Заобиколување на ветото во ЕУ – (не)реална шанса и за Северна Македонија

Северна Македонија треба да ја вметне бугарската заедница во Уставот за го продолжи пристапниот процес со ЕУ (фотоархива).

Додека во Брисел се бараат начини за заобиколување на ветото во обид да се одблокира европскиот пат на Украина и другите земји кандидати, во Северна Македонија се најавуваат раздвижувања по изборите. Идејата за укинување на консензусот во текот на преговорите со земјите кандидати, може да е чекор кон негово целосно укинување во ЕУ. Дали Скопје може да се „потпре“ на ваквите очекувања?

Укинување на едногласното одлучување во Европската Унија (ЕУ) за преговорите на земјите кандидати, е далечна шанса за откочување на заглавените евроинтеграции на Северна Македонија, сметаат дел од домашните експерти кои ја следат оваа проблематика.

Предводник на идејата за укинување на едногласното одлучување во ЕУ е претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, а за прашањето се погласно се зборува по противењето на Унгарија за членството на Украина во ЕУ. Киев минатиот месец го заврши скрининг процесот со Брисел.

На маса, пак, е и „поблага“ верзија од идејата на Кошта – согласност од сите земји-членки за почеток и крај на преговорите, но за техничките чекори во текот на преговорите на кандидатките да се одлучува со квалификувано мнозинство. Меѓу земјите кои ја туркаат оваа иницијатива се Австрија, Словенија, Германија и Италија.

Сите овие дискусии, Северна Македонија треба одблиску да ги следи и да дава активен придонес, смета директорката на Институтот за европска политика – Скопје, Симонида Кацарска. Тоа што се покренуваат вакви предлози, според неа, дава поголемо значење на проблемот со „злоупотребата на принципот на консензус“.

„Од друга страна, треба да потенцираме дека е исклучително тешко истите предлози да станат реалност во блиска иднина и не треба да ги гледаме како опција во која членството во ЕУ е можно со активно противење на една држава членка“, вели Кацарска за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Видете и ова: Кос: Очекуваме уставните промени во Северна Македонија да бидат усвоени што поскоро

Северна Македонија сè уште нема отворено кластери од преговорите бидејќи услов за тоа да се случи е вметнување на бугарската заедница во Преамбулата во Уставот, на што власта не се согласува без гаранции дека ќе нема други условувања и вета од Бугарија.

Чекор кон укинување на едногласното одлучување

Колку се реални предлозите за укинување на консензусот во одлучувањето, слични се ставовите и на извршниот директор на Центарот за европски стратегии „Евротинк“, Димитар Николовски. Но, доколку дојде до усвојување на иницијативата за квалификувано мнозинство за техничките прашања, тоа би можело да е чекор и кон целосно укинување на едногласноста.

„Не очекувам во доследно време да се променат правилата околу едногласноста во одлучувањето за почеток и крај на преговори, но иницијативата за техничките прашања е интересна и може да биде еден чекор кон целосно укинување на едногласноста. Мислам дека постојат шанси иницијативата на Австрија, Словенија, Германија и Италија да биде успешна“, вели Николовски за РСЕ.

Сепак, тој нагласува дека со оглед што за Северна Македонија се очекува вистински почеток на преговорите, „ќе зависиме од консензус кај сите земји членки“.

16 членки на ЕУ за квалификувано мнозинство за технички прашања

Идејата на Кошта, како што објавија дел од медиумите, се дискутирала и на самитот на европските лидери во Копенхаген на почетокот на октомври, на што Унгарија се спротивстави. Министерот за надворешни работи Петер Сијарто во интервју за РТС на 1 октомври рече Европската Унија „така е формирана да мора да постигне едногласност и тоа се клучните вредности на ЕУ“.

Во интервјуто тој обвини за двојни стандарди и отворено зборуваше против туркањето на Украина во ЕУ обвинувајќи дека тоа е „вистински скандал“.

Но, кога е во прашање укинување на едногласноста за техничките прашања во текот на преговорите, претставници на европските земји тврдат дека досега поддршка има од 16 членки на Унијата. Тоа го посочија и сојузна министерка на Австрија за Европа, интеграција и семејство, Клаудија Плаколм и словенечката државна секретарка во Министерството за надворешни и европски прашања, Нева Грашич, кои на 6 октомври беа во официјална посета на Скопје. Нивните земји, како што појаснија, заедно со Германија и Италија испратиле писмо до Кошта за покренување на оваа иницијатива.

Австрија ќе се заложи за квалификувано мнозинство во процесот на пристапување на нови земји во ЕУ со цел да се намали бирократијата. Тоа значи дека нема да биде неопходна едногласност за секој технички чекор за секоја земја кандидат … За крајниот процес на пристапување ќе биде потребна едногласност, но во меѓувреме ќе се намалат тензичните билатерални односи и ќе може во поголема мера неутрално да се носат одлуки“, порача Плаколм од Скопје на 6 октомври.

Видете и ова: Калас од Скопје: Работиме на механизми за деблокада на евроинтегративниот процес

Грашич се надоврза дека проширување е приоритет на Словенија поради геополитичката динамика.

„Инститираме и Северна Македонија да стане дел од ЕУ до 2030 година и го разбираме разочарувањето“, истакна државната секретарка во словенечкото МНР.

Владата очекува „засилени заложби“, но не открива детали

А колку во целата атмосфера кога се покренува прашањето околу едногласното одлучување од ЕУ, Владата во Скопје гледа шанса и за Северна Македонија?

Оттаму, не навлегуваат во детали, но посочуваат дека се во „постојана координација со надлежните институции за придвижување на патот кон ЕУ“, како и дека остануваат посветено на спроведување на реформската агенда за забрзување на процесот.

„Нашата позиција е јасна, веруваме дека процесот мора да се гради со заемен дијалог, соработка и почит, а не со еднострани ограничувања“, велат од Владата за РСЕ.

Премиерот Христијан Мицкоски, на брифинг со новинарите на 19 септември посочи и дека очекува после новогодишните празници придвижување во делот на давањето гаранции дека уставните измени ќе бидат последното барање од Бугарија. За тоа, рече, треба притисок и од некоја посилна страна.

Сепак, детали ниту Мицкоски тогаш, ниту Владата денес не откриваат. Во одговорот што го доби РСЕ, оттаму повторуваат дека очекуваат „засилени заложби за сите конкретни чекори“.

Раздвижувања по локалните избори?

Кацарска од Институтот за европска политика посочува дека уште по минатогодишните парламентарни и претседателски избори и промената на власта, проценките биле дека поместувања околу евроинтеграциите не се веројатни пред претстојните локални избори.

„Завршувањето на локалните избори е период во кој е повеќе од потребно да се врати евроинтеграцискиот процес во фокусот на сите институции на државата, како на политичко, така и на техничко ниво“, вели Кацарска.

Локалните избори треба да се одржат на 19 октомври – прв круг и 2 ноември – втор круг. А, среде кампањата за локални, опозицискиот СДСМ презентираше и резолуција со „црвени линии“ во однос на пристапувањето во ЕУ со која се предвидува државата да ги исполни обврските за уставни измени, но без прифаќање на нови барања или прашања од билатерален и идентитетски карактер.

Власта засега негодува, но сепак, Николовски од „Евротинк“ очекува поместувања во таа насока.

„Иако очекував тоа да биде добра основа за наоѓање на национален консензус, дневната политика го направи своето и мислам дека сето ќе се изјалови. Во однос на други иницијативи, очекувам Владата да поднесе нов предлог за откочување на процесот, некоја нова креативност, но останува знак прашалник дали тоа ќе биде прифатено од страна на ЕУ и Бугарија“, додава Николовски.

Видете и ова: Високи претставници на ЕУ во Скопје – Сигнал за нова фаза во евроинтеграциите?

Најави за раздвижувања околу евроинтеграциите по локалните избори најавија и претставници на власта. Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани изјави дека „постои сериозна одлучност кај премиерот и Владата веднаш по изборите да се преземат конкретни чекори за надминување на спорот со Бугарија“.

Неколку дена пред локалните избори, пак, во посета на земјава во рамки на својата турнеја во регионот, претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе го посети и Скопје.

Северна Македонија и Бугарија од 2017 година имаат меѓусебен Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Сепак, во ноември 2020 Софија стави вето за почеток на пристапните преговори на Скопје поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.

Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис за преговарачката рамка на Северна Македонија која прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница. Од друга страна, пак, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.

По постигнатото решение, Северна Македонија на 19 јули 2022 година ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени со кои Бугарите ќе ги вметне во Преамбулата.