Достапни линкови

Вести

ЕК: Mета и ТикТок ги прекршуваат обврските од Законот за дигитални услуги

Илустрација
Илустрација

Европската комисија прелиминарно утврди дека ТикТок и Мета ги прекршуваат своите обврски според Законот за дигитални услуги да им обезбедат на истражувачите соодветен пристап до јавни податоци.

Исто така, утврди дека Инстаграм и Фејсбук кои се дел од платформата Мета, ги прекршуваат своите обврски да им обезбедат на корисниците едноставни механизми за пријавување нелегална содржина и не им дозволуваат ефикасно да ги оспоруваат одлуките на модераторите на содржини, јави Ројтерс.

Комисијата наведува дека првите прелиминарни наоди покажуваат дека Фејсбук, Инстаграм и ТикТок воспоставиле комплицирани процедури и алатки што им го отежнуваат пристапот до јавни податоци на истражувачите, што често значи дека тие мора да се потпираат на делумни и несигурни податоци, што влијае на нивната способност да спроведуваат истраги - на пример, за тоа дали корисниците, вклучително и малолетниците, се изложени на нелегална или штетна содржина.

Според Законот за дигитални услуги, пристапот до податоци од платформите е клучна обврска за транспарентност бидејќи овозможува јавен увид во потенцијалното влијание на платформите врз физичкото и менталното здравје.

Наодите на Комисијата, кога станува збор за Фејсбук и Инстаграм, укажуваат дека тие не обезбедиле едноставен и лесно достапен механизам за корисниците да пријавуваат нелегална содржина, како што се материјали за сексуална злоупотреба на деца и терористичка содржина.

Комисијата соопшти дека механизмите што моментално ги спроведува Мета наметнуваат неколку непотребни чекори и дополнителни барања за корисниците.

Фејсбук, Инстаграм и ТикТок сега имаат можност да ги разгледаат документите во истражната датотека и писмено да одговорат на прелиминарните наоди на Европската комисија, потсетува Ројтерс.

Платформите можат да преземат мерки за отстранување на прекршоците.

За ова ќе биде консултиран и Европскиот одбор за дигитални услуги.

Доколку прелиминарните наоди на Комисијата конечно бидат потврдени, Комисијата може да одлучи да ги прекрши обврските според Законот за дигитални услуги, што може да резултира со казни до шест проценти од вкупниот годишен промет на давателот на услуги низ целиот свет.

Комисијата може да изрекува и периодични казни за да ги принуди платформите да се придржуваат до законот.

Весли Кларк ќе сведочи во одбрана на Хашим Тачи

Весли Кларк
Весли Кларк

Пензионираниот американски генерал Весли Кларк ќе сведочи во одбрана на поранешниот косовски претседател Хашим Тачи, кој е обвинет за воени злосторства и злосторства против човештвото пред специјализираните судски совети за Косово во Хаг.

Одбраната на Тачи изјави дека Кларк добил дозвола од владата на Соединетите Американски Држави(САД) да сведочи во одбрана на Тачи.

Тачи, заедно со тројца поранешни команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), се соочуваат со судење за воени злосторства во Хаг.

Кларк ја предводеше воздушната кампања на НАТО против српските воени цели во 1999 година.

11-неделната бомбардирачка кампања на НАТО против цели во Србија беше спроведена за да се запре широко распространетото насилство од страна на српските сили против Албанците во Косово и беше прекината во јуни 1999 година, денот по потпишувањето на договорот во Куманово.

Судењето на Тачи, Кадрија Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими, кои ги негираат обвиненијата за воени злосторства и злосторства против човештвото пред и за време на војната 1998-1999 година, се ближи кон крајот.

Весли Кларк ќе биде последниот што ќе сведочи во име на Тачи, чија одбрана почна да повикува сведоци во септември.

Не е јасно кога точно Кларк ќе се појави како сведок, но според изјавата на одбраната, тој информирал дека нема да може да сведочи пред 18 или 19 ноември.

Досега, во одбрана на Тачи сведочеа поранешниот помошник државен секретар на САД, Џејмс Рубин, Пол Вилијамс, правен советник на косовската делегација за време на разговорите во Рамбује во 1999 година и поранешниот британски дипломат Џон Данкан.

Сите тие во своите сведочења изјавија дека Тачи немал никаква власт над ОВК.

Специјализираните судски совети очекуваат судењето на поранешните водачи на ОВК да биде завршено до крајот на декември.

Тачи беше политички лидер на ОВК пред и за време на војната 1998-1999 година, Весељи беше шеф на разузнавачката служба, Красниќи беше портпарол, а Селими беше член на Генералштабот.

Обвинението против нив вклучува обвиненија за нелегално притворање, тортура, убиство, злосторства против човештвото, присилно исчезнување и прогон на стотици цивили и лица кои не учествувале во борбите.

Овие злосторства наводно се случиле помеѓу март 1998 и септември 1999 година на различни места во Косово и во северна Албанија.

Според специјализираните судски совети, Тачи, Весељи, Красниќи и Селими носат лична кривична одговорност за овие злосторства.

Сите тие ја негираа вината.

Во Будимпешта спротивставени политички собири за годишнината од востанието во 1956

Петер Маѓар, лидерот на опозициската партија Тиса, држи говор во Будимпешта на собир по повод 69-годишнината од Унгарското востание од 1956 година.
Петер Маѓар, лидерот на опозициската партија Тиса, држи говор во Будимпешта на собир по повод 69-годишнината од Унгарското востание од 1956 година.

Десетици илјади луѓе маршираа низ Будимпешта на 23 октомври на спротивставени политички собири за да ја одбележат годишнината од Унгарското востание во 1956 година против комунистичката власт, кое беше насилно задушено од советските војници.

Премиерот Виктор Орбан го предводеше, како што го нарече, „маршот на мирот“, нагласувајќи го своето противење на воената помош за Украина, додека неговиот главен противкандидат, Петер Маѓар од партијата Тиса, предводеше спротивен протест, јави Унгарската редакција на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Во говорот пред насобраните пред парламентот, Орбан го повтори своето противење на воената помош од ЕУ за Украина, како и на можноста Украина да стане членка на ЕУ и НАТО.

„Војната го блокира растот на европската и унгарската економија,“ рече Орбан.

Премиерот им порача на илјадниците свои поддржувачи дека Унгарците кои мислат дека поддржуваат промена на власта, „всушност поддржуваат војна — било да се свесни за тоа или не“.

Орбан се смета за најблизок сојузник на Москва во рамките на Европската унија, но некои од неговите поддржувачи велат дека неговиот став ги штити унгарските интереси.

Орбан изрази желба да биде домаќин на самитот меѓу САД и Русија во Будимпешта за да се разговара за војната во Украина, но американскиот претседател Доналд Трамп на 22 октомври изјави дека состанокот е одложен на неодредено време.

Орбан (62) ја извршува функцијата премиер четири последователни мандати од 2010 година, но се соочува со пад на популарноста пред изборите што ќе се одржат следната пролет. Според повеќето анкети, заостанува зад Маѓар.

Поддржувачите на партијата Тиса на Петер Маѓар излегоа во голем број на опозицискиот собир кој повикуваше на политички промени.

Маѓар (44) води кампања против она што го нарекува „корумпирана политичка елита“, а го нападна и, како што рече, опасното концентрирање на моќта под Орбан.

Тој го обвини Орбан дека повторно гради еднопартиски систем, кој помогнал да се урне во 1989 година, за време на демократската транзиција на земјата.

Некои опозициски демонстранти ја споредија репресијата од 1956 година во Унгарија со денешната војна во Украина.

„Што значи за вас овој натпис денес?“ го праша новинар на РСЕ Петер Лакич, кој држеше транспарент со натпис: „Руси, одете дома.“

„За жал, една работа што ја научивме од историјата е дека ништо не сме научиле од историјата,“ одговори Лакич.

Како што партијата Тиса добива сѐ поголем замав, Маѓар вети борба против корупцијата и јакнење на унгарските врски во рамките на ЕУ и НАТО.

Почнува зимскиот ред на летање

Меѓународен Аеродром Скопје
Меѓународен Аеродром Скопје

Зимскиот распоред на летови за 2025/26 година стапува во сила викендов.

Од Меѓународниот Аеродром Скопјe ќе има поврзување до 49 редовни дестинации што ќе ги опслужуваат 17 авиокомпании, како и 13 чартер дестинации на кои ќе сообраќа една авиокомпанија. Од Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, пак, се предвидени пет дестинации, на кои ќе сообраќаат три авиокомпании.

Двата македонски аеродрома ќе бидат поврзани со 10 нови дестинации во зимската сезона, што ќе трае до крајот на март следната година. Девет од нив ќе бидат управувани од авиокомпанијата Виз Ер, со субвенции од Владата. Тоа се летовите од Скопје до Бари и Стокхолм, што ќе започнат на 27-ми овој месец, а на истиот датум ќе започне и воздушната линија од Охрид до Базел.

На 28-ми октомври, главниот град првпат ќе се поврзе со Мадрид, која е една од најпосакуваните дестинации од страна на нашите патници. Истиот ден на распоредот за летање се враќа и линијата до Ларнака. Од 15 декември, Скопје ќе се поврзе првпат со Прага, а се враќа и линијата до Келн.

Од 30 март 2026 година двата аеродрома ќе бидат поврзани со уште три нови дестинации.

Од Меѓународниот аеродром во Скопје, Виз ер ја враќа редовната линија до Будимпешта, а истиот ден авиокомпанијата отвора нова дестинација за одмор во Италија – Неапол.

На 30 март 2026 година, Аеродромот Св. Апостол Павле од Охрид ќе биде поврзан со Милано. Десеттата нова дестинација е линијата од Скопјe до Женева, која ИзиЏет ќе ја врати на 3 ноември.

Од ТАВ Македонија велат дека нивниот тим за развој на мрежата на рути преговара со авиокомпании за воспоставување директни воздушни врски со Данска, Финска и Блискиот Исток.

Можности за воспоставување нови директни авиолинии се отвораат и со Договорот за редовен воздушен сообраќај со Велика Британија, што го потпишаа вицепремеирот и министер за транспорт Александар Николоски и англискиот министер за воздухопловство, поморство и декарбонизација Киер Метер на 23. месецов во Лондон.

Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид опслужиле 2.585.096 патници во првите девет месеци од годинава што е зголемување од шест проценти во споредба со истиот период минатата година. Во истиот период има зголемување и на бројот на летови - за три проценти во споредба со минатата година, односно на двата аеродрома се опслужени 20.141 лет од почетокот на годината до септември.

Топ - пет земји до кои има најмногу директни летови се Турција (25,1 процент пазарен удел во вкупниот патнички сообраќај), Германија (24,7 проценти), Швајцарија (10,9 проценти), Италија (5,2 проценти) и Австрија(4,4 проценти).

Орбан: Работиме на заобиколување на санкциите на САД против руските нафтени компании

Виктор Орбан/Фотоархива
Виктор Орбан/Фотоархива

Унгарија работи на пронаоѓање начини за заобиколување на американските санкции против руските нафтени компании - изјави премиерот на земјата Виктор Орбан, без да наведе детали и без индикации дека ќе ги игнорира санкциите, пишува „Ројтерс“.

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, близок сојузник на унгарскиот лидер, во средата за првпат во својот втор мандат воведе санкции против Русија, насочени кон „Лукоил“ и „Роснефт “, во обид да изврши притисок врз Москва да се согласи на прекин на огнот во Украина.

Потегот на Трамп ги зголеми цените на нафтата и ги загрижи Унгарија и Словачка — најголемите купувачи на руска нафта во Европската унија, кои и претходно мораа да обезбедат изземања од европските ограничувања.

Орбан изјави дека разговарал со унгарската нафтена и гасна компанија МОЛ за санкциите.

„Работиме на тоа како да ги заобиколиме овие санкции“, нагласи тој.

Рафинериите на МОЛ во Унгарија и Словачка, со вкупен капацитет за преработка од 14,2 милиони тони сурова нафта годишно, зависат од руската сурова нафта што се транспортира преку нафтоводот Дружба, потсетува „Ројтерс“.

Словачката подружница на МОЛ, Словнат, во четвртокот соопшти дека го анализира можниот ефект на американските санкции, кои треба да стапат во сила подоцна во ноември, врз нивното работење.

Минатата година МОЛ се соочи со проблеми со испораките кога Украина воведе санкции против Лукоил.

Лопатка: Време е да ја прошириме ЕУ

Фотоархива
Фотоархива

По подолг период кога не бевме во можност да вклучиме нови земји во нашето европско семејство, време е да ја искористиме шансата и да ја прошириме Европската Унија во текот на овој мандат на Европскиот парламент - истакна австрискиот европратеник, Рајнхолд Лопатка во изјава за Европската новинска редакција (ЕНР) од која дел е и агенцијата МИА.

„Мислам дека е позитивно она што се случува во Црна Гора, во Албанија, а исто така сум оптимист и за Северна Македонија“, изјави Лопатка, кој доаѓа од редовите на Европската народна партија (ЕПП).

Според него, кога се говори за проширувањето треба да се поздрави напредокот, но во исто време не треба да се затвораат очите кога има огромни проблеми.

„Како што веќе реков, мора да го видиме напредокот во Црна Гора и во Албанија, а гледам и добри шанси за Северна Македонија. Босна и Херцеговина се соочува со многу тешка ситуација, особено со Република Српска. Србија има многу проблеми, а исто така и Косово се соочува со проблеми. Затоа дијалогот Белград-Приштина повеќе не е во нашиот центар на интерес, бидејќи во центарот сега се проблемите во двете земји“, смета Лопотка.

Тој нагласува дека вклучувањето на сите земји од Западниот Балкан во ЕУ отсекогаш било во фокусот на Унијата, а особено на неговата татковина Австрија.

„Но, мора да бидеме искрени. Тој процес мора да биде базиран на заслуги. Ако тие не се во можност да ја завршат својата домашна задача, не можеме да им кажеме добредојдовте“, вели Лопатка.

Европратеникот нагласува дека на граѓаните на земјите од регионот на Западниот Балкан би им порачал дека треба да ја видат додадената вредност на членството во ЕУ.

„Треба да ги видат шансите на овој огромен пазар. Треба да ги видат и шансите за младите луѓе. На пример, дека имаат шанса да работат тука во европските институции. Многу Хрвати, Романци, луѓе од Бугарија, дури и во мојот кабинет, се од овие земји. И секако, ако погледнете наназад низ вековите, тие се дел од Европа и треба да ги искористат своите шанси. Мислам дека тоа е огромна шанса за младите луѓе. Политичарите не треба да ја пропуштат оваа шанса. Треба да им дадат шанса на своите млади луѓе“, заклучува Лопатка.

Трамп: Сите трговски преговори со Канада се прекинати

Премиерот на Канада, Марк Карни и американскиот претседател, Доналд Трамп, во Белата куќа, на 7 октомври 2025 година.
Премиерот на Канада, Марк Карни и американскиот претседател, Доналд Трамп, во Белата куќа, на 7 октомври 2025 година.

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп изјави во четвртокот дека сите трговски преговори со Канада се прекинати поради, како што наведе, лажен оглас во кој поранешниот претседател Роналд Реган негативно зборува за царините.

„Врз основа на нивното невидено однесување, сите трговски преговори со Канада со ова се прекинуваат“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.

Канадската покраина Онтарио вложи 75 милиони долари во емитување нови реклами против царините во САД, наменети првенствено за републиканските гласачи.

Рекламата користи аудио-снимка од обраќање на поранешниот американски претседател Роналд Реган од 1987 година, во кое тој зборува дека царините на долг рок не функционираат и предизвикуваат губење на работни места и трговски војни.

Емитувањето опфаќа телевизиски станици како Fox News, Fox Sports, NBC, CBS, CNBC, ESPN и ABC, пишува Ројтерс.

Премиерот на Онтарио, Даг Форд, изјави порано оваа недела дека рекламниот оглас со пораки против царините го привлекол вниманието на Трамп.

„Чув дека претседателот ја видел нашата реклама. Сигурен сум дека не беше премногу среќен“, рече Форд во вторникот.

Во врска со овој случај се огласи и претседателската фондација на Роналд Реган, порачувајќи дека рекламата на владата на Онтарио „селективно користи аудио и видео“ материјали од Реган и дека фондацијата ги разгледува своите правни можности.

„Рекламата погрешно го претставува претседателското радио-обраќање, а владата на Онтарио ниту побарала, ниту добила дозвола за негово користење и уредување“, се наведува во соопштението на фондацијата објавено во четвртокот.

Како што наведува Ројтерс, Трамп ги користел царините како средство за притисок врз многу земји ширум светот.

Неговата „трговски војна“ ги зголеми американските царини на највисоко ниво од 1930-тите години, а тој редовно се закануваше со дополнителни царини, предизвикувајќи загриженост меѓу компаниите и економистите.

Канадскиот премиер Марк Карни им изјави на новинарите во четвртокот дека Канада нема да дозволи неправеден пристап на САД до своите пазари, доколку преговорите за различни трговски договори со Вашингтон пропаднат.

Трамп претходно оваа година воведе царини на канадскиот челик, алуминиум и автомобили, што ја поттикна Отава да одговори со иста мерка.

Двете страни веќе со недели преговараат за потенцијален договор за секторите на челик и алуминиум.

Следната година, САД, Канада и Мексико треба да го ревидираат својот континентален договор за слободна трговија од 2020 година, потсетува Ројтерс.

Мерсие - Локалните избори беа конкурентни со почитување на основните слободи

Графички приказ на резултатите од Локалните избори 2025
Графички приказ на резултатите од Локалните избори 2025

Европската Унија го поздравува тоа што локалните избори во Северна Македонија беа конкурентни и што основните слободи беа во голема мера почитувани, иако тие се одржаа во високо поларизиран политички амбиент и со некои процедурални недостатоци, изјави за МИА портпаролот на Европската комисија за проширување Гијом Мерсие.

„ЕУ ги нотира прелиминарните наоди и заклучоци на меѓународната набљудувачка мисија на локалните избори во Северна Македонија на 19 октомври 2025 година“, рече Мерсие.

Според него, ЕУ ја охрабруваме земјата да ги адресира сите препораки на Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР), вклучително и за измена на Изборниот законик

Русија предаде илјада тела на украински војници, соопшти Киев

Возила од Меѓународниот комитет на Црвениот крст ги придружуваат автобусите што ги носат телата на загинатите украински војници што Русија ѝ ги предаде на Украина.
Возила од Меѓународниот комитет на Црвениот крст ги придружуваат автобусите што ги носат телата на загинатите украински војници што Русија ѝ ги предаде на Украина.

Русија во четвртокот ѝ предаде на Украина 1.000 тела, за кои вели дека се убиени украински војници, соопшти украинската администрација задолжена за воени затвореници.

„Денес беа спроведени операции за репатријација и се однесуваат на 1.000 тела“, соопшти администрацијата на Телеграм, поздравувајќи ја помошта од Меѓународниот комитет на Црвениот крст, објави Агенцијата Франс прес.

Сега форензичките патолози и истражителите треба да спроведат идентификација на останките, под раководство на украинските судски власти. Украина веќе објави кон средината на септември дека презела над илјада тела на загинати борци, како што направи во јули и август.

Дополнително, Москва и Киев разменија 185 воени затвореници од секоја страна на почетокот на октомври.

Размената на тела на загинати војници и воени затвореници е единствениот резултат од преговорите меѓу двете завојувани страни повеќе од три и пол години по почетокот на руската инвазија на Украина.

Во февруари, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави за американска телевизиска станица дека неговата земја веќе изгубила 46.000 војници, додека „десетици илјади“ други се водат како исчезнати или се држат во непријателски затвори.

Би-Би-Си и независниот медиум „Меидазона“, кои се потпираат на слободно достапни податоци, тврдат дека регистрирале повеќе од 135.000 руски војници убиени во три и пол години војна, проценувајќи дека реалниот број е веројатно поголем, потсетува АФП.

Двајца украински новинари убиени во руски напад со дрон во источна Украина

Новинарката Аљона Грамова и видеографот Јевген Кармазин
Новинарката Аљона Грамова и видеографот Јевген Кармазин

Двајца новинари од украинската телевизија „Слобода“ беа убиени, а еден ранет во руски напад со беспилотно летало во Краматорск, источна Украина, објави Агенцијта Франс Прес.

Алена Грамова и Евгениј Кармазин беа убиени додека се во својот автомобил на бензинска пумпа. Гувернерот на регионот Донецк објави слики од изгорениот автомобил на новинарите.

Трет новинар, Александар Колишчев, беше ранет и хоспитализиран.

Краматорск, дом на околу 150.000 луѓе пред руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, се наоѓа на околу 20 км од линијата на фронтот.

Тоа е еден од последните градови во регионот Донецк под украинска контрола.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG