Киев и многу украински региони се соочија со обемни прекини на електричната енергија, додека екипите за итна помош се мачат да ја поправат инфраструктурата погодена од последните руски воздушни напади.
Струјата беше намалена во повеќето региони од 8 до 16 часа на 9 ноември, соопшти државниот енергетски снабдувач Укренерго, додавајќи дека ограничувањата на потрошувачката ќе има и во текот на денешниот ден (10 ноември).
„Причината за воведување ограничувања се последиците од масовните руски ракетни и беспилотни летала напади врз енергетските објекти“, соопшти компанијата.
„Тешко е да се сетиме на толку голем број директни напади врз енергетските објекти од почетокот на инвазијата“, изјави портпаролката на компанијата Свитлана Гринчук за украинските медиуми.
Украинскиот претседател Володимир Зеленскиво своето вечерно видео обраќање рече дека „екипите за поправка работат речиси деноноќно во повеќето региони“.
„Напорите за реставрација се во тек и иако ситуацијата е тешка, илјадници луѓе се вклучени во стабилизирањето на системот и санирањето на штетите“, додаде тој.
Дури и пред почетокот на студеното време низ Украина, Русија ја интензивираше својата кампања за уништување на електричната мрежа на земјата, како и на постројките и цевководите за природен гас, во обид да ги замрзне и деморализира Украинците.
Најмалку седум лица беа убиени, а непознат број други беа ранети во руските напади на 7 ноември, што го натера Зеленски повторно да ги повика сојузниците на Киев да ја казнат Русија и да извршат притисок врз претседателот Владимир Путин.
„Секое понатамошно слабеење само го охрабрува Путин да ја продолжи војната, да нанесе поголема штета на нашата земја, на нашиот народ и на другите низ целиот свет“, рече тој на 8 ноември.
Министерот за надворешни работи Андриј Сибиха рече дека Русија ги таргетирала трафостаниците што снабдувале енергија со два нуклеарни постројки.
„Ова не беа случајни, туку добро испланирани напади. Русија намерно ја загрозува нуклеарната безбедност на Европа“, напиша Сибиха во објава до X.
Тој повика на итен состанок на Меѓународната агенција за атомска енергија, надзорниот орган на ОН за нуклеарна енергија, за да се одговори на „неприфатливите ризици“.
Директорот на МААЕ, Рафаел Гроси, предупреди на опасноста од воени напади врз електричните трафостаници на нуклеарните централи.
„Продолжувам да повикувам на максимална воена воздржаност со цел да се одржи нуклеарната безбедност и да се избегне несреќа со сериозни радиолошки последици“, порача Гроси преку соопштение до јавноста.
Гроси, исто така, рече дека најголемиот нуклеарен објект во Украина, во Запорожје, повторно добил пристап до резервна електрична енергија од мрежата за прв пат по шест месеци.
Централата, која е под руска контрола, доживеа прекини што ја загрозија критичната инфраструктура на централата, како што се пумпите што снабдуваат вода за ладење.
Русија лансираше повеќе од 450 беспилотни летала и 45 ракети во баражот на 8 ноември, соопштија украинските власти.
Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека започнало „масовен напад со високопрецизно оружје со долг дострел од воздух, земја и море“ и тврди дека целта биле постројки за производство на оружје и енергетски постројки во Украина.
Прекини на електричната енергија имало и во регионот Полтава според посебен распоред за итни прекини нареден од Укренерго, при што Кременчук (град со 200.000 жители) пријави целосен прекин на електричната енергија, што доведе до отворање на привремени јавни центри кои нудат греење, електрична енергија, интернет, вода и основна помош.
Во Днепар, руски напад со беспилотни летала погоди деветкатна станбена зграда, при што најмалку три лица се пријавени како убиени. Прогласена е дводневна жалост.
„Руските напади, исто така, ја прекинаа струјата на станиците на метрото во вториот по големина град во Украина, Харкив“, рече градоначалникот Ихор Терехов.
Метрото и трамваите се целосно запрени, а водоснабдувањето е исто така прекинато, пишува тој во објава на Телеграм.
Украина возвраќа со напади на локации во Русија
Од своја страна, Украина спроведе ноќен бараж со беспилотни летала врз руските енергетски објекти,кампања што остро ја намали способноста на Русија да произведува бензин и други рафинирани нафтени производи.
Во руските погранични региони, како Белгород и Курск, Украина ја погоди електричната инфраструктура, заедно со општинските топлификациски станици.
„Над 20.000 луѓе беа пријавени без струја во неколку погранични региони на 9 ноември“, изјави гувернерот на Белгород, Вјачеслав Гладков.
Непотврдени извештаи велат дека општинската топлификациска станица во Воронеж, околу 200 километри источно од руската граница, била погодена од украински беспилотни летала.
Министерството за одбрана објави дека повеќе од 40 украински беспилотни летала биле соборени преку ноќ, главно над регионот Брјанск. Оттаму не го споменаа регионот Воронеж.
Киев ги повика Соединетите Држави да испорачаат ракети „Томахавк“со долг дострел за да ги погодат целите длабоко во Русија, но претседателот Доналд Трамп постојано ги отфрла барањата.
Москва го предупреди Вашингтон да не испраќа ракети „Томахавк“, а Путин го нарече овој потег „сосема нова фаза на ескалација“ во односите меѓу САД и Русија.
Се зголемува притисокот околу Покровск
Додека Украина се бореше со најновите напади врз нејзиниот енергетски сектор, нејзините сили се бореа и да го држат стратешкиот град Покровск во Донецк.
Украинските власти признаа дека ситуацијата во регионот е „тешка“, но ги негираа руските тврдења дека Покровск е опколен.
Градот стана најжестоката област на фронтовската линија на Украина оваа година, а борбите таму наликуваат на некои од најкрвавите и најдолгите битки во војната.
Украинскиот воен експерт Олексиј Хетман за Радио Слободна Европа дека иако ситуацијата се влошува, украинските сили сè уште имаат упоришта подготвени западно од градот, што би им овозможило да ги одбијат понатамошните руски напади.