Достапни линкови

Вести

Зеленски вели дека е подготвен за мировни преговори, но не и за предавање на територии

Украинскиот претседател Володомир Зеленски
Украинскиот претседател Володомир Зеленски

Украина е подготвена за мировни преговори, но прво нема да ги повлече своите војници од дополнителна територија како што побара Москва, изјави претседателот Володимир Зеленски.

Во коментарите за новинарите објавени денеска(28 октомври), Зеленски рече дека е подготвен да одржи разговори каде било освен во Русија или на територијата на нејзиниот близок сојузник Белорусија.

Плановите за самитот овој месец во Будимпешта меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин се замрзнати откако Москва инсистираше на своите барања, вклучително и Украина да предаде дополнителна територија како предуслов за прекин на огнот, пишува Ројтерс.

Трамп го поддржа повикот на Украина за итен прекин на огнот врз основа на моменталните фронтовски линии.

„Апсолутно е јасно дека пристапуваме кон дипломатијата исклучиво од позицијата во која се наоѓаме сега. Нема да се повлечеме и да го напуштиме овој или оној дел од нашата земја. И важниот резултат е што американската страна конечно го направи тоа јавен сигнал: претседателот Трамп излезе со таква порака“, додаде тој.

Зеленски рече дека е подготвен да присуствува на преговорите дури и ако тие се одржат во Унгарија, и покрај резервите поради некои ставови на премиерот Виктор Орбан, за кого рече дека „блокира сè за Украина“.

„Ако има резултати, тогаш одлично. Нека преговорите се одржат каде било. Скоро и да не е важно, само што тие не се во Русија, се разбира, и дефинитивно не се во Белорусија“, рече Зеленски.

Тој, исто така, ги повика американските пратеници да гласаат за построги ограничувања за Русија откако Трамп воведе санкции врз двете најголеми руски нафтени компании.

На Украина ќе ѝ треба стабилно финансирање од своите европски сојузници уште две или три години, порача Зеленски.

ЕУ ги продолжи санкциите кон ИД и Ал Каеда за уште една година

илустрација
илустрација

Советот на ЕУ донесе одлука за продолжување на рестриктивните мерки на Европската Унија кон терористичките групи Исламска држава (ИД) и Ал Каеда за уште една година до 31 октомври 2026 година, јави МИА.

Со пакетот мерки, покрај кон ИД и Ал Каеда, санкции се воведени и кон поединци, групи, компании и други субјекти поврзани со нив. На оваа листа на санкционирани во моментов се наоѓаат 15 лица и седум субјекти.

На сите санкционирани им е замрзнат имотот во ЕУ, а во исто време на лица и субјектите од Унијата им е забрането да им ставаат на располагање средства, финансии или економски ресурси. Дополнително, на физичките лица опфатени со санкциите им се забранува влез во ЕУ.

Овие рестриктивни мерки на ЕУ се комплементарни на санкциите кон ИД и Ал Каеда воведени од страна на Советот за безбедност на ОН.

„ЕУ останува посветена на спротивставување на континуираната терористичка закана што ја претставуваат Ал-Каеда, ИД и нивните регионални подружници. Таа, исто така, останува посветена на преземање решителни мерки против оние кои продолжуваат да ги загрозуваат меѓународниот мир и безбедност со планирање, финансирање и извршување терористички напади и со ширење на нивната смртоносна терористичка пропаганда низ целиот свет“, соопшти Советот на ЕУ.

ЕУ го воспостави режимот на санкции кон ИД и Ал Каеда и лица, групи, компании и субјекти поврзани со нив во септември 2016 година. Од тогаш важноста на овие санкции се продолжува секоја година, со повремено проширување на листата на санкционирани или на бришење на некои од нив.

Мировните преговори меѓу Авганистан и Пакистан завршија без договор

Талибански припадник на безбедносните сили во близина на граничниот премин меѓу Авганистан и Пакистан, 20 октомври 2025 година.
Талибански припадник на безбедносните сили во близина на граничниот премин меѓу Авганистан и Пакистан, 20 октомври 2025 година.

Разговорите меѓу Авганистан и Пакистан во Истанбул, со цел постигнување долгорочно примирје, завршија без договор, изјавија во вторник (28 октомври) два извори запознаени со ситуацијата, што претставува удар врз мирот во регионот по смртоносните судири овој месец.

Целта на разговорите беше да се постигне траен мир меѓу двата јужноазиски соседа откако десетици луѓе беа убиени по должината на нивната граница во најлошото насилство откако Талибанците ја презедоа власта во Кабул во 2021 година.

Двете страни се согласија за прекин на огнот во Доха на 19 октомври, но не успеаја да најдат заедничка основа за време на втората рунда разговори посредувани од Турција и Катар во Истанбул, изјавија авганистански и пакистански извори, при што секоја страна ја обвинува другата за неуспехот, објави Ројтерс.

Пакистански безбедносен извор изјави дека Талибанците не се подготвени да се обврзат да ги совладаат пакистанските Талибанци, посебна милитантна група непријателски настроена кон Пакистан за која Исламабад тврди дека работи неказнето во Авганистан.

Авганистански извор запознаен со разговорите изјави дека тие завршиле по „тензични дискусии“ по ова прашање, додавајќи дека авганистанската страна тврдела дека нема контрола врз пакистанските Талибанци, кои во последните недели вршат напади врз пакистанските трупи.

Најновите судири започнаа по пакистанските воздушни напади претходно овој месец врз Кабул и други локации во Авганистан, насочени кон лидерите на пакистанските Талибанци.

Талибанците одговорија со напади врз позициите на пакистанската војска долж целата граница долга 2.600 км.

Прекинот на преговорите, кој го привлече вниманието на американскиот претседател Доналд Трамп, може дополнително да го затегне примирјето меѓу Авганистан под власт на Талибанците и нуклеарно вооружениот Пакистан, потсетува Ројтерс.

Пред три дена, пакистанскиот министер за одбрана изјави дека верува оти Авганистан сака мир, но дека неуспехот да се постигне договор во Истанбул би значело „отворена војна“.

И покрај прекинот на огнот меѓу Пакистан и Талибанците, во судирите за време на викендот загинаа пет пакистански војници и 25 пакистански талибански борци во близина на границата со Авганистан, соопшти војската.

Јапонија и САД потпишаа договор за ретки минерали

Американскиот претседател Доналд Трамп и јапонската премиерка Санае Такаичи на потпишувањето на договорот во Токио, 28 октомври 2025 година.
Американскиот претседател Доналд Трамп и јапонската премиерка Санае Такаичи на потпишувањето на договорот во Токио, 28 октомври 2025 година.

Американскиот претседател Доналд Трамп и јапонската премиерка Санае Такаичи потпишаа рамковен договор за обезбедување резерви на ретки минерали, објави Белата куќа.

Спогодбата беше потпишана за време на посетата на Трамп на Јапонија, дел од неговата турнеја низ Азија, насочена кон зајакнување на синџирите на снабдување со материјали критични за обновливата енергија, електрониката и автомобилската индустрија.

Според соопштението на Белата куќа, САД и Јапонија планираат заеднички да инвестираат и да користат економски инструменти за развој на диверзифициран и фер пазар за ретки минерали.

Трамп ќе се сретне и со кинескиот претседател Си Џинпинг за време на неговата посета на Азија.

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, изјави дека јапонската премиерка Такаичи ќе го номинира Трамп за Нобелова награда за мир по нивната средба во Токио.

„За толку кратко време, светот почна да ужива во повеќе мир“, изјави Такаичи за новинарите.

а време на средбата, Трамп и рече на Такаичи дека САД и Јапонија ќе имаат „фантастичен однос“.

„Отсекогаш сум имал големо почитување кон Јапонија и ова ќе биде однос посилен од кога било“, рече американскиот претседател.

Аналитичарите велат дека Такаичи, која беше блиска соработничка на Абе, се стреми да ги обнови односите со Вашингтон и да ја зајакне сопствената политичка позиција.

Двајцата лидери разговарале за завршување на војната во Украина и заедничките напори за обезбедување ретки минерали.

Унгарија на границата со Србија почна да го спроведува новиот систем за влез во ЕУ

Знак на еден од влезовите во Унгарија (илустративна фотографија)
Знак на еден од влезовите во Унгарија (илустративна фотографија)

Унгарија на граничниот премин Томпа-Келебија со Србија започна со имплементација на новиот систем за влез во Шенген зоната.

„Имплементацијата на новиот систем за влез/излез на Европската Унија (Систем за влез/излез - EES) на унгарско-српските гранични премини ќе започне наутро на 28 октомври на граничниот премин Томпа - Келебија“, објави Генералниот конзулат на Унгарија во Суботица, а пренесе Радио телевизија на Србија (РТС).

Системот EES ќе биде воведен на преминот Реске-Хоргош на 4 ноември, а до 11 ноември и на преостанатите унгарски премини.

Системот се однесува на земјите надвор од Шенген зоната. Станува збор за почеток на системот што дигитално ги евидентира податоците за влез и излез на граѓани на „трети земји“ и го заменува претходното рачно печатење на пасошите.

Нови правила за влез во ЕУ - заборавете на печатите во пасош
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:35 0:00

На граничните премини се поставени пунктови за регистрација, а полицајците ќе ги насочуваат возилата кон посебни сообраќајни ленти за оние кои треба да се регистрираат, објави унгарскиот конзулат.

На почетокот на овој систем, граѓаните на „трети земји“ што доаѓаат од правец на Србија кон Унгарија ќе треба само да се регистрираат во системот за прв пат, а потоа, преминувањето на границата ќе биде многу побрзо, објави конзулатот.

Системот EES почна да се применува на граничните премини во Хрватска, која неодамна влезе во Шенген зоната.

Скопје домаќин на 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој

илустрација
илустрација

Скопје од денеска (28 октомври) е домаќин на 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14) насловен „Од цели кон акција: Напојувајќи ја иднината со одржлива енергија“.

Форумот го организира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) во соработка со Канцеларијата на Програмата за развој на Обединетите нации УНДП и петте регионални комисии на ОН (UNECE, UNESCSP, UNECLAC, UNECA и ESCWS).

Целта на тридневниот форум е да се премине од глобални цели кон конкретни акции – со јасни чекори за диверзификација на изворите, забрзување на обновливите инвестиции и развој на регионална соработка за енергетска стабилност.

Најавени се над 600 учесници од 70 држави, владини и претставници на меѓународни организации, банки, академската заедница, приватниот сектор и на граѓански организации. Над 150 експерти ќе дебатираат на 35 панелски сесии.

На отворањето на форумот во Македонската филхармонија свои обраќања имаат премиерот Христијан Мицкоски, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, Татијана Молчан, извршна секретарка на Економската комисија на Обединетите нации за Европа (UNECE) и Армен Григоријан, постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Форумот IFESD-14 во Скопје ќе се надоврзе на резултатите од минатогодишното издание, што се одржа во Бангкок, а со цел да обезбеди платформа за конкретни акции и политики кои ќе ја забрзаат праведната и инклузивна енергетска транзиција.

Во рамки на форумот, ќе биде потпишана „Скопје декларација“ – документ кој ќе остане како значаен траен запис за заложбите на земјите учеснички кон одржлива, безбедна и инклузивна енергетска иднина.

Со ова, потенцираат од МЕРМС државава ја зацврстува својата позиција на енергетската светска мапа како рамноправен и кредибилен партнер во глобалната транзиција.

Комисијата на ОН ја обвини Русија за ново злосторство против човештвото во Украина

Последици од руското гранатирање во Херсон, 24 октомври 2025 година
Последици од руското гранатирање во Херсон, 24 октомври 2025 година

Руските сили користеле беспилотни летала за да ги протераат цивилите од нивните домови во близина на фронтовската линија во Украина, следејќи ги со камери и напаѓајќи ги додека барале засолниште, покажала истрагата на ОН објавена на 27 октомври.

Во извештајот, кој ќе биде презентиран пред Генералното собрание на ОН оваа недела, се наведува дека нападите „претставуваат злосторство против човештвото со присилно раселување на населението“.

Независната меѓународна комисија за истрага за Украина соопшти дека нападите со беспилотни летала биле извршени за да се протераат руските сили од нивните домови во три региони во јужна Украина, во близина на фронтовската линија и преку реката Днепар, повеќе од една година.

„Руските власти систематски координирале акции за протерување на украинските цивили од нивните места на живеење преку напади со беспилотни летала, како и депортации и трансфери“, се наведува во истрагата.

Извештајот ги базира своите наоди на интервјуа со 226 лица, вклучувајќи жртви, сведоци, хуманитарни работници и локални власти, и врз основа на стотици прегледани и потврдени онлајн видеа. Некои од преживеаните интервјуирани од истражителите на ОН рекле дека се чувствувале како „плен“.

Комисијата, формирана од Советот за човекови права на ООН кратко откако Москва ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година, во мај утврди дека руските напади со беспилотни летала насочени кон цивили по должината на 100-километарската лента на десниот брег на реката Днепар во регионот Херсон претставуваат убиство како злосторство против човештвото.

Најзиниот извештај го проширува опсегот на тие наоди на 300-километарска лента територија контролирана од Украина низ регионите Херсон, Дњепропетровск и Николаев како дел од координирана политика на цивилни протерувања.

„Повеќе од една година, руските вооружени сили насочуваат напади со беспилотни летала против широк спектар на цивилни цели“, се вели во извештајот, „вклучувајќи луѓе, куќи или згради, точки за дистрибуција на хуманитарна помош и критична енергетска инфраструктура“.

Дејствувајќи под централизирана команда, руските трупи „намерно ги таргетираат цивилите и цивилните објекти и предизвикуваат штета и уништување“, се вели во неа.

„Погодени се дури и службите за прва помош“, се вели во извештајот на комисијата, вклучувајќи ги и екипите за итни случаи и пожарникарите, понекогаш повеќе пати, и покрај јасните ознаки на возилата.

Комисијата претходно објави дека присилното преместување и депортација на украински деца од страна на Русија во области под нејзина контрола претставуваат воени злосторства и можни злосторства против човештвото.

Москва не ја признава комисијата и не одговара на нејзините барања за пристап, информации и состаноци. Русија, исто така, негираше дека намерно ги таргетирала цивилите во Украина, и покрај широките докази за спротивното, откако ја започна својата целосна инвазија во февруари 2022 година.

По санкциите, Лукоил најави продажба на имотот во странство

Од Западен Балкан, компанијата има бензински станици во Северна Македонија, Србија и Црна Гора.
Од Западен Балкан, компанијата има бензински станици во Северна Македонија, Србија и Црна Гора.

Руската нафтена компанија Лукоил во понеделникот, 27 октомври, соопшти дека има намера да го продаде својот имот во странство, откако САД воведоа санкции кон оваа и кон државната руска компанија Роснефт со цел да извршат притисок врз Русија поради нејзината војна во Украина.

„Поради воведувањето рестриктивни мерки од страна на некои земји против компанијата и нејзините подружници, компанијата ја објавува својата намера да го продаде својот меѓународен имот“, се вели во краткото соопштение на Лукоил.

Министерството за финансии на САД минатата недела објави дека воведува санкции кон Роснефт и Лукоил. Двете најголеми руски нафтени компании, чиј извоз значително придонесува во буџетот на Кремљ, претходно овој месец беа санкционирани и од Обединетото Кралство.

Руската компанија соопшти дека продажбата се спроведува врз основа на дозвола за затворање на бизнисот издадена од Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) при Министерството за финансии на САД.

„Почна разгледувањето на понудите од потенцијалните купувачи“, соопшти Лукоил без да даде дополнителни детали.

Санкциите на САД ги најави претседателот Доналд Трамп, кој се чини дека го губи трпението со Русија откако Москва го отфрли неговиот предлог за замрзнување на линии на фронтот.

Компанијата Лукоил е присутна со свои бензински станици во Северна Македонија и други земји од Западен Балкан – Србија и Црна Гора, но и во Бугарија и Романија каде има и рафинерии. Бензински станици Лукоил има и во Хрватска.

Заострувањето на санкциите врз рускиот нафтен сектор следеше по месеци напори на Трамп да ја заврши војната во Украина, што вклучуваше и средба со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска во август. Кратко пред да бидат воведени санкциите, Трамп го откажа вториот планиран самит со Путин.

Санкциите врз Лукоил и Роснефт стапуваат на сила на 21 ноември откако САД им дадоа рок од еден месец на компаниите што соработуваат со руските нафтени гиганти да ги прекинат врските или да се соочат со секундарни санкции, што би им го прекинало пристапот до американските банки и осигурителни компании.

Власта на Санчез слабее - ја губи поддршката од каталонската партија

Педро Санчез, премиер на Шпанија (фотоархива).
Педро Санчез, премиер на Шпанија (фотоархива).

Левичарската малцинска влада на премиерот Педро Санчез во Шпанија губи еден од своите сојузници во парламентот, што го става во опасност опстанокот на неговата администрација.

Партијата „Заедно“ на каталонскиот сепаратистички лидер Карлес Пуџдемон одлучи да се откаже од договорот за поддршка на Социјалистичката партија (PSOE) на Санчез, потврдија од партијата за агенцијата ДПА.

Управувачкиот одбор на партијата, кој број 50 члена, одлуката ја донел едногласно на состанок што се одржал во Перпињан во Франција, објавија неколку шпански медиуми вклучително и државната телевизија.

Одборот се состанал во Франција, а не во Шпанија, бидејќи сè уште се не се повлечени налозите за апсење на неколку партиски членови, вклучувајќи го и Пуџдемон.

Партиската база на каталонската партија треба да ја одобри оваа одлука за откажување на поддршката за владата на Санчез. Гласањето треба да се одржи во среда и четврток, но со оглед на едногласноста во управувачкиот одбор, извесно е дека одлуката ќе биде потврдена.

Без гласовите на седумте пратеници на „Заедно“ во парламентот во Мадрид, левичарската влада на Шпанија ќе нема мнозинство за да протурка закони, дури и ако има поддршка од други помали партии.

Според експертите, Санчез, кој е на власт од 2018 година, би можел да се соочи и со гласање за недоверба. Исто така е можно да бидат распишани и нови избори.

Како што пишува новинската агенција, постојат неколку причини за разидувањето на патиштата меѓу каталонската партија и премиерот Санчез. Една од нив е што, според ДПА, поради германско противење не успеале плановите за признавање на каталонскиот јазик како официјален во ЕУ, ветување кое наводно му го дал Санчез на Пуџдемон.

Друга причина е што не е спроведен до крај Законот за амнестија за каталонските сепаратисти. Иако откако минатата година тој стапи на сила, неколку протерани политичари можеа да се вратат во Шпанија без проблеми, шпанските судиите сè уште не ги повлекуваат налозите за апсење на Пуџдемон и неколку други политичари. Пуџдемон, кој е поранешен регионален претседател, живее во егзил од референдумот за независност на Каталонија што тој го иницираше во 2017 година.

По виртуелната министерка, Рама најави и дигитални асистенти за пратениците

Диела, првата министерка генерирана со вештачка интелигенција.
Диела, првата министерка генерирана со вештачка интелигенција.

Откако Албанија ја доби првата виртуелна министерка Диела, генерирана со вештачка интелигенција, албанскиот премиер Еди Рама најави дека и пратениците од неговата Социјалистичка партија ќе добијат дигитални асистенти.

Во необичната најава, Рама рече дека министерката Диела е „бремена“ и чека 83 деца – по едно за секој пратеник од владејачката партија.

„Децата со вештачка интелигенција“ или виртуелните помошници ќе ги следат парламентарните постапки, ќе може да снимаат дискусии во парламентот, ќе подготвуваат резимеа и ќе предлагаат одговори за пратениците кои не можеле да присуствуваат на некои седници…

Очекувањата се дека овој систем ќе биде целосно оперативен до крајот на 2026 година.

Албанскиот премиер ваквиот чекор во дигитализацијата го соопшти во обраќање на Берлинскиот форум за глобален дијалог (БГД).

„На пример, ако одите на кафе и заборавите да се вратите на работа, тие ќе ви пренесат што се зборувало додека сте биле отсутни и на кого треба да му возвратите и контактирате“, рече Рама.

Диела, што на албански значи „сонце“, официјално беше избрана за министерка во септември.

Изборот на Владата со 17 члена, тогаш предизвика тензии во парламентот поради противењето на опозициските пратеници. Тие го критикуваа назначувањето на виртуелната министерка како неуставно бидејќи ботот не е личност, нема албанско државјанство и може да доведе до поголема корупција.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG