Првите луѓе на Европската Унија прв пат доаѓаат во Скопје по изборите за европскиот парламент и формирањето на новата Европската Комисија. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, утре на 15 мај, треба да допатува во неколкучасовна посетета на Северна Македонија, во рамки на турнејата низ земјите од Западен Балкан и ќе се сретне со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и со премиерот Христијан Мицкоски.
“Го посетувам регионот за да разговарам со лидерите за постојаните предизвици и да покажам дека ЕУ е подготвена да помогне. Постои јасен моментум на проширување, но на моментумот му треба посветеност и следење“, изјави Кошта пред почетокот на балканската турнеја.
Симонида Кацарска од Институтот за Европска политика вели дека Кошта ќе ги посети сите главни градови да ги потсети лидерите на Западен Балкан за своите обврски во контекст на пристапувањето во ЕУ.
„Скопје не е честа станица на европските лидери во изминатиот период, поради што треба да направиме максимум од тој половина ден што Кошта ќе го помине кај нас. Потребно е оваа посета да се искористи во насока на градење на позитивен политички наратив за нашето пристапување во ЕУ и испорачуваање на конкретни резултати, наместо да се фокусираме на пречките“, смета Кацарска.
Во меѓувреме Северна Македонија е првата земја од Западен Балкан која ги доби првите 52,4 милиони евра од Инструментот за реформи и раст од ЕУ.
Посетата на Кошта доаѓа додека македонските евроинтеграции и натаму се блокирани поради условот за уставни измени.
Нови лица - стари пораки
Претседателот на Европскиот Совет пред неполн месец беше во тридневна посета на Бугарија каде што разговараше и за проширувањето на Унијата, а оттаму и за македонско-бугарските односи, но не беа соопштени детали од разговорите.
Со каква порака сега доаѓа Кошта во Скопје и дали Северна Македонија ќе добие сигнал за нова фаза во евроинтеграциите?
До сега сите претставници на Европската Унија повторуваат дека уставните измени и натаму се услов за да почнат пристапните преговорите додека македонската влада предлага Уставот да се менува на крајот од преговорите или да се дадат гаранции дека нема да има натамошни билатерални условувања.
„Разбираме дека ова не е лесно прашање. Промена на Устав. Сфаќаме и тоа е многу човечки и разбирливо што вашата земја сака да има гаранции по се она што го помина. Гаранции не може да има, но она што го очекувам од сите земји членки кога има билатерални прашања, е разговорите да се водат со добра волја и со визија да се дојде до компромис“, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за МИА пред еден месец.
Кос, која смета дека „Северна Македонија е тажна приказна на Балканот, заедно со Косово и со Босна и Херцеговина“, исто така се очекува во Скопје, но кон крајот на јуни. Нејзината посета беше одложена во март заради трагедијата во Кочани.
Кон крајот на следната недела Северна Македонија прв пат ќе ја посети и високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас. Таа веќе беше на балканска турнеја, но не и во Македонија, а во своите изјави досега речиси и не ја споменува кога станува збор за проширувањето на Унијата. Но затоа вели дека до крајот на нејзиниот мандат, Црна Гора и Албанија би можеле да станат членки на ЕУ.
Мицкоски : ЕУ останува наша цел
Какви пораки ќе испрати македонскиот државен врв на високите гости коишто ќе ја посетат земјата?
„ЕУ беше, е и ќе остане наша цел“, изјави премиерот Мицкоски на Самитот Македонија 2025.
Македонскиот премиер еден ден пред средбата со Кошта изјави : „Нашите ставови се јасни во врска со уставните измени, тука нема промена, затоа што не гледаме, барем во овој момент, некаков сигнал дека има промена во однесувањето од страната на нашиот источен сосед“.
Мицкоски рече и дека се надева оти во периодот којшто следи „повеќе ќе зборуваме за решенија отколку за проблеми“.
И претседателката Гордана Сиљановска Давкова вели дека Македонија останува посветена на патот кон ЕУ. По средбата со хрватскиот претседател Милановиќ во Скопје минатата недела кажа и дека актуелната состојба е неодржлива.
„Има нешта за кои може да се преговара, бидејќи се рационални и затоа што се врзани за мерит системот, но има нешта за кои не можете да ги исклучите емоциите и тогаш тоа е ирационално, како љубовта“, рече претседателката Сиљановска.
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, изминатите два дена во Брисел имаше средби во директоратот за проширување и со известувачот за Северна Македонија во европарламентот Вајц.
Дискусиите се одвивале во контекст на напреднатата фаза на подготовките за отворање на Кластерот 1. Според соопштението од СЕП, министерот Муртезани информирал дека владата веќе ги финализира суштинските стратешки документи: Патоказот за владеење на правото, како и придружниот Акциски план за заштита на правата на припадниците на малцинствата и заедниците и Патоказот за реформа на јавната администрација.
Но во Брисел му порачувале исто: без уставни измени – нема отворање на преговорите.
Претседателот на Европскиот совет Кошта од Скопје ќе замине во Тирана каде што на 16 мај лидери од цела Европа ќе се соберат на самитот на Европската политичка заедница (ЕПЗ). Таа заедница се состанува на највисоко ниво двапати годишно, а домаќинот ротира помеѓу 27-те земји-членки на ЕУ и 20-те земји надвор од ЕУ.