Вести
Косово, Албанија и Хрватска планираат заедничко купување американско оружје
Косово, Албанија и Хрватска работат на спроведување на соработката во областа на одбраната, за која се согласија пред околу пет месеци, кога министрите за одбрана потпишаа заедничка декларација на 18 март во Тирана.
Министерствата за одбрана на Косово и Албанија потврдија за Радио Слободна Европа дека експертските групи работат на план за спроведување на декларацијата.
Вршителот на должноста министер за одбрана на Косово, Ејуп Македончи, изјави дека на 18 јули во Тирана се одржал состанок на групата за имплементација „за да се разработи план на оперативно ниво“.
Министерството за одбрана на Албанија, кое беше домаќин на церемонијата на потпишување на договорот, објави дека во септември оваа година, водичот, кој е во завршна фаза на развој, ќе им биде презентиран на министерствата на Албанија, Косово и Хрватска за одобрување.
Во декларацијата потпишана од вршителот на должноста министер за одбрана на Косово Ејуп Македончи, министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу и министерот за одбрана на Хрватска Иван Анушиќ, беа утврдени четири точки на соработка:
Промоција на одбранбените капацитети и соработка во релевантната индустрија;
Зголемување на интероперабилноста преку образование, обука и воени вежби;
Одговор на хибридни закани и зајакнување на отпорноста;
Целосна поддршка за евроатлантската интеграција.
Во текстот на декларацијата се наведува дека оваа соработка е насочена кон обезбедување добри позиции за соочување со заканите и постигнување цели во областа на одбраната и безбедноста.
Заедничко набавување на оружје
Купувањето на одбранбени капацитети е првата обврска од декларацијата на која се обврзаа министрите за одбрана.
Во овој контекст, според Македончи, целта е да се направи една единствена нарачка, наместо три одделни нарачки од секоја земја.
„На пример, системот [на оружје] што трите земји сакаат да го купат од САД, да го нарачаме како една набавка, користејќи го законодавството на секоја земја, но количината и времето на испорака да бидат заеднички. Бидејќи кога се купува поголема количина од САД, цената е пониска, а испораката е побрза“, изјави Македончи за Радио Слободна Европа.
Планирано е овие набавки да бидат финансирани од националните буџети на секоја земја.
Македончи очекува дека државите партнери во овој договор ќе му помогнат на Косово на неговиот пат кон евроатлантската интеграција, особено во врска со членството на Косово во програмата на НАТО Партнерство за мир.
Пред неколку месеци, хрватската влада изјави за Радио Слободна Европа дека на оваа иницијатива можат да се приклучат сите земји кои сакаат да ги поддржат Косово и Албанија на нивниот европски и евроатлантски пат
Досега не е официјално објавено дали друга земја ќе се приклучи на оваа соработка.
Според хрватската влада, целта на соработката не е создавање воен сојуз.
„Таков сојуз - освен членството во НАТО - дури и не е потребен“, изјави хрватската влада во март оваа година.
Вршителот на должноста министер за одбрана на Косово, Ејуп Македончи, вели дека ќе го искористи следниот состанок во рамките на Американско-јадранската повелба (А5), кој се очекува во октомври оваа година, за да ги покани регионалните партнери да се приклучат на иницијативата.
Членки на Американско-јадранската повелба се Албанија, Хрватска, Северна Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, додека Косово има статус на набљудувач.
Очекувања од договорот
Покрај соработката во областа на воената индустрија, државите планираат да спроведат билатерални и трилатерални воени вежби, како и да соработуваат во регрутирањето персонал, а воедно да ги зголемат можностите за образование преку воените академии и колеџи.
Се очекува заеднички ангажман и во борбата против хибридните закани, вклучувајќи ги сајбер заканите, кампањите со дезинформации, како и злонамерното странско влијание што може да ја загрози или да влијае на националната и регионалната безбедност.
Предвидено е меѓу земјите-партнери во рамките на овој договор да се разменуваат информации и разузнавачки податоци со цел да се спречат заеднички предизвици.
Македончи наведува дека овој договор бил поздравен во Пентагон, за време на неговата посета на Соединетите Американски Држави во јуни оваа година.
„Тие го сметаа тоа за добра можност за регионална соработка во соочувањето со предизвиците“, рече тој, додавајќи дека добиле поддршка и од неколку членки на НАТО, без да прецизира за кои земји станува збор.
Сепак, на оваа соработка се спротивстави Србија, чиј претседател Александар Вучиќ изјави дека ова го крши таканаречениот субрегионален договор од 1996 година.
Овој договор, кој се однесува на дозволените квоти за оружје, потоа го потпишаа двата ентитета на Босна и Херцеговина - Федерацијата на Босна и Херцеговина и Република Српска - како и Хрватска и Сојузна Република Југославија, која ја сочинуваа Србија и Црна Гора.
Неколку дена по потпишувањето на декларацијата за соработка во областа на одбраната, меѓу Косово, Албанија и Хрватска, Србија и Унгарија потпишаа документ во кој се конкретизира стратешкиот договор за одбранбена соработка постигнат во 2023 година.
Вучиќ тогаш изјави дека верува оти овој договор ќе доведе до понатамошно приближување кон создавање воен сојуз меѓу Србија и Унгарија.
види ги сите денешни вести
Османи ги повикува лидерите на косовските политички партии на состанок во петок
Косовската претседателка Вјоса Османи ги повика лидерите на политичките партии на состанок во петок напладне, додека Косово продолжува со обидите за формирање нова влада, речиси девет месеци по одржувањето на изборите.
Оваа средба доаѓа откако кандидатот за премиер, Албин Курти од победничката партија Движење Самоопределување, не успеа да добие доволно гласови во Собранието во неделата за избор на новата влада. Според Уставот, претседателката мора да именува нов кандидат за формирање влада во рок од десет дена од неуспехот на првиот кандидат.
Сепак, не е јасно дали ќе биде назначен нов мандар кој ќе треба да формира Влада поради недостаток на волја кај партиите да постигнат договор околу владејачка коалиција.
Лидерот на втората по големина партија, Демократската партија на Косово (PDK), Мемли Красниќи, во неделата ја отфрли можноста да стане следниот премиер, во случај претседателката да го праша дали има парламентарно мнозинство.
Неколку дена откако не доби поддршка од Собранието за трет мандат, Албин Курти – кој моментално ја извршува функцијата премиер – најави нови избори во декември.
Тој изјави дека Демократскиот сојуз на Косово и Нисма не сакале да соработуваат со него, додека тој самиот не сакал коалиција со PDK.
Во меѓувреме, во вторникот, советникот на претседателката, Беким Купина, изјави дека за време на состанокот закажан за петок, претседателката ќе ги повика лидерите на парламентарните партии на политички компромис.
„Претседателката ќе ги охрабри политичките партии да соработуваат за да се избегне каква било блокада што би можела негативно да влијае врз добросостојбата на граѓаните и функционирањето на институциите на Косово,“ изјави Купина за Радио Слободна Европа во вторникот.
Купина додаде дека претседателката ќе ја нагласи важноста од усвојување на буџетот на Косово, како и одобрувањето на Планот за раст на Европската унија, за време на претстојните разговори со политичките партии.
Косово формираше нов парламентарен состав пред неколку месеци, но неуспехот во формирањето влада минатата недела го зголеми ризикот земјата да влезе во 2026 година без буџет.
Политичката парализа, исто така, доведе до тоа Косово да не може да добие ниту еден цент од Планот за раст на Европската унија за Западен Балкан, од кој е предвидено Косово да добие повеќе од 880 милиони евра.
Планот за раст опфаќа пакет од 6 милијарди евра за поддршка на приближувањето на економиите на шесте земји од Западен Балкан кон европските стандарди. Косово мора да го ратификува договорот со ЕУ во Собранието за да може да почне со користење на средствата.
Комунална Хигиена доби в.д. директор по дводневни преписки меѓу Арсовска и Управниот одбор
Скопското јавно претпријатие Комунална Хигиена, по дводневни институционални преписки доби нов директор. Актуелната градоначалничка Данела Арсовска го назначи за времен директор Александар Јовановски кој, како што се вели во градското соопштение, на ова позиција доаѓа од инспекторатот на Град Скопје.
Јовановски седнува на столчето на досегашниот в.д директор Сабахудин Рустеми кој заврши во притвор и си поднесе оставка и го доведе во прашање фунцкионирањето на претпријатието.
Рустеми доби притвор од 30 дена заедно со еден од раководителите во ЈП „Комунална хигиена“ поради основано сомнение за кривично дело „Загрозување на животната средина и природата со отпад“, соопшти Кривичниот суд.
Еден час пред одлуката на Арсовска, од Управниот одбор на Комуналната Хигиена пратија ургенција до неа, предупредувајќи дека претпријатието има нафта за само уште еден ден и дека без времен директор, никој не може да набави гориво за да може да функционира компанијата.
„За ваше запознавање, во моментов се при крај резервите со нафта наменета за специјалните комунални возила кои се употребуваат за собирање и транспорт на комуналниот отпад, што не може да се набави без потпис на в.д директор. Доколку во најкус можен рок не назначите в.д. директор на ЈП Комунална Хигиена, одговорноста за алармантаната состојба со одржување на хигиената во градот Скопје е Ваша“, се наведува во соопштението од Управниот одбор на Комунална Хигиена.
Во соопштението е наведено дека во изминативе 4 години, градоаначалничката до сега именувале пет времени директори и разрешила четири од нив.
Во изминатите два дена градоначалничката Арсовска и Управниот одбор на КХС се обвинуваа кој е надлежен да назначи нов директор и кој е виновен за катастрофалната состојба со хигиената во градот.
До ова дојде откако минатата недела Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи (МВР), во координација со повеќе инспекциски и здравствени институции да спроведе вонреден инспекциски надзор во Град Скопје и во ЈП „Комунална хигиена – Скопје“, поради сериозни проблеми со собирањето и транспортирањето на комуналниот отпад.
Обвинителството утврдило дека Рустеми и еден од раководителите кои се приведени, со пропуштање на целосниот надзор над собирањето и транспортирањето на комунален отпад, како и со непрописно управување со отпадот тие овозможиле во текот на месецов да се создадат мали депонии на јавни и сообраќајни површини со што предизвикале го довеле во опасност животот и здравјето на луѓето од предизвикување заразни или други болести.
Ердоган и Мерц јавно ги „судрија“ ставовите околу војната во Газа
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и германскиот канцелар Фридрих Мерц се судрија околу војната во Газа за време на заедничката прес-конференција во Анкара на 30 октомври, јавува германската новинска агенција ДПА.
Додека Мерц ја потврди цврстата поддршка на Германија за Израел, Ердоган повторно ја обвини земјата дека извршува „геноцид“.
Турскиот лидер посочи дека Израел оваа недела извршил масовни воздушни напади врз Газа, иако стапи во сила примирје на 10 октомври. Израел, пак, во средата соопшти дека го „обновил“ спроведувањето на примирјето.
„Тие не само што ја напаѓаат Газа, туку отсекогаш имале намера да ја покорат преку глад и геноцид, и тоа сè уште трае,“ изјави Ердоган.
Забелешките на Ердоган беа одговор на изјавата на Мерц, кој на турски новинар му рече дека Израел станал прибежиште за милиони Евреи, меѓу кои и многумина преживеани од Холокаустот.
„Затоа Германија секогаш цврсто ќе стои на страната на Државата Израел,“ рече канцеларот.
Мерц додаде дека Израел го искористил своето „право на самоодбрана“ по нападот предводен од Хамас на 7 октомври 2023 година, велејќи дека разорната војна можела да се избегне доколку Хамас ги ослободел заложниците порано и го положел оружјето.
„Тогаш оваа војна ќе завршеше веднаш,“ изјави германскиот канцелар.
Ердоган возврати дека не се согласува со Мерц, нагласувајќи дека Хамас нема ниту нуклеарно, ниту тешко вооружување, додека Израел поседува такви средства и повторно ја бомбардирал Газа и покрај примирјето договорено пред две недели.
Ердоган изјави дека Израел повторно ја нападна Газа во последните денови и покрај прекинот на огнот во енклавата.
„Дали Германија не го гледа ова?“, праша Ердоган, додавајќи дека хуманитарна должност на Турција, Германија и другите земји е да го прекинат гладот и масакрите во Газа.
Во вторникот, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нареди обновени напади врз Газа по убиството на израелски војник во Рафах, на југот на Газа, и по, како што соопшти владата, „инсценираното“ пронаоѓање на остатоци од заложник.
Турција одржува контакти со Хамас, организација која САД и Европската унија ја сметаат за терористичка. Анкара одигра клучна улога во посредувањето на примирјето во Појасот Газа пред околу две недели, иако прекинот на огнот во меѓувреме стана нестабилен.
„Лукоил Македонија“ дел од странскиот имот што Русија го продава поради санкциите
„ЛУКОИЛ Македонија“ е во 100% сопственост на „LUKOIL International GmbH“, е кусиот одговор на новинарското прашање на Радио Слободна Европа до компанијата дали со најавата за продажбата на подружници надвор од Русија е опфатена и подружницата во Северна Македонија?
Лукоил ( LUKOIL International GmbH) соопшти дека ja прифатил понудaта од глобалниот трговец со стоки „Ганвор“ (Gunvor) за купување на неговиот странски имот, кои втората по големина руска нафтена компанија се обидува да го продаде откако Вашингтон воведе санкции врз неа минатата недела.
Како одговор на новинарските прашања на РСЕ, од македонскиот Лукоил се повикуваат на соопштението објавено од основачот на компанијата „LUKOIL International GmbH“ во кое е наведено дека и двете страни претходно ги договориле условите за транскацијата и дека Лукоил се обврзал да не преговара со други потенцијални купувачи.
„Продажбата на Лукоил се должи на рестриктивните мерки на некои држави воведени против компанијата и нејзините подружници“, е наведено во соопштението од Лукоил.
Во него се објаснува дека склучувањето на обврзувачкиот договор за трансакцијата ќе зависи од дозволата од американската Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии (OFAC) која треба да ја добие купувачот, компанијата „Ганвор“ .
„Како и сите други применливи лиценци, дозволи и други овластувања во други применливи јурисдикции. Доколку е потребно, страните планираат да поднесат барање за продолжување на постојната лиценца од OFAC и сите дополнителни лиценци за да се обезбеди непречено работење на меѓународните средства и нивното банкарско сервисирање за периодот до завршувањето на трансакцијата“, се вели во соопштението.
Македонската подржучница на Лукоил“ поседува мрежа од 40 бензински станици и еден нафтениот склад. Првата безниска станица во земјава започна со работа во 2006 тата година.
Имено, Ганвор се здоби со популарност во 2000-тите како најголем трговец со руска нафта во светот.
Меѓу неговите акционери во тоа време беше и Генадиј Тимченко, близок сојузник на претседателот Владимир Путин, кој го продаде својот удел во Гунвор откако САД го санкционираа по анексијата на Крим од страна на Русија во 2014 година.
Како и многу трговски компании, Ганвор многу профитираше од растот на цените на нафтата и гасот што започна со избувнувањето на војната во Украина и потегот на Европа да ја намали својата зависност од руска енергија.
Ганвор и комапниите Витол и Трафигура ги искористија тие профити за да стекнат средства, почнувајќи од рафинерии и нафтени полиња, па сè до електрани и ветерни фарми.
Лукоил, со седиште во Москва, учествува со околу 2% во глобалното производство на нафта.
Неговиот најголем странски имот е нафтеното поле Западна Курна 2 во Ирак, едно од најголемите во светот, во кое поседува 75% удел. Производството на полето достигна 480.000 барели дневно во април, објави руската новинска агенција Интерфакс.
Исто така, ја поседува рафинеријата Лукоил Нефтохим Бургас во Бугарија со капацитет од 190.000 барели дневно, најголемата на Балканот, како и рафинеријата за нафта Петротел во Романија.
Лукоил испорачува нафта во Унгарија и Словачка, како и во турската рафинерија СТАР, која е во сопственост на државната нафтена компанија на Азербејџан СОКАР и во голема мера зависи од руската сурова нафта.
Лукоил, исто така, има удели во нафтени терминали, како и во малопродажни синџири за гориво во Европа и поседува проекти за нагорен и низводен вод во Централна Азија, Африка и Латинска Америка.
Последни подготовки на ДИК пред вториот изборен круг
Вкупно 1 013 357 избирачки ливчиња за гласањето на вториот круг на Локалните избори 2025 се дистрибуираат низ државата. Од Државната изборна комисија (ДИК) велат дека дистибуцијата на избирачкиот материјал се одвива без никакви проблеми.
На 2 ноември ќе се бираат градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје.
Во сабота гласаат болните и изнемоштените, затворениците и лицата во домашен притвор чии пријави се прифатени од општинските изборни комисии.
Локалните избори, според информациите на ДИК, ќе ги следат 1 569 набљудувачи, од кои 904 домашни и 651 меѓународни, а акредитирани за известување од изборите се и 14 странски новинари.
Поради недоволен цензус на првиот круг од локалните избори, во четири општини – Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше – ќе се спроведе нова изборна постапка за избор на градоначалници. Гласањето, согласно Изборниот Законик, нема да се одржи во недела, туку во рок од 60 дена од конечните резултати од Локалните избори 2025.
Во првиот изборен круг од Локалните избори 2025 беа избрани градоначалници во 44 општини, како и нови членови на советите во сите општини, освен во Шуто Оризари каде ќе има прегласување за Советот на три избирачки места.
Во четирите општини, поради непостигнат цензус, ќе има нови избори и целата постапка ќе се повтори од почеток до крај – од распишување избори, поднесување кандидатури, водење кампања, до гласање. Најверојатно денот на гласање би бил во првата половина од јануари 2026 година.
При новото гласање во Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа, нема да се „брка“ цензус од една третина излезност бидејќи Изборниот законик во меѓувреме е изменет со што овој услов се отстрани.
Германската економија стагнира, избегнувајќи рецесија
Германската економија стагнираше во третиот квартал, за малку избегнувајќи рецесија, покажуваат официјалните податоци објавени во четврток, под влијание на ослабениот извоз додека земјата се бори да се опорави од долготрајниот економски пад.
Најголемата економија во Европа забележа нулта раст од јули до септември во споредба со претходниот квартал, според прелиминарните податоци на сојузната статистичка агенција „Дестатис“.
Ова следи по пад од 0,2 проценти во вториот квартал. Аналитичарите анкетирани од финансиската компанија „Фактсет“ предвидуваа раст од 0,1 процент за третиот квартал.
Клучниот германски извоз „се намали во споредба со претходниот квартал“, соопшти агенцијата, иако инвестициите во машини и опрема обезбедија одредена поддршка.
Бројките покажуваат дека „работите сè уште не одат добро во Германија“, изјави економистот на од банката ЛББВ, Јенс-Оливер Николаш.
Според него планираниот голем јавен трошок за инфраструктура и одбрана „нема да биде доволен на долг рок“
„Потребни се реформи кои ќе го поттикнат растот“,додаде тој.
Годишната инфлација во Германија се намали во октомври на 2,3 проценти, од 2,4 проценти претходниот месец, според прелиминарните податоци на „Дестатис“.
Но падот беше побавен од очекуваното, аналитичарите од „Фактсет“ предвидуваа инфлација од 2,2 проценти за октомври.
Традиционалниот мотор на растот во еврозоната се намали и во 2024 и во 2023 година, погоден од кризата во индустријата, високите енергетски трошоци и слабата побарувачка за извоз.
Трговските царини што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп дополнително ги влошија условите, бидејќи САД се голем пазар за германски производи – од автомобили до фармацевтски и индустриски машини.
Растот беше поттикнат на почетокот на годината, кога американските компании забрзано складираа германски производи пред стапувањето во сила на царините на Трамп, но тој замав подоцна се изгуби.
Официјалните податоци објавени во четврток покажаа дека и италијанската економија стагнирала во периодот јули–септември, по падот во претходниот квартал.
Во меѓувреме, француската економија порасна побрзо од очекуваното – за 0,5 проценти во третиот квартал, и покрај политичката криза поврзана со огромниот јавен долг и буџетскиот дефицит. Економијата на еврозоната, исто така, забележа побрз од очекуваниот раст од 0,2 проценти во истиот период.
Околу 4000 студенти пешачеа од Белград до Нови Сад
На 30 октомври, околу 4000 студенти пешачеа од Белград до Нови Сад по повод комеморативниот собир на 1 ноември во тој град.
Во четврток во 10:00 часот наутро, тие тргнаа на патување од 90 километри за да бидат во Нови Сад за да ја одбележат првата годишнина од смртта на 16 лица при падот на настрешницата на главната железничка станица во тој град.
„Сакаме мирно да им оддадеме почит на жртвите и уште еднаш апелираме до владата да ги исполни барањата на студентите“, изјавија студентите за Радио Слободна Европа на пат кон Нови Сад.
Како што изјавија, во групата што оди од Белград има 4000 студенти.
Оваа група, која тргна од Нови Белград, беше пречекана со овации од голем број граѓани кои аплаудираа, мавтаа и ги поздравуваа со извици „студенти, студенти“ и „ве сакаме студенти“.
Претходниот ден, на пат кон Нови Сад, група студенти што пешачеа од Нови Пазар помина низ Белград.
Голем број луѓе од цела Србија, студенти, средношколци и други граѓани, пешачеа од Чачак, Краљево, Горњи Милановац, Ужице, Суботица, Вршац, Богатиќ, Шабац, Ваљево, Крагуевац, Петровац на Млава до Нови Сад. Група од Ниш оди со велосипед.
Веќе една година, самоорганизираното студентско движење предводи бран граѓански протести во Србија, барајќи одговорност од властите на Српската напредна партија (СНС) за смртта на 16 лица при падот на настрешницата на реконструираната главна железничка станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година.
Кон крајот на ноември минатата година, започнаа блокади на повеќе од 80 факултети на шест државни универзитети како одговор на физичкиот напад од страна на владини претставници врз студенти на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Белград, додека стоеја на улицата и тивко им оддаваа почит на загинатите.
Во март, во Белград се одржа најголемиот протест организиран од студентите во изминатата година, на кој, според Архивата на јавни собири, присуствувале најмалку 280.000 до 330.000 луѓе.
Претходно, во ноември, студентите побараа објавување на целосна документација за реконструкцијата на железничката станица, итно гонење на функционерите на СНС кои ги претепаа студентите на ФДУ во Белград, прекин на судските постапки против уапсените за учество во демонстрациите и зголемување на буџетот за факултетите за 20 проценти.
Откако барањата не беа исполнети, во мај побараа распишување вонредни парламентарни избори.
Претседателот Александар Вучиќ, во име на владата, одби да распише нови избори.
Тројца германско-руски државјани виновни за шпионажа за Русија
Германски суд денеска прогласи три лица со двојно државјанство, германско-руски државјани, за виновни за шпионажа во корист на Москва, а осомничениот водач на групата е осуден и за планирање саботажа и учество во борбите во источна Украина.
Како што јави ДПА, високиот регионален суд во Минхен главниот осомничен го осуди на шест години затвор, додека другите двајца добија условни казни од шест месеци и една година.
Според судот, 41-годишниот главен обвинет служел како паравоен припадник во вооружена терористичка група, која се борела против украинските сили во источна Украина во периодот од Германски суд во четврток прогласи тројца германско-руски државјани со двојно државјанство за виновни за шпионажа за Москва, а осомничениот водач на групата е осуден и за планирање саботажа и борба за милиција во источна Украина.
Високиот регионален суд во Минхен го осуди главниот осомничен на шест години затвор, додека неговите двајца сообвинети добија условни казни од шест месеци и една година.
Според судот, беше утврдено дека 41-годишниот главен обвинет служел како паравоен припадник во вооружена терористичка група, која се борела против украинските сили во источна Украина во периодот од 2014 до 2016 година, како и дека имал силни врски со руската разузнавачка служба
Другите двајца осудени му помагале на првообвинетиот. Сите осудени ги негираа обвиненија.
Кремљ: Неодамнешните тестови за оружје што ги најави Трамп „не се нуклеарни“
Кремљ не верува дека започнала нова рунда од трката во вооружување меѓу Русија и САД, изјави портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, претходно денеска нареди итен почеток на тестирањето на нуклеарно оружје и исто така спомена дека САД имаат полигони за тестирање на нуклеарно оружје, а деталите за тестовите ќе бидат објавени подоцна.
„Ова во никој случај не може да се протолкува како нуклеарен тест“, изјави Песков пред новинарите кога беше прашан дали изјавите на Трамп за почетокот на тестирањето на нуклеарно оружје може да се сметаат за нова рунда од трката во вооружување.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера објави дека Русија пред два дена го тестирала подводното возило „Посејдон“, а, исто така, на 26 октомври објави дека се завршени и тестирањата на ракетата „Буревестник“ која има нуклеарен мотор и можност за носење нуклеарно оружје. Москва моментално разгледува опции за користење на ракетата, бидејќи војната во Украина продолжува без јасен исход.
Договорот за забрана на нуклеарни тестови во атмосферата, во вселената и под вода беше потпишан во Москва на 5 август 1963 година од претставници на СССР, САД и Велика Британија.
ЕУ и земјите од Западен Балкан ќе потпишат Договор за борба против тероризмот
Еврокомесарот за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер и претставници на земјите од Западниот Балкан денеска(30 октомври)во Сараево ќе потпишат Договор за спречување и борба против тероризмот и насилниот екстремизам.
Како што јави МИА, договорот ќе биде потпишан во рамки на денешниот Министерски форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи, што се одржува во главниот град на БиХ.
„Западниот Балкан не е само наш сосед. Тој е длабоко поврзан со внатрешната безбедност на ЕУ“, порача Брунер во пресрет на потпишувањето на Договорот, додавајќи дека документот е уште еден чекор кон зајакнување на соработката меѓу ЕУ и земјите од регионот во областа на безбедноста.
Целта на договорот е заедничко справување со растечките закани, како што се радикализацијата преку интернет и злоупотребата на новите технологии за терористички цели, но исто така и засилување на напорите за превенција од насилниот екстремизам.
Со договорот се предвидува зајакнување на соработката на полициите од земјите од Западниот Балкан со Европол, вклучително и во спроведување на заеднички истраги поврзани со тероризам, терористички активности и безбедносни закани.
Дополнително, договорот предвидува и вклучување на земјите од регионот во оперативните проекти на Центарот за препознавање на радикализацијата на Европол.
Потпишувањето на договорот доаѓа во пресрет на објавувањето на пакетот на извештаи на Европската комисија за напредокот на кандидатите за членство во ЕУ на нивниот европски пат, предвидено за во вторник, 4 ноември.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете