Претставници од речиси седумдесет земји се собраа во чешката престолнина Прага за да учествуваат на 20-тото издание на Форумот GLOBSEC.
Се очекува лидерите да разговараат за најитните геополитички, безбедносни и геоекономски предизвици.
„Започнавме во 2005 година со надеж, продолжуваме во 2025 година со одговорност. Нека овие три дена бидат повеќе од дијалог, нека бидат пресвртница. Да преземеме одговорност, да поведеме и да изградиме иднина што другите сакаат да ја следат“, рече претседателот на GLOBSEC, Роберт Вас, на отворањето на Форумот.
Дваесетгодишнината од форумот нуди единствена платформа за меѓународен дијалог, а оваа година фокусот е на зајакнување на улогата на Европа во градењето постабилна и попросперитетна иднина.
Официјално насловен како „Командување на хаосот: Време е Европа да преземе одговорност“, форумот го отвори чешкиот претседател Петр Павел, под чие покровителство се одржува Форумот.
Иднината на Украина, новата трансатлантска средина и европската безбедност беа во фокусот на неговото обраќање. Тој, исто така, истакна дека улогата на Соединетите Држави во европската безбедност се менува и дека Европа мора да преземе поголема одговорност.
„Мораме да ги забрзаме нашите напори во градењето сигурни европски одбранбени капацитети и зајакнувањето на нашите одбранбени индустрии. Ова не значи дека сакаме раскинување со нашиот американски сојузник. Напротив, водењето и одржувањето дијалог со нашите партнери преку Атлантикот е поважно од кога било“, рече претседателот на Чешката Република.
На самото отворање на Форумот, виртуелно се обрати и украинскиот претседател Володимир Зеленски, барајќи поддршка за зголемување на санкциите против Русија.
„На Русија не ѝ е гајле за милион жртви, но се грижи за санкциите, вклучително и мерките за намалување на придонесите од нафтата“, рече Зеленски.
Овогодинешниот форум GLOBSEC се одржува во време кога европските земји сè повеќе ја преиспитуваат својата улога во променливата глобална средина.
Дводневната програма на форумот ќе се фокусира на клучни прашања како што се зајакнување на европската одбрана и стратешка автономија, обезбедување долгорочна поддршка за Украина, справување со хибридни закани, заштита на критичната инфраструктура, дигитална отпорност, иновации во технологијата и одржливо финансирање на одбранбената индустрија.