Достапни линкови

По посетата на Виткоф во Москва, Трамп вели дека има „добра шанса“ за средба со Путин наскоро


Доналд Трамп и Владимир Путин
Доналд Трамп и Владимир Путин

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека средбата меѓу специјалниот претставник на САД и рускиот претседател Владимир Путин во Москва во среда (6 август) „донела голем напредок“ и дека наскоро би можел да се сретне со Путин.

„Постои голема веројатност средбата да се одржи многу наскоро“, рече Трамп откако неговата портпаролка потврди дека американскиот претседател е отворен за средба со Владимир Путин за да разговара за руската инвазија на Украина.

Висок помошник на Кремљ потврди дека претседателот Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп ќе се сретнат во „наредните денови“.

Советникот за надворешна политика на Путин, Јуриј Ушаков, на 7 август изјави дека подготовките за состанокот се започнати и дека двете страни во принцип, веќе се согласиле за местото.

„На предлог на американската страна, во принцип е постигнат договор за одржување на билатерален самит во наредните денови“, изјави Ушаков, цитиран од руските државни новински агенции.

Трамп разговараше со новинарите во Белата куќа откако неговата портпаролка, Каролин Ливит, изјави дека Русите „изразиле желба да се сретнат со претседателот Трамп, а претседателот е отворен за средба и со претседателот Путин и со претседателот на Украина, Володимир Зеленски“.

Трамп планира да се сретне со Путин уште следната недела, а потоа сака трилатерален состанок со Путин и Зеленски, објавија „Њујорк тајмс“ и „Си-Ен-Ен“, повикувајќи се на луѓе запознаени со планот.

„Се чини дека е во подготовка лична средба меѓу Трамп и Путин“, изјави дипломатски извор од ЕУ за Радио Слободна Европа.

Доколку двајцата се сретнат, тоа ќе биде прва средба на претседателите на САД и Русија откако Путин и Џо Бајден се сретнаа во Женева во јуни 2021 година. Односите меѓу Москва и Вашингтон се прекинаа помалку од една година подоцна, кога Русија ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Лусијан Ким, аналитичар за Украина во Меѓународната кризна група, за РСЕ изјави дека Путин не е подготвен да се сретне со Зеленски, но дека не сака да ја пропушти можноста да се сретне со Трамп.

„Треба да бидеме свесни дека неговата идеја за решавање на конфликтот е многу различна од онаа на Трамп или Зеленски“, рече Ким.

Џон Харди, заменик-директор на Програмата за Русија во Фондацијата за одбрана на демократиите, беше претпазлив во врска со можноста за договор за прекин на војната како резултат на неодамнешните случувања.

„Веќе го видовме тој филм претходно каде што Трамп се заканува со економски санкции ако не се постигне договор до одреден рок, а потоа Русите нудат некои празни ветувања или бесмислени разговори, и работите се одложуваат.Се надевам дека тоа нема да биде случај овде“, изјави Харди за РСЕ.

Потенцијалниот самит беше дискутиран во телефонски разговор меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски откако претставникот Стив Виткоф се сретна со Путин, објавија американските медиуми.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и лидерите на Велика Британија, Германија и Финска учествуваа во разговорот, изјави извор во Киев, како што објави АФП.

„Русите изразија желба да се сретнат со претседателот Трамп, а претседателот е отворен за средба и со претседателот Путин и со претседателот Зеленски“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.

Трамп на својата мрежа Truth Social напиша дека разговарал по телефон со украинскиот претседател Володимир Зеленски и „европските сојузници“ и рекол дека „сите се согласуваат дека оваа војна мора да заврши и дека ќе работиме на тоа во наредните денови и недели“.

„Нашиот заеднички став со нашите партнери е апсолутно јасен: војната мора да заврши. Мора да биде фер крај“, напиша Зеленски на мрежата X за разговорот за време на кој светските лидери размислуваа за средба во Москва.

Средбата меѓу Виткоф и Путин се одржа два дена пред рокот на 8 август што Трамп му го постави на рускиот претседател да се согласи на прекин на огнот со Киев.

Трамп рече дека подоцна ќе одлучи дали ќе има царини за Русија и додаде дека може да објави и царини за Кина.

Државниот секретар на САД, Марко Рубио за телевизијата „Фокс бизнис“ изјави дека „денес беше добар ден“, но дека има многу работа пред нас.

„Подобро ги разбираме условите под кои Русија би ја завршила војната“, рече Рубио, додавајќи дека клучните елементи за завршување на војната би биле територијални.

Рубио рече дека Трамп би можел да разговара со Путин по телефон во следните неколку дена, но дека разговорот не е закажан.

На прашањето дали Трамп ќе воведе секундарни санкции врз Русија на 8 август, Рубио рече дека Трамп ќе ја донесе таа одлука во следните 24 до 36 часа.

Во среда, Трамп, исто така, потпиша извршна наредба со која се воведува дополнителна царина од 25 проценти на стоки од Индија поради нејзините купувања на руска нафта.

Белата куќа му издаде ултиматум на Кремљ да ги прекине борбите во Украина или да се соочи со дополнителни директни санкции, како и секундарни мерки против земјите за кои се смета дека помагаат во финансирањето на руската воена машинерија.

Путин се обидува да избалансира очигледна желба за подобрување на многу затегнатите односи меѓу САД и Русија со неговите континуирани напори за покорување на Украина, каде што ја започна најголемата војна во Европа од 1945 година со целосна инвазија во февруари 2022 година.

Врвниот помошник на Путин за надворешна политика, Јуриј Ушаков, претходно рече дека средбата што траеше околу три часа во Кремљ била „доста корисна и конструктивна“.

„Нашата страна даде одредени сигнали за украинското прашање, меѓу другото“ и доби „сигнали од претседателот Трамп“. Покрај војната, тие разговараа и за „перспективите за можен развој на стратешка соработка меѓу САД и Русија“, рече Ушаков.

Што е со рокот за прекин на огнот на Трамп?

Немаше индикации дека Путин понудил какви било отстапки или дал какви било конкретни предлози на средбата со Виткоф, кој ја посети Русија неколку пати откако Трамп ја презеде функцијата за да се сретне со рускиот претседател и други функционери.

Како можен знак дека Белата куќа сè уште инсистира на рок за прекин на огнот на 8 август, Трамп потпиша извршна наредба со која се воведуваат царини за Индија, наведувајќи во соопштението дека е „неопходно и соодветно да се воведе дополнителна царина ad valorem за увоз на производи од Индија, кои директно или индиректно увезуваат нафта од Руската Федерација“.

Во наредбата се додава дека „дејствијата и политиките на Владата на Руската Федерација продолжуваат да претставуваат необична и вонредна закана за националната безбедност и надворешната политика на Соединетите Американски Држави“.

Руски воздушни напади врз Украина

Неколку часа пред пристигнувањето на Виткоф во Москва, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека „Русите сега се обидуваат да ги засилат своите напади“.

„Исклучително е важно Москва да почне да го чувствува притисокот од светот, притисокот од САД, заканата од построги санкции поради продолжувањето на војната“, напиша Зеленски на мрежата X.

Руските воздушни напади погодија неколку локации во украинскиот регион Запорожје рано во среда, вклучувајќи и рекреативен центар, при што загинаа две лица, а ранети се 12, напиша началникот на воената администрација Иван Федоров на Телеграм. Четири од повредените се деца.

Русија, исто така, погоди бензинска пумпа наменета за увоз на течен природен гас од САД и Азербејџан, чии врски со Москва неодамна се влошија, соопштија Зеленски и украинското Министерство за енергетика.

„Ова е руски напад исклучиво врз цивилната инфраструктура, намерно насочен кон енергетскиот сектор и... односите со Азербејџан, САД и партнерите во Европа, како и нормалниот живот на Украинците и сите Европејци“, објави украинското министерство.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека бил нападнат објект за транспорт на гас за кој тврди дека ја снабдува украинската војска, без да понуди докази.

Во април, Трамп предложи целосен, продолжен прекин на огнот од 30 дена,на што Украина се согласи, но Русија ефикасно ја отфрли идејата, велејќи дека сака мир, но постави неколку услови што Киев и многумина на Запад ги сметаат за неприфатливи.

Покрај неутралноста на Украина и строгите ограничувања на големината на нејзината војска, Путин побара Украина да ѝ предаде на Русија четири региони што делумно ги окупира и погрешно ги тврди како свои: Донецк, Луганск, Запорожје и Херсон.

Многу аналитичари велат дека со постојаното напредување на руските сили на фронтот, иако со огромна цена, Путин сака да ги освои тие региони во целост пред да започне какви било суштински разговори.

Иако малкумина очекуваат Русија да ја заврши или запре војната во наредните денови, некои аналитичари предвидуваат дека Кремљ би можел да ја искористи посетата на Виткоф за да се обиде да ја одврати или ублажи заканата од санкции. Повикувајќи се на неименувани извори, „Блумберг њуз“ објави дека Москва разгледува можни отстапки што би можеле да вклучуваат нудење пауза во воздушните напади со беспилотни летала и ракети.

Трите рунди директни руско-украински разговори во Истанбул од мај доведоа до договори за размена на затвореници, но без јасен напредок кон мир, а позициите на страните остануваат многу различни.

На 14 јули, Трамп објави дека Путин има 50 дена да ја заврши војната или Русија ќе се соочи со строги тарифи насочени кон нејзината нафта и друг извоз, но подоцна го помести рокот на 8 август.

Одлуката се совпадна со тешката недела за цивилите во Украина, вклучувајќи го и нападот на 31 јули врз Киевво кој беа вклучени повеќе од 300 беспилотни летала, во кој загинаа најмалку 31 лице. Украинските сили, исто така, ги зголемија нападите врз руската инфраструктура.

Ескалацијата на нападите и приближувањето на рокот за договорот доаѓаат откако Трамп изјави дека распоредил нуклеарни подморници во „соодветни региони“.

На 1 август, Трамп изјави дека одлучил да ги премести нуклеарните подморници „поблиску до Русија“ поради „многу провокативните изјави“ на поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев.

XS
SM
MD
LG