Достапни линкови

Клучното гласање за извештајот во Европскиот парламент во јули


Европски парламент
Европски парламент

Известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц изрази задоволство од политичката поддршка за неговиот извештај за Северна Македонија. Предлогот за додавање на зборот „модерен" или современ пред македонскиот јазик беше отфрлен, но извештајот ќе се гласа на пленарна седница во јули.

Во атмосфера на жестоки реакции меѓу македонските и бугарските политичари, Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент, денеска на 24 јуни, го усвои извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2023 и 2024 година, кој што беше подготвен од известувачот, австрискиот европратеник Томас Вајц.

Извештајот првично требаше да биде гласан на 4 јуни, но, беше одложен токму поради интензивни политички притисоци од бугарските европратеници.

Предлог - извештајот на Вајц беше усвоен со 40 гласови „за“, 19 „против“ и 10 „воздржани“, резултати што покажуваат солидна, но, не и единствена поддршка за извештајот.

„Горд сум на целата напорна работа што беше вложена во наоѓањето компромиси за да можеме да донесеме добро избалансиран извештај. Северна Македонија припаѓа во ЕУ. По 20 години преговори, мора да го задржиме моментумот и да го унапредиме процесот на проширување“, порача Вајц по завршување на гласањето.

Но, клучната одлука се уште предстои, бидејќи од Комитетот, извештајот треба да дојде на пленарно заседание на Европскиот парламент, закажано за периодот од 7 до 10 јули во Стразбур.

Каде во Извештајот стои „македонски јазик и идентитет“?

На две места во Извештајот , директно се споменуваат „македонскиот идентитет и јазик“, што ги предизвика реакциите на бугарските и македонските политичари.

Во членот 2 од извештајот, подготвен од Вајц, се наведува дека „Европскиот парламент го повикува Европскиот совет да и даде јавна и недвосмислена поддршка на Северна Македонија дека има намера брзо и безусловно да донесе позитивна одлука за влез во следната фаза од преговорите за пристапување по исполнувањето на условите од неговите Заклучоци од 18 јули 2022 година, целосно почитувајќи го македонскиот јазик и идентитет".

Во истиот член, со усвоениот амандман во вторникот на 24 јуни, се наведува следното:

„Ја потврдува важноста на недвосмисленото признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет како составен дел од наследството на нацијата, уставниот поредок, но и од европските вредности; забележува дека европските институции, во своите извештаи за земјите и официјални документи, постојано се повикуваат на македонскиот јазик во согласност со меѓународното признавање и спроведувањето на Преспанскиот договор; потврдува дека почитувањето на јазичниот, културниот и националниот идентитет е фундаментална компонента на процесот на пристапување во ЕУ и камен-темелник на демократските општества, што дополнително ќе се потврди со пристапувањето во семејството на европските нации".

Предложен усен амандман со придавка „модерен“

Во денешнта расправа во Европскиот парламент Михаел Галер кој доаѓа од групата на народните партии - ЕПП, во чие европско семејство припаѓа и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, предложи усен амандман кој се однесува на македонскиот јазик и идентитет со додавање на зборот "модерен" на четири места, за да гласи "модерен македонски јазик и идентитет".

Барањето за усен амандман не се стави на гласање бидејќи против тоа беа шест членови, еден повеќе од потребното за предлогот да се гласа.

Според известувањата на бугарските медиуми, унгарски европарламентарец го оспорил новиот амандман од ЕПП за „модерен“ (или современ) македонски јазик, како дел од извештајот за Македонија за Томас Вајц.

Kоординаторот на пратеничката група на конзервативната Европска народна партија (ЕПП), Михаел ГалерСепак на денешната седница на Комисијата најави дека конзервативците, Социјалдемократите и Зелените во Европарламентот ќе поддржат идентичен амандман на пленарната седница кога треба да се донесе конечната одлука за извештајот.

Извештајот не е обврзувачки за евроинтеграциите

Пред денешното гласање, бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев, вчера изјави дека извештајот за напредокот на Северна Македонија "нема меѓународно правно обврзувачка природа“.

„Го почитуваме ЕП и неговите извештаи. Секоја земја-кандидат за членство во ЕУ мора да ги почитува условите поставени од земјите-членки. Бугарија има конзистентна политика во овој поглед – го охрабруваме процесот на проширување, но тој мора да се базира на сопствените заслуги, изјави бугарскиот министер.

Премиерот Христијан Мицкоскиво неколку наврати изрази загриженост за како што ги нарече "проблематичните амандмани" во извештајот. Тој изјави дека "имало обиди да се нанесе удар на македонскиот идентитет, преку внесување на изрази како 'модерен' или 'сегашен' македонски јазик".

„Добив вознемирувачки информации за една силна активност на одредени политичари во Брисел. Успеавме да го амортизираме ударот, кој што повторно некој сакаше да го нанесе врз македонскиот идентитет и јазик", рече Мицкоски.

Извештајот првично требаше да биде ставен на гласање на 4 јуни, но беше одложен на барање на самиот известувач Томас Вајц. Во своето образложение, Вајц нагласи дека бил "сведок на интензивни политички дебати околу извештајот", но дека "апсолутно стои зад документот".

Како што објасни Вајц, неговата улога во извештајот е да се осврне на состојбите во Северна Македонија, но, не и да го решава спорот билатералниот спор.

Претходно, сите претставници на Бугарија во Европскиот парламент, вкупно 17 на број, ставија потпис на писмото со осуда за Вајц, обвинувајќи го дека „Владата на Северна Македонија извршила прекумерно влијание врз работата на известувачот" и дека тој го игнорирал "насилството врз Бугарите во земјата".

Во извештајот што го подготви пишува дека Европскиот парламент повикува на брз напредок во преговорите за пристапување, истовремено истакнувајќи ја важноста на усвојувањето на уставните амандмани. Воедно „ги охрабрува сите политички партии во Северна Македонија да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне потребниот консензус за овие амандмани, што би го забрзало нејзиниот напредок кон членство во ЕУ“.

Во меѓувреме, денеска започна дводневниот НАТО самит во Хаг, каде отпатуваа претседателката Гордана Силјановска - Давкова. Засега нема официјална потврда ниту од македонска, ниту од бугарска страна дали на маргините на Самитот ќе оствари средба со нејзиниот бугарски колега Росен Желјазков.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG