Не сум дојден да ви делам совети и да ги сеам како семиња наоколу, но не дозволувајте да бидете жртва на изнуда кога станува збор за членство во Европската Унија, порача хрватскиот претседател Зоран Милановиќ кој денеска (7 мај) престојува во официјална посета на Северна Македонија.
„Совети секако добивате и од други страни, од соседите, од меѓународната дипломатија, од ЕК. Не се сите тие паметни и корисни за вас, работете по свое. Вие сте оние кои ќе одлучите што е важно за вас, но немојте да бидете само жртви на принуда или изнудување кога станува збор за членство во ЕУ. И тука не мислам на Бугарија, тие имаат свои идеи како треба тоа да изгледа и јасно е дека треба да постои некаков консензус. Се додека некој е против, Македонија не може да оди напред“, изјави Милановиќ на заедничката прес-конференција со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова.
Шефот на хрватската држава вели дека е јасно во кој правец треба да се движи Македонија, но дека на крајот, тоа е одлука што треба да ја донесе државата и нејзините граѓани.
А, поддршката за членство во ЕУ постои и тоа го покажуваат сите анкети, уверува претседателката Сиљановска-Давкова. И во оваа прилика таа го повтори веќе познатиот став, дека земјава не е надвор од Унијата поради неисполнување на Копенхашките критериуми, туку поради „прашања што на некој начин бараат ревизија на историјата“.
„Сите анкети покажуваат дека нешто што е нормално е да влеземе и политички во ЕУ бидејќи географски, историски и културно отсекогаш сме биле дел од ЕУ. Ако сте добиле 20 позитивни извештаи за напредокот од ЕК, тоа значи дека дека тие се сериозни и дека имало причина за препораката, а Советот велел НЕ, на толку многу ДА, тоа не е поради неисполнување на Копенхашките критериуми, туку заради прашања што на некој начин бараат ревизија на историјата. Се преговара за рационални работи, а не за ирационални“, рече Сиљановска-Давкова.
Инаку македонско-бугарските односи се нарушени по бугарското вето за старт на македонските преговори за влез во ЕУ, бидејќи Бугарија не го признава македонскиот јазик и делови од историјата и се жали на дискриминација на свои граѓани во земјава.
Софија во 2022 го повлече ветото за почеток на преговорите со ЕУ откако Скопје го прифати францускиот предлог кој меѓу другото, предвидува бугарскиот народ да стане дел од македонскиот Устав.
Давкова вели дека оваа неодржлива состојба не говори само за нас, туку и за интегритетот и кредибилитетот на ЕУ во областа на проширувањето.
„Повторувам дека копенхагенските критериуми ќе направат од нас стандардна европска, досадна држава, дека ветото не е пријателски документ. Ние мора да ја тераме државната агенда, бидејќи лигитимитетот ни извира од граѓаните. Нашите проблеми се од друга природа, врзани се со историјата, перцепцијата на културата па дури и за јазикот, нешта за кои не се разговара и преговара. Мислам дека ветото ќе предизвика и натаму проблеми“, рече македонската претседателка.
Но, дури и пораките од официјален Брисел одат во насока на тоа дека нема никакви гаранции дека и кога би биле усвоени уставните измени, нема да има нови блокади од Бугарија. Токму тоа неодамна го потврди и еврокомесарката за проширување Марта Кос.
Таа сепак истакна дека ова не значи дека ЕК не работи на тоа да и помогне на земјава да ги започне преговорите по кластери и потенцираше дека лично е ангажирана околу билатералното прашање со Бугарија.
Претстојните посети на високите европски претставници Антонио Кошта и еврокомесарката за проширување Марта Кос, Сиљановска-Давкова не сакаше да ги коментира сега. Рече дека прво ќе ги сослуша што имаат да кажат, а потоа ќе го каже својот став.
Хрватскиот претседател Милановиќ го коментираше и неодамнешното потпишување на декларација за продлабочување на соработката во областа на одбраната и безбедноста меѓу Хрватска, Албанија и Косово, која многумина го протолкуваа како воен сојуз, а српскиот претседател Александар Вучиќ најави можност за создавање воен сојуз на Србија со Унгарија.
Милановиќ вели дека соседните земји не треба да стравуваат од некакви последици од оваа декларација.
„Тоа не е договор туку декларација која ја потпишаа тројцата министри за одбрана. Документите на тоа, пониско ниво не се третираат како меѓународна обврска. Јас не учествував во подготовката на овој документ, но како претседател на вооружените сили го поддржувам и сакам да ги смирам соседните држави дека не треба да имаат проблем со тоа. Тоа е само добра волја и добра намера, а соработката оди преку институциите, преку органите на НАТО“, изјави Милановиќ.
Инаку во фокусот на разговорите на двајцата претседатели биле билатералните односи, процесот на нашата европска интеграција низ призма на меѓународниот поредок, ЕУ амбиентот, како и регионалните предизвици.
Двајцата соговорници се согласиле дека односите меѓу двете земји се традиционално добри и пријателски, а Сиљановска- Давкова додаде дека Хрватска има разбирање за регионалните потреби и за Западен Балкан.
Претходно, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на фејсбук напиша дека „посетата на хрватскиот претседател претставува потврда за традиционално пријателските и партнерски односи, кои се развиваат без отворени прашања – како на билатерално, така и на мултилатерално ниво“.
И хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, во август лани изјави дека Хрватска останува подготвена да и помогне на Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија во кој, како што рече, во изминатите 20 години имаше многу неправди кон Северна Македонија.