Достапни линкови

Болните и затворениците гласаа во вториот круг од локалните избори за градоначалници


Локални избори 2025
Локални избори 2025

Гласањето за болните и немоќни лица, притворени и затворени лица, како и за граѓани сместени во установи за вонсемејна грижа, се одвивало непречено во сите општини каде што утре ќе се одржи вториот круг од локалните избори, вклучително и во Градот Скопје, информира Државната изборна комисија (ДИК).

„Гласањето е спроведено навреме, немаме никаков проблем ниту со изборен материјал, ниту со изборни органи. Нема забелешки, приговори или поплаки,“ изјави претседателот на ДИК, Борис Кондарко.

До 16 часот своето право на глас го оствариле 2.762 од вкупно 4.826 болни и немоќни лица, 380 од 1.256 затвореници и лица во притвор, како и 78 од 214 лица во установите за вонсемејна грижа.

Во вториот круг од локалните избори, што ќе се одржи утре, ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и за советници во Шуто Оризари. Право на глас имаат 1.013.375 граѓани.

Кондарко појасни дека гласовите од денешното гласање нема да се бројат одделно, туку ќе бидат запечатени и приклучени кон утрешното гласање, а потоа ќе бидат објавени како дел од вкупните резултати. По завршувањето на гласањето, ДИК ќе објави дополнително соопштение за одзивот.

Оттаму додаваат дека денеска треба да гласаат 4 826 болни и изнемоштени лица, чии барања се одобрени од Општинските изборни комисии.

Ќе гласаат и затворениците и лицата во домашен притвор од општините каде се бираат градоначалници.

Во вториот круг од локалните избори 2025 в недела се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за советници.

Право на глас имаат 1 013 375 граѓани.

Изборната кампања за вториот круг од изборите заврши синоќа на полноќ, и ќе трае до утре до 19 часот.

Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот, кога ќе бидат затворени гласачките кутии.

Изборите ќе ги следат 1 598 меѓународни и странски набљудувачи, од кои 933 странски и 651 меѓународен.

Во првиот круг од локалните избори беа избрани советници во 79 општини и Градот Скопје, а беа избрани градоначалници во 44 општини, кои веќе ги добија решенијата и ги преземаа новите функции.

На овие локални избори за вкупно 81 градоначалничко место имаше 309 кандидатури, додека за место во советите се бореа над 10.490 кандидати од вкупно 576 листи.

Овие кандидати - учесници на изборите се предложени од вкупно 22 политички партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури.

Сепак, од вкупно 80 општини плус Градот Скопје, четири градоначалнички места ќе останат испразнети.

Во општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и во Центар Жупа изборите за градоначалници пропаднаа, бидејќи не беше исполнет цензусот на гласање да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список.

За овие четири места, ќе има нови избори кои ќе треба да се распишаат и организираат, откако ќе бидат објавени конечните резултати од денешниот втор круг.

Инаку изборниот ден на првиот круг кој се одржа на 19 октомври, помина мирно, без инциденти, со излезност од 46,5 проценти.

Локални избори во Северна Македонија се одржуваат на секои четири години. Овие се осми по ред од осамостојувањето на државата во 1991 година.

XS
SM
MD
LG