Достапни линкови

Вести

Омбудсманот отвори телефонска линија за пријави за повреди на избирачко право

Локални избори во Северна Македонија (фотоархива).
Локални избори во Северна Македонија (фотоархива).

Канцеларијата на Народниот правобранител од 1 октомври отвори бесплатна телефонска линија на која граѓаните може да пријавуваат каква било повреда на нивните права односно изборни неправилности.

На телефонскиот број – 0800 54321, како што се наведува, граѓаните ќе може да пријавуваат и додека трае кампањата, која започна на 29 септември, и за време на деновите на гласање во првиот и вториот круг – 19 октомври и 2 ноември.

Од канцеларијата на Омбудсманот посочуваат дека по пријавите од граѓаните ќе се постапува веднаш. Поплаките што ќе пристигаат по завршување на работното време односно по 16 часот, ќе бидат снимени.

„Народниот правобранител во функција на заштита и остварување на избирачкото право на граѓаните ќе постапува во најкраток рок до надлежните органи и до другите институции, со барање да постапуваат брзо и ефикасно во процесот на изборите со цел да им обезбедат остварување на загарантираното право на граѓаните“, велат од Канцеларијата на Омбудсманот.

Пријави граѓаните може да поднесуваат телефонски и во подрачните канцеларии во Струмица, Кичево, Тетово, Битола, Штип и Куманово.

Локалните избори на 19 октомври и 2 ноември во Северна Македонија ќе бидат осми по ред од осамостојувањето на државата во 1991.

За 80 општини плус Градот Скопје, има вкупно 309 кандидати од партии и независни листи.

Србија испрашува 11 осомничени за свински глави и други дела од омраза во Франција

Џамијата Ислах во Монтреј, на периферијата на Париз, 9 септември. Истиот ден претходно, на влезот од зградата беа откриени свински глави
Џамијата Ислах во Монтреј, на периферијата на Париз, 9 септември. Истиот ден претходно, на влезот од зградата беа откриени свински глави

Властите во Србија соопштија дека испрашуваат 11 лица осомничени за вмешаност во серија акти на омраза против муслимански и еврејски места во Франција, што вклучуваше поставување свински глави пред џамии и премачкување синагоги со зелена боја.

Осомничените, сите српски државјани, беа уапсени оваа недела и се верува дека извршиле серија акти на омраза во периодот помеѓу април и септември оваа година.

Наводниот водач на групата, идентификуван со иницијалите М.Г., сè уште е на слобода.

Последниот инцидент се случи во Париз на почетокот на септември, кога свински глави беа оставени пред девет париски џамии. Неколку од нив го имаа испишано името на францускиот претседател Емануел Макрон.

Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез започна истрага и на 9 септември на платформата X напиша дека се вложуваат сите напори за „пронаоѓање на сторителите на овие гнасни акти“.

Париската полиција објави дека истрагата на крајот покажала дека свинските глави биле поставени од странски државјани кои патувале во автомобил со српски регистарски таблички.

Еден земјоделец од Нормандија им кажал на истражителите дека две лица во возило со регистарски таблички „кои изгледале како српски“ купиле 12 свински глави од него, а потоа веднаш си заминале, соопшти Канцеларијата на парискиот обвинител.

Камерите за надзор ги снимиле истите лица како пристигнуваат во Париз и покажале двајца мажи како поставуваат свински глави пред неколку џамии, соопшти полицијата.

Во април, голем број локации во Париз, меѓу кои се Музејот на холокаустот, три синагоги и еврејски ресторан, беа вандализирани со зелена боја.

Групата од 11 лица, идентификувани само со нивните иницијали, беше испрашувана во Вишото јавно обвинителство во српскиот град Смедерево, се наведува во соопштението на канцеларијата.

Тие беа уапсени под сомнение за здружување со „извршување кривични дела расна и друга дискриминација и шпионажа“, се додава во соопштението.

Обвинителите предложија деветмина од нив да бидат притворени до 30 дена, објави француската новинска агенција АФП.

Франција ја обвинува Русија

Француските власти претходно изјавија дека ја истражуваат улогата на Русија во дестабилизирачките операции за поттикнување на социјалните тензии и продлабочување на поделбите во земјата.

„Ле Монд“ на 27 септември објави дека француските истражители се сомневаат дека српски државјанин „наводно организирал две дестабилизирачки операции насочени кон религиозни и меморијални места во Париз и неговата околина“.

Истражителите се сомневаат дека „овие операции за странско мешање имале за цел да сеат раздор во француското општество“, објави дневниот весник „Ле Монд“. Сепак, француските истражни власти сè уште немаат конкретни докази за руска вмешаност, соопшти „Ле Монд“.

Француската обвинителка Лор Бекуо во септември изјави дека тактиките што се користеле во нападите врз џамиите личеле на други инциденти што ја потресоа Франција во последните две години, вклучително и цртањето на околу 60 ѕвезди на Давид на згради во Париз и околните населби.

„Затоа можеме да бидеме убедени дека овие инциденти се акти на мешање“, изјави таа за францускиот медиум БФМТВ.

Бекуо додаде дека сторителите биле државјани на Источна Европа кои често го фотографираат она што го прават и ги испраќаат сликите до луѓе надвор од Франција.

Србија, која се стреми кон членство во ЕУ, има блиски врски со Русија и е единствената европска земја што не вовела санкции против Москва.

Српските обвинители изјавија дека 11-те лица се осомничени и за вмешаност во акти на омраза во Германија, но не дадоа детални информации. Германските медиуми во декември објавија дека свинска глава била поставена пред џамија во Франкфурт.

Радио Слободна Европа досега не доби одговор на барањето за коментар од властите во Франција, Германија и Србија.

Фредериксен: „Хибридната војна“ на Русија е најголема закана од Втората светска војна

Данската премиерка Мете Фредериксен
Данската премиерка Мете Фредериксен

Данската премиерка Мете Фредериксен ги повика европските лидери да делуваат заеднички по серија нарушувања на воздушниот простор и прелети на дронови во повеќе европски земји.

Данската влада ги нарече повторените појави на дронови, кои сериозно го нарушија авио-сообраќајот во Данска, „хибриден напад“.

Претходно во септември, три руски борбени авиони влегоа во естонскиот воздушен простор, откако голем број руски дронови ја преминаа воздушната граница на Полска.

„Мислам дека се наоѓаме во најтешката и најопасна ситуација од крајот на Втората светска војна, повеќе не е само Студената војна,“ изјави Фредериксен при пристигнувањето на самитот на лидерите на ЕУ во Копенхаген.

Таа нагласи дека земјите од ЕУ мора да ги остават настрана своите национални гледишта кога се зборува за европската безбедност:

„Ако гледате на Русија и на (нејзината) хибридна војна од европска перспектива, наместо од сопствена национална, тогаш мислам дека секој мора да се согласи дека треба сите повторно да се вооружиме,“ истакна данската премиерка.

Фредериксен додаде дека војната во Украина не треба да се гледа како војна во една европска земја, „туку како руски обид да нè загрози сите нас.“

На прашање од новинар дали неодамнешните инциденти покажале дека европските земји се неподготвени, Фредериксен ја нагласи сложеноста на одвраќањето на повеќе паралелни напади.

„Тоа е целата идеја на хибридната војна – да се прават многу различни работи истовремено. Не мислам дека некогаш ќе дојдеме до ситуација кога нема да има дронови што ќе навлегуваат во Европа или нема да има саботажи“, рече Фредриксен.

Таа истакна дека хибридната војна значи постојано да ни се закануваат и да извршуваат различни видови злосторства и активности.

Генерален штрајк на работниците ја „парализира“ Грција

илустрација
илустрација

Големите грчки синдикати денеска (1 октомври)го доведоа јавниот превоз речиси до целосен застој во знак на протест против предложените измени во работното време, што во одредени случаи би дозволиле 13-часовен работен ден, како и за барање поголеми плати.

Синдикатите соопштија дека и јавниот и транспортниот сектор учествуваат во штрајкот. Особено беше погоден транспортот: траектите останаа во пристаништата, а возовите не сообраќаа.

Островите без аеродроми беа привремено отсечени од надворешниот свет поради штрајкот на морнарите. Според грчкото јавно радио, многу туристи заминале порано за да бидат сигурни дека ќе стигнат на своите летови навреме.

Возачите на такси исто така се приклучија на штрајкот, додека автобускиот превоз и персоналот на атинското и солунското метро ја прекинаа работата на неколку часа.

Новиот предлог-закон за работни односи им дозволува на вработените да работат до 13 часа дневно најмногу 37 дена во годината, доколку и работодавачот и работникот се согласат.

Синдикатите бараат воведување на 35-часовна работна недела, наместо сегашната од 40 часа. Вработените во јавниот сектор, исто така, бараат враќање на 13-та и 14-та месечна плата, кои беа укинати за време на финансиската криза што започна во 2010 година.

Грција и натаму е една од земјите во ЕУ со најниски плати. И покрај значителното економско заздравување, многу работници се жалат дека наглиот раст на трошоците за живот не е надоместен со соодветно зголемување на приходите.

Сепак, владејачката конзервативна партија на премиерот Киријакос Мицотакис продолжува да води во анкетите со предност од 10 до 15 процентни поени пред социјалдемократите.

Русија тврди дека напредува во украинскиот регион Днипропетровск

илустрација
илустрација

Руската армија тврди дека освоила уште едно село во источниот украински регион Днипропетровск, забрзувајќи го своето напредување во област што досега во голема мера беше поштедена од интензивната копнена офанзива на Москва.

Министерството за одбрана соопшти дека нивните трупи го зазеле селото Вербове, околу 13 километри внатре во регионот, кој Русија тврди дека првпат го преминала уште во јули.

Според мапа на бојното поле објавена од „DeepState“, проект управуван од украински воени аналитичари, руските сили напредувале околу 10 километри во последните 10 дена на тој дел од фронтот.

Таквите добивки се релативно брзи на оваа фаза од војната, која трае повеќе од три и пол години и во која двете страни не успеваат да постигнат забрзано напредување на силно утврдените фронтови.

Регионот Днипропетровск не е еден од петте украински региони – Донецк, Херсон, Луганск, Запорожје и Крим, кои Москва јавно ги прогласи за руска територија.

Застрашувачки „дневен“ напад со беспилотно летало го погоди Днепар, Украина Застрашувачки „дневен“ напад со беспилотно летало го погоди Днепар, Украина
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:37 0:00

Украинскиот претседател Володимир Зеленски неодамна предупреди дека неговиот руски колега Владимир Путин сè уште сака да ја освои цела Украина.

Руската армија моментално контролира околу една петина од украинската територија.

Но, немаше големи промени на фронтот во последно време, при што двете страни трпат тешки загуби.

Според анализа на агенцијата АФП врз основа на податоци од Институтот за проучување на војната, Москва освоила околу еден процент од територијата на Украина во изминатата година.

Израел ја засилува офанзивата во градот Газа додека Хамас го разгледува планот на Трамп

Израелски војници одат кон оклопно возило долж граничната ограда во Појасот Газа, во јужен Израел, на 30 септември 2025
Израелски војници одат кон оклопно возило долж граничната ограда во Појасот Газа, во јужен Израел, на 30 септември 2025

Ревизијата на планот на американскиот претседател Доналд Трамп за Газа од страна на Хамас продолжува, изјави извор близок до милитантната група, додека другите палестински фракции го отфрлија предлогот, а Израел повторно го бомбардираше градот Газа.

Трамп во вторник ѝ даде на Хамас (прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ) „три или четири дена“ да одговори на планот што го претстави оваа недела заедно со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој го поддржа предлогот за завршување на речиси двегодишната војна на Израел со палестинската милитантна група.

„Прифаќањето на планот е катастрофа, одбивањето исто така, постојат само горчливи избори тука, но, планот е план на Нетанјаху артикулиран од Трамп,“ изјави палестински официјален претставник запознаен со размислувањата на Хамас и другите фракции, за Ројтерс.

„Хамас е заинтересиран да ја заврши војната и да го прекине геноцидот и ќе одговори на начин кој им служи на повисоките интереси на палестинскиот народ,“ додаде тој, без да објасни подетално.

Во меѓувреме, израелската војска издаде нови наредби за луѓето да се повлечат кон југ и рече дека повеќе нема да им дозволува да се враќаат на север, додека градот Газа повторно беше подложен на тешко бомбардирање.

Израелските авиони и тенкови ги гранатираа станбените квартови во текот на ноќта, изјавија жителите на Газа. Локалните здравствени власти соопштија дека најмалку 17 лица низ цела Газа биле убиени од војската во средата, повеќето од нив во градот Газа.

Напад во стариот град на северозападот од Газа уби седум лица, додека шест лица што се засолнувале во училиште во друг дел од градот загинаа во одделен напад, соопштија здравствените власти.

Израелската војска соопшти дека почнувајќи од среда повеќе нема да им дозволува на луѓето да ја користат крајбрежната патека за движење од југ кон заедниците на север.

Таа патека ќе остане отворена само за оние што бегаат кон југ.

Во последниве недели малку луѓе се движеле од југ кон север, бидејќи војската ја засили опсадата на градот Газа. Но, денешната одлука ќе изврши притисок врз оние што сè уште не ја напуштиле Газа, а исто така ќе спречи стотици илјади жители кои побегнале на југ да се вратат во своите домови, веројатно продлабочувајќи ги стравувањата во Газа од трајно раселување.

Ова исто така ќе го запре преносот на стоки од страна на локални трговци од југ кон север, што може да ја влоши кризата со храна во градот.

Војската имаше преземено слични мерки во првите месеци од војната, целосно одделувајќи го северот од југот, пред подоцна да ги ублажи тие мерки во јануари за време на привременото примирје.

Стармер бара прецизно толкување на меѓународното право во врска со миграцијата

Премиерот на Велика Британија, Кир Стармер
Премиерот на Велика Британија, Кир Стармер

Премиерот на Велика Британија, Кир Стармер, изјави дека владата ќе го преиспита начинот на кој се толкува меѓународното право додека се справува со предизвикот на масовната миграција. Премиерот рече дека начинот на кој британските судови ги толкуваат меѓународните закони, како што е Европската конвенција за човекови права, треба да се преиспита.

„Треба повторно да го разгледаме толкувањето на некои од овие одредби, а не да ги укинаме“, изјави тој за Би-Би-Си.

Забелешките беа дадени по говорот на министерката за внатрешни работи Шабана Махмуд на конференцијата на Лабуристичката партија, за време на кој, таа ги детализираше плановите за заострување на правилата за мигрантите кои бараат неопределено право на престој(статус што им овозможува на легалните мигранти да се населат во Велика Британија без обновување на визата).

Според предложените измени, мигрантите ќе треба да покажат дека придонесуваат за општеството, вклучително и зборување англиски јазик на високо ниво и одржување чисто криминален досие за да се квалификуваат за постојан престој во Обединетото Кралство.

Стармер за програмата „Денеска“(Today) на Радио 4 изјави дека земјите доживуваат „масовна миграција на начин што не сме го виделе во претходните години“.

„Верувам дека на оние што навистина бегаат од прогон треба да им се даде азил, а тоа е сочувствителен чин“, изјави Стармер.

Коментарите следат по тврдењето на премиерот дека лидерот на крајно десничарската „Да го реформираме Обединетото Кралство“, (Reform UK) Најџел Фараж, и неговите поддржувачи не се расисти, дури и кога ја нарече имиграциската политика на партијата „расистичка“ и „неморална“.

Стармер и неговите колеги ги засилија своите напади врз реформаторите на Фараж, постојано нарекувајќи ја политиката на оваа партија за одземање на правото на престој од некои мигранти кои легално живеат во Велика Британија како „расистичка“ и „неморална“.

Премиерот, исто така, одби да каже дека тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дека Лондон сака „да премине на шеријатски закон“ се „расистички“, но ги опиша како „глупости“.

Стармер рече дека не верува оти Фараж е расист.

„Не, ниту пак мислам дека гласачите на партијата на Фараж се расисти. Тие се загрижени за работи како што се нашите граници, фрустрирани се од темпото на промените. Ни за момент не сугерирам дека се расисти“, рече британскиот премиер.

Тој инсистираше дека зборувал за „посебна политика“, тврдејќи дека плановите на реформаторите ќе ги видат мигрантите кои живеат во Велика Британија законски депортирани, велејќи „тоа за мене би ја распарчило нашата земја“.

Лидерот на лабуристите, кој го опиша Фараж како „страшен политичар“, одби да каже дали верува дека неговиот противник им се додворува на расистите со политиката, но рече дека малцинствата во Велика Британија почувствувале „грутка во грлото“.

Конференцијата на лабуристите ќе заврши денеска (1 октомври) со говори од министерката за животна средина Ема Рејнолдс и министерот за енергетика Ед Милибанд.

Владата на САД блокирана поради партиски несогласувања во Вашингтон

илустрација
илустрација

Владата на Соединетите Држави го запре поголемиот дел од своето работење, бидејќи длабоките партиски поделби ги спречија Конгресот и Белата куќа да постигнат договор за финансирање, предизвикувајќи можен долг и исцрпувачки застој што би можел да доведе до губење на илјадници федерални работни места.

Блокадата на Владата, што не е невообичаена појава во САД, се јавува како последица на неуспехот да се донесе законот за трошење. Кога нема договор за трошење во Конгресот, тогаш нема јасна основа за трошење средства, па корисниците на буџетот остануваат без пари.

Поради блокадата на владата, вработените во федералните служби би можеле да одат на принудни одмори, додека се паузира и работата на некои служби и институции, како што се националните паркови, музеите, архивите...

Американските владини агенции предупредија дека 15-тото затворање на владата од 1981 година ќе го запре објавувањето на извештајот за вработување во септември, ќе го забави воздушниот сообраќај, ќе ги запре научните истражувања, ќе се спречи исплатата на платите за американските трупи и ќе наметне отпуштања за 750.000 федерални работници со дневен трошок од 400 милиони долари.

Американскиот претседател Доналд Трамп, кој води кампања за радикална реформа на федералната влада, што би можело да доведе до отпуштање на околу 300.000 работници до декември, ги предупреди демократите во Конгресот дека затворањето на владата може да го отвори патот за „неповратни“ мерки, вклучително и намалување на повеќе работни места и програми.

Затворањето на владата започна неколку часа откако Сенатот отфрли краткорочна мерка за трошење што би ги одржала владините операции во функција до 21 ноември.

Демократите се спротивставија на законот поради одбивањето на републиканците да прифатат продолжување на здравствените бенефиции за милиони Американци што истекуваат на крајот од годината. Републиканците велат дека прашањето мора да се решава одделно.

Во центарот на дебатата за финансирањето на владата се 1,7 билиони долари наменети за владини агенции, што претставува приближно една четвртина од буџетот од 7 билиони долари. Голем дел од преостанатиот износ оди за програми за здравствена заштита и пензии, како и камата за растечкиот национален долг од 37,5 билиони долари.

Независните аналитичари предупредуваат дека затворањето на владата може да трае подолго од претходните, додека Трамп и претставниците на Белата куќа се закануваат дека ќе ги казнат демократите со намалување на владините програми и федералните плаќања.

Директорот за буџет на Трамп, Расел Воут, минатата недела се закани со трајни отпуштања во случај на затворање на владата.

Фјучерсите на акциите на Волстрит паднаа, златото достигна рекордно високо ниво, а доларот падна на еднонеделно ниско ниво во однос на главните валути.

Долгото затворање на владата во историјата на САД траеше 35 дена помеѓу декември 2018 и јануари 2019 година во првиот мандат на Трамп, поради спор околу безбедноста на границите.

„Сè што сакаат да направат е да се обидат да нè принудат. И нема да успеат“, рече лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, еден ден по состанокот во Белата куќа со Трамп и други конгресни лидери, кој заврши со голема двопартиска поделба.

Лидерот на мнозинството во Сенатот, Џон Тун, го опиша недонесениот закон за краткорочни трошоци како „непартиска“ мерка без партиски ознаки, која демократите немаа проблем да ја прифатат во последните години.

„Она што се промени е дека претседателот Трамп е во Белата куќа. За тоа се работи. Ова е политика. И нема фундаментална причина зошто треба да има затворање на владата“, им рече тој на новинарите.

Републиканците на Трамп имаат мнозинство во двата дома на Конгресот, но правилата бараат 60 од 100 сенатори да се согласат за законот за трошење. Тоа значи дека најмалку седум демократи треба да гласаат за законот за финансирање.

Демократите се под притисок од нивните фрустрирани поддржувачи да постигнат ретка победа пред изборите во 2026 година, кои ќе ја одредат контролата врз Конгресот во последните две години од мандатот на Трамп.

Притисокот врз здравствената заштита им даде шанса да се обединат околу прашање кое наидува на поддршка кај гласачите.

Заедно со продолжените субвенции за здравствена заштита, демократите исто така се обидоа да се осигурат дека Трамп нема да може да ги поништи тие промени, ако бидат потпишани и стапат во сила. Трамп одби да потроши милијарди долари одобрени од Конгресот, што ги натера некои демократи да се запрашаат зошто воопшто треба да гласаат за каков било закон за трошење.

Агенцијата на ОН работи на реставрација на далноводите во нуклеарната централа Запорожје

Шефот на агенцијата на ОН, Рафаел Гроси
Шефот на агенцијата на ОН, Рафаел Гроси

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) работи на враќање на надворешното напојување со електрична енергија на нуклеарната централа Запорожје во југоисточна Украина, изјави шефот на агенцијата на ОН, Рафаел Гроси.

Генералниот секретар изјави дека работи со двете страни во воениот конфликт за што поскоро решавање на проблемот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека ситуацијата во електраната станала критична во седмиот ден од вонредната состојба.

Снабдувањето со електрична енергија до електраната се одржува со дизел генератори, предупреди Зеленски, додавајќи дека поради руското гранатирање е невозможно да се поправи далноводот до електраната и да се воспостави основната безбедност.

„Поради руското гранатирање, електраната е исклучена, исклучена е од електричната мрежа и се снабдува со електрична енергија од дизел генератори. Тоа е невозможно. Генераторите и електраната не се дизајнирани за ова, тие никогаш не работеле во овој режим долго време, а веќе имаме информации дека еден генератор откажал“, напиша на платформата X, претседателот Зеленски.

Тој рече дека тоа е „закана за сите“ и дека ниту еден терорист „никогаш не требало да го направи она што Русија го прави на нуклеарна централа“.

Гроси рече дека е „во постојан контакт со двете страни со цел да се овозможи брзо повторно поврзување на електраната со електричната мрежа“.

„Иако централата во моментов се справува со ситуацијата благодарение на своите итни дизел генератори (последната линија на одбрана) и нема непосредна опасност сè додека тие работат, очигледно ова не е одржлива ситуација во однос на нуклеарната безбедност“, рече тој во изјава објавена од Ројтерс.

„Ниту една страна нема да има корист од нуклеарна несреќа“, додаде тој.

Гроси рече дека двете страни посочиле дека воените активности ги спречиле да извршат потребни поправки.

„Ги охрабрувам двете страни да соработуваат со нас и да дозволат да се извршат овие потребни поправки“, рече тој.

Руските претставници не ги коментираа последните изјави за условите во електраната. Раководството на електраната, која ја инсталираше Москва, негираше дека имало какви било проблеми со генераторите.

На 23 септември, украинската агенција за нуклеарна енергија „Енергоатом“ го објави десеттиот прекин на електричната енергија во Запорожје, наведувајќи дека последниот далновод што ја поврзува централата со украинскиот електроенергетски систем е исклучен.

Претставниците на МААЕ во централата потврдија дека дизел генераторите за итни случаи почнале да работат за да ја снабдуваат централата со електрична енергија.

Запорожје, најголемата нуклеарна централа во Европа, беше заземена од руски трупи кратко откако Москва ја започна инвазијата во февруари 2022 година. Нуклеарните реактори на централата се затворени, но на централата сè уште ѝ е потребна електрична енергија за одржување на безбедносните функции како што е ладењето на реакторот.

МААЕ одигра улога во заштитата на состојбата на нуклеарните централи во Украина, а инспекторите на агенцијата се на лице место за да ја следат безбедносната ситуација. Гроси постојано предупредуваше на ризикот од нуклеарна несреќа предизвикана од борбите во близина на централата и водеше разговори со двете страни за да се обиде да ги смири тензиите околу централата.

Косово отвори предистрага за инцидентите со пукање на границата со Црна Гора

Косовските власти започнале прелиминарна истрага за да ги идентификуваат можните сторители на инцидентите со пукање на границата со Црна Гора, за што црногорските власти испратија вербална нота до косовската амбасада во Подгорица, изјави на 30 септември за Радио Слободна Европа, портпаролот на заминувачката косовска влада, Перпарим Криезиу.

Црна Гора изјави дека постои сомневање дека пукањето дошло од територијата на Косово, во областа во близина на црногорскиот скијачки центар Хајла-Штедим, во близина на границата меѓу двете земји.

Првиот инцидент се случил во јули 2024 година, кога е забележано оштетување на кабината на скијачкиот центар, додека вториот инцидент се случил на 24 август оваа година, кога е забележано пукање во насока на објект на скијачкиот центар. Црногорските власти отворија случај и ги истражуваат овие случаи.

Криезиу рече дека државата Косово била информирана од црногорските власти за инцидентите преку дипломатски канали и дека косовската гранична полиција веднаш започнала патроли во областа на Штедим, но дека на таа локација не се пронајдени материјални докази што би ја потврдиле локацијата или околностите на инцидентот.

„Сепак, по наредба на Основното обвинителство во Пеќ, започната е прелиминарна истрага со цел да се идентификуваат можните сторители, потпирајќи се и на информации од локални извори“, изјави Криезиу.

Тој додаде дека безбедносните институции, имено косовската полиција, изразиле подготвеност да организираат состанок со црногорските гранични власти, со цел интензивирање на соработката, размена на оперативни информации и спречување на негативни појави по граничната линија.
Само оваа година, двете земји спроведоа 30 заеднички патроли во граничните области.

Фадил Гаши од косовската полиција за регионот Пеќ неодамна за Радио Слободна Европа изјави дека нема информации за безбедносни инциденти на границата со Црна Гора и дека регионалната полиција е повеќе ангажирана во „одржувањето на редот и јавниот мир“ отколку во меѓународните инциденти.

Црна Гора и Косово го потпишаа Договорот за демаркација во 2015 година. Црна Гора го ратификуваше истата година, додека косовското собрание го стори тоа три години подоцна.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG