Вести
Мицкоски и Христовски тврдат дека имало незаконско следење, детали не откриваат

На одбележување на Денот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) – 1 септември, премиерот Христијан Мицкоски и директорот на оваа институција, Бојан Христовски, излегоа со тврдења дека во земјава имало незаконско следење, но детали не споделија.
На новинарско прашање како ги коментира информациите дека лично тој бил следен и прислушуван, премиерот посочи дека не би можел да зборува за детали, дека тоа е „државна тајна“ и така биле класифицирани и документите.
„Но, факт е дека двете агенции, и Агенцијата за разузнавање и АНБ темелно се занимавале со претседателот на, во тоа време, најголемата опозициска партија т.е. со мене, меѓу другото и со новинари, бизнисмени. Така што да оставиме периодот процесот да тече, да видиме што ќе каже обвинителството и судиите во еден судски процес“, изјави Мицкоски.
Мицкоски рече дека е „навикнат на таков тип на луѓе“ и оти очекува овие, како што ги нарече, „глодари“ да завршат зад решетки и еднаш засекогаш да се стави крај на злоупотребите на безбедносните агенции за вакви цели.
Повеќе детали не откри ниту актуелниот директор на АНБ, Бојан Христовски, освен што меѓу виновниците посочи еден поранешен директор на Агенцијата.
„Тоа што се случувало внатре било да една помала група составена од еден поранешен директор и помала група вработени во институцијата, и тоа како имаме индиции дека ја злоупотребиле својата службена положба. За истото е известено надлежното Јавно обвинителство и повеќе детали за ова не можам да споделам бидејќи се работи за детали кои се со виска класификација и се сензитивни“, рече Христовски додавајќи дека не сака да наруши некаков законски процес или евентуална истрага што би била отворена во иднина.
За тоа колкава група на луѓе биле прислушувани и следени, директорот не даде одговор туку им посочи на новинарите да се обратат до Јавното обвинителството.
ВМРО-ДПМНЕ како опозиција тврдеше дека во земјава продолжило незаконско следење и прислушувања, а истите обвинувања ги изнесе и по преземањето на власта по парламентарните избори во мај 2024 година.
Денеска, директорот на АНБ, обвини дека Агенција со која раководи, а чии ресурси биле злоупотребени, во пракса не доживеала никаква реформа туку сето тоа било само „фасада“.
Оваа Агенција започна со работа на 1 септември 2019 година откако во Северна Македонија беше спроведена реформа во безбедносно-разузнавачкиот сектор. Тоа значеше одземање на ингеренции за следење на комуникациите од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) во рамки на МВР и формирање на Оперативно-техничката агенција (ОТА) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ).
Реформите следуваа откако во 2016 година, СДСМ како опозиција го започна проектот „Вистината за Македонија“ обелоденувајќи ја аферата со незаконското следење на комуникациите за што почна да објавува и прислушувани разговори т.н. бомби. За аферата беше отворена и истрага, а потоа следуваше и судски процес кој во јавноста беше познат под името „Таргет-Тврдина“. Според обвинението за случајот, со прислушувањето нелегално биле таргетирани над 5.000 телефонски броеви, а опфатени биле над 20.000 граѓани.
Но, овој судски процес заврши неславно бидејќи кривични дела на обвинетите за прислушувањето застареа и случајот не дочека изрекување правосилна пресуда.
види ги сите денешни вести
Будимпешта ја игнорира одлуката на Судот на БиХ, Сијарто му се обраќа на Додик како претседател

Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, се сретна со Милорад Додик во Будимпешта денеска (4 септември), обраќајќи му се со „г-дине претседателе“, иако неговиот мандат е официјално одземен.
Унгарскиот министер за надворешни работи изјави дека Унгарија ја почитува волјата на народот кој „ги избрал своите лидери демократски на избори“.
Додик повеќе не е претседател на босанскиот ентитет Република Српска (РС), по пресудата на Судот на Босна и Херцеговина и одлуката на Централната изборна комисија (ЦИК) со која му беше одземен мандатот.
Унгарските власти имаат добри односи со Додик, а официјална Будимпешта ги блокираше сите обиди на Европската Унија да го санкционира.
„Веруваме дека ставот кон лидерите на Западен Балкан, кој подразбира санкции, омаловажување, дека ова не смее да биде решение, не смее да биде однесување што се применува во меѓународната политика“, рече Сијарто.
Тој додаде дека странското влијание на Западен Балкан традиционално доведува до дестабилизација.
Во врска со нелегалниот референдум за пресудата на Додик, планиран од властите на ентитетот, тој рече дека ниту тие, ниту Брисел не треба да имаат збор во тоа каква ќе биде иднината на РС.
Собранието на РС распиша референдум за 25 октомври за непризнавање на одлуките на Судот на БиХ, ЦИК и високиот претставник, иако Уставниот суд на БиХ претходно нагласи дека пониските нивоа на власта не можат да организираат референдуми за државни прашања.
Зборувајќи пред знамињата на БиХ и РС, Додик ги повтори своите претходни тврдења дека БиХ е „земја проблем и случај“ и рече дека Дејтонскиот договор не бил во интерес на многу „американски администрации и канцеларии во Брисел“ од самиот почеток.
„Како договорна страна, ја донесовме РС во БиХ, а БиХ не беше желба за нас, туку неопходност“, рече Додик.
Тој ги повтори и своите претходни барања Канцеларијата на високиот претставник (ОХР) да ја напушти земјата и рече дека „ако работите тргнат на лошо за нас“, РС ќе донесе одлука за независност.
АфД: Нема докази за „неприродни смртни случаи“ во изборната кампања во Германија

Регионален лидер на крајно десничарската Алтернатива за Германија (AfD) изјави дека партијата „нема докази за неприродни смртни случаи“ откако неколку нејзини кандидати починаа за време на изборната кампања во западна Германија.
Локалните избори треба да се одржат во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, на 14 септември. Изборната кампања во последните денови беше доминирана од вестите за смртните случаи, а копретседателката на партијата, Алис Вајдел и истакнатиот милијардер- поддржувач на партијата Илон Маск, го истакнаа проблемот на мрежата X.
Мартин Винценц, лидер на огранокот на AfD во покраината, рече дека не се појавиле докази за нечесна игра. Но, тој посочи дека онлајн шпекулациите го одразуваат третманот на германските власти кон неговата партија, која е под истрага на германските разузнавачки служби како „сомнителен“ случај на десничарски екстремизам на национално ниво.
„Ако дури и политичкото убиство сега изгледа замисливо за многу луѓе, ова е директна последица од честопати суровата битка што се води против AfD со години“, рече Винценц.
Антиимигрантската AfD е најголемата опозициска партија во Германија, која обезбеди повеќе од 20% од гласовите на парламентарните избори во февруари.
Според официјалните податоци, 16 кандидати починаа за време на изборната кампања во Северна Рајна-Вестфалија, од кои седум беа токму од оваа партија. Во четири случаи, полицијата веќе ги исклучи неприродните причини за смрт. Сепак, кај ниедна друга партија не починал повеќе од еден кандидат.
Портпаролот на изборниот комесар на покраината претходно се обиде да ги смири интензивните шпекулации на интернет, изјавувајќи за агенцијата ДПА дека бројот на смртни случаи меѓу кандидатите „не е значително поголем“ отколку во претходните кампањи.
„Кандидати умираат на сите избори“, истакна портпаролот.
Околу 20 000 места беа „во игра“ кога покраината последен пат одржа општински избори во 2020 година. Смртта на кандидат може да резултира со тоа што властите ќе бидат принудени да печатат нови гласачки ливчиња или да организираат специјални избори, кои, во некои случаи, можат да се одржат на денот на изборите.
Жељазков: Нема докази за нарушување на ГПС сигналот на авионот на Фон дер Лајен

Бугарскиот премиер Росен Жељазков изјави дека авионот со кој патувала претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, бил постојано воден од Управата за воздухопловна навигација (РВД), со исправни системи и видлив за системите за набљудување на воздушниот простор.
Забавувањето на летот било околу пет минути, што е во рамките на дозволеното, рече Жељазков од собраниската говорница, одговарајќи на прашања од пратеникот Атанас Атанасов од „Продолжуваме со промените-Демократска Бугарија“.
Жељазков појасни дека надлежните институции, вклучително Комисијата за регулирање на комуникациите, Државната агенција „Национална безбедност“ (ДАНС) и РВД, не регистрирале нарушувања на ГПС сигналите во близина на аеродромот во Пловдив.
Според премиерот, пилотот не пријавил загриженост, а ситуациите со губење на ГПС сигнал се вообичаени и покриени со стандардни процедури. Тој додаде дека краткотрајните прекини на GPS сигналите се нормални во Европа, особено во густо населени области. Според него, таквите настани не се класифицираат како инциденти што бараат задолжително истражување според регулативите.
Цивилната воздухопловна администрација извршила проверка, а ДАНС и другите институции не утврдиле нарушувања на 31 август во регионот на Пловдив.
Жељазков истакна дека руските вооружени сили поседуваат системи за заглушување на GPS сигнали, особено од Крим, што предизвикува нарушувања од Хелсинки до Триполи. Тој го обвини Атанасов за политизација на темата, наведувајќи дека за време на владите на Кирил Петков и Николај Денков имало трипати повеќе слични инциденти.
На 31 август, Фон дер Лајен и Жељазков беа во посета на Сопот. Следниот ден, „Фајненшл тајмс“ објави дека наводна руска интервенција предизвикала нарушувања на ГПС навигацијата на авионот на Фон дер Лајен кај Пловдив. Прес-службата на бугарската влада потврди губење на ГПС сигналот при слетувањето, но Кремљ ги отфрли обвинувањата за вмешаност.
Портпаролот на ЕК, Ариана Подеста, изјави дека бугарските власти ја известиле Комисијата за инцидентот, посочувајќи сомнежи за руска интервенција, но авионот слетал безбедно.
До Интерната комисија во здравство доставени осум случаи за можни неправилности со кардиохируршки интервенции

До Интерната комисија формирана по информациите за можни неправилности поврзани со дел од кардиохируршките интервенции, досега пристигнале досиеја за осум случаи. Министерот за здравство, Азир Алиу денеска (4 септември) информираше дека е побаран и надзор од Лекарската комора.
„Пред неколку недели, јавноста беше вознемирена од информации за можни неправилности поврзани со дел од кардиохируршките интервенции што се изведувале во здравствени установи. Како Министерство за здравство, веднаш постапивме и ја формиравме Интерната комисија составена од медицински експерти, правници и економисти. Нејзината задача е да ги утврди фактите и да постапува врз основа на медицински докази, според највисоки меѓународни стандарди и прецизни методолошки правила. Комисијата ќе ги обработи сите случаи детално, со цел да се утврди вистината врз основа медицински факти“, изјави министерот.
Досиејата се добиени од една јавна здравствена установа, а не од пациенти, прецизираше Алиу. Како што беше појаснето, комисијата утре ќе се состане и овие досиеја ќе бидат првите случаи по кои ќе постапува.
Во врска со членовите на тричлената комисија од странство, министерот рече дека стручните лица најверојатно ќе бидат од Словенија, Италија и Австрија.
„Процесот што започна е терапија на здравствениот систем за да се врати довербата во него. Терапија што започнува со кардиолошките и кардиоваскуларните интервенции, но нема да застане тука ќе се прошири кон сите сегменти на здравството, затоа што секоја област мора да биде заснована врз стручност, медицински докази и почит кон пациентите“, рече Алиу.
Тој нагласи дека никој нема да биде заштитен, ниту од јавното, ниту од приватното здравство, ако се докаже дека бил вклучен во извршување интервенции за кои не постои медицинска оправданост.
На прашањето зошто не се извршуваат интервенции на Кардиохирургија, а пациенти се пожалиле оти немало ни трансплантации, министерот рече дека проблемот е во недостигот на стручни лица, и тоа не само во Кардиохирургија, туку во поголем дел клиники во Скопје.
Тој најави дека бил инициран билатерален договор со Словенија, со цел да се најде решение за проблемот. Како што беше појаснето, тоа, во пракса значи дека може доктори да дојдат привремено тука од три до шест месеци, а наши лекари да одат таму и да се споделуваат знаењата.
Неодамна кардиохирургот Сашко Кедев изјави дека во некои приватни болници се вршат непотребни интервенции со цел профит, вклучувајќи и стентирања и операции. По оваа изјава Министертвото за здравство најави формирање комисија со експерти од три различни земји за проверка на работењето во приватните здравствени институции, но и продолжување на контролите во јавните здравствени установи кои се занимаваат со истата проблематика.
Директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски пак упати апел до можните оштетени граѓаните во кардиохирургијата и до сите други пациенти, да поднесат жалби.
Проблеми со пристапот до Гугл во Турција и делови од Европа

Некои услуги на Гугл (Google), вклучувајќи го и Јутуб (YouTube), беа недостапни во Турција и делови од Европа од четврток наутро (4 септември), изјавија заменик-министерот за телекомуникации на Турција и локалниот надзорник на интернет, пренесе Ројтерс.
Здружението за слобода на изразување, кое ја следи локалната цензура на интернет, соопшти дека Гугл не работи од околу 9 часот во Турција.
„Локалното тело за сајбер безбедност побара технички извештај од компанијата Гугл“, напиша на платформата X, заменик-министерот Омер Фатих Сајан.
Картата објавена од Сајан покажува дека Гугл имал проблеми во Турција, големи делови од Југоисточна Европа и некои места во Украина, Русија и Западна Европа.
Тешкотии беа забележани и на страницата Downdetector, каде што беше забележан голем скок на бројот на пријави.
Најавени нови иницијативи за изгласување недоверба на Европската Комисија

Француски европратеници од редовите на екстремната левица и екстремната десница најавија две одвоени иницијативи во Европскиот парламент за изгласување недоверба на Европската комисија на Урсула фон дер Лајен, јавува МИА.
Ко-претседателката на пратеничката група Левица во Европарламентот, Манон Обри, која доаѓа од редовите на француската екстремно левичарска партија Непокорна Франција (ЛФИ) соопшти дека иницирале собирање потписи за изгласување недоверба на Еврокомисијата, поради трговските договори со САД и со Меркосур, начинот на справување со случувањата во Појасот Газа и напуштање на основите на Европскиот зелен договор.
Во иницијативата се наведува дека Комисијата без добиен мандат прифатила Договор меѓу ЕУ и САД кој е „штетен за европските интереси“ и покажува „демократски дефицит“ со тоа што се обидува да ги исклучи националните парламенти од процесот на ратификација на Договорот со Меркосур, со кој се ризикува „европските земјоделци и работници да бидат изложени на нелојална конкуренција и да бидат поткопани климатските цели на ЕУ“.
Дополнително според иницијаторите, Европската комисија го игнорира кршењето на меѓународното право од страна на Израел во Газа, каде што „израелската Влада користи глад, уништување на инфраструктурата и неселективни напади, што претставуваат геноцид“.
„ЕУ не успеа да го суспендира Договорот меѓу ЕУ и Израел или да воведе санкции, за разлика од мерките преземени против Русија“, се наведува во предлогот.
На Комисијата со иницијативата и се припишува и „неспособност и неподготвеност“ за справување со социјалните и климатските кризи и „ослабување или напуштање на основните елементи на Зелениот договор“.
Паралелно со овој предлог, лидерката на францускиот десничарски Национален собир, Марин Ле Пен најави иницијатива за изгласување недоверба на Европската комисија поради нејзината вчерашна одлука да му предложи на Советот на ЕУ усвојување на трговскиот договор со Меркосур (Јужноамериканскиот заеднички пазар).
„Европската комисија го одобри Договорот со Меркосур, кој, доколку се спроведе, би имал катастрофални последици по француското земјоделство. Нашите европратеници следната недела ќе поднесат предлог за изгласување недоверба на Урсула фон дер Лајен“, наведе Ле Пен во објава на платформата Икс.
Најавените иницијативи на француските европратеници во Брисел, пред се, се оценуваат како претстава за публиката во Франција во пресрет на гласањето доверба на Владата во Париз идната недела и можното одржување предвремени парламентарни избори во земјата.
Најавите доаѓаат во пресрет на првото пленарно заседание на Европарламентот по летните одмори, закажано за следната недела, во чии рамки Фон дер Лајен треба да го одржи традиционалното годишно обраќање пред европратениците познато како „Состојбата на Унијата“.
Овие иницијативи за недоверба, следуваат по неуспешниот обид за соборување на Еврокомисијата предложен од романскиот десничарски европратеник Георге Пипереа, кој не доби поддршка во Европскиот парламент при гласањето во јули годинава. Се очекува идентично да поминат и евентуалните две нови иницијативи.
Кина негира дека правела заговор со Северна Кореја и Русија против САД

Кина денеска (4 септември) ја бранеше својата одлука да ги покани лидерите на Русија и Северна Кореја на воената парада и свеченостите по повод одбележувањето на 80 години од крајот на Втората светска војна, за кои американскиот претседател Доналд Трамп ги обвини дека ги користат за заговор против САД.
Трамп во објава на социјалната мрежа Truth Social му се обрати на својот кинески колега Си Џинпинг, откако севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун и рускиот Владимир Путин го придружуваа Џинпинг на масовна парада во Пекинг, на која се прикажуваше воената моќ на Кина.
„Пренесете ги моите најтопли поздрави до Владимир Путин и Ким Џонг Ун, додека правите заговор против Соединетите Држави“, напиша Трамп.
Запрашани за коментар за објавата на Трамп, Министерството за надворешни работи на Пекинг соопшти дека „странски гости“ биле поканети да одбележат 80 години од крајот на Втората светска војна.
„Тоа е да работиме заедно со мирољубивите земји и народи за да се сеќаваме на историјата, да го негуваме споменот на мачениците, да го негуваме мирот и да ја создаваме иднината“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи Гуо Џиакун.
„Развојот на дипломатските односи на Кина со која било земја никогаш не е насочен против која било трета страна“, рече тој.
Кремљ во средата изјави дека се надева оти тврдењето на Трамп на социјалните мрежи е шега.
Захарова: Русија е против какво било распоредување на странски сили во Украина

Русија не планира да разговара за распоредувањето на странски војници во Украина во кој било формат и тоа го смета за неприфатливо, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова за новинарите.
Тоа беше нејзиниот коментар за изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за плановите за испраќање европски сили во Украина, идеја што беше отфрлена и од Германија, објави Ројтерс.
Во интервју за „Фајненшл тајмс“ во неделата, фон дер Лајен изјави дека Европа прави „прилично прецизни планови“ за распоредување на мултинационални сили во Украина како дел од повоените безбедносни гаранции што ќе бидат поддржани од САД.
„Русија нема да разговара за странска интервенција во Украина во кој било формат, што е фундаментално неприфатливо и претставува закана за секоја форма на безбедност“, истакна Захарова.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, исто така, ги отфрли изјавите на фон дер Лајен во вторник.
„Нема прецизни планови за воена акција, барем не во Германија“, рече Мерца.
„Европската Унија не е одговорна за донесување одлуки за воена поддршка на Киев“, истакна тој и додаде дека ова е прашање за „Коалицијата на подготвените“, поширока група западни сојузници на Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе се сретне со Фон дер Лајен, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и лидерите на Германија, Франција и Обединетото Кралство во четврток во Париз.
Францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер, политичарите на чело на „Коалицијата на подготвените“, околу 30 претежно европски земји сојузнички на Украина, се обидуваат да смислат цврста понуда од Европа за заштита на Украинците од потенцијален иден руски напад, откако ќе се постигне мировен договор.
Украина, која верува дека Русија ќе се обиде повторно да изврши инвазија дури и ако се најде решение за тековната војна, повикува на европски мировни сили и одбранбени гаранции слични на оние на НАТО, кога нејзиното членство во Алијансата веќе се разгледува.
Русија, која го смета проширувањето на НАТО кон своите граници за една од „коренските причини“ за сегашниот конфликт, категорично ги отфрла повеќето од овие сценарија и сака нејзините барања да бидат земени предвид.
Најмалку 15 загинати откако трамвајот „Глорија“ во Лисабон излета од шините

Најмалку 15 лица загинаа, а најмалку 18 се повредени откако познатиот лисабонски трамвај „Глорија“, популарен кај туристите, излета од шините и удри во зграда на 3 септември, во близина на авенијата „Авенида да Либердаде“ во Лисабон.
Пет лица се во сериозна состојба, а 13 од нив добиле полесни повреди.
Се верува дека 43 лица се наоѓале во трамвајот во времето на несреќата.
Поради несреќата, Лисабон прогласи тридневна жалост. Одлуката беше донесена со цел да им се оддаде почит на жртвите и да се изрази сочувство за нивната смрт.
Потврдено е дека веднаш биле контактирани надлежните служби, вклучувајќи ја полицијата и Јавното обвинителств и дека е почната истрага за да се утврдат околности за несреќата.
Градоначалникот на Лисабон, Карлос Моеда, изрази сочувство поради несреќниот настан.
„Тоа е трагедија. Лисабон е во жалост, ситуација каква што никогаш порано не се случила во нашиот град“, рече Моедас.
Трамвајот „Глорија“ е една од најпознатите знаменитости и туристички атракции во Лисабон, составен е од вагони на шини што ги влече сајла нагоре и ги спушта надолу. Трамвајот, како и другите жични железници, ги користат жителите на Лисабон, но исто така се исклучително популарни и кај туристите.
Обвинителството предложи притвор за три лица за пожарот на депонијата „Вардариште“

Три лица се осомничени и се под истрага за загрозување на животната средина и природа со отпад, бидејќи создале дива депонија на локацијата „Вардариште“ во Скопје За сите три лица е побаран притвор, соопшти Јавното обвинителство.
Според Обвинителството, сите тројца вршеле дејност – откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори и други обоени метали на импровизирани пунктови – отпади на предметната локација, без означена фирма, без да регистрираат правно лице и без да поседуваат соодветна дозвола.
„Со координирани дејствија на Основното јавно обвинителство Скопје и Министерството за внатрешни работи во изминатите два дена и извршени претреси на локацијата „Вардариште“, обезбедени се докази кои даваат основано сомнение дека три лица сториле кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад. ОЈО поведе истрага и предложи на тројцата да им биде определена мерка притвор поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и можност да продолжат да го повторуваат делото“, соопштија од Обвинителството.
Осомничените, подолг временски период се до 2 септември на ул.„Зендел Џемаил“ бб во Скопје, создале депонија спротивно на прописите за заштита на животната средина, со која можеле да предизвикаат значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот или водата и да предизвикаат опасност за животот или здравјето на луѓето.
Депонијата „Вардариште“ гореше на 31 август, поради што без струја останаа делови од населбите (или цели населби) Аеродром, Лисиче, Методија Андонов Ченто, индустриската зона, Кванташки пазар, Арачиново, Стајковци, Трубарево и Бунарџик.
Жители на општина Аеродром денеска ја блокираа раскрсницата меѓу булеварите „АСНОМ“ и „Србија“, откако вчера (2 септември) најавија дека ќе блокираат секој ден додека не видат конкретни мерки за решавање на проблемот со загадувањето од „Вардариште“.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете