Вести
Претседателката Сиљановска имала протоколарен разговор во Хаг со бугарскиот премиер Жељазков

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која учетвува на самитот на НАТО во Хаг, синоќа (24 април) пред вечерата што ја организираше холандскиот крал Вилем-Александер, имала пријатен протоколарен пријателски разговор со бугарскиот премиер Росен Жељазков.
„Имав пријатен разговор со премиерот на Бугарија. Разговаравме за нужноста од меѓусебно разбирање, да се почитуваме, за потребата да го следиме духот на двата народа, за да помагаме и за потребата кој е веќе внатре да му помогне на оној кој оди кон ЕУ. Верувам во потребата од пријателство, верувам дека ќе се случи и мислам дека тоа е нешто неминовно.
Не можам однапред да предвидам, но од она што го видов вчера гарантира дека низ дебата ќе дојдеме до единство“, посочи Сиљановска-Давкова пред денешниот состанок на Советот на НАТО во Хаг.
Премиерот Христијан Мицкоски, од Скопје на 24 април на новинарите им рече „немам информации“ за тоа што разговарале претседателката и бугарскиот премиер.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој е во делегацијата со Сиљановска-Давкова, синоќа од Хаг порача дека тие се отворени за дијалог, но нема одговор од Софија.
Можноста за средба на Сиљановска-Давкова со Жељазков на маргините на Самитот на НАТО во Хаг беше најавувана од македонска страна и според изјавите и на претседателката и на премиерот, иницијатива имало и од претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта.
Иако се очекуваше Бугарија на Самитот да биде претставувана од претседателот Румен Радев, сепак властите во Софија решија да го испратат премиерот Жељазков. Сиљановска-Давкова во пресрет на патувањето во Хаг рече дека иако таму нема да биде нејзиниот хомолог - Радев, таа нема проблем да седне и да разговара и со премиерот.
Двете соседни земји – Северна Македонија и Бугарија имаат билатерал спор кој е пречка за македонските евроинтеграции.
Северна Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година. Откако државата го реши речиси тридеценискиот спор околу името во 2017 со Грција, официјална Атина го тргна ветото на евроатлантскиот пат на земјата. Државата го промени уставното име додавајќи ја придавката „Северна“ и стана членка на НАТО во 2020, но истата година вето за отпочнување преговори со ЕУ стави Бугарија.
Потоа, договор беше постигнат во 2022 година со усвојување на т.н. француски предлог со кој се предвиде Скопје да ги продолжи евроинтеграциите откако во преамбулата од Уставот ќе ја вметне и бугарската заедница.
Уставните измени не се случија, а Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ бара гаранции дека нема да има нови условувања во иднина од бугарска страна и нема да се оспорува македонскиот идентитет и јазик.
види ги сите денешни вести
Вучиќ не верува дека САД ќе го прифатат предлогот на Русија за НИС

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека се точни медиумските извештаи дека Русија им понудила на САД да преземат дел од акциите на Српската нафтена индустрија (НИС) се точни, но дека тој не верува дека тоа ќе го реши проблемот со санкциите.
По самитот на Европската политичка заедница на 2 октомври, Вучиќ изјави дека „не е сигурен“ дека САД, кои воведоа санкции врз НИС поради неговото мнозинско руско сопствеништво, ќе го прифатат предлогот на Москва.
Предлогот, исто така, вклучува и купување на одредена количина американска нафта од страна на НИС што би се испорачувала преку Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ).
„Некој мора да каже дали Американците ќе го прифатат ова. Не сум сигурен за тоа, но се надеваме дека ќе го прифатат“, рече Вучиќ.
„Не мислам дека Американците ги бараат своите финансиски интереси, мислам дека се игра поголема игра, но би сакал да грешам. Би сакал Русите да пронајдат магична формула за решавање на овој проблем. Дали верувам во тоа и дали сум сигурен? За жал, се плашам дека мојот нос добро препознава тешки ситуации“, додаде тој.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, на 2 октомври изјави дека руските претставници одржуваат близок контакт со своите српски колеги и разговараат со САД за прашањето за санкции против НИС.
САД воведоа санкции врз Српската нафтена индустрија во јануари поради нејзиното мнозинско руско сопствеништво, но го одложуваа нивното стапување во сила секој месец.
Досега, санкциите беа одложувани шест пати, последниот пат до 1 октомври, а потоа, рокот за спроведување на санкциите беше продолжен за уште осум дена - до 8 октомври.
Санкциите на САД имаат за цел, меѓу другото, да го спречат финансирањето на војната во Украина преку пари што доаѓаат од руски енергетски компании.
Иако сопственичката структура на НИС се промени неколку пати, таа сè уште е во мнозинска сопственост на руски компании. „Газпром“ го напушти НИС во септември, а друга компанија управувана од „Газпром“ - „Интелиџенс“ од Санкт Петербург - стана еден од значајните сопственици.
Акционерското друштво „Интелиџенс“ стана сопственик на 11,3 проценти од компанијата, според податоците објавени на веб-страницата на Белградската берза на 21 септември.
Најголемиот удел во НИС сè уште го држи „Газпром Нефт“, подружница на „Газпром“ (44,9 проценти), а државата Србија има 29,9 проценти. Останатите акции ги поседуваат мали акционери.
Европските лидери и Зеленски се сретнаа во Данска, Русија ги напаѓа украинските железници

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 2 октомври се среќава со европските лидери во Данска на самит за безбедност и одбрана, откако Русија ги продолжи нападите врз Украина, погодувајќи железничка станица во Одеса.
„Русија се обидува секој ден да уништи еден од темелите на отпорноста на Украина - нашата инфраструктура, која ја држи земјата обединета“, напиша украинскиот министер за територијален развој Олексиј Кулеба на Телеграм.
Кулеба рече дека нападот во Одеса повредил машиновозач, кој претрпел рани од шрапнели. Тој рече дека друг напад ја погодил инфраструктурата на северот од земјата, предизвикувајќи доцнења во железничките операции во регионите Чернихив и Суми.
Тој додаде дека напади со ракети и беспилотни летала се пријавени и во украинските региони Киев, Дњепропетровск и Запорожје.
Зеленски, кој пристигна во Копенхаген на европскиот самит за одбрана како одговор на неодамнешните беспилотни летала што го нарушија воздушниот сообраќај во Данска, посочи дека Русија може да го наруши воздушниот простор „каде било“.
Додека полскиот премиер Доналд Туск на истиот состанок изјави дека руските провокации во Балтичкото Море се случуваат „скоро секој ден“, Зеленски повика на одговор, сугерирајќи дека на Европа ѝ е потребна одбранбена сила која „знае како да се справи со беспилотните летала“.
„Ако Русите се осмелат да лансираат беспилотни летала против Полска или да го нарушат воздушниот простор на северноевропските земји, тоа значи дека тоа може да се случи насекаде... Ни треба брз и ефикасен одговор“, им рече Зеленски на присутните лидери.
Данската премиерка Мете Фредериксен, која е домаќин на самитот, претходно ги нарече упадите со беспилотни летала во европските земји „хибридна војна“, велејќи дека ја гледа Украина како „прва линија на одбрана“.
„Од европска перспектива, постои само една земја која е подготвена да ни се закани, а тоа е Русија - и затоа ни треба многу силен одговор“, рече Фредериксен пред состанокот.
Самитот во Копенхаген доаѓа во време кога изгледите за мир изгледаат подалечни од кога било и додека руската инвазија врз Украина се приближува кон својата четврта годишнина.
Иако напорите на САД за посредување за мировен договор постигнаа мал напредок, позициите на Украина и Русија остануваат одвоени. Американскиот претседател Доналд Трамп не успеа да организира трилатерален самит или средба лице в лице меѓу рускиот и украинскиот претседател.
Муртезани: По изборите Владата ќе преземе конкретни чекори за надминување на спорот со Бугарија

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска изјави дека постои сериозна одлучност кај премиерот и Владата веднаш по изборите да се преземат конкретни чекори за надминување на спорот со Бугарија.
На заедничката прес-конференција во Скопје со неговиот фински колега Јоаким Странд, Муртезани нагласи дека веќе постојат конкретни размислувања како тоа да се направи, но избегна да открие детали поради изборната кампања.
„Претседателот на Владата во неколку наврати јавно изјави дека по завршувањето на изборите, односно со почетокот на Новата година, се очекува да има конкретни чекори во надминување на спорот со соседна Бугарија. Во моментов, се што ќе кажеме може да се стави во одреден контекст и да му наштети на процесот. Она што е важно е дека постои сериозна одлучност и заинтересираност за решавање на проблемот“, рече Муртезани.
Тој додаде дека фокусот сега е на изборната кампања, а по нејзиното завршување размислувањата ќе добијат форма на конкретни предлози.
На средбата со финскиот министер Јоаким Странд, двајцата разговарале за односите меѓу Северна Македонија и Финска, за кои беше нагласено дека имаат динамика, континуитет и иднина што се гради врз доверба и заеднички европски вредности.
Муртезани го информираше својот колега и за процесите поврзани со Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој, како што посочи, не е само финансиски инструмент, туку и стратегија што ја приближува економијата и институциите на земјата до ЕУ уште пред членството.
Двајца мртви во напад во близина на синагога во Манчестер

Две лица денеска беа убиени откако вооружен човек наводно со автомобил удрил во пешаци и избодел чувар во близина на синагога во Манчестер, северозападна Англија, соопшти британската полиција, додавајќи дека полицајците го застрелале осомничениот.
Полицијата соопшти дека полицајците биле повикани во синагогата на Хебрејската конгрегација Хитон Парк во северниот манчестерски округ Крамсол, откако сведок рекол дека видел автомобил како се движи кон луѓе и дека еден маж бил избоден.
Вооружени полицајци одговориле и човекот за кој се верува дека го извршил нападот бил застрелан, соопшти полицијата на Голем Манчестер во соопштението.
Две лица се потврдени дека се мртви, а тројца се во сериозна состојба. Се верува дека и осомничениот е мртов, но полицијата соопшти дека ова не може да се потврди „поради безбедносни проблеми во врска со сомнителните предмети на него“.
Повикана е единица за деактивирање бомби која сега е на местото на настанот, соопшти полицијата.
Видео објавено на социјалните медиуми и потврдено од Ројтерс покажува како полицијата пука во маж во синагогата, додека друг маж лежи на подот во локва крв, изгледајќи како да носи традиционална еврејска капа.
Полицијата претходно соопшти дека извештаите укажуваат дека чуварот бил нападнат со нож.
Од 12 октомври влез во Грција според новите правила на ЕУ

Грција е подготвена за спроведување на системот за влез и излез (ЕЕС)и ги исполни сите обврски и на централно и на оперативно ниво, со интегрирани 99 пунктови за пасошка контрола, информираат за МИА од кабинетот на портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис.
Од кабинетот на портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис за МИА го пренесоа одговорот од Министерство за заштита на граѓаните кое е надлежно за граничните контроли, во кое велат дека со исполнување на сите обврски „и на централно и на оперативно ниво, со спроведените сите потребни технички тестови под целосна контрола на Комисијата и Агенцијата EuLISA“, Грција е подготвена за новиот систем.
„Од 12 октомври, Грција ќе интегрира 99 пунктови за пасошка контрола. На овие пунктови: инсталирана е целата опрема што се однесува на ефикасното функционирање на системот за влез и излез, испратен е информативен материјал до сите управни тела и до ко-надлежните министерства и извршени се посети за да се потврди подготвеноста и соодветноста на објектите и опремата“, информираа од Министерството за заштита на граѓаните на Грција.
Новиот систем за влез и излез од ЕУ што од 12 октомври постепен ќе се воведен предвидува електронска евиденција на биометриски податоци (фотографија и отпечатоци од прсти), како и точни записи за датумите на влез и излез.
Од македонското Министерство за внатрешни работи вчера (1 октомври) информираа дека ЕЕС системот се однесува на сите државјани од земји кои не се членки на Европската Унија или Шенген зоната и кои патуваат за краток престој (до 90 дена во рамки на 180 дена), а ќе биде активен на сите надворешни гранични премини на 29 земји, меѓу кои се: Грција, Бугарија, Австрија, Германија, Франција, Италија, Шпанија, Шведска, како и Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн.
„При првото патување по воведувањето на системот, патниците ќе поминат низ целосен процес на регистрација кој вклучува фотографирање, скенирање на отпечатоци од прсти и внесување на податоци од пасошот. За да се олесни процедурата, на граничните премини ќе има и пунктови за самопослужување, а можно е и претходно предрегистрирање преку мобилни апликации. При следните патувања, контролата ќе биде значително побрза бидејќи податоците веќе ќе бидат складирани во системот и ќе се врши само нивна проверка“, информираа од МВР.
Во периодот од октомври 2025 до април 2026 системот ќе се воведува по фази, што значи дека дел од патниците сè уште ќе добиваат печат во пасошите, додека постепено сите гранични премини не преминат на целосна дигитална евиденција, додека пак од 10 април 2026 година, печатите во пасошите целосно ќе бидат заменети со електронски записи.
Макрон ја повика Европа да го зголеми притисокот врз руската флота во сенка

Францускиот претседател Емануел Макрон jа повика Европа да преземе координирани мерки против таканаречената руска флота во сенка и да го следи примерот на неговата земја во ограничувањето на бродовите што се користат за кршење на западните санкции.
Франција моментално истражува брод со знаме на Бенин, кој е меѓу стотиците стари танкери на црната листа на Европската Унија поради помагање на Москва да ги заобиколи ограничувањата за извоз на нафта воведени по инвазијата на Украина во 2022 година.
„Исклучително е важно да се зголеми притисокот врз оваа флота во сенка, бидејќи тоа очигледно ќе го намали капацитетот за финансирање на овој воен напор“, рече Макрон на состанокот на лидерите во Данска.
Францускиот лидер им предложи на европските земји што припаѓаат на „Коалицијата на подготвените“ во поддршка на Киев да работат во координација со НАТО за да ја оптимизираат „заедничката акција“ во тој поглед.
Француските власти приведоа двајца високи членови на екипажот на „Боракај“, кој е позициониран покрај западниот брег на Франција, и започнаа истрага поради „неуспехот на екипажот да ја оправда националноста на бродот“ и „одбивањето да соработува“.
Податоците од следењето на бродовите покажуваат дека танкерот бил во близина на данскиот брег минатиот месец за време на мистериозните летови со беспилотни летала што предизвикаа безбедносни загрижености и затворање на аеродромите во земјата.
Медиумските извештаи ја поврзаа француската акција со неидентификуваните летови - нешто што Париз не го потврди.
Но, Макрон рече дека покрај тоа што се осигурува дека бродовите ги почитуваат меѓународните правила, ваквите притворања се „многу важни“ за да се зголеми притисокот врз Москва, да се исцрпи нејзиниот воен фонд и да се присили да седне на преговарачка маса.
Се проценува дека флотата во сенка вклучува до 1000 бродови, претставува „десетици милијарди евра од рускиот буџет“ и сочинува „40 проценти од руските воени напори“.
Стармер: Бегалците ќе мора да го „заслужат“ правото на долгорочен престој во Велика Британија

Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека нема да има „златен билет“ за населување во Обединетото Кралство, во рамките на плановите што бараат бегалците да го „заслужат“ своето право на долгорочен престој.
Владата планира да ги укине автоматските права за семејно обединување за оние на кои им е доделен азил во Велика Британија и да ги промени условите за долгорочно населување. Новите апликации за постоечкиот пат за семејно обединување на бегалци се суспендирани од септември.
Премиерот ќе одржи разговори за плановите и за тоа како европските земји можат да соработуваат за справување со илегалната миграција на денешниот самит на Европската политичка заедница (ЕПЗ).
„Верувам дека ако сакаш да дојдеш во Велика Британија, треба да придонесеш за нашето општество. Тоа е толерантниот и фер пристап кон миграцијата на кој се изградени нашите заедници, но сегашниот систем не е соодветен на целта. Затоа правиме фундаментални промени во тоа што им е овозможено во Велика Британија на оние на кои им е доделен азил. Долгорочниот престој мора да се заслужи со придонес кон нашата земја, а не со плаќање на шверцер на луѓе за да се помине Каналот со брод“, изјави Стармер.
Британскиот премиер додаде дека Велика Британија ќе продолжи да ги пречекува „вистинските бегалци кои бегаат од прогон“, но исто така мора да се справи и со „факторите на привлекување“ кои ги предизвикуваат илегалните премини со мали чамци.
Како што пишува ДПА, тој исто така ќе објави ново партнерство за справување со причините за миграцијата, на средба со данската премиерка Мете Фредериксен. Планот, поддржан со до 3 милиони фунти (4 милиони долари), ќе вклучува поттикнување на луѓето да останат во регионот и да се вработат таму.
Министерката за внатрешни работи, Шабана Махмуд, подоцна наесен целосно ќе ги претстави реформите, според кои бегалците ќе се соочат со подолг пат до добивање постојан престој. Тие ќе мора да придонесат за Велика Британија и нема да имаат автоматско право да ги донесат своите семејства да им се придружат.
Според владата, бегалците сепак ќе имаат право на „основна заштита“ и нема да бидат вратени дома според измените, но ќе се применува „нов, подолг пат до населување што бара од нив да придонесат, заменувајќи ги сегашните пет години“.
Советот за бегалци предупреди дека запирањето на семејствата да се обединат ќе принуди повеќе луѓе да дојдат во Велика Британија користејќи шверцери и дека визите за семејно обединување во голема мера ги поддржуваат жените и децата.
Дојави за бомби во повеќе од 800 училишта во Србија

Вкупно 807 основни и средни училишта во Србија добиле дојави за поставени бомби, соопшти Министерството за внатрешни работи на Србија на 2 октомври.
„Полициските службеници постапуваат според упатствата за тоа како да се постапи кога дознаваат или примаат информации за поставена експлозивна направа или уред“, изјави МВР.
Надлежното обвинителство е информирано за пријавата за бомби во училиштата.
Министерството за внатрешни работи објави дека ќе контактира со своите партнери во странство за да го идентификува испраќачот на овие закани.
И во последните години, имаше слични пријави за поставени бомби во училиштата во Србија.
Владата на Србија во декември 2023 година објави дека полицијата идентификувала неколкуте граѓани на Србија и едно лице од странство кои испратиле пријави за наводно поставени бомби во училиштата во Белград.
Потоа започна истрага, чии резултати подоцна не беа објавени за јавноста.
Министерството за внатрешни работи објави дека презело мерки за да се обезбеди нивото на безбедност и заштита на највисоко ниво.
Во тоа време, слични дојави беа примени на адресите на медиумите, Радио-телевизија на Србија (РТС) и Радио-телевизија на Војводина (РТВ).
Претходно, со почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, имаше чести извештаи за наводно поставени бомби во најважните објекти во Србија, особено на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград.
Четириесет проценти од младите до 18 години пушат

Четириесет проценти од младите што се до 18 години пушат, покажуваат податоците на тинк текнк организацијата Аналитика. Тамара Мијовиќ-Спасова од оваа организација алармира дека анализите покажуваат дека веќе на 13 годишна возраст, младите почнуваат да пушат.
„И штом толку мали ја почнуваат таа навика значи веќе многу е веројатно дека тие веќе и во нивниот подоцнежен период ќе станат пушачи. Четириесет проценти од младите што се до 18 години пушат. Бројките се алармантни. Треба да работиме на превенција на овие лоши навики, а не пак да имаат претстава дека новите производи што се нудат на пазарот, како електронските цигари, се некоја безбедна варијанта којашто нема да им пречи. А според новите студии не се така безбедна варијанта на цигарите“, рече Мијовиќ-Спасова во рамки на регионалната работилница „Јакнење на соработката меѓу медиумите, експертите и институциите за подобри политики за контрола на тутунот и заштита на јавното здравје во Западен Балкан“.
Mинистерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека превенцијата во рана возраст е клучна за одбегнување на злоупотребата на штетните материи како алкохол, цигари и дрога, а образованиот процес е најдобар начин за превенција и одбегнување на злоупотребата на штетните материи.
„Она што е навистина поразително е штетното влијание на здравјето. Тоа мора да го превенираме. Она што го правиме во образованието кое всушност е најдобар начин за превенција и одбегнување на злоупотребата на штетните материи е дека и во основното и во средното образование во различни предмети се присутни теми за здравствена писменост, и еве една новина во седмо одделение оваа година е воведен изборен предмет „Учам за моето здравје“, рече Јаневска.
Министерката истакна дека во новите законски решенија за основно и средно образование ги задолжиле училиштата да спроведуваат програми против дискриминација, против насилство, против малолетничка деликвенција, но и против злоупотреба на овие супстанции – тутунот, алкохолот и дрогата.
Од Аналитика тинк тенк истакнаа дека Северна Македонија се уште се рангира како земја со една од повисоките стапки на пушење. Оттаму велат дека е најважна соодветна реакција на цело општество, а најважно е едукацијата и превенцијата да почнуваат од рана возраст.
На работилницата учествуваат претставници од медиумите, истражувачите, институциите и меѓународните организации со цел да се поттикне посилна соработка и да се истакне важноста на мерките за контрола на тутунот засновани на докази, во согласност со приоритетите за интеграција во Европската Унија.
Холандија ги предупредува компаниите да не „се потпираат“ само на чет-ботовите

Холандските власти им порачаа на компаниите и организациите дека не треба да се потпираат само на чет-ботови за комуникација со потрошувачите, опишувајќи ја нивната употреба како „една од најдосадните ситуации“ со кои се соочуваат клиентите.
„Организациите што користат чет-ботови во своите услуги секогаш мора да им понудат на луѓето можност да разговараат со претставник“, се вели во соопштението на Холандската агенција за заштита на податоци (AP).
Фирмите, исто така, мора да се осигурат дека потрошувачите се свесни дека комуницираат со чет-ботови и дека машините нема да избегнуваат одговори или да даваат неточни одговори, соопшти AP.
Надзорниот орган изрази загриженост за растечката употреба на чет-ботови со вештачка интелигенција и предупреди дека регулаторите ќе разгледаат построги правила.
„Чет-ботовите стануваат главна точка на контакт, а патот кон човечка содржина бледнее“, се вели во новиот извештај на AP.
Сè понапредната технологија на чет-бот значи дека потрошувачите не знаат дали разговараат со човек или со машина, се наведува во извештајот.
По почетната незадоволителна интеракција со чет-бот, потрошувачите често се пренасочуваат не кон човек, туку кон друг четбот, што ја зголемува фрустрацијата, предупредува Холандската агенција за заштита на податоци.
Службениците забележуваат „брз пораст“ на поплаките за четботовите, соопшти Холандскиот орган за потрошувачи и пазар (ACM).
„Неодамнешното истражување на ACM покажува дека недостигот на човечка интеракција во услугата за корисници е една од најголемите досадни работи.“
Холандските власти ја повикаа Европската Комисија да воспостави јасни упатства за дизајнот на чет-ботовите со вештачка интелигенција.
„Тие мора да бидат фер, препознатливи и достапни. И луѓето не смеат да бидат заведени“, укажува АП.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете