Достапни линкови

Речиси сите абортуси на клиниките со таблети, а тие уште не се регистрирани


Женски репродуктивни права/Илустрација
Женски репродуктивни права/Илустрација

Резиме

  • На Клиниката за гинекологија 95 отсто од абортусите минатата година биле извршени со таблети. Но од вкупно 2.207 абортуси во цела држава само 36 % биле медикаментозни.
  • Двата вида таблети за абортус кои се користат се увезуваат од Индија и не се регистрирани во МАЛМЕД.
  • Медикаментозниот абортус е достапен само на ГАК и на Гинекологија Чаир, но Асоцијацијата ХЕРА бара жените во остатокот од државата да не бидат дискриминирани.

Вкупно 1285 абортуси со таблети лани извршиле докторите на Клиниката за гинекологија, односно од сите абортуси, речиси 95 отсто биле извршени на ваков начин. Овие податоци се однесуваат на оние бремености кои биле прекинати до дванаесеттата гестациска недела. Иако медикаментозниот абортус се користи сè повеќе и се смета за побезбеден и помалку инвазивен од класичната хируршка интервенција, таблетите со кои се изведува оваа процедура сè уште не се регистрирани во Северна Македонија.

Абортусот со апче стана достапен на крајот на 2020-та, кога невладините организации за права на жената го оценија како безбедна алтернатива на хируршкиот метод. Законот кој овозможи абортус со таблети беше донесен претходната година.

Речиси 30 организации обединети во Платформата за родова еднаквост уште во 2021 побараа регистрација на лековите за оваа намена, со цел да можат да се применуваат на болничко ниво, но и во гинеколошките ординации на примарно здравствено ниво.

Таблетите за абортус не се регистрирани во МАЛМЕД

Но, овие таблети за абортус кои се користат Мифепристон и Мизопростол не се регистрирани, односно одобрени за ставање во промет во Северна Македонија, за РСЕ потврдија од Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД).

Но абортуси со овие два вида таблети се извршуваат веќе пет години, а двете гинеколошки клиники во Скопје ги набавуваат со интервентен увоз. Овој увоз исто така го одобрува МАЛМЕД.

Од МАЛМЕД објаснуваат за РСЕ дека набавката на нерегистрирани лекови е регулирана со Законот за лекови и медицински средства, чиј член 79 го дозволува интервентниот увоз.

Цитирајќи го законот, од МАЛМЕД во писмениот одговор појаснуваат дека „за издавање на одобрение за увоз на лекови кои немаат одобрение за ставање во промет, увозникот/веледрогеријата е должна да поднесе барање до Агенцијата и соодветна документација, сертификат за квалитет и оправданост за барањето“.

Потоа Агенција ја утврдува постапката, прави проверка на квалитет, но и проверка на сертификати.

Постапката пак за итност на набавка е посебно пропишана во Законот за лекови кога станува збор за увоз на лекови кои не се регистрирани во земјава, а се неопходни за лекување на граѓаните, така што МАЛМЕД на овој начин овозможил овие таблети за абортус да стигнуваат директно на гинеколошките клиники.

Но, не одговараат зошто се уште не ги регистрираат овие таблети.

Две различни практики во Скопје

Медикаментозниот абортус е достапен на Клиниката за гинекологија (ГАК) и на Гинекологија Чаир, но пристапот на овие две установи е различен.

Клиниката за гинекологија користи два типа на таблети - Мифепристон и Мизопростол, кои како што потврдува извор од таму за Радио Слободна Европа, се набавуваат преку интервентен увоз.

Овие таблети, кои не се регистрирани во државата, се произведуваат во Индија. Претходно, Клиниката користела таблети произведени во Холандија и Франција.

Двата типа таблети доаѓаат во едно заедничко пакување кое брои една таблета Мифепристон и четири Мизопростол.

Со нив, ланската година на ГАК биле извршени 94,5 проценти од вкупниот број на абортуси до дванаесеттата гестациска недела, за разлика од 2020-та кога тој процент изнесувал 13,7.

Проф. д-р Јадранка Георгиевска вели дека процентот на извршени медикаментозни абортуси расте бидејќи со нив, за разлика од хируршката процедура, бременоста се прекинува без операција и анестезија.

„Пациентките што доаѓаат за прекин на бременост не мора да имаат упат од матичен гинеколог. Може да дојдат само со документ за лична идентификација и по нивно барање се прегледуваат во ургентната амбуланта, па се одобрува прекин на бременост“, додава за Радио Слободна Европа, д-р Георгиевска, претседател на првостепената комисија за прекин на бременост при ГАК.

Процедурата чини меѓу 5.000 и 13.500 денари, зависно од триместарот. Ако абортусот е резултат на сексуално насилство или постои медицинска индикација, трошоците ги покрива Фондот за здравствено осигурување.

Во „Чаир“ пак се користи само Мизопростол, а пациентките се задолжително хоспитализирани и под надзор на лекар, бидејќи може да дојде до обилно крварење.

Како функционираат овие таблети?

Д-р Георгиевска вели дека со едните се блокираат прогестеронските рецептори, а другите предизвикуваат контракции и исфрлање на плодот.

Клиниката за гинекологија ги следи протоколите на Светската здравствена организација и според нив, „кај бременостите до 12 гестациска недела доколку нема некои поголеми ризици по здравјето на жената и некои покомплицирани состојби, таа ги добива таблетите за да ги примени во домашни услови“.

„Се закажува контролен преглед после две до три недели од абортусот за да се види дали тој е комплетно завршен. По потреба се закажуваат и повеќе контроли“.

Но, пациентките кај кои треба да се изврши абортус од 12-та до 22-ра гестациска недела, макар со таблети, задолжително се хоспитализираат, појаснува д-р Георгиевска.

Сепак, нејзините колеги од Гинеколошко-акушерската болница „Чаир“ ги користат само таблетите Мизопростол и сите се хоспитализираат за да бидат под надзор на доктор.

Д-р Јанев: Нема регулација и национални клинички упатства

Тоа што во Северна Македонија не е регистриран лек за медикаментозен абортус дополнително ја проблематизира достапноста на оваа услуга, бидејќи употребата е ограничена на болнички набавки и е строго контролирана во нивни рамки – објаснува за Радио Слободна Европа, д-р Ѓорѓи Јанев, доктор на науки во областа на социјалната медицина и здравствената економија.

Употребата на нерегистриран лек, вели тој, создава регулаторна празнина поради која пак, нема национални клинички упатства за поширока примена, а токму тоа го ограничува пристапот.

Д-р Јанев посочува дека МАЛМЕД треба да започне процес на регистрација на таблетите Мифепристон и Мизопростол, а Министерството за здравство да изготви и имплементира клинички упатства за безбедно изведување на медикаментозниот абортус. Според него, регистрацијата на таблетите ќе го намали и ризикот за да се случат сериозни здравствени компликации.

Нееднаквост меѓу жените

Асоцијацијата ХЕРА неодамна апелираше на поголема достапност на овој тип абортус за девојките и жените во Северна Македонија, но за да се случи тоа, регистрирањето е неопходно – велат докторите со искуство во оваа област, а со кои разговараше Радио Слободна Европа.

Таблетите за абортус се речиси недостапни за жените кои не живеат во Скопје каде што се двете гинеколошки клиники.

Меѓу жените кои доброволно ја прекинале бременоста на овој начин е и 28-годишна, невработена мајка на две деца од рурално подрачје. Жената која немала здравствено осигурување, а кажала и дека била и дискриминирана на етничка основа, се обратила за помош до Асоцијацијата ХЕРА, од каде пак била упатена на Клиниката за гинекологија.

Таму по добиеното советување, на жената ѝ е извршен медикаментозен абортус, а истиот ден била пуштена да се врати дома кај децата.

„Овој пристап овозможи жената да добие безбедна и навремена услуга, да го намали ризикот од небезбедни методи за прекин на бременоста“, раскажа за РСЕ, Оливера Стојковска Ивановска од ХЕРА.

Стојковска Ивановска вели дека надлежните треба да ја разгледаат и можноста за телемедицина со што, особено руралните жени, би можеле побрзо и полесно да добијат безбедна услуга.

„Секако дека и овде треба да стои опцијата за преглед кај доктор, но првичната консултација може да се направи и по телефон или онлајн. Тоа е важно бидејќи колку порано се направи абортусот, толку е побезбеден. Со ова исто така, ќе се намали притисокот врз болниците и клиниките“, додава Стојковска Ивановска.

Иако на Клиниката за гинекологија речиси сите абортуси лани биле извршени по медикаментозен пат, статистиката е поинаква кога станува збор за национално ниво. Од ХЕРА споделуваат дека од вкупно 2.207 абортуси во земјата, само 36 отсто биле медикаментозни.

Апели за достапност на таблетите за абортус

Иако Програмата за активна здравствена заштита за мајки и деца за 2025 година предвидува 3 милиони денари за медикаментозен абортус, лековите најчесто се достапни само во Скопје.

Некои регионални болници, како Кумановската, добиле таблети од ГАК, но во 2025 година таму не е извршен ниту еден медикаментозен абортус поради недостиг на лекови. Во Битола, пак, абортусот се изведува исклучиво хируршки.

Невладините организации предупредуваат дека сегашниот систем создава бариери и бараат државата да ја поедностави постапката за набавка и дистрибуција, како и да обезбеди поголемо финансирање.

„Правото на жените да располагаат со сопственото тело и да имаат еднаков пристап до безбедни здравствени услуги е суштински дел од универзалното право на здравје,“ стои во заедничката изјава на ХЕРА и Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО).

Тие повикуваат услугата да стане достапна и во другите градови за жените да не бидат дискриминирани, ниту да мораат да патуваат во Скопје и да се соочуваат со финансиски и логистички пречки.



XS
SM
MD
LG