Достапни линкови

Вести

Србија уапси 11 осомничени за расистички дејствa во Франција и во Германија

Илистрација
Илистрација

Полицијата во Србија уапси 11 лица, а уште едно лице се бара, поради сомневање за сторени кривични дела здружување со цел извршување кривични дела, расна и друга дискриминација и шпионажа, објави српското Министерство за внатрешни работи (МВР) на 29 септември.

Лицата се осомничени за извршување низа расистички дејства во Париз и Берлин, насочени кон еврејски и муслимански објекти.

Според МВР, осомничениот М.Г., кој е во бегство, дејствувал „по инструкции од странска разузнавачка служба“ и организирал и обучил 14-члена група српски државјани на територијата на Србија.

„Тие ги извршиле овие активности во периодот од април до септември 2025 година, со фрлање зелена боја врз Музејот на холокаустот, неколку синагоги и еврејски ресторан, со лепење налепници со „геноцидна“ содржина, со поставување свински глави во близина на муслимански верски објекти, сите во областа на Париз, како и пред Бранденбуршката порта во Берлин, со поставување бетонски „скелети“ со пишани пораки“, соопшти Министерството за внатрешни работи.

На 27 септември, парискиот весник „Ле Монд“ објави дека француските истражители се сомневаат дека српски државјанин „наводно организирал две операции за дестабилизација насочени кон религиозни и монументални места во и околу Париз“.

Истражителите се сомневаат дека „операциите за странско мешање имале за цел да сеат раздор во француското општество“.

Весникот наведува дека оваа трага ги зајакнала сомневањата на истражителите за вмешаност на руската воена разузнавачка агенција ГРУ, која „дополнително е поткрепена со разузнавачки информации добиени преку соработка меѓу Франција и сојузничките земји“.

Сепак, француските истражители сè уште немаат конкретни докази за руска вмешаност, според „Ле Монд“.

Кон крајот на мај, непознати лица истурија зелена боја врз Музејот на холокаустот, три синагоги и еден ресторан во центарот на Париз, а ниедна група не ја презеде одговорноста за нападот.

Три и пол месеци подоцна, на 9 септември, свинска глава беше оставена пред девет џамии во Париз, од кои на неколку беше напишано името на францускиот претседател.

види ги сите денешни вести

Трамп и Нетанјаху се согласија за план за завршување на војната во Газа, чекаат одговор од Хамас

САД-Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел(лево) и Доналд Трамп, претседател на САД(десно) по состанокот во Белата куќа, 29.09.2025 година.
САД-Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел(лево) и Доналд Трамп, претседател на САД(десно) по состанокот во Белата куќа, 29.09.2025 година.

Американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјавија дека се согласиле за план за завршување на војната во Газа, но останува неизвесно дали Хамас, вооружена група означена од САД и ЕУ како терористичка, ќе ги прифати предложените услови.

На заедничка прес-конференција во Белата куќа на 29 септември, Трамп презентираше мировен план од 21 точка кој повикува на итно прекинување на огнот, ослободување на сите заложници во рок од 72 часа и формирање привремена администрација во Појасот Газа, јави АП.

Привремената администрација би ја предводел Трамп, заедно со поранешниот британски премиер Тони Блер, а би ја надгледувала меѓународна мисија поддржана од Обединетите Нации (ОН) и земјите од Заливот.

Планот не предвидува раселување на палестинското население, но повикува на разоружување на Хамас и крај на неговото владеење во Газа.

„Мислам дека веќе ја преминавме линијата „многу блиску. Сè уште не сме завршиле - мора да го добиеме Хамас“, рече Трамп.

Нетанјаху предупреди дека Израел ќе ја заврши работата ако Хамас го отфрли планот.

Трамп рече дека Израел ќе има „целосна поддршка“ од Соединетите Американски Држави ако Хамас го отфрли планот и потоа ќе биде слободен да продолжи со операциите против групата. Во исто време, Белата куќа изрази надеж дека брзо ќе се постигне договор.

„За да се постигне договор, двете страни може да бидат малку незадоволни. Но, така се постигнува мир“, рече портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.

Трамп претходно изјави дека по разговорите со арапските лидери минатата недела практично е постигнат договор за прекин на речиси двегодишната војна во Газа, ослободување на заложниците што ги држи Хамас и разоружување на Хамас.

Војната во Појасот Газа беше предизвикана од нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, кога, според израелските бројки, беа убиени околу 1.200 луѓе, додека 251 лице беше земено како заложник.

Во последователните израелски офанзиви во Појасот Газа, според здравствените власти на територијата контролирана од Хамас, беа убиени повеќе од 65.549 Палестинци.


Филипче: Ветија реформи, но не почнаа ниту една

Венко Филипче, претседател на СДСМ, на почеток на кампањата за локални избори, Крушево, 29.09.2025.
Венко Филипче, претседател на СДСМ, на почеток на кампањата за локални избори, Крушево, 29.09.2025.

Ветија реформи, но не почнаа ниту една. Победија со лажен патриотизам и празни програми од кои ништо не остана, рече Венко Филипче, претседател на опозициската СДСМ од митинзите во Демир Хисар и во Крушево, од каде СДСМ ја почна изборната кампања за локалните избори на 19 октомври.

Кампањата почна денеска, 29 септември и ќе трае 20 дена.

Филипче ја критикуваше работата на ВМРО-ДПМНЕ, која според него, не направила суштински промени во интерес на граѓаните.

„Сите гледаме, после една и пол година централна власт и повеќе од четири нивна локална власт, дека се неспособни да донесат промени и да работат за и во интерес на граѓаните. Се грижат само за себе, за својата удобност и исклучиво за своите членови. Дали ова е гордата Македонија што ни ја ветија?, рече Филипче.

Тој наброја нефункционалност на институциите, ниски плати, раст на цените и застој во економијата и правосудните реформи.

-Нема реконструирани локални патишта, нема систем за отпад, депонијата во Стругово секојдневно ги труе граѓаните. Тутунарите се соочуваат со ниски откупни цени, младите ја напуштаат општината, здравството е во колапс, а културното наследство како Спомен-паркот на Даме Груев во Смилево е оставено да пропаѓа“, рече Филипче во Демир Хисар.

Филипче рече дека во Крушево, за осум години се реализирани 68 капитални и локални проекти од страна на локалната власт и градоначалникот од СДСМ, Томе Христовски, кој и на овие избори е кандидат за уште еден мандат.

Локални избори ќе се одржат во сите 80 општини во државата и во Град Скопје. Вкупно ќе има 3.480 избирачки места.

На изборите за сите градоначалнички места вкупно има 303 кандидати за градоначалници, а ќе се бираат и нови советници.

Во првиот круг треба да бидат избрани новите состави на општинските совети, додека за градоначалник ќе се смета дека е избран оној кој освоил 50 отсто плус еден глас под услов на гласање да излегле барем една третина од гласачите запишани во Избирачкиот список во конкретната општина. Според правилата, ако ниту еден од кандидатите не го исполни потребниот услов, се одржува и втор круг во кој граѓаните бираат меѓу двајца кандидати кои освоиле најголем број гласови.

Претстојните ќе бидат осми по ред локални избори од осамостојувањето на државата во 1991 година.

Мицкоски:Овие избори се битка за тоа каде ќе се движи Македонија

Северна Македонија - Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, на митинг на почеток на кампањата за локалните избори, 29.09.2025.
Северна Македонија - Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, на митинг на почеток на кампањата за локалните избори, 29.09.2025.

Овие избори не се само обични локални избори, туку тие ќе бидат одлука за тоа каква Македонија сакаме да имаме, каква држава сакаме да градиме и какви пораки ќе им се испратат на оние кои уриваат, наместо да градат, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, од централниот митинг во Скопје, на првиот ден од кампањата за локалните избори што ќе се одржат на 19 октомври.

Во обраќањето пред присутните тој рече дека на овие избори има две тајни коалиции: првата на ДУИ и Левица, втората на СДСМ „со еден кандидат за градоначалник на скопска општина кој е на црната листа“.

Мицкоски се осврна и на резолуцијата за „црвени линии“ што ја предложи лидерот на СДСМ, Венко Филипче. За Мицкоски, оваа резолуција е „некое ново додворување на СДС кон Бугарите, на штета на Македонија“.

На предизборниот митинг тој говореше и за судството и обвинителството. Мицкоски рече дека не е задоволен од правосудниот систем, кој, според него, „е главното упориште на неправдите во државата.“

Орце Ѓорѓиевски, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, ја презентираше изборната програма. Тој најави 20 годишен стратешки документ изготвен од меѓународни и домашни експерти, наречен „Скопје 2025-2045“

„Тој во себе ги интегрира просторното планирање, мобилноста, зелената инфраструктура, енергетската ефикасност, заштитата на културното наследство согласно европските стандарди за квалитет на живеење. Ќе ја вратиме функцијата градски архитект и ќе се формира ново јавно претпријатие „Урбан центар Скопје“ за да се врати планирањето во раце на стручни лица и на граѓаните, а не на приватните интереси“, рече Ѓорѓиевски.

Тој најави генералка на Скопје во првите 72 часа, целосна комунална и сообраќајна обнова, катни гаражи во Буњаковец и Пролет и монтажни паркинзи во сите критични населби, обнова на Универзалната сала и киното „Милениум“, паметна картичка „SKOPJE CITY GO“ и „Градски портал“, ефикасен и достоинствен јавен превоз со нови, еколошки автобуси и градски воз кој ќе ги поврзе Драчево, Центар и Ѓорче Петров.

ВМРО-ДПМНЕ ја почна кампањата во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје, а ќе ја заврши во Охрид.

Кампањата ќе трае 20 дена.

Скопјани на локалните избори ќе имаат можност да избираат градоначалник на Град Скопје меѓу 16 кандидати. За 45 советнички места на изборниот натпревар има 19 листи со 855 кандидати.

Првиот круг на локалните избори ќе се одржи на 19 октомври, а вториот на 2 ноември.





Трамп вели дека САД ќе воведат царина на филмови направени надвор од земјата

САД- Американскиот претседател Доналд Трамп, 25 септември 2025 година.
САД- Американскиот претседател Доналд Трамп, 25 септември 2025 година.

Соединетите Американски Држави (САД) ќе воведат 100 отсто царина на сите филмови произведени во странство, кои потоа се испраќаат во САД, рече американскиот претседател Доналд Трамп, повторувајќи ја заканата од мај дека ќе го наруши глобалниот бизнис модел на Холивуд, јави Ројтерс.

Овој чекор ја сигнализира подготвеноста на Трамп да ги прошири протекционистичките трговски политики во културните индустрии, зголемувајќи ја неизвесноста за студијата кои во голема мера зависат од прекугранични копродукции и меѓународни приходи од бокс-офиси, пренесе Ројтерс.

„Нашиот бизнис за снимање филмови е украден од Соединетите Американски Држави, од други земји, исто како крадење бонбони од бебе“, напиша Трамп во објава на неговата мрежа Truth Social.

Сепак, не беше веднаш јасно какво законско овластување ќе го искористи Трамп за да воведе 100 отсто царина на филмови произведени во странство.

Белата куќа не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар за тоа како ќе се спроведат царините.

Врвните американски студија Warner Bros Discovery, Paramount Skydance и Netflix исто така не одговорија веднаш на барањата за коментар.

„Има премногу неизвесност, а овој последен потег покренува повеќе прашања отколку одговори. Засега, како што стојат работите, трошоците веројатно ќе се зголемат, а тоа неизбежно ќе се пренесе на потрошувачите“, рече аналитичарот Паоло Пескаторе.

Трамп првпат ја изнесе идејата за филмска тарифа во мај, но понуди малку детали, оставајќи ги фронтмените на забавната индустрија несигурни дали таа ќе се однесува на одредени земји или на сите увози.

Акциите на Paramount Skydance и Warner Bros Discovery паднаа за 2,1% и 1,3%, соодветно.

Битката за Скопје ќе ја водат 16 кандидати за градоначалници и 855 кандидати за советници

Графичка илустрација - Локални избори 2025
Графичка илустрација - Локални избори 2025

Скопјани на локалните избори ќе имаат можност да избираат градоначалник на Град Скопје меѓу 16 кандидати. За 45 советнички места на изборниот натпревар има 19 листи со 855 кандидати.

Кандидати за градоначалник на Скопје се Орце Ѓеорѓиевски поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Каја Шукова, поддржана од СДСМ и коалицијата, Драган Николовски, поддржан од група избирачи, како и Сашо Маневски, Зоран Јованоски од Единствена Македонија, Амар Меционовиќ од Левица, Демир Исмаил од Сојузот на Ромите, Владимир Куноски од Работничка партија.

Кандидати се и Александар Тортевски од Партија Твоја, Срџан Амет од Политичка партија Унија на Роми Скопје, Александар Трајановски поддржан од ЛДП, ГРОМ, Интегра и ПЦЕР, Вангел Божиноски од Родина Македонија, Скендер Реџепи поддржан од коалицијата предводена од ДУИ, Владимир Трајковски од Македонска ера трета/Македонски независни листи-Суверенисти, Горан Марковски поддржан од Независни заедно и Алексадар Рашковиќ од ТМРО.

За споредба, на минатите локални избори во 2021 година имаше 12 кандидатури за градоначалник и 95 советнички листи.

Локалните избори 2025 ќе се одржат на 19 октомври. Вториот круг е на 2 ноември.

Денеска, на 29 септември, почна изборната кампања и ќе трае дваесет денови.

Повеќе од половина институции не доставиле податоци за службените возила

Илустрација
Илустрација

Вкупно 635 институции доставиле податоци за бројот, видот, регистарските таблици и возната состојба на сите службени возила со кои располагаат односно 42 отсто. Податоци воопшто не доставиле 879 институции односно 58 отсто, соопшти Државната комисија за спречување на корупцијата(ДКСК).

Според Изборниот законик, јавните фондови, јавните претпријатија и сите други правни лица што располагаат со државен капитал имаа обврска во рок од десет дена од денот на донесувањето на одлуката за распишување на Локалните избори 2025 односно до 18 август да достават податоци до ДКСК за бројот, видот, регистарските таблици и возната состојба на сите службени возила со кои располагаат институциите.

Комисијата констатирала дека 192 институции располагаат со 2.028 возила, но не доставиле никакви информации.

ДКСК на својата интернет-страница го објави Регистарот на службени моторни возила, како законската обврска од Изборниот законик.

Исто така, за да се спречи евентуална злоупотреба на службените возила во изборната кампања, ДКСК на својата веб-страница објави податоци за институциите кои немаат доставено податоци за службените возила, како и преглед на податоци за марката и регистарскиот број на возилата од институциите кои не доставиле податоци.

Од вкупно 6.637 возила внесени во Регистарот на возила, 5.456 се во возна состојба, 1.003 не се во возна состојба, а за 178 возила воопшто нема податоци за возната состојба.

Обврска да достават податоци имаа вкупно 1.514 институции според податоците на Централниот регистар на Република Северна Македонија.

Романија пронајде нови делови од дрон близу границата со Украина

Полска - Оштетен дрон паднат во источното полско село Чосновка
Полска - Оштетен дрон паднат во источното полско село Чосновка

Нови делови од дрон беа пронајдени во источниот романски округ Тулча, сосед на Украина, во понеделник на 29 септември, изјави романскиот министер за одбрана Јонут Мостеану, јави Ројтерс.

Експерти од Министерството за одбрана ги собираат деловите од дронот за натамошна истрага.

Претходно, неидентификувани дронови биле забележани ноќта меѓу 26 и 27 септември над најголемата воена база во Данска, во низата забележани надлетувања што данските власти ги нарекоа „хибриден напад“.

Мистериозните набљудувања со беспилотни летала доведоа до тоа да се затворат неколку аеродроми во Данска.

На 9 и 10 септември, околу 20 руски дронови наводно влегоа во полскиот воздушен простор за време на напад на Украина, што доведе до затворање на аеродромите и полетувања на авиони на НАТО.

Неколку дена подоцна, сличен упат пријави и Романија.

Српската нафтена индустрија бара од САД да и издадат нова специјална работна лиценца

Сопственичката структура на НИС е променета неколку пати, но таа сè уште е претежно во рацете на руски компании
Сопственичката структура на НИС е променета неколку пати, но таа сè уште е претежно во рацете на руски компании

Нафтената индустрија на Србија (НИС) во понеделник (29 септември) објави дека поднела ново барање до Министерството за финансии на Соединетите Држави (САД) за издавање посебна лиценца со која се одложува целосната примена на санкциите и се овозможува непречено извршување на оперативните активности на компанијата.

НИС, исто така, поднесе амандман на барањето за отстранување од листата на санкции на Специјално назначени државјани (Specially Designated Nationals).

„Тоа е долгорочен и сложен процес, а првичното барање беше испратено на 14 март оваа година“, се наведува во соопштението.

Во јануари, САД воведоа санкции врз НИС поради руска сопственост.

Досега, санкциите беа одложени шест пати, последниот пат до 1 октомври, но српскиот претседател Александар Вучиќ објави дека рокот е дополнително продолжен за уште осум дена.

Санкциите на САД имаат за цел, меѓу другото, да го спречат финансирањето на војната во Украина, преку пари што доаѓаат од руски енергетски компании.

Во меѓувреме, сопственичката структура на НИС е променета неколку пати, но таа сè уште е претежно во рацете на руски компании.

Газпром го напушти сопствеништвото на НИС во септември, а еден од важните сопственици стана друга компанија управувана од Газпром - компанијата „Интелиџенс“ од Санкт Петербург.

Акционерското друштво „Интелиџенс“ стана сопственик на 11,3 проценти од акциите на компанијата, според податоците објавени на веб-страницата на Белградската берза на 21 септември.

Најголемиот удел во НИС сè уште го држи Газпром Нефт, подружница на Газпром (44,9 проценти), а Државата Србија држи 29,9 проценти. Другите акции ги поседуваат мали акционери.

Орбан: Украина не треба да се грижи за унгарските беспилотни летала

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан

Унгарскиот премиер Виктор Орбан го минимизираше наводното кршење на украинскиот воздушен простор со беспилотни летала од страна на неговата земја, велејќи дека „никој“ нема да ја нападне воено разурнатата нација од правец на Унгарија.

Орбан е најжестокиот критичар на Украина во Европската Унија, одбивајќи да испрати воена помош на земјата за да се бори против руската инвазија.

Унгарија, исто така, ги попречи построгите санкции кон Москва и го блокираше обидот на Киев за членство во ЕУ.

Коментарите на националистичкиот лидер следуваат откако Украина ја обвини Унгарија за кршење на нејзиниот воздушен простор со неколку беспилотни летала кои наводно се обидувале да шпионираат во нејзините гранични области, дополнително затегнувајќи ги односите меѓу двата соседа.

Киев тврди дека извидувачките беспилотни летала биле забележани во петокот наутро, двапати преминувајќи ја украинската граница од Унгарија во западниот регион Закарпатија.

„Украина не е во војна со Унгарија, туку со Русија. Затоа треба да биде загрижена за беспилотните летала на нејзината источна граница, бидејќи тука има земји-членки на НАТО“, рече унгарскиот премиер во подкаст на социјалните медиуми, воден од портпаролот на неговата партија.

„Позадината на Украина е безбедна. Никој нема да ја нападне оттаму“, рече Орбан.

Тој истакна дека прашањето е „фарса“ што нема „никакво значење“ и дека унгарскиот министер за одбрана негирал дека унгарските беспилотни летала влегле во украинскиот воздушен простор.

„Но, еве да речеме дека летале неколку метри. Па што? Украина не е независна земја. Украина не е суверена земја. Ние ја држиме Украина на површина. Западот ја држи на површина. Ние им го даваме нивното оружје. Украина не треба да се однесува како да е суверена држава“, изјави Орбан.

Украина аплицираше за приклучување кон 27-члената ЕУ неколку дена по почетокот на војната во 2022 година, но не можеше да ги унапреди разговорите за членство поради ветото на Орбан.

Унгарија вели дека приклучувањето на Украина кон блокот би претставувало безбедносни ризици и дека додека е во војна ризикува да ја вовлече ЕУ во конфликт со Русија.

Украина ги отфрла ваквите тврдења како неосновани.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG