Вести
Израелската влада го одобри договорот со Хамас

Израелската влада синоќа(9 октомври) го одобри договорот со кој Хамас ќе ги ослободи сите 48 преостанати заложници во Газа, соопшти Кабинетот на премиерот.
Со усвојувањето прекинот на огнот стапи во сила.
Ослободувањето на заложниците, во замена за околу 2.000 палестински затвореници и делумно повлекување на израелската армија (ИДФ), претставува прва фаза од мировниот план за Газа на претседателот на САД, Доналд Трамп.
Повеќето министри од кабинетот гласаа во корист на договорот, вклучувајќи го и министерот Офир Софер од крајнодесничарската партија Религиозен ционизам на министерот за финансии Безалел Смотрич, чии останати министри беа против договорот.
Против гласаа и сите членови на ултранационалистичката партија Оцма Јехудит.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) сега ќе се повлечат на нови линии во рамките на Појасот Газа, задржувајќи распоред што контролира околу 53 проценти од територијата на Газа, по што ќе почне 72-часовниот период во кој Хамас треба да ги ослободи сите заложници.
Доколку се спроведе, договорот ќе ги зближи двете страни повеќе од кој било претходен напор за запирање на војната што се разви во регионален конфликт, вовлекувајќи земји како Иран, Јемен и Либан во конфликт и преобликувајќи го Блискиот Исток.
види ги сите денешни вести
Коцевски за случајот „Пулс“: Aдвокати критикуваат и се претставуваат како независни експерти, а се бранители на обвинети во случајот

Државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски денеска преку отворено писмо упати остра реакција до претседателот на Адвокатската комора на Република Северна Македонија, Љубомир Михајловски за начинот на кој дел од адвокатите јавно го коментираат поднесеното обвинение".
Според Коцевски, овие јавни настапи се "спротивни на член 13 од Кодексот за професионална етика на адвокатите", кој налага дека адвокатот "е должен да го чува угледот на судот и институциите пред кои се јавува".
Коцевски нагласува дека "неговиот настап треба да биде таков, судовите и другите органи во него да гледаат заштитник во спроведувањето на законитоста и заштитата на правата и правните интереси на странките".
„Изнесувањето на неосновани проценки во поглед на долгото траење на судската постапка наштетува пред се на угледот на Судот и претставува обид истиот да се прикаже како спор и неефикасен, иако судењето воопшто не е започнато. Нагласуваме дека Јавното обвинителство во моментов води повеќе активни судски постапки со кои се опфатени повеќе десетици обвинети, а судењата течат редовно и без застој. Јавните обвинители се водат единствено од доказите и немаат никаква можност да избираат колку обвинети ќе вклучат во постапките што ги водат. Притоа, укажуваме дека одредени адвокати го злоупотребуваат професионалното својство, се претставуваат и ја коментираат постапката и обвинението како непристрасни правни експерти, без притоа да појаснат дека всушност се бранители на обвинетите кои во основа ги застапуваат интересите на својот клиент, доведувајќи ја со тоа во заблуда јавноста и особено оштетените“, пипува Коцевски во писмото.
Коцевски го издвои настапот на адвокатот Сузана Јошевска Атанасовска во емисијата "Студио 10" на Телевизија 24 од 8 октомври 2025 година како "пример за неетички јавен настап, спротивен на принципите на Кодексот за професионална етика на адвокатите".
Според обвинителството, адвокатката "изнесува комплетни невистини дека не и бил даден дел од доказниот материјал кој е приложен заедно со обвинението", што претставува "обид да го наруши интегритетот на истрагата и угледот на јавнообвинителската институција".
Коцевски во писмото пишува дека целокупниот доказен материјал за предметот „Пулс“ е навистина обемен и е резултат на макотрпна интензивна работа на јавните обвинители".
Коцевски бара од претседателот на Адвокатската комора, Љубомир Михајловски, да "апелира" за професионална одговорност на адвокатите. Тој нагласува дека адвокатите исто така имаат професионална одговорност да дадат придонес за ефикасно и правично судење.
"Пред нас како држава е тежок, но исклучително важен судски процес со кој треба да испорачаме правда за сите жртви во кочанската трагедија. Јавнообвинителскиот тим кој ќе го застапува обвинението во предметот за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ е единствен и ја има апсолутната поддршка од целокупната јавнообвинителска организација. Како одговорна и сериозна институција нема да дозволиме ниту едно единствено рочиште да се одложи или да биде обременето по вина на јавен обвинител. Поднесениот обвинителен акт е потврден од Судот и е стапен на правна сила. Наскоро ќе следуваат одлуки и во други постапки поврзани со овој тежок настан", се наведува во писмото.
Хрватска со вербална нота до Црна Гора: Да се врати имотот на хрватското малцинство

Официјален Загреб испрати дипломатска нота до црногорското Министерство за надворешни работи, со барање за враќање на имотот во Црна Гора на припадниците на хрватското национално малцинство, потврди Радио Слободна Европа.
„На 8 октомври, министерството доби усна нота од Министерството за надворешни и европски работи на Република Хрватска во врска со прашањето за враќање на имотот на припадниците на хрватското национално малцинство во Црна Гора“, објави Радио Слободна Европа.
Дополнително, се наведува дека хрватското Министерство претходно било заинтересирано за овој случај, кога им бил презентиран ставот дека овие прашања во Црна Гора се регулирани со Законот за враќање на одземените имотни права и надомест.
Црногорското Министерство посочува дека овој Закон се однесува подеднакво на сите граѓани на Црна Гора, без оглед на нивната националност:
„По добивањето на релевантни информации од надлежните органи, Министерството ќе преземе чекори и ќе ја информира хрватската страна за конкретната истрага во согласност со правилата за дипломатска кореспонденција.“
Претходно, хрватските медиуми објавија дека кон крајот на 1950-тите, на 51 хрватско семејство од Тиват им е одземен имот за кој, и покрај судските пресуди, не можеле да бидат регистрирани како сопственици, ниту да бидат внесени во катастарот.
Се вели дека во 1990-тите, трети лица биле нелегално регистрирани на овој имот.
Хрватскиот министер за надворешни работи, Гордан Грлиќ Радман, исто така, зборуваше за ова, како уште еден проблем меѓу двете земји, на форумот 2BS во Будва на почетокот на октомври.
Тој изјави дека за запленетиот имот на Хрватите на брегот слушнал дури пред еден месец.
„Бев згрозен. Не знаев дека 90 проценти од тие парцели во Доброта или Тиват биле едноставно запленети. Дека некој друг ги регистрирал имотите, а имотот е неотуѓив според меѓународното право. Ова мора да се исправи ако сакаме да бидеме заедно во ЕУ“, рече Грлиќ Радман.
Една од зградите за кои има барање за враќање на имотот на претходните сопственици е Палатата Дабиновиќ - „Кокотовата кула“ во Доброта од крајот на 17 век, објави хрватски „Јутарњи лист“.
Од палатата изградена во барокен стил преживеале само резбаните камени ѕидови.
Министерството наведува дека во претходната комуникација и преговори со хрватската страна покажало конструктивен и отворен пристап кон решавањето на сите прашања што ги оптоваруваат односите меѓу двете земји:
„Вклучувајќи ги и оние поврзани со хрватското малцинство во Црна Гора, водејќи еднаква грижа за да се обезбеди остварување на нивните уставни права и заштита на националниот интерес.“
Црна Гора и Хрватска имаат затегнати односи од летото минатата година.
Непосредната причина беше усвојувањето на Резолуцијата за геноцид во Јасеновац во јуни 2024 година во Собранието на Црна Гора, која беше поддржана од парламентарното мнозинство предводено од движењето „Европа сега“ на премиерот Милојко Спајиќ и просрпските партии предводени од претседателот на парламентот Андрија Мандиќ.
Мандиќ, пратеникот Милан Кнежевиќ и вицепремиерот Алекса Бечиќ беа прогласени за непожелни во Хрватска.
Потоа минатиот декември, Хрватска ја блокираше Црна Гора да го затвори поглавјето 31 од преговорите - надворешна и безбедносна политика.
Сè уште има неколку отворени прашања во односите меѓу двете земји.
Хрватска бара отштета од Црна Гора за поранешните хрватски затвореници кои биле притворени во логорот Мориња во Котор во 1991 година. Тие исто така сакаат да го променат името на базенот, кој го носи името на поранешниот ватерполист Зоран Гопчевиќ, кој бил чувар во логорот Морињ.
Покрај тоа, Хрватска бара враќање на воениот брод за обука „Јадран“, кој е дел од црногорската воена флота повеќе од три децении.
Прашањето за границата меѓу двете земји кај Превлака е исто така нерешено.
МАНУ апелира на „коренити реформи во научноистражувачката дејност и високото образование“

Потребни се коренити реформи во научноистражувачката дејност и високото образование при што подигањето на нивниот квалитет мора да се сфатат како услов без кој не се може за хуман и одржлив развој на македонското општество. Притоа Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) мора да биде предводник на овие есенцијално важни општествени промени, истакна претседателот на МАНУ, академик Живко Попов, во обраќањето по повод 58-годишнината од основањето на Македонската академија на науките и уметностите.
Според првиот човек на Академијата, промените „мора да имаат системски карактер и да се третираат како стратешки приоритети на државата“. Меѓу другото, рече, тие би вклучиле формирање на посебно Министерство за високо образование и наука, унапредена и рационална законска рамка за високо образование, научноистражувачката дејност.
„Но, за Македонската академија на науките и уметностите, која премногу долго време чека на донесувањето на измените и дополнувањата на Законот за МАНУ, за што ја користам оваа посебна прилика да апелирам државните институции тоа да го направат што поскоро“, истакна академик Попов.
Претседателот на МАНУ укажа и на потребата од гарантирано финансирање на основните функции на државните академски институции (образование, наука, иновациски развој и апликативна дејност), „значително дебирократизирање и поголема флексибилност на Трезорскиот систем, законско дефинирање на минимални критериуми за академско регрутирање, унапредување и избор на раководен кадар, воведување мерки што стимулираат академска извонредност, формирање на посебен Фонд за поддршка на научна работа, сеопфатна програма за социјална грижа на студентската популација и академскиот подмладок, борба против одливот на академски кадар итн.
„За пофалба е што денес, преку активностите на Министерството за образование и наука, сведочиме на создавање на клима за реализација на дел од овие суштествени стремежи“, посочи Попов.
Во обраќањето тој соопшти дека во научната програма за 2025 се работи на вкупно 75 научно-истражувачки проекти од разни области. Од нив, 45 се реализираат во одделенијата на МАНУ и 30 во истражувачките центри на Академијата. Оддделенијата и центрите при МАНУ за годинава предвидуваат 36 научни собири и конференции, домашни и меѓународни, а се работи и на обемна издавачка дејност – 27 периодични и 40 посебни изданија. Попов се осврна на активностите на секое од одделенијата и истражувачките центри на МАНУ.
Потсети и дека 2025 е изборна година во МАНУ и дека се реализира постапката за нови членови на Академијата, нагласувајќи притоа дека таа е „отворена за сите граѓани кои ги исполнуваат високите научни и уметнички критериуми за членство во неа, без оглед на нивната етничка, верска и каква било друга припадност“.
„Овластените предлагачи навремено ги истакнаа кандидатурите на оние кои според наведените критериуми и ведности го заслужуваат ова високо општествено признание. Изборниот процес привршува и до крајот на годината Академијата ќе биде зајакната со нови квалитетни дописни и редовни членови во работниот состав и надвор од него“, рече претседателот на МАНУ, Живко Попов.
Венецијанската комисија даде позитивно мислење за предлог законите за јавно обвинителство и за Советот на јавните обвинители

Венецијанската комисија на Советот на Европа даде позитивно мислење за Предлог законот за јавно обвинителство и за Предлог законот за Советот на јавните обвинители, информираат од Министерството за правда.
Во Венеција, денеска се одржа 114-та пленарна сесија на Европската комисија за демократија преку право - Венецијанска комисија при Советот на Европа, на која било усвоено Заедничкото мислење за Предлог законот за јавно обвинителство и за Предлог законот за Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија.
„Во усвоеното мислење, Комисијата даде позитивна оцена за процесот и содржината на изработените закони, поздравени се реформските напори на Министерството за правда. Укажано е дека во двата предлог-закона се запазени меѓународните стандарди и имплементирани сите препораки. Дадени се и неколку дополнителни сугестии во насока на подобрување на законските текстови. Со ова, се потврдува дека законите се целосно усогласени со европските принципи за професионалност и ефикасност на јавното обвинителство, како и со стандардите за транспарентно и одговорно функционирање на Советот на јавните обвинители“, се вели во соопштението на Министерството за правда.
На пленарната сесија, во име на Министерството за правда, свое обраќање имала проф. д-р Александра Деаноска Трендафилова, како претседател на Работната група која ги подготви двата закона.
Министерството за правда, се вели во соопштението, ќе продолжи посветено да работи на спроведување на препораките, на унапредување на правосудните институции и на јакнење на владеењето на правото во Република Северна Македонија.
„Ова позитивно мислење претставува важна потврда на нашата европска определба, на транспарентниот и инклузивен пристап што го применуваме во процесот на реформирање на правосудството и на заложбата за градење правен систем кој ги одразува највисоките стандарди на демократија, правда и интегритет“, нагласуваат од Министерството за правда.
Двата закона се дел од Реформската агенда на Планот за раст на Европската унија за Западен Балкан со рок до декември 2025 година.
Шаини: Невистини се тврдењата дека зад обидот за убиство стои мојата сопруга

Докторот Зекирија Шаини на денешната прес-конференција во Куманово ги отфрли како неосновани и невистинити тврдењата дека зад случај со обидот за негово убиство стои сопругата Арјета Адили и побара од истражните органи во итно да ја расчистат ситуацијата и да го откријат вистинскиот осомничен за нападот.
Шаини беше застрелан на улицата „Димитрија Туцаковиќ“ во центарот на Куманово пред три дена околу 14 часот. Тој рече дека по информациите пренесени од органите, преку социјалните мрежи и медиуми, чуствува морална и професионална обврска, јавно да реагира и да ја информира јавноста.
Шаини рече нема информација и сознанија за мотивите за „атентатот“, дека како претходно објавил на социјалние мрежи и по неговата првична изјава пред истражните органи, и денес пред јавноста, нема нерасчистени сметки со никого, никому не го загрозил животот, приватност или нешто друго.
„Барам од истражните органи под итно да ја објаснат ситуацијата со мојата сопруга која е вмешана во овој случај од нивна страна, почитувајќи ја нашата семејна приватност, а посебно имиџот на г-ѓата Ајдини. Овој случај за жал се претставува со јасна намера за дискредитација на мене и моето семејство како и за создавање збунетост и заблуда во јавноста. Барам од истражните органи да се зафатат со откривање на вистинскиот осомничен за случајот, а не настанот да го прикажат како семејна расправија или недоразбирање, бидејќи доколу навистина ќе беше така како што се престасува во јавноста, јас никогаш не би продолжил да живеам заедно со мојата госпоѓа“, рече Шаини.
Тој апелира до политичките партии да не го користат овој случај за политички поени, особено во овие моменти на кампања за локалните избори.
Одговарајќи на новинарски прашања за кривична пријава против сопругата која му испраќала заканувачки пораки, Шаини рече дека стои на располагање на обвинителството, МВР и судот.
„Не кријам и не сакам да заштитам никого. Ќе одам до крај за да се разјасни работата. Ја ќе продолжам со главата горе, од никого не се плашам, зашто лошо никому немам сторено ќе се појавам на митингот вечерва се што кажав, кажав-ќе прочитаат меѓу редови, изјави Шаини.
Од Јавното обвинителство информираат дека денеска е доставена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Куманово за загрозување на сигурноста против едно лице, како и за поттикнување при извршувањето на тоа дело против поранешна сопруга на оштетениот.
„Пријавата се однесува на претходно испратени заканувачки пораки и закани, додека индициите за евентуална инволвираност на овие осомничени, но и на други лица во инцидентот со пукањето сè уште се проверуваат. Надлежен јавен обвинител постапува по пријавите и презема дејствија, информираа“ од ЈОРСМ.
Од обвинителството објаснуваат до овој момент ова е единствена пријава.
„Индициите за евентуална инволвираност на овие осомничени, но и на други лица во инцидентот со пукањето сè уште се проверуваат“, додаваат од обвинителството.
Фон дер Лајен в среда доаѓа во Скопје - предвидени средби со Сиљановска-Давкова, Мицкоски и Гаши

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, следната недела ќе ги посети партнерите на ЕУ од регионот на Западниот Балкан, во чии рамки в среда попладне ќе престојува во Скопје, соопшти денеска главната портпаролка на Европската комисија, Паула Пињо.
Пињо информира дека за време на престојот во Скопје, Фон дер Лајен ќе има одвоени средби со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, со премиерот Христијан Мицкоски и со претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Својата годишна западнобалканскиа турнеја Урсула фон дер Лајен ќе ја започне в понеделник од Тирана, каде ќе има средби со албанскиот претседател Бајрам Бегај и премиерот Еди Рама, по што ќе се обрати на отворањето на Регионалниот инвестициски форум на ЕУ за Западниот Балкан.
Истиот ден, фон дер Лајен ќе отпатува за Тиват, каде ќе се сретне со претседателот Јаков Милановиќ и премиерот Милојко Спајиќ. Во вторник во Тиват претседателката на ЕК ќе учествува на Инвестициска конференција за паметна и зелена иднина.
Од Тиват, фон дер Лајен во вторник ќе отпатува за Сараево на средби со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина и со претседавачката на Советот на министри, Борјана Кришто. Истиот ден, таа ќе го посети и Меморијалниот центар во Сребреница.
Работниот ден в среда фон дер Лајен ќе го започне во Белград каде ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот Ѓуро Мацут, по што ќе замине за Приштина на средби со косовската претседателка Вјоса Османи и техничкиот премиер Аребен Курти.
Од Приштина, Фон дер Лајен в среда попладне ќе отпатува за Скопје, што ќе биде последна етапа од нејзината турнеја низ Западниот Балкан.
Како што соопшти Европската комисија, оваа турнеја ќе биде можност Фон дер Лајен да ја реафирмира поддршката на ЕУ за членство на земјите од регионот во Унијата и за нивниот постепен пристап до Единствениот европски пазар, како и да разговара за спроведувањето на Планот за раст на Западниот Балкан.
Оваа е петта по ред годишна турнеја на фон дер Лајен на Западен Балкан по оние од претходните четири години, што, како што наведува ЕК, ја потврдува важноста што регионот ја има за Европската унија.
Конституирано собранието на Косово, Ненад Рашиќ избран за потпретседател и покрај противењата на Српската листа

Со изборот на Ненад Рашиќ за потпретседател на косовското собрание заврши конституирањето на овој законодавен орган. Речиси осум месеци по изборите, сега кога Косово конечно има нов состав на Собранието, со избран претседател и потпретседатели, отворен е патот за следниот чекор во формирањето на новите институции.
На изборот на Рашиќ регираа од Српската листа која инсистира дека само нејзините пратеници имаат право да бидат избрани за потпретседател од редовите на српската заедница, бидејќи тие ја претставуваат волјата на мнозинството од српската заедница.
Претседателот на Собранието на Косово, Димаљ Баша, ги отфрли критиките за начинот на кој е конституирано ова законодавно тело, велејќи дека постапката за избор на Ненад Рашиќ за потпретседател била „целосно регуларна“.
Тој објасни дека откако сите девет кандидати на Српската листа биле ставени на гласање три пати и не обезбедиле гласови, а останал само еден кандидат, Ненад Рашиќ од друга српска партија, „бил принуден да и понуди еднаква можност и таа партија“.
Конституирањето на Собранието значи дека претседателот на земјата, како што е пропишано со закон, сега може да назначи претставник за формирање нова влада.
Претседателката Вјоса Османи сега има законска обврска да ја назначи победничката партија или коалиција (во овој случај коалицијата предводена од движењето Самоопределување, заедно со движењата Гуџо и Алтернатив), како мандатар за формирање на нова Влада.
Предложениот кабинет мора да обезбеди најмалку 61 глас во Собранието од вкупно 120 пратеници за да биде усвоен.
Со 48 мандати освоени на изборите на 9 февруари, движењето Самоопределување не може самостојно да го обезбеди потребното мнозинство без коалициски партнер.
Во случај таа да не собере 61 глас, претседателката Османи има обврска да ги покани партиите на консултации во рок од десет дена и да одлучи за кандидатот кој има најголеми шанси да формира влада.
Потоа, носителот на мандатот има дополнителни 15 дена да го достави новиот состав на кабинетот до Собранието.
Доколку, дури и по вториот обид, владата не успее да се формира, Османи, според Уставот, мора да го распушти Собранието и да распише нови избори, кои мора да се одржат во рок од 40 дена.
По пожарот во Кочани сѐ повеќе луѓе бараат психијатриска и психолошка помош

И по половина година од трагедијата со пожарот во Кочани, сѐ повеќе луѓе бараат психијатриско-психолошка помош. Некои од оние кои се обраќаат до професионалците од оваа област биле повредени во пожарот кој во март се случи во кочанската дискотека „Пулс“, но некои биле индиректно засегнати. Ова денеска го посочи директорката на Клиниката за психијатрија, Славица Арсова која рече дека било очекувано луѓето да не бараат помош веднаш по трагичниот настан.
Пожарот, според професорката, создаде криза која предизвика чувство на нестабилност, несигурност и страв кај сите.
„Тие се обраќаат директно кај нас, но се препорачува и регионално да биде третманот. Сепак, имаме и млади пациенти кои студираат или живеат тука и полесно им е да бараат помош во Скопје“, рече д-р Арсова на одбележувањето на Светскиот ден на менталното здравје (10 октомври).
Интервенции во криза
Годинешното одбележување во фокусот ги става токму „интервенциите во криза“ како што е несреќата во „Пулс“, која беше кобна за 62 лица.
Д-р Арсова вели дека при вакви кризи или несреќи, ниедно општество не може да се справи во истиот момент.
„Она што е видливо се повредите од скршеници, изгореници, но тие кои за жал, не ги гледаме на самиот почеток, а оставаат долгорочни последици се психичките потешкотии односно нарушувањата на менталното здравје. Бевме веднаш присутни, а и сѐ уште сме, не само за повредените и блиските туку и за сите останати граѓани бидејќи тоа предизвика последици по менталното здравје кај секој граѓанин“, изјави директорката на Клиниката за психијатрија.
Според неа, младите генерално се сѐ посвесни за менталното здравје и се грижат многу повеќе отколку во минатото.
„Најчести предизвици кај младата популација се анксиозните, но најмногу треба да внимаваме на депресивните кои водат кон ризик од самоповредувачко и самоубиствено однесување кое за жал, не е исклучено кај младата популација“, истакна д-р Арсова.
На ова укажа и нејзиниот колега, проф. д-р Антони Новотни кој рече дека „во ова време на отуѓено живеење насекаде веројатно треба да се вратиме на суштината, а тоа е заедништвото и можноста да си помогнеме еден на друг.
„Семејството, локалната заедница и ние, професионалците треба да бидеме достапни бидејќи сослушувањето на луѓето кои се во криза е фактор кој може да придонесе за надминување на кризата“, порача д-р Новотни.
По повод Светскиот ден на менталното здравје, пораки за заедништво и поддршка, денеска испратија и граѓаните од плоштадот „Македонија“.
„Заедницата лекува. Никогаш не си сам, запомни“, „насмевни се на денот и тој ќе ти се насмевне“, „сподели, не чувај во себе“ – запишаа граѓаните на таблата што ја поставија професионалците од Клиниката за психијатрија.
Од оваа година, за првпат е воведен и скрининг за депресија кај младите во Северна Македонија, во кој всушност се вклучени и матичните лекари.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски потсети на оваа новина за која рече дека има превентивна цел.
„Менталното здравје во Македонија е сѐ уште стигма, затоа нашите психијатриски болници се далеку од нашите очи. Спремни сме тоа да го менуваме. ФЗО за првпат вклучи состојба од ментално здравје во превентивните прегледи и цели кај матичните, кои ќе имаат задача да поминуваат еден дел од осигурениците и да детектираат евентуално такви состојби“, додаде Клековски.
Деменцијата сѐ почеста
И додека младите сѐ повеќе ги препознаваат симптомите на анксиозност, возрасните не можат да ги препознаат симптомите на деменција која пак, како што вели стручната фела, ја има сѐ повеќе.
„Првите знаци ретко се препознаваат, се мешаат со други работи или се нормализираат од семејството, дека возрасен човек може да е плачлив, раздразлив или збунет, но понекогаш може да е почетна фаза“, вели д-р Арсова.
Ова не било случај во семејството на скопјанката Сузана. Нејзините родители имаат деменција, но како што вели, нивната состојба е подобрена благодарение на соодветните медицински терапии.
А „алармот“ кај Сузана и нејзината сестра, се вклучил откако нивната мајка се изгубила во простор кој ѝ бил целосно познат.
„На мојата мајка ѝ беше дијагностицирана деменција пред десет години. Кај неа имаше заборавеност, често сопнување во одењето, паѓање, немирен сон, дури и зборување за време на сонот. Веднаш презедовме мерки со сестра ми. Имаше прегледи и кај психијатар и кај невролог, па сега постојано е под терапија. Мислам дека не треба да припишуваме сѐ на годините, туку сериозно да пристапиме на проблемот“, раскажува 53-годишната Сузана за РСЕ.
Неколку години подоцна, деменцијата била дијагностицирана и кај нејзиниот татко откако доживеал повеќе мали мозочни удари. Но како што вели таа, слушајќи ги советите од неговиот психијатар, состојбата е подобрена.
Домашната статистика говори дека во земјава во 2020 година живееле 20.000 лица со деменција, а сега се повеќе од 24.000.
Палестинците се враќаат на северот од Газа, Израел соопшти дека примирјето стапи на сила

Жителите на северниот и западниот дел од градот Газа останаа затечени откако израелските сили се повлекоа од неколку населби, откривајќи невиден обем на уништување по неколкунеделното силно бомбардирање.
За прв пат по неколку недели, луѓето влегоа во областите Шеик Радван, ал-Карама и бегалскиот камп Бич, каде што наидоа на цели станбени блокови срамнети со земја, стотици уништени домови и голем дел од инфраструктурата.
Видеата што кружат на социјалните медиуми покажуваат жители како шетаат низ урнатините и го разгледуваат она што останало од нивните домови.
Израелската армија објави дека договорот за прекин на огнот стапил на сила и дека војниците се повлекле на линиите за распоредување договорени претходно.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека војниците „почнале да се позиционираат по ажурираните линии за распоредување“ од пладне по локално време.
„Војниците на ИДФ во Јужната команда се распоредени во областа и ќе продолжат да отстрануваат каква било непосредна закана“, се вели во соопштението.
Израелските одбранбени сили моментално контролира 53 проценти од Појасот Газа - повеќето од овие области се надвор од урбаните средини.
Повлекувањето на израелската армија е еден од чекорите на договорот за прекин на огнот во Појасот Газа, кој содржи 20 точки и е инициран од претседателот на Соединетите Држави, Доналд Трамп, и кој налага непречено снабдување со хуманитарна помош за населението и разоружување на палестинското движење Хамас, кое САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација.
Порано во петокот, израелската влада ратификуваше договор за прекин на огнот и размена на заложници, отворајќи го патот за 24-часовен прекин на непријателствата во Газа.
Израелците и Палестинците славеа во четвртокот додека Хамас и израелската влада започнаа подготовки за спроведување на договор за прекин на огнот кој ветува траен крај на крвавиот двегодишен конфликт во кој загинаа десетици илјади луѓе, кој дестабилизираше голем дел од Блискиот Исток и предизвика протести низ целиот свет.
Во Газа има радост, но и голема загриженост. Многумина изразија страв дека новиот договор би можел да пропадне и да донесе уште повеќе страдање на веќе опустошената територија.
Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно во петокот објави дека израелската влада одобрила рамка за ослободување на сите заложници.
„Владата штотуку одобри рамка за ослободување на сите заложници - живи и мртви“, се вели во соопштението.
Потоа кабинетот ги сподели изјавите што Нетанјаху ги даде на состанокот за одобрување на рамката за ослободување на заложниците, заедно со американскиот претставник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Израел и Хамас постигнаа почетен договор во четвртокот како дел од напорите за прекин на конфликтот.
Спогодбата - делумно посредувана од Вашингтон - вклучува ослободување на сите заложници и повлекување на израелските војници на договорената линија во Појасот Газа.
Израел ќе ослободи околу 250 Палестинци кои отслужуваат доживотна казна затвор и околу 1.700 други притворени по нападите предводени од Хамас пред две години, кои ја предизвикаа војната.
Порано во четвртокот, висок функционер на палестинското движење во странство, Калил ал-Хаја, изјави дека Хамас смета дека војната во Газа е завршена.
Хамас „даде одговор што им служи на интересите на палестинскиот народ и го запира крвопролевањето“, рече тој, осврнувајќи се на договорот заснован на мировниот план на САД.
„Потврдуваме дека жртвите на нашиот народ нема да бидат залудни и дека ќе останеме верни на нашето ветување и нема да се откажеме од националните права на нашиот народ: да постигнеме слобода, независност и самоопределување“, беше објавено.
Американскиот претседател Доналд Трамп на социјалните мрежи напиша:
„Синоќа постигнавме значителен напредок на Блискиот Исток, нешто за кое луѓето велеа дека никогаш нема да се случи. Ја завршивме војната во Газа и навистина, на многу поголема основа, создадовме мир“.
Околу 200 американски војници ќе помогнат во следењето на договорот за прекин на огнот во Газа, изјавија американски претставници. Не е јасно каде ќе бидат стационирани војниците, но претставниците, кои зборуваа под услов на анонимност, нагласија дека американските војници нема да бидат распоредени во Газа.
Во меѓувреме, претседателот на израелскиот парламент го покани Трамп да одржи говор за време на неговата планирана посета на Блискиот Исток.
Израелскиот политичар и адвокат Амир Охана рече дека е негова „длабока чест и привилегија“ да го покани Трамп да одржи официјален говор пред нацијата пред Кнесетот.
„Израел чека претседател на мирот“, напиша Охана на X, нарекувајќи го Трамп „најголем пријател и сојузник на еврејскиот народ во модерната историја“.
Трамп посочи дека планира да патува на Блискиот Исток „многу наскоро“, можеби веќе во недела.
Нобеловата награда за мир ја доби венецуелската политичарка Марија Корина Мачадо

Нобеловата награда за мир ја доби Марија Корина Мачадо од Венецуела, објави норвешкиот Нобелов комитет.
Се наведува дека Мачадо ја добила наградата „за нејзината неуморна работа на промовирање на демократските права за народот на Венецуела и за нејзината борба за постигнување праведен и мирен премин од диктатура во демократија“.
Мачадо е опозициска политичарка, економистка и една од најистакнатите критичарки на режимот на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.
Таа е основачка на движењето „Венте венецуела“ и симбол на борбата за демократски промени во земјата, позната по своите либерални и продемократски ставови.
На почетокот од 2000-тите години ја основала организацијата Súmate, која се борела за фер избори и транспарентност, поради што често била мета на властите.
Во јануари 2024 година, додека се приближуваа претседателските избори, Врховниот суд на Венецуела под контрола на Мадуро ја дисквалификуваше од политиката на 15 години, со што ѝ беше оневозможено да се кандидира.
Мачадо тогаш ја именуваше професорката Корина Јорис како своја замена на листата на опозицијата.
И покрај забраната, Мачадо продолжи со јавни настапи, собирајќи поддржувачи низ цела Венецуела.
Во јануари 2025 година накратко беше уапсена по говор во Каракас, а сведоци тврдат дека нејзиниот конвој бил нападнат. Наскоро беше пуштена на слобода, додека властите негираа дека воопшто дошло до апсење.
Меѓународната заедница, вклучувајќи ја Европската унија и САД, ја смета Мачадо за клучна фигура на демократската опозиција.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете