Достапни линкови

Ристовски: Предложивме или да се откаже Олимпијадата или да се намали на 1.000 учесници, но бевме одбиени


Борко Ристовски - министер за спорт
Борко Ристовски - министер за спорт

Mинистерот за спорт Борко Ристовки вели дека во личен разговор со претседателот на Eвропскиот олимписки комитет му било укажано дека државата ги нема потребните капацитети и комплекси за младинската Олимпијада. Иако признава дека организацијата во одреден момент затаила, сепак, вели дека тоа не било на катастрофално ниво.

Министре, изминатиот период бевте мета на жестоки критики во јавноста поврзани со Европскиот младински олимписки фестивал. Можете ли точно и конкретно да кажете која беше улогата на министерството во организирањето на овој настан?

Министерството за спорт апсолутно нема никакви законски мерки ниту можности за да биде организатор на едно такво натпреварување. Значи, Олимпискиот комитет на Македонија, кога се потпишува договор за доведување или за организирање на ваков голем настан во една држава, потписници заради немешањето на политиката, потписници на тој договор се градот и Олимпискиот комитет. Со самото тоа кажува дека Олимпискиот светски комитет и Европски не дозволува мешање на политика во Олимписките игри и во Олимпизмот генерално. Така да, ние не можеме да бидеме организатори, меѓутоа можеме да служиме како логистичка поддршка, што и бевме во конкретниот случај.

Јас не сум го кажал во јавноста до сега, меѓутоа ова е убава прилика и благодарам на можноста да го кажам, а тоа е дека Министерството за спорт во месец март или април, не се сеќавам, јас лично имав разговор со претседателот на Европскиот Олимписки комитет во насока да укажеме дека како држава ги немаме тие спортски комплекси кои Олимпискиот комитет и градот Скопје си го преземале како обврска со потпишување на договор за организирање на еден вака голем и масовен настан.

Ние предложивме или да се откаже Олимпијадата што за младинци што се одржува во Македонија, или таа да се редуцира на 1.000 учесници за коишто можеме како држава да дадеме гаранции. Бевме одбиени, бевме одбиени од причина што веќе било премногу касно за да се откаже Олимпијадата за младинци, што е и до некаде разбирливо, меѓутоа имаше обид и кажавме ние дека дека ние немаме капацитет за да за да организираме вака еден масовен настан.

Морам да додадам дека иако организацијата во одреден момент затаи, меѓутоа не беше на ниво катастрофално како што тоа сака да го прикажат поединци или опозицијата. И ете кога ќе угостите преку 4.000 дечиња, нормално е да има некои недостатоци. Не постои држава на светот или Олимписки комитет на светот или град на светот што може да го организира без недостатоци и тоа е во ред. Улогата на министерството беше чисто логистичка.

Kога зборувате дека како министерство сте имале логистичка поддршка, во јавноста сам кажавте дека министерството издвоило и еден милион евра во однос на организацијата. Што конкретно опфаќаат тие пари?

Од нас беше побарано, на пример, да купиме 150 нови креветчиња за студентските домови коишто ќе останат понатаму во студентските домови. Ние како министерство успеавме од една општествено одговорна компанија да замолиме да донира 2.000 перници, сите оние работи коишто се потребни за тие креветчиња. Беше побарано од нас да го обезбедиме дел од автобускиот превоз којшто го обезбедивме. Беше побарано од нас сите спортски сали да бидат дадени на користење бесплатно, што и донесовме одлука на Влада и ги оставивме сите оние спортски сали бесплатно на користење и беше побарано од нас да помогнеме во промоција на настанот.

Меѓутоа се тоа беше побарано од нас во последните два месеца и ние тоа го направивме со рекламите на оние градски автобуси коишто може не знам дали сте ги виделе вие, меѓутоа го направивме и тоа.

Побараа исто така да го забрзаме процесот со вадењето на визи за сите учесници, затоа што 4.000 има држави, подолг процесот на проверка од безбедносни причини и токму се тие логистички причини за коишто работи коишто зборувам, коишто беа побарани од нас и ги обезбедивме.

Значи, ако мене ме прашувате, кога ќе потпишувате еден ваков договор за сериозна организација, мора државата да даде заедно со градот којшто е домаќин или Олимпискиот комитет да работи на организација барем минимум две до три години, за да се создадат услови за беспрекорно работење или функционирање, одвивање на оваа Олимпијада. Зборувам сега за делот за во одредени сали кај што немаше ладење, да се стават клими уреди да се направи ладење.

Ако има некој недостаток, не знам, технички на паркетот, на соблекувалните, се тоа да се изведе со време. Меѓутоа пак ќе повторам, за ваква сериозна организација треба минимум две години припрема за да најнапред ја претставите државата во едно светло, а второ и да тие дечиња се осеќаат комотно и да можат да го дадат својот најдобар перформанс, спортски зборувам.

На прес-конференцијата кога се отвораше настанот, седевте на иста маса со претседателот на МОК Даниел Димевски, кој претходно лично вие го обвинувавте за криминал во работата, најавувавте кривични пријави против него. Откако станавте и министер изјавивте и дека не планирате да комуницирате со него. Како функционира еден спортски систем без соработка и комуникација помеѓу две клучни институции и дали тоа се одрази во организацијата на Олимпијадата?

Јас моето мислење за претседателот на Олимпискиот комитет ќе го задржам за себе. Имаме наши несогласувања од минатото, меѓутоа, јас морам да напоменам дека има многу поважни работи од тоа што јас мислам за Даниел Димевски и тоа што Даниел Димевски мисли за мене, а тоа е комуникацијата во интерес на државата.

Точно е дека јас бев на прес-конференцијата, меѓутоа мора да сфатите дека јас имам и обврска како земја домаќин, како ресорно министерство да присуствувам на тие прес-конференции. Имам обврска исто така како домаќин, зборувам како Македонија, како држава домаќин, да одам на отварањето на тие олимписки игри. Што само по себе ќе каже дека мораме сите без разлика на нашите несогласувања што јас мислам за него или што тој мисли за мене, да си ги исполнуваме се во интерес на доброто на спортот и на тоа како треба да изгледа една Олимпијада.

Не се обични несогласувања, вие најавувавте и кривични пријави против него.

Јас стојам на ставот дека без разлика какви се личните несогласувања, јас можеби можам да не ве сакам вас или вие мене, меѓутоа, сум тука на интервју и вие ме интервјуирате мене. Што значи дека во интерес на спортот и на тоа како треба да се подобро да се организира Олимпијадата и што ние како држава може да помогнеме во оној сегмент во којшто побарале помош од нас, ние сме го исполниле целосно.

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија излезе со обвинување дека пиар и маркетингот го водела компанија чиј сопственик е близок со вас и ве обвинија за евентуално лобирање или блискост во однос на добивањето на компанијата да го води маркетингот на фестивалот. Каков е вашиот коментар?

Сите обвинувања коишто доаѓаат од Социјалдемократскиот сојуз не треба да се земаат за здраво за готово, затоа што за да обвините некој нешто и некого, треба да имате елементарни познавања од работите. А во конкретниот случај Социјалдемократскиот сојуз нема елементарно познавање од тоа како функционира спортот и како тоа министерството организира или лобира да добие некоја маркетинг агенција работа со Олимпискиот комитет во којшто соработуваме технички само во интерес на државата и на помошта којашто тие ја побарале. Значи, едно со друго нема. Јас пак ќе повторам, ова е една политичка тема повеќе на којашто се налепија, јас ги разбирам, ја разбирам нивната безидејност, навистина, меѓутоа мислам дека на Македонија ни треба едно политичко-социјална хигиена во делот на политиката.

Македонија како домаќин учествуваше со 181 натпреварувач, меѓутоа не освои ниту еден медал. Колку овој резултат е последица на немање стратегија за млади спортисти, ако земеме у предвид дека поголемиот дел од младите сами вложуваат, сами тренираат, немаат големи спонзори како клубските натпреварувања, од друга страна немаат ни толку многу голема помош од државата?

Не ви е точна констатацијата. Јас ќе ви кажам дека немањето резултати не може да се смени ниту за една година, ниту за две, ниту за три. Тоа е еден процес којшто барем треба да трае два олимписки циклуса, а тоа е четири до осум години за да направите резултат на Олимпијада, зборувам. А, не е точно дека младите не се поддржани од државата. Јас ќе ви набројам многу факти коишто не се така.

Направивме да спортистите заслужни ги добиваат средствата директно. Да не оди тоа преку федерациите. Затоа што имаме случаи, и сега имаме случај, да ние ги префрламе наменски средствата за одреден спортист и тие средства се држат четири до пет месеци и не му се префрлаат на спортистот.

Зошто?

Објаснување нема. Меѓутоа ќе дојдеме и до тоа, ќе дојдеме и до тоа. Сега директно ќе ги даваме на спортистите и спортистите ќе донесуваат извештај, нормално со фискални сметки, со фактури каде ги потрошиле тие средства, затоа што индивидуалниот спорт е многу различен од колективниот.

На крај на денот еве ќе ви кажам еден многу успешен спортист, нема да споменувам имиња, многу успешен спортист којшто префрливме одредена сума на средства, не му ја префрлаат и ја држат на својата сметка, а спортистот нема финансиски средства да оди да направи една магнетна резонанца. Е до таму ни е спортот отиден и до таму е искористувањето на спортистите од одредени спортски луѓе кои се во спортот и коишто го искористуваат спортот за личен бенефит.

Имам личен контакт со сите индивидуални спортисти, со сите оние млади таленти, ние поддржуваме и преку 500 стипендираме млади таленти.

Најдобрата млада спортистка: Целта ми е да освојам олимписки медал Најдобрата млада спортистка: Целта ми е да освојам олимписки медал
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:31 0:00

Ако мене ме прашувате, ние 500 талентирани дечиња во државата немаме. А дали имаме и 250. И затоа размислуваме во иднина да бројката се намали, а помошта во средства да се зголеми. Значи, ако земале, не знам, 8.000 денари, сега 250 дечиња да зимаат 15.000 денари секој месец и да навистина ја осетат таа помош. Така да, верувајте дека преку ноќ не бива ништо, меѓутоа ве уверувам исто така дека Министерството за спорт и јас и мојот тим сме решени да работите ги поставиме онака како што треба. Мислам дека до сега, ааа, направивме за една година постоење премногу капитални инвестиции, премногу. Доволно капитални инвестиции за да почнеме од некаде.

Пред една година кога правевме интервју непосредно откако стапивте на функцијата, рековте дека македонскиот спорт генерално е на едно катастрофално ниво. Сметате ли дека во некој аспект сега е подобрено?

Во делот на капиталните спортски инфраструктурни објекти можам да ви кажам дека ние како Министерство за спорт за неполна година – зборувам имавме четири-пет месеци кои што во таа трансформација бевме министерство, меѓутоа немавме ни буџет, мораше да го чекаме ребалансот за да функционираме – ќе ја заокружиме на една година.

Во делот на капиталните инвестиции мислам дека сум многу горд на сè она што го направивме. Ааа, изградивме преку 30 мултифункционални игралишта и ќе одам дел по дел и ќе ви ги објаснувам. Не дека мултифункционалните игралишта значат професионален спорт – не.

Меѓутоа, мултифункционалните игралишта значат дечиња каде што можат да рекреираат и возрасни, нормално, и секој кој што ќе посака. Што повеќе дечиња на тие игралишта мултифункционални, спортски, тоа ќе градиме поздрава нација и дечиња базирани на вистински вредности.

Зборуваме за капитални инвестиции, реконструкции, инвестиции генерално, во спортот. Од друга страна, изминатиот период го имаше извештајот на Државниот завод за ревизија во однос на Јавното претпријатие кое што стопанисува со спортски објекти. Гледаме едни поразителни информации – има 32 милиони евра имот, меѓутоа не се знае ни кој го користи, ни кој го употребува. Доаѓаме до некоја апсурдна ситуација во која од една страна се инвестира, а, од друга страна, паралелно државата преку нејзините јавни претпријатија не знае ни што се случува со тој имот кој што веќе постои...

Не е баш така. Значи, тоа се две различни работи. Значи, јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти е сосема различен субјект. Јас зборам за Министерството за спорт.

Меѓутоа, пак зборуваме, еве и таму имаме игралишта, и тука имаме игралишта.

Па, видете, сега зборуваме за игралишта кои што вие ги спомнувате, тоа се игралишта кои што се преку 30-тина години стари.

Ние зборуваме за реконструирани игралишта, дел се во училишта, дел се нови. Зборуваме за дел од тие сали кои што биле дел од таа група на лошо стопанисувани сали, ете Расадник е еден пример за тоа, ме разбирате? Ревизорскиот извештај е во ред и мислам дека е мене ако ме прашувате и премногу блага форма напишан од ревизорите, Тоа јавно претпријатие во изминативе 30-тина години служеше за богатење на одредени луѓе кои што беа блиски до властите. Една, друга или трета, не налагам, генерално ќе зборувам.

Jас имам некои размислувања, дали ќе бидат прифатени од владата или не, ќе видиме, меѓутоа имам некои размислувања да Министерството за спорт земе одредени објекти спортски кои што се од национален интерес, да ги реконструира и да се договориме дали ќе се дадат со јавно приватно партнерство, да државата не го изгуби делот во контролата на тие спортски комплекси, да секогаш државата контролира дел од тоа. Не може вие да реконструираме ние спортски терен и да го дадеме на некој да го стопанисува. Тоа, апсолутно според мене, додека сум јас министер, нема да се случи.

Опозицијата ве обвинува за нетранспарентност во однос на доделувањето на државните субвенции и дека исплатите можат само неколку да се видат во однос на алатката отворени финансии, меѓутоа дека нема никакви протоколи, официјални документи коишто се објавени од ваша страна на страницава на Министерството за спорт...

Што се однесува до транспарентноста за која што не обвинуваат, на Отворени финансии може да ги видите сите трансакции, може да ги видите сите трансакции коишто си ги прават сите институции. Можеби сакаат да да направат некоја си извртување на вистината, е дека Министерството за спорт немаше официјална веб страница, што не е по наша вина, нели, мора да има унифицирана веб страна и државата ги правеше тие за сите нови министерства, така да ако се водат во тој дел, добро, меѓутоа се она што секој оној којшто ќе побара било каква информација од Министерството за спорт, јас гарантирам дека во рок од 12 часа ќе биде одговорено.

Така да, за нетранспарентност не може да зборуваме затоа што ние сме отворено министерство, апсолутно нема што да криеме, ги променивме и и критериумите како се доделуваат тие субвенции и апсолутно нити јас нити било кој од институцијава може да влијае на тоа како се доделуваат тие субвенции во спортот.

Актуелен бевте изминатиот период и во однос на јавната кавга со градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски, во однос на салата „Партизан“. Советниците донесоа некаква одлука да не се дава, граѓаните излегуваа на протест, имаше и обвинувања од страна на градоначалникот Јакимовски дека ваши луѓе сакаат да ја преземат салата за изградба на ресторан и кафуле...

Градоначалникот на Карпош е човек којшто ја ја разбирам неговата паника, чека одлука за издржување на затвор. Правосилноста на одлука или како и да се вика, не сум правник. Ја разбирам неговата паника. Ниту Министерството за спорт може да стопанисува со салата, нити има намера да стопанисува со салата, ниту па во најмала рака за некакви си отварање на кафичи. Јас воопшто до неговите прес-конференции не ни знаев дека во таа сала има простор за кафичи. Меѓутоа пак значи истата, ааа, како што кажав и претходно, пак значи се она коешто вие го планирате, мислите дека и другиот го планира. Ја еве јавно кажувам дека ааа во таа сала нема да има никакви кафичи и сите ааа оние спортисти и екипи коишто ќе аплицираат ќе бидат комплетно бесплатни и финансирани од Министерството за спорт.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG