Системот за заштита на жените-жртви на семејно насилство е сè уште недоволно развиен, а бројките за жртви и сторители на кривични прекршочни дела во врска со семејно насилство покажуваат загрижувачки континуитет, заклучува Државниот завод за ревизија во најновиот извештај.
Ревизијата на „Имплементацијата на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулската конвенција) покажала дека мерките и активностите на институциите не обезбедуваат соодветна и ефективна поддршка, заштита и реинтеграција на жените жртви на родово базирано и семејно насилство.
Во прилог на ова зборува фактот што во 2023 година, мажите биле десетпати повеќе сторители на кривични дела од жените, додека жените жртви биле четири пати повеќе од мажите.
„Оваа состојба укажува дека обврските од Истанбулската конвенција остануваат неисполнети“, констатира ДЗР.
Истанбулската конвенција е потпишана во 2011 година, а ратификувана во 2017 година. Веднаш потоа беше донесен Акциски план за спроведување на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашно насилство за периодот 2018 – 2023 година. Планот предвидува спроведување на 52 активности.
Но, од ДЗР констатираат дека мерките и активностите не се доволно ефективни за превенција, поддршка, заштита и целосна реинтеграција на жените жртви на родово базирано и семејно насилство.
„Утврдивме дека предвидените активности не се реализирани во целост, односно реализирани се 22 активности, 20 не се реализирани, додека 10 се делумно реализирани. Утврдивме дека за периодот по 2023 година не е донесена Национална стратегија за спречување и заштита од насилство, ниту се усвоени сите подзаконски акти предвидени со Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство“, се вели во соопштението од ДЗР.
Ревизијата покажала дека програмата за реинтеграција на жртвите донесена од министерот за социјална политика, демографија и млади е општа, нема утврдено период за кој се однесува, ниту има утврдени јасни цели со мерливи индикатори кои треба да се остварат.
„Во февруари 2023 година, Кривичниот законик беше усогласен со Истанбулската конвенција, со што се криминализира родово базираното и семејното насилство, се зголемија казните за сексуално насилство, се прошири дефиницијата за семејно насилство, а фемицидот се третира како квалификуван облик на убиство. Иако ова претставува значаен напредок, остануваат предизвици, како: недоволно вклучување на граѓанскиот сектор, недоволна криминализација на психичкото насилство и фактот што гонењето за телесна повреда сè уште се врши по предлог на жртвата, што ја нарушува ефикасноста на заштитата и го намалува објективното гонење на сторителите поради влијанието и притисокот врз жртвите“, се наведува во извештајот на ДЗР.
Меѓудругото, се посочува дека во центрите за социјална работа не е направена планираната реорганизација, а истите се соочуваат со недостиг на кадар. Дополнително, дел од здруженијата кои даваат специјализирани услуги не се лиценцирани, а не постои уреден систем за лиценцирање на СОС линиите(линии за помош на жртвите).
Резултатите од ревизијата укажуваат и дека бројот и територијалната распределеност на засолништата и советувалиштата не одговара на стандардите утврдени со Конвенцијата, а дел од постојните објекти не ги исполнуваат условите во однос на локација, опрема, простор и кадар, состојба која не овозможува ефикасна заштита на жртвите.
Согласно бројот на жители, во државата треба да има 184 легла во засолништа, воспоставени се само 67 (37%), од кои 48 се од Центрите за социјални работи (ЦСР), а 19 од невладиниот сектор (НВО). Во однос на советувалишта, потребни се 19, а воспоставени се 11 (59%), од кои 7 од ЦСР, а 4 од НВО. Територијалната распределба е нерамномерна. Во Југоисточниот и Североисточниот регион нема ниту едно легло во засолништата на ЦСР, додека НВО обезбедуваат засолништа само во Скопскиот и Југоисточниот регион. Исто така, во Југоисточниот регион нема воспоставено советувалиште, иако е предвидено едно. Со увид во дел од воспоставените засолништа и советувалишта, утврдено е дека голем дел од нив во претходниот период се користеле, но сега не се во функција.
Инаку анализата на податоците од 30 центри за социјални работи покажала дека во периодот 2020–2023 година, биле евидентирани вкупно 6282 нови жртви на семејно насилство, со благ пораст низ годините.
Според податоците на МВР, во периодот 2018–2023 година се извршени 6242 кривични дела поврзани со семејно насилство. Регистрирани се 6423 сторители, од кои 91% се мажи, и 6663 жртви, од кои 79% се жени. Во истиот период се евидентирани и 2347 прекршоци, со речиси еднаков број на жени и мажи жртви.
Статистички податоци за жени жртви на семејно насилство за минатата 2024 година, сѐ уште нема.
Достапните податоци покажуваат континуиран и непроменет сооднос во кој мажите се доминантни извршители на насилство, а жените се значително почесто жртви, што според ДРЗ, упатува на недоволната ефективност на досегашните мерки за превенција и заштита.
Бројот на мажи сторители на кривични дела е 9 до 11 пати повисок од бројот на жени. Бројот на мажи сторители на прекршочни дела е 3 до 6 пати повисок. Бројот на жени жртви на кривични дела е 4 пати повисок од бројот на жртви мажи. Кај прекршочните дела, соодносот жени-мажи жртви е речиси изедначен.
Инаку со Одлука на Владата, во 2021 година формирано е Национално координативно тело чија задача е да го следи спроведувањето на Истанбулската конвенција и националните политики за борба против насилство врз жените и семејно насилство и треба да промовира меѓу институционална соработка.
ДЗР утврдил дека тоа не ги врши во целост своите надлежности и отсуствува интегриран систем на евиденција на жртвите, поради што не е можно да се обезбедат точни, навремени и унифицирани податоци од страна на сите надлежните институции вклучени во процесот на превенција и заштита на жените жртви на родово базирано насилство и семејно насилство и други информации релевантни за следење на состојбата за насилство врз жените.
За надминување на утврдените состојби ДЗР дал препораки за преземања на активности од страна на Владата, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи и Центрите за социјални работи, со цел создавање услови за подобрување на целокупната состојба поврзана со превенција и заштита на жртвите на родово базирано и семејно насилство.