Матичните лекари ќе проверуваат депресија кај млади лица на возраст од 18 до 35 години, по укажувањата од психијатри дека ова сериозно ментално нарушување е во пораст меѓу граѓаните во Северна Македонија во последните години.
Скринингот веќе почнува. Ќе се спроведува така што матичниот лекар ќе ги повикува пациентите во оваа возрасна група и ќе пополнува прашалник за проценка на ризик од депресија. Ако процени дека пациентот е под ризик, треба да го упати кај специјалист.
За тоа како ќе од процедурата, изготвено е упатство за матичните лекари, најавија од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).
Лекари апелираат - пациентите да дојдат кога ќе ги повикаме
Матични лекари велат дека секојдневно кај пациенти гледаат анксиозно и депресивно однесување и апелираат тие што ќе ги повикаат, да не го пропуштаат превентивниот преглед.
„Драстично е зголемен бројот на пациенти со оваа состојба во сите возрасни групи, особено по ковид-пандемијата. Ние како нација треба да се соочиме со тоа дека имаме проблем на кој треба да работиме, и затоа воведувањето на овој скриниг е добар потег. Проблем е што младата популација ретко посетува лекар. Кога ќе ги повикаме за превентивната програма за депресија, апелирам да дојдат“, вели д-р Драган Ѓорѓиевски, претседател на Здружението на лекари по општа-семејна медицина.
Лекарите од примарното здравство и сега имаат пациенти за кои проценуваат дека им е потребна стручна помош од психијатар.
„Доаѓа млад човек на околу 30 години, изгубил работа, попатно му се случило уште нешто друго, се гледа дека има форми на депресија, но одбива да оди на преглед на Клиника за психијатрија. Всушност, таа несоработка од страна на пациентот е најголем проблем. Се обидувам да му давам совети и да го охрабрувам со надеж дека барем кај мене ќе доаѓа редовно, за да ја држам ситуацијата под контрола. Затоа е добро што сме вклучени, оти ние сме првите што ги сослушуваме и пациентите имаат доверба во нас“, вели матичен лекар од Скопје.
Д-р Славица Арсова, директорка на Клиниката за психијатрија, вели дека на клиниката има пациенти од сите возрасни групи.
„Адолесценти и постари лица се ранлива група, под ризик. Кај младите депресијата потешко се препознава, оти се покрива со други состојби карактеристични за тој период од животот. Затоа е потребен таков прашалник, што ќе укаже дали нешто се случува кај таа личност, а дел од случаите можат и матичните доктори да ги решаваат“, вели д-р Арсова.
Од Фондот за здравствено осигурување велат дека скринингот за депресија првпат се воведува меѓу другите превентивните прегледи за населението.
„За спроведување на на оваа превентивна активност, како и за останатите нови цели, Фондот нема потреба да обезбеди дополнителни финансиски средства. Имено, избраните лекари веќе добиваат 30 отсто променлив дел од вредноста на капитацијата наменета токму за спроведување на превентивните прегледи“, одговорија од ФЗОМ.
Меѓу другите прегледи кои влегоа во програмата за превенција се за рано откривање малигни заболувања на простата, на дебело црево, на грло на матка, крипторхизам (неспуштен тестис) кај деца и деформитети на рбетниот столб, како и едукација за вакцинација.
Бројките во нагорен тренд
Националниот младиниски совет(НМСМ), претставничко тело на младинските организации во Северна Македонија кое обединува 51 организација, минатата година објави истражување кое покажува дека итно е потребно подобрување на менталното здравје кај младите. Истражувањето, направено на примерок од 1.851 младо лице на возраст од 15 до 29 години, покажа дека најголем страв на младите е осаменоста(40 отсто), стравот од отфрлање (33 отсто) и изолација од пријателите(27 отсто).
Понатаму, 64 отсто од младите имаат депресивни мисли, 58 отсто се анксиозни, 55 отсто се под постојан стрес, а 56 отсто имаат суицидални мисли. Дополнително, 27 отсто од младите не мислат дека општеството нив ги перцепира позитивно, покажало истражувањето.
Младинскиот совет креира Националната стратегија за ментално здравје на млади 2024 - 2026, на предлог на Министерството за труд и социјална политика и е усвоена од Владата.
Стратегијата опфаќа програми за рана интервенција анскиозност, депресија и сродни нарушувања, обучен кадар од здравствениот сектор, со фокус на работа со млади луѓе, дигитални алатки за ментално здравје, како и унапредена соработка помеѓу училиштата, службите за ментално здравје и организациите кои нудат услуги.
И националните наоди од меѓународна ХБСЦ студија „Однесување поврзано со здравјето кај деца на училишна возраст“ објавена во 2023 година покажаа дека кај 29,2 отсто од младите во Северна Македонија се регистрирани клинички симптоми на депресија, а кај 23,7 отсто - на анксиозност.
Депресијата е една од најчестите состојби со менталното здравје и може да се манифестира како пролонгиран период на чувство на несреќа или раздразливост. Психијатрите ја опишуваат како болест на долго мачење и страдање, неспобност да се стане од кревет, болка, губење на интерес за живот и функционирање во период подолг од две недели. Тука се и симптоми на недостиг на енергија, намален апетит, промени во квалитетот и должината на сонот, страв, мрзеливост. Се создава ментална болка која влијае на работоспособноста за извршување на секојдневните активности.