Достапни линкови

Што треба да знаете за изборите во Чешка?


Андреј Бабиш
Андреј Бабиш

Парламентарните избори во Чешка се одржуваат на 3 и 4 октомври, а опозициската партија АНО на поранешниот премиер Андреј Бабиш води на анкетите, пред главните владејачки партии од десниот центар.

Влада предводена од партијата АНО веројатно би дошла во конфликт со Европската Унија во врска со климатските политики и миграцијата, би ја намалила поддршката за Украина и би се усогласувала почесто со владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан, пишува Ројтерс.

За што гласаат Чесите?

Трошоците за живот, цените на енергијата и членството на земјата во ЕУ и воениот сојуз НАТО се клучните теми на кампањата.

Чесите избираат 200 пратеници кои ќе имаат четиригодишен мандат во Долниот дом на парламентот, според пропорционалниот изборен систем. Партиите мора да освојат најмалку пет проценти од гласовите за да влезат во парламентот.

Кога е гласањето?

Гласачките места се отворени на 3 октомври од 14 до 22 часот и на 4 октомври од 8 до 14 часот. Резултатите почнуваат да пристигнуваат веднаш по затворањето на гласачките места. Прелиминарните резултати се очекуваат подоцна попладне на 4 октомври.

Чешкиот премиер Петр Фиала
Чешкиот премиер Петр Фиала


Што е следно?

Не се очекува ниту една партија да освои мнозинство. Партијата што ќе освои најмногу гласови веројатно ќе ги води преговорите за формирање коалиција или обезбедување поддршка за малцинска влада. Потоа претседателот го назначува премиерот, обично од партијата што го презентира владиниот план и предлага министри.

Претседателот Петр Павел рече дека ќе ги разгледа ставовите на кандидатите за министри за членство во ЕУ и НАТО и потенцијално ќе ги отфрли тврдокорните струи.

Тој би можел да му постави и прашање на Бабиш за решавање на конфликтот на интереси што произлегува од неговото сопствеништво на земјоделската и хемиската бизнис империја Агроферт. Новата влада мора да побара гласање за доверба во долниот дом на парламентот.

Судски спорови

На 24 септември, Уставниот суд ги отфрли жалбите дека крајно десничарската СПД и крајно левичарската партија „Стачило“ (Доста е) биле непријавени коалиции, кои наводно го заобиколија условот за освојување повеќе гласови за влез во парламентот. Пониските судови претходно отфрлија слични жалби.


Кои се клучните партии?

Коалиција “Сполу“ (Заедно) - актуелна власт
Централно-десничарската коалиција предводена од Граѓанските демократи (ОДС) на премиерот Петр Фиала. Тој ветува дека ќе ги зголеми трошоците за одбрана во согласност со новите цели на НАТО и ќе продолжи да ја поддржува Украина. Во Европскиот парламент, ОДС припаѓа на групата европски конзервативци и реформисти, додека другите членови на „Сполу“ се во Европската народна партија (ЕПП).

Акција на незадоволни граѓани (АНО) - опозиција

Популистичката партија предводена од Андреј Бабиш, поранешниот премиер на земјата, ја темели својата кампања на ветувања за намалување на цените на енергијата, зголемување на платите и намалување на корпоративните даноци. Тој го отфрла системот на дозволи за емисии на ЕУ за домаќинствата, како и договорот на ЕУ за распределба на товарот на миграцијата.

Ветува дека ќе престане да организира пратки муниција во Украина и ги отфрли новите цели на НАТО за трошоците за одбрана. АНО планира да ги префрли јавните услуги на директно буџетско финансирање и да ги укине обидите на сегашната влада за борба против дезинформациите, кои ги смета за цензура. Партијата сака енергетскиот гигант ЧЕЗ да стане целосно во државна сопственост. АНО припаѓа на групата „Патриоти за Европа“ во Европскиот парламент.

Слобода и директна демократија (СПД) - опозиција

Крајно десничарска, антиимиграциска партија. Тој се спротивставува на Зелениот договор, Пактот за миграција, зголемените воени трошоци и поддршката за Украина. Тој бара референдуми за напуштање на ЕУ и НАТО.

Градоначалници и независни пратеници (СТАН) - влада

Центристичко движење, дел од сегашната влада. Проевропски ориентирано, се залага за воведување на еврото. Ја поддржува помошта за Украина и зајакнувањето на одбраната на НАТО.

Стачило! (Доста е!) - опозицијата

Ја предводи Комунистичката партија, наследник на поранешната тоталитарна владејачка партија, заедно со неколку други формации. „Стачило“ е за напуштање на НАТО и ЕУ. Го обвинува Западот дека е одговорен за војната во Украина, бидејќи ја испровоцира Русија.

Чешка пиратска партија (Пирати) - опозиција

Прогресивна партија со акцент на дигитализацијата и индивидуалните слободи. Тие се силно за НАТО и за ЕУ и го поддржува воведувањето на еврото.

Возачите за себе - опозиција

Десничарска, евроскептична партија која се спротивставува на зелените политики и прогресивизмот. Најблискиот потенцијален партнер на АНО.

XS
SM
MD
LG