Достапни линкови

Електронскиот индекс ќе стигне побрзо од топла вода во студентските домови


Студентите добија функционални лифтови и топла вода во студентските домови откако јавно побараа. Сепак, тие се скептични дека проблемите кои се провлекуваат со години, ќе се решат во претстојната академска година. Власта најавува дигитализација на студентските програми, а во домовите едвај има интернет.

Вештачка интелигенција, електронски индекс, дигитален потпис, се новините што образовните власти најавија дека ќе ги воведат. Очекуваат да ги користат сите студенти, па и они во студентските домови. А таму, уште кубурат со топла вода и лифтови што не работат, а интернет или воопшто нема , или и тој што го има е премногу слаб.

Откако јавно испратија барања за сервисирање на лифтовите и за топла вода, студентите од домовите „Гоце Делчев“ и „Пелагонија“ во Скопје сега го добија тоа на што студенти во други земји ниту помислуваат дека може да недостасува, но стравуваат дека нема да е уште за долго. Велат топла вода треба да има во секој ден од годината и проблемите да се решат на долг рок.

„Доаѓаш од факултет и не можеш да се избањаш. Се случува да немаме вода по една, две, па дури и по три недели. Но и тогаш кога има, во одредени соби може воопшто да нема притисок. Се снаоѓаме на секакви начини, па ја грееме водата и на решо. Според нас, тоа е голем проблем“, вели за Радио Слободна Европа, младиот Јане Кицев од Неготино.

Функционални лифтови секој ден

Студентот Јане веќе три години студира на Стоматолошкиот факултет во Скопје и исто толку престојува во студентскиот дом ‘Пелагонија’.

Младите во видео приказните на РСЕ - преку сите пречки до сонот Младите во видео приказните на РСЕ - преку сите пречки до сонот
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:31 0:00

Таму година и пол е претседател на Советот на станари и како што вели, во овој период се смениле четворица директори, а на секој од нив времето им поминувало во запознавање со проблемите.

Меѓу нив, се провлекува и нефункционалноста на лифтовите.

„На вториот кат од студентскиот дом живее студент со инвалидитет. Неговиот живот е отежнат кога лифтот не работи, макар и за кратко. Сме биле и сведоци на тоа девојчиња да се симнуваат од погорните катови со големи куфери во раце“, вели Јане.

Според него, овие проблеми во моментот ги нема, но смета дека во новата академска година би можеле повторно да се појават, исто како што се случува кога студентскиот дом е во полн капацитет.

Бараме решение и сакаме да го превенираме тоа – додава Јане.

Студентскиот дом каде што тој живее е една од институциите до кои Универзитетското студентско собрание на УКИМ испрати барање сите лифтови во студентските домови да бидат функционални и секогаш да има топла вода. Студентите го испратија барањето и до Државниот студентски дом, како и до Министерството за образование и наука.

Проблемите на кои укажува УСС УКИМ ги има и во студентскиот дом „Гоце Делчев“.

„Нашето барање беше од септември да не се случуваат истите проблеми затоа што веќе е 2025 година, а ова се случува неколку години наназад“, вели за РСЕ, Александар Николовски – претседателот на УСС УКИМ.

Тој вели дека пред две години, во овој студентски дом имало период кога ниту еден од лифтовите не бил функционален, а лани биле само четири.

Решавањето на проблемот во моментот, смета дека се должи на одржувањето на Европските младински олимписки игри на кои Скопје е домаќин месецов, а токму капацитетите на „Гоце Делчев“ ќе бидат понудени за сместување.

„Претходно додека таму живееја студентите лифтовите не беа сервисирани, но се надевам од октомври осумте лифтови ќе бидат функционални“, додава Николовски.

Иако објавен лани во март, последниот извештај на Државниот завод за ревизија содржи наоди кои покажуваат дека состојбата вио студентските домови е непроменета. Студентите изразиле незадоволство не само од сместувањето, туку и од исхраната.

-Објектите кои ги користат домовите во најголем дел се стари и не ги задоволуваат потребите на современото живеење, утврдиле ревизорите.

Измени на Законот за високо образование

Додека студентите бараат базични работи за да се подобри нивниот стандард, властите планираат образованието во државата да го унапредат со вештачка интелигенција (ВИ). Министерката за образование и наука, Весна Јаневска изјави дека тоа е следниот чекор во „процесот на дигитална трансформација на образовниот систем“.

Од Министерството во писмен одговор до РСЕ, наведуваат дека воведувањето на ВИ во образованието ќе почне со мали чекори, со соодветна обука и поддршка.

Оттаму на прашањето какви се плановите за воведување ВИ конкретно во високото образование, велат дека високообразовните установи се автономни и самостојно ги креираат студиските програми.

МОН ги поттикнува факултетите да ги следат глобалните образовни трендови и да ги интегрираат технолошките иновации, меѓу кои и вештачката интелигенција во рамки на студиските програми, се вели во писмениот одговор од ресорното министерство.

Од прес службата истакнуваат дека веќе е формирана работна група која подготвува и нов Закон за високо образование.

Во меѓувреме, во изминатата година прифатени се и повеќе барања на студентите во насока на унапредување на студентскиот стандард. МОН направи измена на правилник, според која е овозможено високообразовните установи да воведат примена на електронски индекс, кој има идентична важност како хартиениот – нагласуваат надлежните.

Модернизација, но без стабилен интернет

Но електронските индекс на скопскиот универзитет, се очекува да биде воведен за година, односно за година и пол.

Така најави ректорката проф. д-р Биљана Ангелова, која најави дека ќе ги дигитализираат сите студентски сервиси. Националното студентско тело пак, веќе направило листа со приоритетни дигитални услуги, како и Акциски план. Студентите очекуваат да се воведе и дигитален потпис, а од декември да бидат дигитализирани најголем дел од услугите на Студентски прашања.

Но за да ги користат дигиталните услуги кои ќе го модернизираат високото образование, студентите бараат стабилен интернет во студентските домови и подобри услови во читалните.

„Во читалната фалат столчиња, а исто така може да се подобри осветлувањето. Често се случува да има проблем со сијалиците“, вели студентот Јане Кицев.

Претседателот на УСС УКИМ, Николовски посочува дека немањето стабилен интернет во студентските домови е голем проблем и за ова разговарале со министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

„Во тек се одредени процеси за да се добие стабилен интернет, затоа што самата мрежа не ги исполнува условите за да биде добар интернетот за илјада и нешто студенти во секој дом“, вели Николовски.

Набавена нова опрема за интернет за студентите

Додека образовните власти најавуваат дека ќе воведат вештачка интелигенција во образованието, Министерството за дигитална трансформација оди уште подалеку, па планира неа да ја вметне и во новата ИКТ Стратегија која е во завршна фаза.

Од Министерството во писмен одговор до РСЕ, истакнуваат дека имале бројни средби со студентите за електронските услуги и пристапот до студентските домови и читалните.

-Ние како Министерство, сепак набавивме соодветна опрема за да овозможиме бесплатен WiFi интернет за студентите онаму каде за тоа ќе има потреба. Пред уписите за оваа година, ќе промовираме и нови електронски услуги за студентите, велат од Министерството за дигитална трансформација.

Оттаму посочуваат и дека во соработка со МОН, како и и со раководствата на универзитетите, учествуваат во создавањето на Национална образовна ИКТ инфраструктура, која ќе треба дигитално да ги поврзе сите образовни и истражувачки институции во земјата.

Министерството во соработка со МАРНет во првата половина од 2025 поднело и апликација до делегацијата на ЕУ за финансирање на проект за набавка на опрема со која ќе се обезбеди пристап до GÉANT мрежата и значително поголема брзина. Пристапот до GÉANT мрежата значи приклучување кон најголемата и најнапредната истражувачка и образовна мрежа во светот, која преку соработка со 39 национални мрежи за истражување и образование (NREN) поврзува над 50 милиони корисници во повеќе од 10.000 институции низ Европа.

За нормално одржување и функционирање на студентските домови, како што постојано бараат нивните станари, студентите, засега нема најави од властите. Во тек е само реновирањето на двата студентски дома во Скопје кои беа во најлоша состојба, „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ што беше најавено дека ќе заврши во академската 2026/2027 година. Потоа ќе следи реновирање на останатите.

XS
SM
MD
LG