Министерството за здравство ќе формира тричлена Комисија за стручен надзор, составена исклучиво од странски кардиохирурзи со цел да ја анализира оправданоста на медицинските интервенции во приватните и државните клиники.
На овој начин Министерството ќе одговори на тврдењата на познатиот кардиологот Сашко Кедев кој обвини дека на приватните клиники во Северна Македонија, без конкретно да посочи која, се правеле непотребни операции на пациенти, со цел да се наплатат пари од државата преку Фондот за здравствено осигурување.
Иако министерот Азир Алиу најави брза реакција , сепак, експертите се уште ниту се најдени, ниту се ангажирани.
Алиу се уште чека и абер дали воопшто може да ги ангажира и Министерството да ги плати поради распишаните локални избори.
„Ги имаме мапирано од каде сакаме да ги имаме тие членови. Сега за сега имаме од Словенија. Не сакам да бидат од иста земја, ниту од околните земји, бидејќи нашите доктори соработуваат со нив. Ќе бараме од другите европски земји. Контроли ќе прават прво во приватните здравствени институции, а ќе продолжиме во јавните. Ако не може Министерството да ги плати експертите, ќе одиме на варијанта преку надворешни институции со кои соработуваме.“, најави Алиу на прес-конференција.
Министерот вели дека ресорот со кој раководи има информации само за пациенти кои се покриваат од Фондот за здравствено осигурување, но воопшто нема информации за оние кои Фондот не ги покрива.
„Дел од тие пациенти се појавуваат во државните институции и имаме нула информации за третирањето на пациентите во приватните клиники. И треба или време додека ги собереме податоците за да знаеме како да продолжиме или некогаш, за жал, се почнува од почеток. Информациите кои ги имаме се само за пациенти кои се третираат од приватно здравство, а се покриваат од Фондот и не ја даваат целокупна слика. Јас нема да дозволам да имаме половична слика“, рече Алиу на денешната прес - конференција.
Тој се осврна и на моментот дека Лекарската комора иако има надлежности и може и мора да прави контроли во болниците, според податоците кои ги сподели, оваа институција не направила ниту редовни, ниту вонредни контроли во изминатите пет години.
Зошто не постапувала, министерот рече дека ќе бара одговори од директорката Калина Гривчева во понеделник, откако ќе се врати од одмор.
Кардиологот Кедев - има докази за непотребни операции
Реакцијата на здравствените власти доаѓа откако проф.д-р Сашко Кедев рече дека во приватни клиники се прават непотребни операции за профит.
„Најголем дел од мојата консултативна активност е во одвраќање луѓе од непотребни интервенции, непотребни стентирања, непотребни операции. Ние во моментот се соочуваме со нешто застрашувачко, а тоа се тие непотребни интервенции, кои што се профит ориентирани. Имаме пролиферација на приватни болници, на кои што интересот им е профитот. Тоа се лесно докажливи работи, ние имаме докази дека одредени центри треба да се затворат од медицински аспект. Да се случува тоа во Англија или во Америка тоа ќе биде под клуч. Оперирале без потреба, сечеле граден кош без потреба, имаме докази за тоа“, рече Кедев во емисијата „Стадион“ на Канал 77.
Иако Кедев не посочи конкретна болница, „Аџибадем Систина“ му се закани со тужба и побара да каже на кого мисли, а тој врати дека „тужбата ќе биде можност конечно да се види што навистина се случува во македонското приватно здравство“.
Кардиолошки интервенции - каде и колку?
Според податоците кои ги презентираше денеска министерот Алиу, досега во 2025 година се направени вкупно 5.773 кардиолошки интервенции на државните и приватните клиники. Во 2024 – 5.188, додека во 2023 година вкупно 5.012 вакви интервенции.
Министерот Азир Алиу кажа дека тричлената Комисија за стручен надзор ќе анализира 10 насто од вкупниот број на кардиолошки интервенции спроведени на клиниките.
Во тековната година, најголем број пациенти имало во Универзитетска клиника за кардиологија – 1.488, потоа приватните клиники „Жан Митрев“ со 939 и „Систина“ со 531 пациент, следува Специјалната болница во Охрид со 493 пациенти и Универзитетска клиника за државна кардиохирургија со 105 пациенти. Или вкупно - Вкупно 3.556 пациенти.
Над 16 милиони евра се слеале во две клиники
Повеќе од 16 милиони евра(вкупно 16.747.967 евра) се парите што Фондот за здравство (ФЗОРСМ) ги обезбедил за кардиоваскуларни интервенции во двете приватни клинички болници „Жан Митрев“ и „Аџибадем Систина“ покажува последниот годишниот извештај на Фондот за 2024 година.
Станува збор за интервенции што осигурениците имаат право да ги направат во приватните болници, а не плаќаат речиси ништо, исто како да ги направиле на државно. Ги плаќа Фондот преку таканаречените договорни надоместоци кои ги дава и за приватни и за јавни здравствени установи.
За овие операции на срце и на крвни садови, Фондот има случено договори со четири болници - две приватни, „Аџибадем Систина“ и „Жан Митрев“ и две државни, Клиника за кардиохирургија и Клиника за торакална и васкуларна хирургија.
За приватните болници 81 отсто од парите, а 19 отсто за државните
Според извештајот на Фондот, за кардиоваскуларни операции во двете државни болници во 2024, Фондот обезбедил околу 11 милиони евра. Клиниката за кардиохирургија искористила половина од овие пари.
На Клиниката за торакална и васкуларна хорургија, пак, за васкуларни операци биле потрошени околу 71 милион денари, односно четвртина од вкупниот надоместок од околу 302 милиони денари.
Или, бројките покажуваат дека 81 отсто од парите што ги дала државата преку Фондот за операции на срце и крви садови биле реализирани во двете приватни, а само 19 отсто во двете државни болници.
Извештајот на ФЗО покажува дека во 2024 во „Жан Митрев“ имало 1.384 случаи на кардиоваскуларни хируршки случаи. Во „Аџибадем Систина“ тој број бил нешто помал, 1.100 случаи.
Но, тоа е двојно повеќе од интервенциите направени во двете државни болници, Клиниката за кардиохирургија (532 случаи) и Клиниката за торакална и васкуларна хирургија (542 случаи).
Или, според бројките, двојно повеќе пациенти избрале или биле пратени да оперираат срце и крвни садови во приватни наместо во државни болници.
Министерот за здравство, Азир Алиу не одговори конкретно на прашањето зошто не се инвестира во капацитетите на државните клиники, наместо парите преку Фондот да завршуваат на приватните клиники.
„Тие 5 столба кои ги најавивме, 3 се клучни, едниот е обуки. Мора да вложиме повеќе како држава во нови методологии, нови техники, нов пристап кон лекување на болести. Потоа инфраструктура – ако немате соодветна инфраструктура, не може да се аплицира технологијата и третиот момент е процесите, протоколите и стандардите да бидат попрецизни. Понекогаш клиниките кубурат поради тие стандарди и процеси кои се долги или недоволно дефинирани. И тоа е дефинитивно една од пречките“, рече Алиу.
Фонд за здравство: Нема ниту една претставка од пациенти
Во минатите четири години до Фондот за здравство не стигнале претставки од пациенти за непотребни медицински интервенции.
„Сепак, немаме законска надлежност да ја оценуваме медицинската оправданост на изведените интервенции, ниту да вршиме инспекциски надзор врз стручната работа на здравствените установи. Овие надлежности се во доменот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат или на специјални комисии што ги формира министерот за здравство“, соопштија од ФЗОМ.
Надлежност на Фондот е да следи дали има неправилности во користењето на парите од страна на болниците. По таа основа, Фондот за здравство соопшти дека по сопствен наод направиле девет контроли за приватно наплатени средства, но не откриваат кој бил исходот.