Изборите во Чешка би можеле да ја поместат земјата од проевропскиот пат, влијаејќи на поддршката за Украина

Пешак поминува покрај изборен билборд на крајно десничарска партија која ги повикува Чесите да „гласаат за промени“

Кога чешките гласачи ќе се упатат кон гласачките кутии овој викенд, многумина стравуваат дека земјата може да се сврти од својот проевропски пат, одземајќи ѝ еден од најверните поддржувачи на Украина.

Повеќето анкети покажуваат дека милијардерот Андреј Бабиш и неговата популистичка партија АНО ќе победат на парламентарните избори на 3-4 октомври со околу 30 проценти од гласовите.

Тоа значи дека Бабиш ќе мора да формира коалициска влада со маргинални партии, што би ја доближило земјата до Унгарија на Виктор Орбан и Словачка на Роберт Фицо во однос на нејзините перспективи за Украина: запирање на помошта за Киев и намалување на ентузијазмот од членствота на Чешка во западните институции.

Иако не е целосно усогласена со ставовите на Москва, Прага би станала погласна за потребата веднаш да се запре војната и да се стреми кон мир - најверојатно според условите на Кремљ.

Очекувајте помалку остра реторика и кон Кина.

Аналитичарот за анкети и политички прашања, Мајкл Ешкрофт, смета дека Чесите може да се приклучат на „она што од гледна точка на Киев е загрижувачки тренд во Централна и Источна Европа, со постојниот став на унгарската и словачката влада и новиот полски претседател многу помалку склони да го бранат украинскиот суверенитет.

„Последиците би можеле да вклучуваат изолирање на Украина од западноевропските партнери, прекинување на воените испораки и понатамошни поделби во алијансата“, додаде тој.

Исто како што се случи во Молдавија - каде што на изборите минатиот викенд имаше масовна руска кампања за дезинформации со која се обиде да ги одвлече гласачите од проевропските партии, Кремљ се обидува да ја искористи намалената поддршка за помошта за Украина, и да помогне во враќањето на Бабиш на функцијата.

Видете и ова: Изборниот резултат во Молдавија е победа и за Брисел, исто колку и за Кишињев

Чешка истражувачка група откри речиси 300 анонимни TikTok сметки насочени кон засилување на проруските наративи и поддршка на радикалните партии во последните недели од изборната кампања.

Центарот за истражување на онлајн ризици во соопштението на 28 септември објави дека чешки TikTok сметки, со милиони следбеници, „систематски шират проруска пропаганда и поддршка за антисистемски партии преку манипулиран ангажман“.

Центарот додаде дека сметките не се поврзани со еден политички субјект, туку „комбинираат поддршка за повеќе антисистемски партии истовремено“.
„Кумулативниот досег на овие профили е од 5 до 9 милиони прегледи неделно, повеќе од комбинираните официјални профили на лидерите на најголемите чешки политички партии на TikTok“.

Коалициски избори

Аналитичарите велат дека клучното нешто на кое треба да се внимава сега е кои партии ќе добијат доволно гласови за да влезат во парламентот, бидејќи на Бабиш веројатно ќе му треба коалиција за да владее.

„Spolu“ (Заедно), сојуз на партии од централно-десничарскиот дел, во кој се вклучени и Граѓанските демократи на актуелниот премиер Петр Фиала, има околу 20 проценти подршка од анкетите, додека другите партии од сегашната прозападна коалициска влада „Stan“ (Градоначалници и независни) и Пиратите се предвидува да завршат со по 10-12 проценти.

Сите овие партии изјавија дека не се заинтересирани да влезат во коалиција со АНО на Бабиш, па дури ни да ја поддржат со гласови за донесување закони како еднопартиска малцинска влада.

Но, ова се предизборни муабети и мелодијата може многу добро да се промени по гласањето, особено поради растечките стравувања дека порадикалните коалициски алтернативи би можеле да го попречат прозападниот курс на Чешка. Како помлади коалициски партнери, тие би можеле да бараат клучни позиции во Министерството за надворешни работи и Министерството за одбрана.

Второ, во сегашната влада постојат фракции, особено во Граѓанските демократи, кои ги делат политичките позиции на АНО, посветени на НАТО, но послаби во однос на членството во ЕУ, каде што изразија јасно противење на усвојувањето на еврото и политиките на Брисел, како што се задолжителните квоти за бегалци и зелениот договор.

Видете и ова: Што треба да знаете за изборите во Чешка?

Но, централноевропската земја би можела радикално да се промени ако Бабиш се здружи со која било од сегашните опозициски партии кои се дури и порадикални од АНО.

Тие ја вклучуваат крајно десничарска СПД, која во анкетите има над 10 проценти, како и помалата крајно десничарска партија „АУТО“ (Возачи за себе) и крајно левичарска „Стачило“ (Доста е), за кои се очекува дека ќе го поминат прагот од 5 проценти потребен за да добијат места во парламентот.

Владеењето со кој било од нив веројатно би довело до вистинско зближување со Орбан и Фицо, и двајцата беа критични кон помошта за Украина и се, исто така, во авангардата на земјите во Европа кои продолжуваат да купуваат руска нафта и природен гас по целосната инвазија на Москва врз Украина во февруари 2022 година.

Клучна фигура во она што следи по гласањето ќе биде прозападниот претседател Петр Павел, кој игра улога во формирањето на владата, како и во надворешната политика воопшто.

Павел, поранешен висок генерал на НАТО, јасно стави до знаење дека нема да дозволи влада која премногу отстапува од западниот курс.

Постојана промена

Бабиш е постојана промена во чешката политика во последните 15 години, прво служејќи како министер за финансии и вицепремиер пред да ја води земјата од 2017 до 2021 година, како и обидувајќи се да стане претседател, но, беше поразен од Павел на изборите во 2023 година.

Еден од најбогатите луѓе во земјата, со значителен удел во агробизнисот и медиумите, неговото време во јавноста беше проследено со правни спорови и обвинувања за судир на интереси и измама со субвенции од ЕУ.

Сепак, многумина веруваат дека токму неговите деловни интереси би можеле да го задржат него, а со тоа и Чешка, закотвен на Запад, бидејќи добрите односи меѓу Франција, Германија и Австрија, како и континуираниот проток на средства од ЕУ за земјоделство и кохезионите фондови, се поважни од сè што Пекинг и Москва можат да понудат.

Бабиш во последниве години застапуваше попопулистички курс и беше еден од создавачите на најголемите популистички сили на континентот, „Патриоти за Европа“, политичко семејство кое го сочинуваат и Фидес на Орбан, Националниот собир на Марин Ле Пен, шпанскиот Вокс и австриската Партија на слободата. Тој, исто така, изрази поддршка за партијата Смер на Фицо иако тие формално не се дел од овој сојуз.

Здружувајќи се против сè што е поврзано со Брисел, екологијата и имиграцијата, тие ќе наидат на сочувствителни уши и надвор од Централна Европа, со десничарски популисти од различни нијанси во подем или на власт во многу други западни престолнини.