Вести
Трамп најави повисоки тарифи за Индија поради руската нафта, неговиот претставник оди во Москва
Американскиот претседател Доналд Трамп на 4 август изјави дека „значително ќе ги зголеми“ царините за Индија поради купувањето руска нафта, додека неговиот специјален пратеник Стив Виткоф се подготвува оваа недела да отпатува во Москва пред рокот го кој Кремљ треба да преземе чекори за прекин на војната во Украина.
Во објава на неговата мрежа Truth Social, Трамп рече дека Индија не само што купува „огромни количини“ руска нафта, туку и ја препродава за „огромна добивка“.
„Не им е грижа колку луѓе во Украина се убиени од руската воена машинерија“, рече Трамп.
„Затоа значително ќе ги зголемам царините што Индија им ги плаќа на Соединетите Држави“, додаде тој, без да прецизира временска рамка или износ на новите царини.
Минатата недела, Трамп рече дека Индија се соочува со царина од 25 проценти за стоки извезени во Соединетите Држави и додаде дека петтата најголема економија во светот, исто така, ќе се соочи со казни, без да даде детали.
Трамп, кој сè повеќе изразува фрустрација од рускиот претседател Владимир Путин, минатата недела ѝ даде на Русија 10 дена да тргне кон мир или да се соочи со санкции и секундарни тарифи кои веројатно ќе бидат насочени кон Кина и Индија, двата најголеми купувачи на руска нафта.
Со тој рок поставен на 8 август, Трамп рече дека Виткоф ќе отпатува во Москва по неговата сегашна посета на Израел, иако не даде конкретен распоред.
Кремљ денеска не ја потврди посетата, но рече дека Путин би можел да се сретне со Виткоф оваа недела.
„Секогаш сме среќни што го гледаме г-дин Виткоф во Москва... Сметаме дека таков контакт е важен, значаен и корисен“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за новинарите.
Еден ден претходно, Трамп предупреди дека „ќе има санкции, но се чини дека се доста добри во избегнувањето на санкциите“.
„Тие се лукави ликови и се доста добри во избегнувањето на санкциите, па ќе видиме што ќе се случи“, рече Трамп.
Киев и Москва разменуваат напади пред рокот на Трамп.
Во последниот напад, три лица беа убиени во југоисточниот украински регион Запорожје, изјави гувернерот Иван Федоров доцна во неделата.
Степногирск, град на неколку километри од линијата на фронтот, беше нападнат, напиша Федоров на Телеграм, додавајќи дека двајца мажи, на возраст од 40 и 50 години, и една жена, на возраст од 58 години, биле убиени. Уништени се и приватни домови, додаде тој.
Русија, исто така, наводно лансирала најмалку една хиперсонична ракета „Кинжал“ преку ноќ, а украинската војска соопшти дека воздушна база во западна Украина веројатно била цел.
Додадено е дека нападот бил одбиен, иако руското Министерство за одбрана соопшти дека „целта на нападот е постигната“.
види ги сите денешни вести
Зеленски продолжува со патувањата среде корупциската афера во Украина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави дека ќе отпатува во Турција за можни разговори со највисокиот претставник на Белата куќа вклучен во преговорите за ставање крај на речиси четиригодишната војна на Русија со Украина.
Посетата на Зеленски, планирана за 19 ноември, е едно од серија меѓународни патувања, вклучително и тоа во Франција, каде што обезбеди усмен договор за купување десетици француски борбени авиони „Рафал“. На 18 ноември, тој беше и во Шпанија, а претходно и во Грција, каде потпиша договор за испорака на гас.
„Се подготвуваме да ги интензивираме преговорите и разработивме решенија што ќе им ги понудиме на нашите партнери. Приближувањето до крај на војната е врвен приоритет на Украина“, рече Зеленски во објава на Телеграм.
Според најавите, Зеленски ќе се сретне со Стив Виткоф, највисокиот претставник на Белата куќа во разговорите за ставање крај на војната во Украина. Кремљ соопшти дека ќе нема руски претставници.
Директни разговори меѓу Киев и Москва последен пат се одржаа во јули во Истанбул.
Далекосежен корупциски скандал
Овие патувања на Зеленски доаѓаат во услови на растечкиот корупциски скандал, кој се претвора и во најлошата политичка криза со која се соочил украинскиот претседател од изборите во 2019 година.
Скандалот се однесува на тврдењата дека средствата наменети за заштита на ранливата енергетска инфраструктура на Украина од руски воздушни напади биле земани и давани во форма на мито на политички инсајдери.
Тврдењата излегоа на виделина минатата недела кога двете водечки антикорупциски агенции во Украина објавија докази со детали за нивните сознанија.
Меѓу вмешаните беше и Тимур Миндич, долгогодишен пријател и поранешен деловен партнер на Зеленски.
Миндич избега од Украина за Полска на 10 ноември, неколку часа пред властите да започнат со рации во рамки на оваа истрага, изјавија службеници за „Шема“, истражната единица на украинскиот сервиса на Радио Слободна Европа (РСЕ). Тоа ги наведе критичарите да тврдат дека Миндич бил информиран пред да започне рацијата.
Откритијата за овој корупциски скандал веќе доведоа до оставки на министерот за енергетика и министерот за правда.
Минатата недела, истражните агенции соопштија дека е уапсен висок функционер во подружница на „Енергоатом“, државната нуклеарна компанија, под обвинение за поткуп. Претходно во јуни, вицепремиерот Олексиј Чернишов беше обвинет за корупција.
Зеленски не е вмешан во случајот. „Енергоатом“ соопшти дека целосно соработува со истрагата.
Протести против корупција во Украина
Во текот на летото, Зеленски предизвика бура од реакции кога поддржа мерка што значително требаше да ја намалат независноста на две истражни агенции: Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата и Националното биро за борба против корупцијата на Украина. По протестите што беа организирани, претседателот се повлече.
Украинскиот пратеник Јарослав Железњак на 18 ноември изјави дека записите од истрагата вклучуваат лице со кодно име шеф на кабинетот на претседателот Володимир Зеленски. Пратеникот тврдеше дека записите покажуваат дека Андриј Јермак наводно им наложил на неименувани службеници да истражуваат службеници од Националното биро за борба против корупцијата на Украина.
Јермак не одговори веднаш на барањата за коментар од украинскиот сервис на РСЕ.
За Кремљ, договорот меѓу Франција и Украина за борбени авиони е „поттикнување“ на војната
Русија го критикуваше потпишувањето на договорот на Франција за евентуално обезбедување до 100 борбени авиони „Рафал“ на Украина, нарекувајќи го поттикнување на војната.
Францускиот претседател Емануел Макрон и неговиот украински колега Володимир Зеленски потпишаа писмо за намери со кое се утврдуваат идните испораки на оружје за време на посетата на Зеленски на Париз во понеделник.
„Париз на никаков начин не придонесува за мирот, туку напротив, ги поттикнува милитаристичките и провоените чувства“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за новинарите, како одговор на прашање од АФП.
Франција испорача борбени авиони „Мираж“ на Киев, но досега немаше разговори за тоа Украина да го купи „Рафал“, бисерот на француската борбена авијација.
Договорот доаѓа откако претходно овој месец беше објавено дека Шведска и Украина се блиску до обезбедување финансирање за договор со кој Киев би можел да купи до 150 борбени авиони „Грипен“ од четвртата генерација.
Во текот на војната, Русија ги критикуваше земјите од НАТО за снабдување со оружје на Украина и рече дека тоа не прави разлика на фронтот.
„Без разлика какви авиони се продаваат на режимот во Киев, ова нема да ја промени ситуацијата на фронтот и не може да ја промени динамиката“, порача Песков во вторник.
Украина долго време се обидува да ја зајакне својата воздушна одбрана за да се спротивстави на руската доминација во најголемиот и најсмртоносен конфликт во Европа од крајот на Втората светска војна.
Советот за безбедност на ОН усвои резолуција за планот на Трамп за Газа
Советот за безбедност на ОН доцна во понеделник, 17 ноември, одобри резолуција подготвена од Соединетите Држави со која се поддржува планот на претседателот Доналд Трамп за прекин на војната во Појасот Газа.
Резолуцијата, исто така, овластува меѓународни сили за стабилизација во палестинската енклава.
Израел и палестинската група Хамас, која е прогласена за терористичка група од САД и другите сили, минатиот месец се согласија за првата фаза од планот на Трамп од 20 точки за Газа - прекин на огнот во нивната двегодишна војна и договор за ослободување на заложниците.
Сепак, резолуцијата на ОН се смета за клучна за легитимирање на привременото управно тело и нудење гаранции на земјите кои размислуваат да испратат трупи во Газа.
Што пишува во резолуцијата?
Текстот на резолуцијата наведува дека земјите-членки можат да учествуваат во Мировниот комитет со кој претседава Трамп, дизајниран како транзициско тело кое би го надгледувало обновата и економското закрепнување на Газа.
Исто така, овластува меѓународни сили за стабилизација, кои би обезбедиле демилитаризација на Газа, вклучително и уништување на оружјето и воената инфраструктура.
Хамас повтори дека нема да се разоружа и тврдеше дека неговата борба против Израел е легитимен отпор.
„Резолуцијата воспоставува меѓународен механизам за старателство за Појасот Газа, на што се спротивставуваат нашиот народ и нашите фракции“, се вели во соопштението издадено по усвојувањето на резолуцијата.
Пат кон палестинското самоопределување
Мајк Валц, амбасадорот на САД во ОН, рече дека резолуцијата, која го вклучува планот на Трамп од 20 точки како анекс, „отвора можен пат кон самоопределување за Палестинците каде што ќе има маслинови гранки наместо ракети и каде што постои можност за договор на политичкиот хоризонт“.
Русија, која има право на вето во Советот за безбедност, претходно ја остави отворена можноста за противење, но се воздржа од гласање, дозволувајќи резолуцијата да помине.
Амбасадорите на Русија и Кина во ОН, кои исто така се воздржаа, се пожалија дека резолуцијата не ѝ дава на ОН јасна улога во иднината на Газа.
„Во суштина, Советот го дава својот благослов на американската иницијатива врз основа на ветувањата на Вашингтон, давајќи целосна контрола врз Појасот Газа на Мировниот комитет и Меѓународните сили за стабилизација, чии модалитети сè уште не ги знаеме“, рече рускиот амбасадор Василиј Небензја по гласањето.
Поддршка од Палестинската самоуправа
Палестинската самоуправа ја поздрави резолуцијата и изјави дека е подготвена да учествува во нејзиното спроведување.
Дипломатите рекоа дека поддршката на владата за резолуцијата минатата недела била клучна за спречување на руско вето.
Американскиот претседател Доналд Трамп го нарече гласањето како „момент од историски размери“ во објава на социјалните мрежи.
„Членовите на одборот и многу други возбудливи најави ќе бидат дадени во наредните недели“, напиша Трамп.
Резолуцијата стана контроверзна во Израел, бидејќи ја споменува можноста за палестинска државност во иднина.
Во текстот на резолуцијата се наведува дека „условите за кредибилен пат кон палестинско самоопределување и државност конечно може да бидат воспоставени“ откако Палестинската самоуправа ќе ја спроведе својата програма за реформи и ќе напредува реконструкцијата на Газа.
„Соединетите Држави ќе го охрабрат дијалогот меѓу Израел и Палестинците со цел да се постигне договор за политички хоризонт за мирен и просперитетен соживот“, се наведува во документот.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, под притисок од десничарските членови на неговата влада, во неделата изјави дека Израел останува против палестинска држава и вети дека ќе ја демилитаризира Газа „на лесен или на тежок начин“.
Гори облакодерот Вјесник во Загреб, гасењето ќе трае цел ден
Речиси 100 пожарникари се ангажирани во гаснењето на голем пожар во облакодерот „Вјесник“ во Загреб, кој гори од синоќа, јавува Хрватската радиотелевизија.
Во моментот на пожарот, во зградата, која била претежно напуштена, немало никој.
По избувнувањето на пожарот, пожарот се проширил вертикално и зафатил неколку ката и покривот на облакодерот. Штетата е голема.
Причината за пожарот засега е непозната.
Загрепската противпожарна служба наведува дека имало само една пријава од граѓани за пожарот, иако секогаш добиваат многу пријави во случај на големи пожари.
Облакодерот Вјесник се наоѓа на раскрсницата на Савска цеста и Славонска авенија во поширокиот центар на Загреб и е еден од урбаните симболи на хрватската престолнина.
Облакодерот порано беше седиште на дневниот весник „Вјесник“, чиј последен број беше објавен на 20 април 2012 година, а печатницата „Вјесник“ е затворена од 2022 година. Сепак, зградата сè уште се нарекува така, како и трамвајската и автобуската станица „кај Вјесник“.
Во минатото, дваесет редакции на весници беа сместени во и околу облакодерот „Вјесник“. Тој беше најголемиот издавач на весници во поранешна Југославија, чиј пад започна уште во 1990 година, кога беа овозможени првите приватизации на поранешните организации за социјална работа, објавува Indeks.hr.
Денес, државата е најголемиот сопственик на целиот комплекс „Вјесник“, кој вклучува и голема површина од поранешната печатница „Вјесник“ во ликвидација, дел од „нефункционалниот облакодер“ изграден како прес-центар за Универзијадата во 1987 година, како и придружни згради и паркинзи.
Министерството за просторно планирање, градежништво и државен имот има околу 61 процент сопственост во „Вјесник“, додека останатите се сосопственици на приватна компанија.
Откако печатницата престана да работи - дневните весници и другите списанија што сè уште се издаваат се печатат во сопствени печатници или на други локации додека комплексот е празен, освен радио станицата „Лаганини ФМ“ која е сместена на петнаесеттиот кат.
Силен ветер пренасочи два авиона од Скопје кон Приштина, два кружат над аеродромот
Поради силниот јужен ветер што вечерва го зафати скопскиот регион, два авиона се пренасочени да слетаат на аеродромот во Приштина, информира Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Според ДЗС, уште два авиона во моментов кружат над Меѓународниот аеродром Скопје и чекаат инструкции за безбедно слетување.
Надлежните ја следат состојбата во реално време и апелираат патниците да ги проверуваат информациите од авиокомпаниите и аеродромските служби.
Според веб-страницата на ТАВ Македонија, забележани се доцнења, меѓу кои и на летот од Скопје кон Милано Малпенса.
Управата за хидрометеоролошки работи претходно предупреди дека регионот ќе биде зафатен од обилни врнежи, над 30 литри дожд на метар квадратен, како и засилен јужен ветер кој може да достигне и до 60 километри на час.
Во текот на ноќта, во северозападните делови од земјата се очекува слаб локален дожд.
Украина потпиша договор за борбени авиони со Франција, Кремљ сака нов самит со САД
Украина постигна 10-годишен договор со Франција за испорака на 100 борбени авиони „Рафал“ за зајакнување на нејзината одбрана, додека Кремљ изјави дека се надева на нов самит со Соединетите Американски Држави за да разговараат за можно решение за прекин на војната во Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз на 17 ноември, каде што се согласија за договорот, додека руските сили ги интензивираат воздушните напади низ Украина и напредуваат во источниот дел на земјата.
„Тоа ќе биде најголемата воздушна одбрана, една од најголемите во светот“, рече Зеленски откако беше постигнат договорот за авионите.
Елисејската палата соопшти дека договорот вклучува и системи за воздушна одбрана, бомби и беспилотни летала - нова опрема што не доаѓа од сегашните залихи на француските вооружени сили.
Договорот доаѓа откако претходно овој месец беше објавено дека Шведска и Украина се блиску до обезбедување финансирање за договор со кој Киев би можел да купи до 150 борбени авиони „Грипен“ од четвртата генерација.
Украина долго време се обидува да ја зајакне својата воздушна одбрана за да се спротивстави на руската доминација во најголемиот и најсмртоносен конфликт во Европа од крајот на Втората светска војна.
Додека Зеленски беше во Париз каде што го потпишуваше договорот, а потоа во вторник патува во Шпанија, Кремљ ги повтори своите надежи за втор самит меѓу претседателот Владимир Путин и американскиот лидер Доналд Трамп.
Двајцата се состанаа во Алјаска во август во обид да ги поттикнат мировните преговори за завршување на војната. Но, тие разговори не донесоа пробив.
Санкциите на САД врз руските енергетски гиганти следеа по неколку неуспешни рунди американско-руски разговори, за време на кои во еден момент беше предложен самит во Будимпешта.
Кратко по разговорите меѓу американскиот државен секретар Марко Рубио (Марко) и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, Трамп рече дека нема да „губи време“ на средба со Путин ако лидерот на Кремљ не е подготвен да постигне договор за завршување на војната во Украина.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, им рече на новинарите во Москва во понеделник дека самитот може да се одржи штом ќе се завршат потребните подготовки, изјава што тој периодов ја повтори неколку пати.
„Тешко е сега да се предвиди кога ќе се појават овие услови. Иако, секако, сите сме заинтересирани овие услови да се случат што е можно порано“, рече тој.
„Затоа, штом ќе завршат овие подготовки и ќе се исполнат условите за самитот, се надеваме дека тој ќе се одржи“, додаде Песков.
Западните медиуми генерално објавија дека имало мала промена во ставот на Русија за прекин на конфликтот од средбата на Трамп со Путин во Алјаска во август, која не резултираше со прекин на огнот.
Трамп изјави на почетокот на ноември дека сè уште не гледа дека Русија е подготвена да ги запре борбите, иако сè уште ја фаворизира Будимпешта како место за мировен самит кога ќе се исполнат условите за таков состанок.
Трамп изјави во неделата дека е отворен за нови санкции од Конгресот на САД кои би биле насочени кон „секоја земја што соработува со Русија“.
Тој не даде дополнителни детали.
Комисијата за финансирање и буџет го заврши општиот претрес по Предлог-буџетот за 2026 година
По тридневна расправа, Собраниската комисија за финансирање и буџет денеска го заврши општиот претрес по Предлог-буџетот за 2026 година.
Дискусијата по повеќе од 100 поднесени амандмани ќе продолжи утре, по завршување на пленарната седница, соопшти претседателката на Комисијата, Јованка Тренчевска.
Пратениците од владејачкото мнозинство оценија дека буџетот е реален, развоен и насочен кон економски раст, со повеќе средства за плати, пензии, инфраструктура, дигитализација и капитални инвестиции.
Тие нагласија дека во документот се забележуваат првите чекори на фискална консолидација и подобрување на економската прогноза.
„Предлог буџетот е реален со силно изразена развојна компонента, ја изразува волјата на извршната власт за стабилизација и основа за развој, со непотребни трошоци сведени на нула. Сведоци сме на мерки и активности кои веќе покажаа резултати“, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Тони Јаревски.
Опозицијата, пак, смета дека буџетот е нереален, социјален и неразвоен, без потенцијал за подобрување на стандардот на граѓаните.
Пратениците предупредија на раст на јавниот долг и намалување на капиталните инвестиции, оценувајќи дека 91% од расходите се наменети за трошоци кои не генерираат раст.
Фатмир Битиќи од СДСМ во реплика го праша Јаревски за какви развојни проекти зборува кога, како што рече, во Извештајот на Европската комисија било укажано дека капиталните расходи се 46 проценти во средина на ноември.
„Тагувам кога ќе видам ваков буџет и кога 7 проценти раст на платите го кажувате како револуционерно, а е поради усогласувањето со минималната плата“, рече Битиќи.
Проекциите во Предлог-буџетот за 2026 година предвидуваат вкупни приходи од 374,7 милијарди денари, расходи од 413,9 милијарди денари и капитални инвестиции од 40,5 милијарди денари. Економскиот раст е планиран на 3,8 проценти, инфлацијата на 2,5 проценти, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти од БДП.
За градоначалници во Гостивар, Маврово Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа ќе се гласа на 11 јануари
На 11 јануари ќе се одржат локалните избори во четирите општини каде на првиот круг на Локалните избори немаше доволен број граѓани кои излегоа на гласање. Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска(17 ноември)го потпиша актот за одржување избори во Гостивар, Маврово Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа.
„Изборите ќе се одржат на 11 јануари 2026 година во согласност со Уставот, Изборниот законик и соодветното законодавство. Со стапувањето во сила на овој акт надлежните институции почнуваат со спроведување на законските рокови и процедури. Упатувам повик до Државната изборна комисија, општинските изборни комисии, како и до набљудувачките организации, да постапуваат совесно, транспарентно и професионално“.
Гаши ги повика сите политички субјекти и кандидатите учесници во овој процес да водат, како што вели, мирен, фер и демократски изборен процес, со почитување на изборните стандарди и европските вредности.
„Исто така, им се обраќам на граѓаните на овие општини да го остварат своето право и масовно да учествуваат на гласањето. Повторувањето на изборите ја потврдува важноста на учеството на секој граѓанин во локалното одлучување и во зајакнувањето на институционалниот легитимитет. Собранието останува посветено на редовните демократски процеси и на консолидирањето на институциите на државата“, се вели во писмената изјава на собранискиот спикер.
Локалните избори се одржаа на 19 октомври (прв круг) и на 2 ноември(втор круг). Според резултатите од двата круга на локалните избори, коалицијата предводена од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ победи во 54 општини и Град Скопје.
Втора по бројот на освоени градоначалнички места е коалицијата ВРЕДИ со девет. Коалицијата на СДСМ ќе има шест градоначалници, НАИ 4, а Движење ЗНАМ и Унијата на Ромите, по еден градоначалник.
Две општини ќе ги водат независни кандидати.
Во општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и во Центар Жупа изборите за градоначалници пропаднаа, бидејќи не беше исполнет цензусот на гласање да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список.
Туск: Експлозијата на железницата е „чин на саботажа“
Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека експлозијата на една важна железничка линија што се користи за транспорт на воена опрема и помош за Украина била предизвикана од „невиден чин на саботажа“.
Туск во објава на социјалните мрежи на 17 ноември рече дека експлозијата се случила еден ден претходно на линијата што води од Варшава до источниот полски град Лублин, околу 100 километри од границата со Украина.
„Разнесувањето на железничката пруга на рутата Варшава–Лублин е невиден чин на саботажа насочен против безбедноста на полската држава и нејзините граѓани,“ напиша Туск, додавајќи дека е во тек истрага.
Тој не даде дополнителни детали за експлозијата или за тоа кој можел да стои зад неа, но рече дека е откриена и втора локација со оштетување на истата линија, подалеку кон исток.
Полските претставници, како и оние од други европски земји, одамна обвинуваат дека Москва води „хибридна“ кампања на саботажи и шпионажа против земјите што и помогнаа на Украина откако Русија ја започна својата целосна инвазија во февруари 2022 година.
Минатиот месец, полските власти уапсија осум лица осомничени за шпионажа или планирање напади во име на Русија.
Во јануари, Туск ја обвини Русија дека планира терористички напади врз неименувани цели користејќи воздушни летала.
Неговите коментари дојдоа во услови на сè поголем број сомнителни, вознемирувачки и необјаснети инциденти.
Некои од нив вклучуваа меѓународни авиокомпании и обвинувања дека Русија се обидувала да постави тајни експлозиви на карго летови, додека други се однесуваа на бродови што предизвикале прекини на подводни кабли.
Москва постојано ги негира западните обвинувања за терористички напади, вклучувајќи палење, кражби, труења и напади врз поединци на Запад.
Косовската полиција ги негира обвинувањата за пукање врз српската армија
Косовската полиција ги негираше наводите на медиумите во Србија кои вечерта на 16 ноември објавија дека „група Албанци пукале врз припадници на српската армија во близина на базата „Дебела Глава“.
Косовската полиција наведува дека станува збор за неосновани информации кои „не одговараат на никакви официјални информации или настани потврдени од властите на територијата на Косово“.
„Врз основа на сите оперативни податоци, извештаите на полициските единици на терен и координацијата со други надлежни институции, не е регистриран ниту еден инцидент од ваков карактер. Објавувањето на вакви неточни информации придонесува за создавање лажни перцепции и зголемување на непотребните тензии во граничните области“, наведува косовската полиција.
Оттаму исто така додаваат дека треба да се напомене дека полициските единици во неделата уапсиле четворица ловџии со српско државјанство за нелегално преминување на границата и нелегално поседување оружје, кои влегле на територијата на Косово од правец на Србија.
„Пронајденото оружје и муниција беа конфискувани, додека осомничените, според одлуката на надлежните судски органи, беа приведени во согласност со законските процедури“, се додава во соопштението.
Косовската полиција не одговори на прашањето на Радио Слободна Европа за националноста на притворените српски државјани.
Во меѓувреме, Вишото јавно обвинителство во Врање, град на југот од Србија, во одговор до Радио Слободна Европа потврди дека неколку неидентификувани лица, најверојатно од ловечко оружје, испукале неколку истрели во правец на патролата на српската армија во близина на воената база „Дебела Глава“, која исто така се наоѓа во близина на границата со Косово.
Овие лица, како што е дополнително наведено, се оддалечиле со неколку возила кон територијата на Косово, а инцидентот бил пријавен на дежурниот јавен обвинител од страна на Воената полиција во вечерните часови на 16 ноември.
„Во овој инцидент нема повредени лица. Според наредбата на обвинителството, полицијата презема потребни мерки за утврдување на сите околности на овој настан“, се наведува во одговорот.
Неколку медиуми во Србија, вклучувајќи го и Јавниот сервис - Радио телевизија на Србија, во неделата навечер објавија дека група „маскирани Албанци нападнале припадници на српската армија во регионот на базата Дебела Глава, во близина на границата со Косово“.
Сепак, не беа презентирани докази дека групата била составена од Албанци, туку само се наведува дека „тие избегале во правец на Косово со шест џипови“.
Радио Слободна Европа ја праша мисијата на НАТО во Косово, КФОР, која ја контролира граничната област со Србија, дали е запознаена со овој инцидент, но одговор засега не добивме.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете