На интернет, во дел од гинеколошките ординации, но и во аптеки во земјите од соседството – таблетите за абортус се набавуваат нелегално, без надзор и контрола во нивната употреба.
Северна Македонија го воведе медикаментозниот абортус во 2019 година, кога Министерството за здравство го измени Законот за прекин на бременост. Но, како што и претходно пишуваше Радио Слободна Европа, овие таблети – Мифепристон и Мизопристол не се регистрирани во Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД). Зошто Агенцијата сѐ уште не ги регистрира, оттаму нема одговор.
Засега, нивната употреба е легална на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) и Болницата за гинекологија во Чаир. Останатите болници од внатрешноста исто така имаат можност да ги користат, доколку по нивно барање им бидат дистрибуирани од ГАК, која, бидејќи се нерегистрирани, ги набавува преку интервентен увоз.
Каде лежи опасноста?
Иако се смета дека овој метод е побезбеден од класичниот каде абортусот се изведува по хируршки пат, тој често се изведува со таблети кои жените ги набавуваат нелегално и покрај ризикот од несакани последици.
На еден ваков оглас на македонските оналјн платформи за купопродажба, посведочи и редакцијата на Радио Слободна Европа. Огласот се однесуваше на двата типа таблети, чија цена е 5500 денари.
Се јавивме и на телефонскиот контакт, каде нѐ информираа дека таблетите се од Грција, а лицето кое ги продаваше не беше доктор.
Таквата неконтролирана употреба на таблетите значи ризик од компликации кај жените кои потоа помош бараат во јавните здравствени установи. Ова го потврдува извор од Болницата за гинекологија и акушерство во Чаир, кој сакаше да остане анонимен. Оттаму велат дека во последните две години, таблетите за абортус најчесто се набавуваат и од Косово, Албанија или Бугарија.
„Во болницата доаѓаат пациентки со компликации откако сами се обиделе да абортираат со таблети“, вели изворот од Гинекологија Чаир.
Смета дека интервентниот увоз не го решава проблемот. Парадокс е самото тоа што таблетите се користат на големо, а тие не се регистрирани.
Неконтролираната употреба го загрозува целокупното здравје на жената
Но докторката, Жаклина Чочороска Новаковска која 25 години работи како матичен гинеколог, предупредува дека употребата на овие таблети кај нас трае со години наназад, уште пред законските измени во 2019.
Со нив, за матичните гинеколози се создаде можност да го применуваат овој метод кај бремености до деветтата гестациска недела. Но како, кога таблетите не се достапни во примарното здравство?
Токму ова, според д-р Чочороска Новаковска, остава простор за злоупотреби.
„На примарно ниво, ние не смееме да правиме ни артефицијален абортус, ниту пак можеме да решаваме компликации од медикаментозниот, бидејќи кај некои пациентки може да се јави продолжено крварење. Второ, овие лекови не може да се најдат воопшто во слободна продажба. Штом не можеме да ги најдеме во аптеките, не можеме ни да ги користиме. Затоа, ние како матични гинеколози, треба да се обратиме до ГАК ако некоја од пациентките сака да абортира“, вели за Радио Слободна Европа, д-р Чочороска Новаковска.
Таа додава дека државата мора да изнајде модус кој ќе ги спречи или намали таквите злоупотреби, а паралелно да се работи и на свеста кај жените кои без консултација со доктор, го ставаат во ризик своето целокупно здравје.
„Замислете една жена да има вонматерична бременост, а да го користи лекот. Така ништо нема да постигне и само ќе си го загрози здравјето. Понекогаш пациентките сами одлучуваат, а тие одлуки се одразуваат на нив. Но, не може со сила да работиш на свеста“, посочува д-р Чочороска Новаковска.
Таа вели и дека со регистрацијата, лекот би можел да се купува со рецепт од аптека, но предлага, тоа да биде под надзор на матичен гинеколог само до шестата или седмата гестациска недела.
Д-р Филиповски: Итна потреба од корекција
Нејзиниот колега, д-р Душко Филиповски вели дека нерегистрацијата на таблетите е пропуст кој „итно треба да се корегира“.
Ниту тој, ниту д-р Чочороска Новаковска не исклучуваат дека дел од нивните колеги им помагаат на пациентките да дојдат до лековите, но велат дека самите не би се впуштале во таква нелегална употреба.
„Јас лично, ја прегледувам пациентката за да видам дали се работи за уредна бременост до деветта недела или за друг тип на бременост која не е уредна и задолжително, барем кај мене, јас ги праќам или на ГАК или во Болницата во Чаир“, вели д-р Филиповски за Радио Слободна Европа.
Тој објаснува дека иако во регионот овие таблети може да се купат без рецепт, во поразвиените држави како Австрија, Германија и Холандија се бара барем извештај од лекар специјалист.
„Тие таблети најчесто се набавуваат од соседните земји каде што може да ги купат во количина колкава што сакаат. Или пак, некои од колегите имаат залиха од повеќе пакувања па ги даваат на пациентките. Меѓутоа, морам да нагласам дека тоа е дива, незаконска работа. Може да се одговара за тоа“, предупредува д-р Филиповски, кој е и претседател на Здружението на приватни матични гинеколози.
Според него, важно е на пациентката да ѝ се објасни што треба да очекува при употреба на овие таблети, а уште поважно, дека постапката за прекинување на бременоста мора да биде под контрола на специјалист гинеколог-акушер.
И покрај пропустите во пракса, тој смета дека најголем дел од матичните гинеколози ги препраќаат своите пациентки на Клиника или во болница, каде како што вели, добиваат јасни упатства за тоа како да ги користат таблетите.
Дека таблетите не се регистрирани, претходно за РСЕ, потврдија од МАЛМЕД. Но овој пат, не одговорија дали и кога воопшто таблетите ќе бидат одобрени за ставање во промет во земјата. Остана без одговор и прашањето дали има сознанија дека овие таблети се користат и надвор од здравствените установи.
Апел до фармацевтските компании
Регистрацијата на овие таблети е нешто на што инсистира и невладиниот сектор, од каде велат дека за да се случи тоа, државата треба да го поттикне интересот кај фармацевтските компании.
Оливера Стојковска Ивановска од Асоцијацијата ХЕРА објаснува дека регистрацијата и редовниот увоз не само што ќе ја направат услугата подостапна, туку ќе донесат и поконтролирани услови за употреба.
„Тоа значително би придонело за унапредување на здравствената грижа и безбедноста на жените“, додава Стојковска Ивановска за Радио Слободна Европа.
Асоцијацијата ХЕРА и Клиниката за гинекологија и акушерство во изминатите години спровеле и акредитирана обука од Македонското лекарско друштво на 180 гинеколози од примарна, секундардна и терциерна здравствена заштита. Оттука, вели Стојковска Ивановска, во државата веќе има капацитет и стручност за да се овозможи услугата да биде достапна на пошироко ниво, кога ќе се создадат услови за редовен увоз на лековите.
Таа апелира институциите да покажат проактивен пристап, иако регистрацијата формално ја иницираат фармацевтските компании.
„Тоа може да се постигне преку иницирање дијалог со производителите, или преку изработка на јасни процедури кои ќе го олеснат увозот на лекови со јавно-здравствено значење“, додава Стојковска Ивановска.
За употребата на таблетите за абортус, побаравме одговор и од Државниот санитарен и здравствен и инспекторат, од каде посочуваат дека начинот на набавка, продажбата и санкциите за препарати кои се лекови се уредени со Законот за лековите и медицинските средства. Оттука, „инспекцискиот надзор го спроведуваат фармацевтските инспектори од Агенцијата за лекови и медицински средства ( МАЛМЕД)“.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат врши инспекциски надзор во врска со одредби од Законот за прекинување на бременоста . по однос на дозвола за работа за вршење на здраствена дејност од областа на гинекологија и акушерство, Закон за здравствена заштита, Закон за евиденции од областа на здравството. Залпмпт за заштита на население од заразни болести, Закон за управување со отпад ( селекција и палибање намедицимскиот отпад).
При редовните инспекциските надзори, од увид во здравствената евиденција на здравствени установи од примарно ниво не е констатирано дека е вршен медикаментозен прекин на бременост, ниту пак сме имале претставка која би се однесувала на неправилности по однос на оваа пробелматика – наведуваат од Инспекторатот во писмениот одговор до РСЕ.
Онаму пак, каде што употребата на таблетите е легална, на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, најголем дел од абортусите се изведуваат со ваков метод. Скоро 95 проценти од абортусите до дванаесеттата гестациска недела, лани биле извршени со апче за разлика од 2020-та кога тој процент изнесувал 13,7.