Во реакција за инцидентот на кошаркарскиот натпревар во Куманово меѓу Северна Македонија и Романија, македонскиот премиер Христијан Мицкоски изјави дека „апсолутно го осудува ксенофобичното и националистичко скандирање“. Премиерот посочи дека станувало збор за поединци и дека тој не го забележал и покрај тоа што беше присутен на трибините.
Мицкоски рече и дека во текот на вчерашниот ден домаќинот - Кошаркарската федерација, како и Општина Куманово, го осудиле скандирањето и ксенофобичните „испади на неколкумина во салата“ и најави истрага за настаните во салата.
„Искрен да бидам, јас вооопшто и не го забележав тоа, бидејќи стануваше збор за мала група на луѓе. Но, ќе ја искористам оваа прилика и ќе се приклучам на осудата на национализмот и ксенофобијата, најпрво таа што се случи меѓу за време на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија, а потоа и да упатам порака до сите навивачки групи да навиваат спортски, да го бодрат својот тим и националниот тим на Македонија“, рече тој.
Мицкоски додаде дека тоа е она кое што го поддржуваа оваа влада, а се друго ќе биде предмет на истрага и санкции, без разлика од која страна доаѓа.
Реакциите доаѓаат по скандирања на натпреварот кој се одржа на 2 август во Куманово, каде навивачите скандираа погрдни и навредливи збориови за Албанците додека македонските државни функционери беа присутни на трибините.
Освен Мицкоски, на трибините беше и вицепремиерот Иван Стоиљковиќ и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Мнистерот за спорт Борко Ристовски изјави дека Министерство не можело да реагира конкретно, бидејќи како што рече, „скандирањето не дошло од спортски субјект, туку од навивачи“, за што рече дека Министерството нема ингеренција.
„Но, еве ќе упатам еден апел до дека во Македонија нема потреба од такви скандирања од било која страна, и ние ќе работиме најнапред на едукација на навивачите, навивачките групи, на народот. Секој има право да си ја поддржува својата репрезентација, својата екипа, меѓутоа вакви немили настани не треба и не смее да се случуваат, но од позиција на Министерство за спорт ние не можеме ништо друго освен да едуцираме и да апелираме“, рече Ристовски.
Обвинителството го истражува говорот на омраза
Од основното јавно обвинителство Куманово вчера соопштија дека постапуваат и дека до Секторот за внатрешни работи Куманово и дале повеќе наредби и насоки за испитување на елементи за кривично дело при скандирањата кои содржеле говор на омраза „од засега непознати лица на вчерашниот кошаркарски натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Романија“.
„Издадена е наредба и за обезбедување на снимките од видео надзор со цел идентификација на евентуални сторители“, велат од Обвинителството.
Претходно, остри реакции за настанот пристигнаа од Албанската опозициска партија, Демократската унија за интеграција (ДУИ), од каде рекоа дека „на настанот се слушнале антиалбански слогани, расистички скандирања и чист етнички говор на омраза против Албанците“.
Партиски реакции
Од партијата рекоа дека е особено загрижувачко што владата и присутните државни претставници молчеа за инцидентот.
„Немаше институционална реакција, немаше морална осуда, немаше политичко дистанцирање. Само тивко одобрување, што е исто толку тешко за нас како и самите слогани“, соопшти ДУИ, барајќи итна истрага за настанот, санкции за организаторите, јавно дистанцирање на владата и вклучување на меѓународни актери во следењето на говорот на омраза и, како што наведоа, институционалниот национализам.
„Секој треба да знае: Нема да дозволиме земјата да се претвори во арена на етничка омраза. Нема да дозволиме Албанците да станат мета на фашистички слогани. Нема да молчиме - ниту сега, ниту во иднина“, соопшти ДУИ.
Генералниот секретар на Алијансата за Албанците, Блерант Рамадани, изјави дека молчењето на државните лидери за инцидентот во Куманово е „соучество, и морално и политичко“.
„Во земја која се стреми кон членство во Европската Унија,говорот на омраза не може да се толерира, релативизира или премолчи. Бараме итна истрага, соодветна казна и итен институционален одговор“, напиша тој на Фејсбук.
И опозициката партија СДСМ остро го осуди националистичкиот говор и навредливите скандирања што се случија за време на спортски натпревар во Куманово. Пратеникот од СДСМ, Оливер Спасовски на социјалните мрежи напиша: , „Таквото однесување нема место во општество кое се гради врз вредности на соживот, меѓусебна почит и единство.“
Тој потсети дека Куманово отсекогаш било симбол на различност и соживот, а ваквите појави, особено во чувствителни периоди како пред избори, не само што навредуваат поединци и заедници, туку го поткопуваат мирот и заедничкиот живот.
Реакции на Косово
И во Косово имаше реакции за навредливите скандирања на кошаркарскиот натпревар во Северна Македонија.
Kосовскaтa претседателка Вјоса Османи изјави дека „антиалбанските скандирања што се слушаат во Куманово се неприфатливи и го нарушуваат духот на соживот и меѓусебното почитување“.
Претседателката на Косово побара од македонскиот државен врв да дејствува и да ги казни оние што поттикнуваат омраза.
„Ги повикуваме институциите на Северна Македонија да преземат итни мерки против организаторите на овие повици, оние што се одговорни и оние што поттикнуваат и шират омраза, осудувајќи ја секоја форма на говор на омраза и заштитувајќи ги принципите на соживот и толеранција, како основни вредности на држава што се стреми кон интеграција во ЕУ“, рече Османи.
Во меѓувреме и Артан Бехрами од Демократската партија на Косово ги критикуваше косовските власти за молчењето за инцидентот.
„Христијан Мицкоски стана премиер на Северна Македонија благодарение на благословот и директните гласови што му ги даде Албин Курти преку коалицијата ВЛЕН“, напиша Бехрами на Фејсбук, додавајќи дека „молчењето на Курти е повеќе од рамнодушност - тоа е политичко и морално соучество“.
Критики за неактивноста на Курти упати и пратеникот Даут Харадинај од Алијансата за иднината на Косово. Тој рече дека Курти е „кум на владејачката коалиција во Северна Македонија“ и дека новата влада таму „испраќа поздрави“ со расистички скандирања против Албанците.
За време на последните избори во Северна Македонија, неколку албански партии се здружија во коалиција наречена ВЛЕН. Беким Ќоку од движењето Самоопределување – предводено од Албин Курти – се приклучи на оваа листа. ВЛЕН сега е дел од владејачката коалиција во Северна Македонија.
Осуди во Албанија
Остри реакции на скандирањата против Албанците пристигнаа и од Албанија.
Претседателката на Собранието, Елиса Спиропали, ги опиша навредливите скандирања против Албанците како неприфатливи.
„Говорот на омраза што поттикнува насилство, етнички конфликт и расизам нема место во јавниот простор, особено не во спортот, чија суштина е духот на заедништво, соработка, фер-плеј и почит кон другите“, рече таа.
Таа додаде дека Албанија и Албанците остануваат посветени на промовирање на коегзистенцијата и на застапување „против застарените и избледени поделби“.
Амбасадорот на Албанија во Скопјe, Денион Мејдани, рече дека
„Навредливите извици во Куманово се аларм за сите нас“, додавајќи дека коегзистенцијата бара секојдневна посветеност и почитување на правилата.
Албанија рече дека очекува институционални реакции на настанот.