ВРЕДИ прогласи победа во четири општини, меѓу нив и Тетово и Струга
Коалицијата ВРЕДИ (ВЛЕН) прогласи победа во четири од пет општини во кои имаше кандидати во денешниот втор круг од локалните избори за градоначалници.
„До овој момент можам да потврдам убедлива победа во Тетово со над 5.000 гласови разлика. Убедлива победа во Боговиње со 1.400 гласови разлика. Убедлива победа во Дебар, Долнени, во Струга со над 1.500 гласа“, рече Башким Бакиу од ВРЕДИ.
СДСМ победи во Центар и во уште две општини, Филипче не поднесува оставка
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) во вториот круг победи во три општини - во скопската општина Центар, во Македонска Каменица и во Зрновци, објави на прес-конференција претседателот на партијата, Венко Филипче.
Со тоа, СДСМ досега освои победа во вкупно шест општини, заедно со победата во првиот круг во Крива Паланка, Богданци и Кривогаштани.
ВМРО-ДПМНЕ слави победа во Кичево и Карпош, ЗНАМ во Куманово
Поддржувачите и кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ веќе слават победа во Кичево и во скопската општина Карпош.
„Драги мои карпошани, сакам да ви се заблагодарам на сите за огромната поддршка и да ја објавам историската победа на ВМРО-ДПМНЕ во Карпош“, изјави Сотир Лукровски, кандидатот на владејачката партија за Карпош, чиј противкандидат беше Стевчо Јакимовски од ГРОМ.
„Победи заедништвото, победи Кичево!“, објави на социјалните мрежи и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во Кичево, Александар Јовановски.
Во Куманово победа прогласи Максим Димитриевски, лидер на ЗНАМ и кандидат за градоначалник.
ДИК: ВМРО-ДПМНЕ води во 19, ВРЕДИ во 5, СДСМ во 4 општини
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ води во 19 од вкупно 33 општини во кои денеска (2 ноември) се одржува втор круг од локалните избори, покажуваат податоците од Државната изборна комисија на 85,07% од обработените избирачки места.
Меѓу местата каде води партијата е главниот град Скопје, но и во Кичево и Кочани, како и скопските општини Карпош и Аеродром. Коалицискиот партнер во власта, ВРЕДИ (ВЛЕН), пак, е во водство во пет општини: Боговиње, Брвеница, Дебар, Долнени и Тетово. Кандидати на опозицискиот СДСМ се во предност во скопски Центар, како и во Крушево, Зрновци и Македонска Каменица.