Резиме
- Проевропската Партија за акција и солидарност (PAS) во Молдавија оствари убедливо водство на парламентарните избори, сигнализирајќи продолжување на напорите за членство во Европската унија.
- Прозападната претседателка Маја Санду ја нагласи важноста на демократијата во услови на обвинувања за мешање на Кремљ и бројни изборни инциденти.
- Лидерот на опозицијата Игор Додон, кој е близок со Москва, ја критикуваше владата како „криминален режим“ и протестираше против изборните резултати.
Проевропската владејачка партија на Молдавија се приближува до голема победа над проруската опозиција, што укажува дека оваа мала и сиромашна држава ќе остане на европскиот пат, наместо да се врати во орбитата на Кремљ.
Со околу 95 проценти од гласовите преброени во раните утрински часови на 29 септември, владејачката Партија за акција и солидарност (PAS) имаше убедливо водство пред прорускиот Патриотски блок.
Според државната изборна комисија, PAS, поддржана од прозападната претседателка Маја Санду, освоила 47 проценти од гласовите, наспроти 26,3 проценти за Патриотскиот блок.
Повеќе од 1,5 милиони Молдавци излегоа на гласање на изборите, кои беа одбележани со бројни извештаи за мешање во кампањата од страна на Кремљ, кој ги негираше обвинувањата.
Гласовите од влијателната дијаспора на Молдавија во странство сè уште се бројат. Прелиминарните резултати од нивното броење покажуваат значителна предност за PAS, иако тие резултати често знаат да се променат.
Според првичните пресметки на РСЕ, PAS би добила најмалку 51 пратеничко место во парламентот со 101 член, што е доволно за формирање владејачко мнозинство. Патриотскиот блок се проценува дека ќе освои околу 29 места, додека трите помали партии би имале меѓу шест и девет места секоја.
Додека не бидат потврдени конечните резултати, останува неизвесно дали PAS ќе обезбеди апсолутно мнозинство или ќе мора да формира коалиција за да владее.
Претседателката Санду ќе треба да предложи кандидат за премиер, обично од победничката партија или блок, кој потоа ќе се обиде да формира нова влада.
Војната во Украина силно ја погоди економијата на Молдавија.
Конфликтот — најголем и најсмртоносен во Европа од Втората светска војна — силно ја погоди економијата на Молдавија, нарушувајќи ја трговијата и зголемувајќи ги цените на енергенсите, што доведе до пораст на инфлацијата.
Во меѓувреме, „онлајн армијата“ на Кремљ составена од дезинформациски ботови користи лажни профили и мрежи, често генерирани со вештачка интелигенција, за да ги преплави социјалните мрежи со проруско наративи и неосновани обвинувања за изборни измами.
Видете и ова: ЕУ ги следи заканите за изборите во Молдавија поради наводен руски заговор со обука на провокатори во СрбијаДомашната организација за заштита на човековите права Promo-LEX пријави стотици изборни инциденти, меѓу кои групно гласање, изборно рекламирање во гласачки места, организиран транспорт на гласачи и повреди на тајноста на гласањето.
Во текот на денот беа пријавени и закани со бомби на неколку гласачки места во земјата и во дијаспората. Инциденти имало во Италија, Романија, Шпанија и САД. Досега повеќе од 200.000 луѓе гласале надвор од Молдавија.
Во своето обраќање објавено на социјалните мрежи, претседателката Маја Санду изјави дека плановите на Русија „можат да бидат запрени само со чесниот глас на Молдавците ширум светот.“
„Русија претставува закана за нашите демократии. Нашата демократија е млада и кревка, но тоа не значи дека државите со подолга демократска традиција не се во опасност. Ние сакаме да живееме во демократија,“ изјави Санду претходно, откако го даде својот глас.
„Денес, демократијата во нашата земја е во рацете на Молдавците. Само тие можат да ја спасат Република Молдавија,“ додаде таа.
Игор Додон дава изјава на протест пред Централната озборна комсиија три часа по затворањето на гласачките места
Социјалистите ги предводи Игор Додон, поранешен претседател на Молдавија, кого Маја Санду го порази на претседателските избори во 2020 година и кој долго време одржува блиски врски со Москва. Тој сегашната демократски избрана влада ја нарекува „криминален режим“.
Кремљ повеќепати ја обвини Молдавија за „антируска хистерија“ и негира дека се меша во она што Санду го нарече „најважните избори во историјата на земјата“.
„Молдавија е важен сојузник на Украина. Таа е значаен логистички центар за Украина“, изјави за „Current Time“ Алексеј Тулбуре, поранешен амбасадор на Молдавија во Обединетите нации и Советот на Европа.
Комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, за РСЕ изјави дека владата на Молдавија треба да биде пофалена бидејќи е „отпорна и способна да се спротивстави на силите што сакаат да ја тргнат земјата од европскиот пат или да ја видат Европската унија како неуспешна.“
Видете и ова: Дебата за разделба во ЕУ: Патот на Молдавија и Украина кон членство под лупаМолдавија, една од најсиромашните држави во Европа, го доби кандидатскиот статус за членство во ЕУ во 2022 година и минатата година ги отвори преговорите за пристапување, откако цврсто се усогласи со својот сосед Украина поради неиспровоцираната руска инвазија во 2022 година и се приклучи кон режимот санкции на ЕУ против Москва.
Процесот на приближување кон членство е усложнет од неколку фактори, меѓу кои и прорускиот отцепен регион Приднестровје, кој се наоѓа меѓу Украина и источната граница на Молдавија.
Оваа територија, сместена на источниот брег на реката Дњестар, има распоредено руски војници на својата територија и со поддршка од Москва управува со своите внатрешни работи уште од војната што избувна во раните 1990-ти, по распадот на Советскиот Сојуз.