Работам во индустрија во смени, за нешто повисока плата од минималната плата. Сопругата работи само една смена и е на минималец. Со две деца, со сметки и со кредит тешко се сврзува месецот со помалку од илјада евра. Веќе неколку месеци работам и втора работа како доставувач. Среќа што тоа е флексибилно, па можам да се прилагодам со обврските.
Вака 42-годишниот Ангел раскажува за тоа како со семејството успеваат да ги покријат основите трошоци за живот во Скопје.
Минималната плата во Северна Македонија изнесува 24.397 денари (речиси 400 евра) и таа според закон се усогласува еднаш годишно во март. Но, тоа не е доволно за дел од синдикатите кои со месеци наназад бараат таа да се покачи на 500 евра. Според податоците на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), примања под 500 евра во земјава имаат речиси 170.000 работници.
Шансите дека ќе се остварат нивните барања за вонредно покачување пред редовното засега се минимални, ако се земе предвид моменталниот став на властите.
„Според нашите анализи, во моментот нема економска оправданост за интервентно зголемување на минималната плата пред редовното усогласување што е законски предвидено за март“, децидни се од Министерството за економија и труд.
Од регионот, Србија во октомври вонредно ја зголеми минималната плата на 500 евра, со најава дека од 1 јануари со редовно зголемување таа ќе изнесува 551 евро. Албанија исто така најави 500 евра минималец од следната година, а зголемување од моменталните 350 на 425 евра од јануари и на 500 евра од јули очекува и Косово. Во Босна и Херцеговина веќе имаше покачување на минималецот на 511 евра од јануари 2025, додека во ентитетот Република Српска тој изнесува 459.
„Барањето за 500 евра е веќе застарено“
Токму платите во регионот се и една од причините поради кои потпретседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Иван Пешевски, вели дека зголемувањето на минималецот во Северна Македонија е „повеќе од итно“ бидејќи работниците од земјата наместо подалеку, сега би заминувале и во соседството за подобра заработувачка.
„Втората причина за зголемување е што податоците коишто ги прибираме од синдикалната минимална потрошувачка кошничка, покажуваат дека се потребни 65.000 денари за четворица да се прехранат дома. Тоа значи дека за да се преживее месецот треба да се соберат две плати кои ќе ја достигнат таа сума. Ако идеме со таа варијанта, повторно излегува дека преку 500 евра треба да биде минималната плата“, вели Пешевски за РСЕ.
Затоа тој вели дека нивното барање за 500 евра е веќе застарено и најавува можно ревидирање на сумата што ја бара ССМ.
Различни гледишта на синдикатите
Пешевски посочува дека веројатно следната недела гранските синдикати односно претседателството на ССМ ќе заседава и ќе прави анализи и за платите и за одливот на работници, по што Сојузот ќе излезе со повторни барање без разлика што доаѓа март кога законски треба да има нова пресметка за минималецот.
„Тоа во март не е зголемување на плата, тоа всушност е усогласување според закон“, додава Пешевски.
Законската формула за годишното мартовско усогласување на минималната плата, се тоа да се прави со 50 проценти од годишниот раст на платата и 50 проценти од растот на трошоците за живот. Услов во пресметката е дека минималецот не смее да биде понизок од 57 проценти од просечната плата.
Според оваа формула, во март годинава усогласувањето го зголеми минималецот за околу 1.800 денари.
Овие теми се дискутираат на седниците на Економско-социјалниот совет (ЕСС), каде учествуваат синдикатите, работодавците и претставници на Владата. ССМ по повеќе години, не е единствениот репрезентативен синдикат што е дел од ова тело. Од пред неколку месеци на преговарачка маса е и Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) која доби репрезентативност откако Влада претходно одлучи да формира комисија и да ја испита репрезентативноста.
Првиот човек на КСС, Благоја Ралповски, е согласен дека треба да се покачат платите, но вели да се „почитуваат законите и колективните договори“.
Не е само, вели тој, да се покачи минималната плата како досега, а останатите да „стојат во место“ .
„Работата е да се покачат сите други плати согласно законот за минимална плата. Ако се покачи минималната плата 100 евра, тоа значи дека и другите плати треба да се покачат 20% затоа што во спротивно ќе има стеснување на разликата помеѓу платите односно урамнување“, вели Ралповски за РСЕ.
Тој нагласува дека за нив е успех што успеале како синдикати да добијат низа спогодби во јавниот сектор изминатата година и пол и да се покачат сите плати, а не само минималецот тврдејќи дека на тој начин сега „многу малку луѓе во јавниот сектор земаат минимална плата“. И тоа, според него, е насоката во која треба да се движи растот на платите наместо фокусот да биде само на минималната.
Работодавците стравуваат од пад на мотивацијата и продуктивноста
Слични аргументи дека ќе има „урамнување на платите“ споделуваат и дел од работодавците. Тие велат дека можеби бизнисот ќе издржи минималец од 500 евра, но тоа ќе доведе и до потреба од зголемување на другите платите што тешко е изводливо за дел од фирмите.
„Ако ти како фирма продаваш на домашен пазар, а државата популистички ти ја качи минималната плата ќе немаш други можности освен да ги качиш цените на твоите производи за да обезбедиш средства. Ако не можеш тоа да го направиш, тогаш ќе треба ја качиш само минималната плата и нема да можеш да ги зголемиш платите на другите работници. Така ќе ја нарушиш мотивацијата и ќе ти падне продуктивноста како што се случуваше досега“, вели за РСЕ претседателот на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија (ОРМ), Ангел Димитров.
И тој смета дека покачувањето треба да се движи онака како што предвидува актуелната законска формула бидејќи тврди дека тоа обезбедува „висока заштита на висината на минималната плата“.
Зошто власта не гледа оправданост во интервентно зголемување?
Ставот дека треба да се користи законското решение за редовно зголемување и оти нема оправданост од вонредно зголемување на минималецот, и од Министерството за економија и труд и од Владата го потпираат на повеќе економски показатели.
Од Министерството посочуваат дека „не постои основ за интервенција“ бидејќи инфлацијата во октомври во споредба со септември се намалила за 0,2%, исто и индексот на цени паднал за 1,3%, додека годишната инфлацијата во октомври изнесувала 4,49%.
Инфлацијата од 4,49% според Министерството се должи на тоа што во истиот месец лани имало вештачко намалување на цените бидејќи на сила биле мерки за ограничување на маржата кај трговците.
„Во такви околности, нагло зголемување на минималната плата без поврзаност со растот на продуктивноста и реалниот економски капацитет би предизвикало дополнителен притисок врз малите и средни компании, кои се основа на економијата, со ризик од губење на работни места и нов бран на поскапувања“, велат за РСЕ од Министерството за економија и труд.
Слични се и аргументите на Владата од каде во одговорот до РСЕ потенцираат дека очекуваат намалување на инфлацијата во ноември и декември. Проекциите дека на годишно ниво за 2025 таа ќе изнесува помеѓу 3,5 и 4%, за Владата е добро бидејќи „претставува едно од најниските нивоа во Европа и регионот“.
Од владината прес-служба, меѓу другото, потенцираат и дека веќе „постигнуваат позитивни економски резултати“ и очекуваат реален раст на БДБ од 3,5%, а номинален од 7,5%.
Своите аргументи за (не)оправданоста за вонредно покачување на минималната плата синдикатите, работодавците и властите веројатно на заедничката маса ќе ги вкрстат до крајот на ноември, до кога се очекува да се одржи нова седница на Економско социјалниот совет (ЕСС).