Трите психијатриски болници и Министерството за здравство вршат директна продолжена дискриминација врз пациентите во овие установи затоа што не им овозможуваат хумани и достоинствени услови за престој и еднаков пристап до здравствена заштита, утврди Комисијата за заштита од дискриминација(КЗД).
Комисијата како дискриминатори ги посочува психијатриските болници во Демир Хисар, во Скопје и во Негорци како и Министерството за здравство.
Одлуката е објавена на почетокот на септември, а донесена е по седум месеци откако Комисијата поведе постапка за условите за болните во овие болници.
„ Тоа не се изолирани случаи или пропусти, туку е последица на долгорочна негрижа и институционално занемарување на конкретната група лица“, констатира Комисијата за заштита од дискриминација.
Повод бил анонимен допис до Комисијата, во кој блиски лица на пациенти се пожалиле дека психијатриската болница во Демир Хисар повеќе од година нема санитетско комбе, туку пациентите ги вози во товарно комбе без прозорец и без клима, дека сами ги бричат и шишаат пациентите бидејќи на вработениот за тоа му истекол договорот и дека медицинските сестри се со земјоделско или економско средно образование, наместо со медицинско.
Комисијата утврдила дека условите во психијатриските болници се нехумани(неадекватна хигиена, расипани кревети, стари душеци, мувлосани ѕидови, недоволно топлина и светлина).
Понатаму, утврдила дека пациентите имаат ограничен пристап до здравствена грижа поради недостаток на кадар, приватноста и достоинството не им се почитуваат.
Воочена е изолираност и прекумерна институционализација како резултат на сместување без јасен правен однос, а нема ни план за ресоцијализација или поддршка кога овие пациенти ќе се вратат во средината.
Повеќе години претходно, Народниот правобранител, Хелсиншкиот комитет за човекови права, но и Европскиот комитет за превенција од тортура укажуваа дека државата мора да ги реновира овие болници и потоа да направи сеопфатен план за да ги одржува.
Ниту итна, ниту системска реакција
На крајот на јуни, по дваесетина дена откако беше назначен на функцијата, министерот за здравство Азир Алиу ја посети психијатриската болница во скопско Бардовци и сподели фотографии од ужасните услови таму.
Фотографиите прикажаа стари и дотраени кревети и мебел, мувла на ѕидовите, тоалети без врати и нехигиена во целиот објект.
„Констатирани се сериозни предизвици во условите за работа и третман на пациентите, кои бараат итна системска реакција“, соопшти тогаш Министерството за здравство.
Неполни два месеца подоцна, во август, осуденик хоспитализиран во болницата во Бардовци со стаклено шише усмрти друг пациент, исто така осуденик.
Што презема министерството за здравство за да ја зголеми безбедноста на пациентите и на вработените?
Министерот Алиу не кажа конкретно, освен што рече дека случајот ја потврдува потребата од зајакнување на човечките ресурси во болницата.
„Таму треба инвестиции и од аспект на инфраструктура, но исто така и од аспект на зајакнување на човечките капацитети. За жал овој настан ќе го забрза процесот, но треба да учиме и јас сум за министерството да превенира, а не да постапува после вакви случаи“, изјави Алиу.
Кратко потоа, МВР извести за уште инцидент, кога пациент со остар предмет нападнал друг пациент.
Нема доволно ни доктори ни хигиеничари
Во психијатриската болница во Демир Хисар се вработени 14 доктори, 86 медицински сестри и 31 болничар. Има вкупно 236 вработени, а 262 пациенти. капацитетот на болницата е 320 легла. Површината од 12.783 квадратни метри ја чистат 12 хигиеничари. Ова се податоците што болницата го доставила до Комисијата за заштита од дискриминација.
Во психијатриската болница во Скопје има 26 доктори, 99 медицински сестри и 34 болничари. Вкупниот број вработени од сите профили е 283. Капацитетот е 317 кревети.
„За проблемот со недостаток на доктори редовно се обраќаме до надлежното министерство, но за жал без позитивен одговор на нашите барања“, напишала болницата во информацијата до комисијата за заштита од дискриминација.
И скопската психијатриска болница како и таа во Демир Хисар има по едно расипано возило за Брза помош. Болницата од Бардовци дури и барала некој да ѝ донира возило, но досега не добила.
Болницата во Негорци има 93 вработени, од кои по 30 сестри и болничари. Има четворица хигиеничари, но во одржување на хигиената се вклучени и пациенти како дел од работна терапија.
„Од доставените одговори од психијатриските болници се воочува недостигот на капацитети и ресусри за функционирање на овие установи. Освен недоволниот број вработени и потребни доктори специјалисти, истите не поседуваат функционални санитетски возила, немаат капацитети за одржување на просториите и на личната хигиена на пациентите“, пишува во мислењето на Комисијата.
Во мониторингот на психијатриските болници што пред две години го правеше Хелсиншкиот комитет за човекови права има слични заклучоци. И во извештајот на оваа организација се вели дека е потребно државата да ги реновира објектите во болниците, да ги замени старите чаршафи, ќебиња, душеци, облека, да ги извлече душевно болните кои немаат потреба да бидат во болница и да им обезбеди третман и грижа во заедницата. Се препорачува и и да го зголеми бројот на психијатри, медицински сестри, психолози и друг персонал.
Слични забелешки за функционирањето на психијатриските болници со години наназад имаа и Народниот правобранител и Европскиот комитет за превенција од тортура. И нивните извештаи укажуваа дека државата мора да ги реновира овие болници и потоа да направи сеопфатен план за да ги одржува.
Комисијата за заштита од дискриминација, пак, му препорача на Министерството за здравство во буџетот за 2026 да предвиди пари за итна санација на психијатриските болници, да обезбеди доволен број вработувања, да го реновира судско-психијатриското одделение во Скопје и да изгради нова зграда за женско одделение во Демир Хисар.