерегуларности при гласањето на едно болно и изнемоштено лице во Македонски Брод“, посочи обвинителот.
Ова беа „едни од најмирните и најбезбедните избори во државата“, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по завршувањето на гласањето на локалните избори.
Тој информираше дека на 84 гласачки места имало задоцнување во стартот на гласањето од максимум 2 часа. Регистрирани се 28 прекини на гласањето од 15 до 30 минути, заради технички проблеми со уредите за идентификација, а најмногу биле во Тетово и Охрид.
Пријавени биле 91 настан , од кои најголем дел за агитирање и можен поткуп, а дел на фотографирање на гласачкото ливче, лепење плакати и упатени закани.
За 42 од пријавените случаи постапките се завршени, а во најголем дел наодите не се потврдени. Лишени од слобода се 11 лица, главно заради сомневања за поткуп, фотографирање или уништување на гласачко ливче, од кои четворица се ослободени, а седум се задржани за понатамошна постапка. Пријавени се и седум настани во кои наводно биле инволвирани полицајци, од кои само за еден се преземаат мерки за расчистување.
Секторот за компјутерски криминал регистрирал 19 објави на социјални мрежи коисе предмет на натамошна проверка.
Според првиот човек на МВР, Тошковски, сите податоци потврдуваат дека изборниот процес поминал во мирна и демократска атмосфера без ниту еден инцидент.
Денешните локални избори се осми по ред од осамостојувањето на државата. Во текот на ноќта се очекуваат и првичните резултати.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете