Уставните измени да завршат до 10 февруари, а за идентитетските прашања да не се преговара

Венко Филипче - претседател на СДСМ

Лидерот на СДСМ Венко Филипче, ја претстави Резолуција за дефинирање на заеднички државни и национални позиции за патот на Северна Македонија кон ЕУ. Во неа стои дека државата е подготвена да ги исполни обврските од Преговарачката рамка и да ги донесе уставните измени, но како последна пречка.

Владата на Северна Македонија и сите државни институции доследно да се придржуваат кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ како елементи за кои не се преговара со ЕУ и тоа се нашите црвени линии.

Северна Македонија е подготвена да ги исполни обврските од преговарачката рамка со ЕУ, вклучувајќи ги и уставните измени со јасна определба дека тоа е последна пречка, без прифаќање на нови барања и прашања од билатерален и идентитески карактер. Сите билатерални прашања со Бугарија ќе се решаваат во билатерални разговори воспоставени меѓу двете држави на еднаква основа, без да се создаваат нови блокади на преговарачкиот процес. Претседателот на државата, претседателот на Собранието и претседателот на Владата со заедничко писмо имаат обврска да ги информираат сите во ЕУ дека е потребно безусловно почитување на јазичните и идентитетски, историски и културни особености, како елементи кои се затворени и за кои не се преговара со Европската Унија.

Овие две точки, како што кажа лидерот на СДСМ, Венко Филипче, се најбитните делови од Резолуцијата за дефинирање на заеднички државни и национални позиции за продолжување на процесот на Северна Македонија кон Европската унија, која ја претстави денеска од партиското седиште.

Филипче кажа дека изминатиот период партијата се посветила на изготвување на предлог решение со кое би ги постигнале заеднички сите национални позиции преку консензус, а притоа „ќе се отстранат сите грижи, сомнежи и дилеми поврзани со заштитата на идентитески обележја во текот на процесот на пристапување кон ЕУ“.

Видете и ова: Мицкоски и Филипче со спротиставени ставови за декларација со „црвени линии“

Рече дека многу од овие одредници се заштитени со одредени декларации, документи и договори. Новиот момент, како што напомена е што се нуди „заеднички пристап како и секоја друга сериозна држава да има заеднички црвени линии“.

„Ова ќе биде еден предлог документ, предлог работна верзија за која очекувам сите политички субјекти да имаат конструктивен пристап и сериозно да го разгледаат, да дадат свои предлози и заеднички да го донесеме документот во Собранието. Ако го постигмене националниот консензус и интензивно работиме на реформите, никој и ништо нема да може да не запре на патот кон ЕУ. Документот ќе го поднесам до политичките партии преку Собранието како работна верзија“, изјави Филипче.

Што содржи предлог Резолуцијата?

Документот кој го престави лидерот на СДСМ предвидува и временска рамка за тоа како би се движеле процесите поврзани со уставните измени.

А тоа е Собранието да ја започне постапката за измена на Уставот и да се достигне до фазата на прво гласање најдоцна до 15 декември 2025 година, а да ја заврши постапката за измена на Уставот со финално гласање најдоцна до 10 февруари 2026 година.

По усвојување на уставните амандмани, Владата да испрати писмо до државите членки на ЕУ и до Европската комисија дека домашната обврска за одблокирање на преговарачкиот процес е завршена.

Други елементи од Резолуцијата се:

- РСМ е подготвена да ги исполни обврските од преговарачката рамка влучувајќи ги и уставните измени со јасна определба дека тоа е последна пречка без прифаќања на нови барања или прашања од билатерален или идентитески карактер;

- Во текот на преговорите се до нивно завршување со склучување на договорот за пристапување на Северна Македонија во ЕУ и со приемот на Северна Македонија како полноправна членка во ЕУ, Владата нема да прифати да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа што е наведено во Преговарачката рамка;

- Договорите кои се директно поврзани со правото на Копенхашките критериуми за членство да бидат одредници од кои ќе зависи отворањето и затворањето на поглавјата и кластерите во текот на пристапните преговори;

Сите билатерални прашања со Бугарија ќе се решаваат во билатерални разговори и инструменти составени меѓу двете држави на еднаква основа без да се создаваат нови блокади на Преговарачкиот процес;

- Доколку во текот на преговорите за членство во ЕУ од страна на европски институции или која било држава членка на ЕУ се отворат прашања, со кои се проблематизира македонскиот јазик или кое било друго идентитетско обележје или доколку преговарачкиот процес биде блокиран поради идентитетски прашања или барања кои се надвор од преговарачката рамка или не припаѓаат на Копенхашки критериуми, тогаш со заедничко писмо претседателот на државата, на собранието и на владата имаат обврска да ги информираат сите европски институции, дека тоа се затворени прашања, за кои не се преговара со Европската Унија.

- Владата и Собранието се целосно посветени на Реформската агенда со максимален фокус на забрзување на реформите за што се препорачува ресорните министри на квартално ниво да реферираат пред Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања.

Филипче: Резолуцијата да не се злоупотребува во предизборие

Лидерот на СДСМ, Филипче, побара предложената предлог Резолуција да не се користи во предизборната агенда на партиите. Посочи дека во рамки на партијата интензивно работеле на документот со цел да се најде начин за заеднички да се донесе во Собранието.

Како што кажа Филипче, она што ја издвојува оваа Резолуција во споредба со сите претходни е „конструктивноста на процесот - секој да даде свое мислење и да се излезе со заеднички документ“.

„Сите треба да покажеме политичка зрелост за она што и претстои земјата. Ништо не се случува година и пол на тој план, ќе поминат локалните избори ќе фатат празници и ќе помине пола мандат и ништо не се менува. Секоја сериозна држава има национален консензус по одредени прашања. Државата стагнира. Крајно неодговорно е ништо да не се прави по ова прашање“, истакна Филипче.

Видете и ова: Кос: Очекуваме уставните промени во Северна Македонија да бидат усвоени што поскоро

Посочи дека за Резолуцијата нема нема никаква координација со ЕУ или Бугарија во однос на евроинтеграциите и ова претставува партиски автентичен предлог, притоа напоменувајќи дека ги слушаат сигналите од ЕУ.

„Ако има таков процес кој е поддржан од ЕУ и се работи со Владата ова ќе биде дополнително камче во мозаикот. Но, нема некаква заткулисна соработка“, рече тој.

Во однос на предложените рокови во Резолуцијата, рече дека се спремни за сугестија за временската рамка.

Во вчерашното интервју за РСЕ, Марта Кос, европската комесарка за проширување кажа дека очекува уставните промени во Северна Македонија да бидат усвоени што поскоро.

„Северна Македонија се обврза да го промени Уставот. Чекаме наскоро да одржат локални избори. Веројатно нема да биде порано, но очекуваме тоа да се случи што е можно поскоро, порача Марта Кос.