Поминаа два месеца од трагичната ноќ кога се изгоре дискотеката „Пулс“. Support Kochani објави застрашувачки фотографии на повредените кои во моментов се Кочанската болница и алармирате за помош.
Тие повредени моментално имат најголема потреба. Тие слики што ги објавивме ние не се тие што се најсериозно повредени, туку се средно повредени и се во процес на рехабилитација. Сега моментално во Кочани има над 50 деца што имаат потреба од заздравување и закрепнување. Ние зборувавме со луѓе од Холандија, Германија и Бугарија за изработка на компресивна облека, тоа се ракавици, за нозе, стегачи, за гради и за лице, и за врат. Тие се некои помагала за што им требаат моментално за побрзо да оздрават.
Од Кочанската болница дојдоа кај нас и имавме еден разговор каде што заедно пробавме да најдеме начин да им помогнеме на тие деца. Така да се што правиме ние моментално, правиме за доброто на тие деца и да видиме како можеме да им помогнеме кога веќе гледаме дека на некој начин се запоставени.
Но од Министерството за здравство одговорија дека болницата во Кочани има сали каде се третираат пациентите со изгореници, дека станува збор само за двајца такви пациенти кои сепак се префрлени на Клиниката за пластична хирургија во Скопје.
На почеток, значи, сите доктори многу помогнаа во ситуацијата, посебно во Кочани, Штип, Виница, Скопје. Многу професионални си ја вршеа работата, децата што беа пратени надвор, се беше како што треба, ама сега во моментот, во Кочанската болница условите не се толку задоволителни за тие деца. Значи има деца што се со отворени рани, имаме информација дека има деца со бактерии, имаме деца со некоја инфекција.
Ние можеме да ги поканиме сите институции да дојдат и да видат, да ги прошетаме низ болницата, да видат каква е ситуацијата и како тие деца се лекуваат. Тоалетите во болницата да ги видат, да видат каква е структурата таму, дали има потреба од санација. Ние ја имаме реалната слика, ние сме таму, комуницираме со децата, со родителите, со засегнати, со сите. Така да сите можат да дојдат и заедно да видиме како можеме да помогнеме, пошто знаеме дека условите не се како што се претставени.
Велите дека и од самата болница побарале помош, очекувате властите да реагираат?
Видете, ние уште од самиот почеток кажавме дека сме отворени за соработка со сите што сакат да помогнат. Значи без разлика од која партија, од која структура, на која функција се. Ние, нашата примарна цел е да им помогнеме на сите деца. Прво беше да ги вратиме сите во Кочани, живи и здрави, а сега, од како поголем дел, уште има надвор што се лекуваат, нели, да им помогнеме што подобро и побрзо да закрепнат. Значи, тука сме ние за секаква соработка.
Ние очекуваме институциите да си ја вршат нивната работа за закрепнување на децата. Како на почеток што имаше брза реакција, и навремена, очекуваме и сега да има. И не е само да се реагира, туку треба и да се превенира во некои ситуации. Превенцијата спречува после да има реакција. Така да, секој што сака и што може да помогне, ние го покануваме, нека дојде и нека виде на лице место каква е ситуацијата.
Веќе почнавте да собирате помош за оваа намена?
Да, пристигнуваат средства цело време. Ние сме во комуникација со многу луѓе и надвор од Македонија. Имавме донација од Италијанска црква, каде што донираа голем број на средства што ќе бидат пренаменети за Кочанската болница и ќе бидат употребени за изработка на компресивните материјали. Тие се изработуваат во Германија, во Минхен, и на секое дете му е земена мерка од секој дел на телото каде што е изгорено. Значи, пред два дена во Кочанската болница, не знам дали и денеска, се врши евалуација, проценка и после според тие мерки ќе бидат изработени компресивните материјали.
Кој ја врши евалуацијата?
Евалуацијата вршат луѓе од Бугарија, од Холандија и од Германија
Кочанчанец минатата недела се врза за бандера сред плоштадот во Скопје во знак на протест, кој вие го поддржавте и обвини дека сите го забравија Кочани.
Па, како што гледаме, дека не е у фокусот моментално Кочани,колку што треба да биде. Пак да напоменам, значи во Кочани има над 50 деца што се лекуваат моментално, а гледаме дека во фокусот на јавноста не е Кочани моментално, за жал.
Како настана Support Kochani ?
Support Kochani настана на денот кога беа погребите. Вечерта се собраа, беа тројца иницијатори за тоа и моментот беше што луѓето беа малце во хаос, сметки на сите страни.
Луѓето почнуваа да си продаваат имот и не се знаеше кој може на која сметка да плати. Во тој хаос тоа требаше да се дигитализира и да се централизира за да се овозможи полесно распределување на средства.
Семејствата на загинатите и кочанчани секоја недела протестираат, бараат правда, обвинуваат за селективна правда. Што очекуваат да се случи?
Родителите бараат правда и одговорност. На нив никој не може да им ги врати децата, никој не им ја разбира болката, никој не ја разбира тагата, ниту јас не можам да ја разберам. Ние сочувстваме сите со нив, ама они си тражат само правда и одговорност за тоа.
Не сакаат селективна правда и сака да се истера работата до крај.
Верувате дека тоа ќе се случи?
Не знаеме што да веруваме веќе, знаеме каков е нашиот судски систем и колку пропусти има, не е ни чудо што има само колку еден процент доверба во него, така да, ние сакаме да се истера до крај правдата и верувам дека Кочани нема застане.
Тие луѓе нема да престанат да протестираат и нема да престанат да се борат додека правдата не се истера докрај.
Наесен имаме локални избори. Како се гледа на тоа, некаква шанса за Кочани или не?
Па, не знаеме сега да кажеме.
Моментално имаме нов градоначалник што е независен кандидат и што има свој гледишта на работите и што си ја врши работата потранспарентно, можам да кажам од порано. Така да, има некоја надеж, ама ќе видиме за шест месеци.