Јавното обвинителство во Струмица во предистражна постапка ги истражува наводите во кривичната пријава поднесена од група граѓани во јуни 2025 година, кои пријавиле дека компанија во сопственост на сестрата на тогашниот градоначалник на општина Струмица, Тања Милушева Костадинова, гради зграда на две парцели без одобрение за градба.
Освен компанијата за која се наведува дека е во сопственост на неговата сестра, пријавата ги опфаќа и нејзиниот брат, ексградоначалникот Костадин Костадинов и двајцата овластени градежни инспектори во општината. Делата за кои се пријавени се злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата и бесправно градење.
Во ист временски период, освен до Обвинителството, граѓаните поднеле пријава и до Државната комисија за спречување на корупцијата.
„Правно лице кое е во сопственост на сестрата на градоначалникот гради зграда без одобрение на катастарските парцели и се прикрива ваквото незаконие, а надлежните инспекциски служби не реагирале за да се спречи градбата“, гласи пријавата до ДКСК.
Антикорупциска пред речиси еден месец на седница ја запрела постапката откако се обратила до Обвинителството од каде добиле одговор дека активно постапуваат по пријавата и дека е оформен е предмет кој го води струмичкото обвинителство.
Од Обвинителството потврдуваат дека ОЈО Струмица има оформено предмет од јуни годинава и дека презема проверки.
„Прибавени се податоци од Секторот за урбанизам во општина Струмица во однос на предметните парцели, а до СВР Струмица се издадени наредби и насоки за конкретни истражни дејствија. Јавниот обвинител издаде и наредба за вештачење до вешто лице од областа на градежништвото. По наредбите се уште се постапува. Предметот е во фаза на предистражна постапка“, се вели во одговорот за РСЕ.
Од новото раководство на општина Струмица не сакаа да споделат повеќе детали, велејќи дека општината останува „транспарентна и отворена за соработка со сите надлежни органи вклучително и ОЈО. Владеење на правото, еднаквоста и правдата се едни од основните принципи според кои ќе работи општина Струмица“.
Кој и што гради на терен?
Двете парцели за кои е пријавено дека наводно незаконски се гради се наоѓаат на улицата Крушевска Република во Струмица. Се работи за парцелите 3591/1 и 3592.
Проверката во Агенцијата за катастар на недвижности покажува дека двете парцели се во сопственост на две различни компании, кои имаат поврзана сопственичка структура.
Според Агенцијата за катастар на недвижности, парцелата 3591/1 е во сопственост на Јован Гогов и Вамико Бет ДОО Струмица. Оваа компанија за приредување игри на среќа е во сопственост на Васко Јорданов и Тања Милушева, сестра на ексструмичкиот градоначалник Костадин Костадинов.
Другата парцела 3592 е во сопственост на Синерџи груп инженеринг ДОО, каде сопственици се Васко Јорданов и Никола Милушев, сопруг на сестрата на Костадинов, Тања Милушева.
И двете компании Вамико Бет ДОО и Синерџи груп инженеринг ДОО имаат седиште на иста адреса – Мануш Турновски број 15.
Костадинови негираат дека се гради незаконски
На фотографија од терен на местото каде се гради има табла на која пишува дека се работи на реконструкција на семејна станбена куќа на улицата Крушевска република.
Во пријавата против Костадинов и компанијата на неговата сестра пишува дека се гради без одобрение на градба, иако на терен на самиот објект каде се гради е наведен инвеститорот Вамико Бет ДООЕЛ Струмица и дека за реконструкцијата има правосилно одобрение за градење од 29 мај 2024 година. Пријавата до ДКСК е поднесена две недели подоцна, односно на 13 јуни 2025 година.
РСЕ ја контактираше Тања Милушева Костадинова, за која во пријавата е наведено дека компанија во нејзина сопственост гради незаконски. Во кус телефонски разговор рече дека објектот има одобрение за градба.
За пријавата до институциите, прв пат слуша и нејзиниот брат Костадинов кој раководеше со општината. За РСЕ вели дека од него досега не биле побарани никакви информации во предистражната постапка која се води.
„Јас по закон не можам да потпишувам предмети за мои роднини и не можам да ставам потпис“, рече Костадинов.
Откако му предочивме дека во пријава во кој се опфатени и тој како ексградоначалник и компанијата во која има удел неговата сестра е дека се гради објект без одобрение за градба, тој вели дека таков пример не постои.
„Ништо не се издава без претходно да се комплетира целосно документацијата, дури ни припремни работи. Не зборам за одобрение на сестра ми, туку за кое било одобрение за градење. Дејствија надвор од закон немало, ако има некаков сомнеж, јас сум во Струмица тука функционирам, тука живеам. Досега немам таква информација“, изјави Костадинов.
Мандатот на Костадин Костадинов како градоначалник на општина Струмица заврши на 26 октомври 2025 година. Неговата партија, СДСМ не го кандидираше за уште еден мандат.
Во изминатите години, Костадинов често беше критикуван и обвинуван од ВМРО-ДПМНЕ дека поседува „фирми и луксузен имот“. Левица обвинуваше дека во Струмица се создава „октопод од фирми во сопствеништво на блиски членови на фамилијата Костадинови“, односно неговиот зет Никола Милушев, во времето кога Костадинов е градоначалник на Струмица.