Достапни линкови

Алиу најавува бесплатни лекарски проверки за граѓаните над 40 години


Алиу претходно беше министер за информатичко општество и администрација во владата на СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците (фотоархива).
Алиу претходно беше министер за информатичко општество и администрација во владата на СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците (фотоархива).

Секој граѓанин над 40 години ќе има право на бесплатни прегледи за рано откривање на дијабетес, хипертензија, срцеви и белодробни заболување, најавува новиот министер за здравство Азир Алиу.

„Ќе треба да се скенираат сите наши граѓани над 40 години, тоа се европски стандарди. Ќе направиме протокол, ќе има платформа каде онлајн ќе се пријават граѓаните. Европските стандарди покажуваат дека во просек од 30 до 45% се намалуваат ризиците за понатаму и лекувањето е многу поевтино. Направена е физибилити студија, знаеме како понатаму“, рече Алиу, но не прецизираше рокови од кога би почнала да се применува оваа програма.

Ова е едно од првите ветувања што тој ги дава во јавноста откако на 9 јуни беше изгласан за нов министер на чело на Арбен Таравари кој ја напушти владината коалиција.

Алиу е доктор по информатички науки, а ова нема да му биде прво министерско искуство. Тој беше министер за информатичко општество и администрација во владата на СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците, но по внатрепартиските поделби во Алијанса и излегувањето од тогашната Влада, беше разрешен од позиција.

За раководењето со ресорот здравство, наспроти критиките од опозицијата за неговата стручност, Алиу смета дека може да се носи со предизвикот.

„Јас не сум лекар, точно е дека сум доктор по информатички науки, но позицијата е менаџерска. Јас нема да оперирам срца туку ќе креирам системи кои ќе бидат оптимални, отчетни и навремени. Така да ќе креирам систем за да може лекарот или кардиолог да оперира срце во реално време, со добри инструменти, отчетност кон граѓаните, а не со листа на чекање. Тоа е обврска на министерот“, рече Алиу.

Еден од првите приоритети ќе му биде, како што рече Кочани и условите во тамошната болница, кое ќе го посети, а утре ќе одржи и средба со директорката на кочанската болница.

На својата прва прес-конференција, Алиу ветуваше дека ќе се посвети на дигитализација во здравство односно воведување функционална електронска здравствена картичка, дигитални рецепти и упати итн.

Министерот најави и дека ќе се напушти „слепото финансирање на болниците“ туку тоа ќе се прави според популацијата што тие ја покриваат и резултатите што ги постигнуваат, како и оти во реално време ќе се следат фондовите, лековите, договорите за набавки, донациите.

На листата столбови на кои ќе го гради здравствениот систем, тој ги наведе и професионалниот развој на лекарите и медицинските сестри и рече дека јасно ќе се разграничат клиничките од менаџерските услуги.

За честиот проблем со недостаток на лекови, конкретно и за актуелниот недостаток на терапија за онколошките пациенти, Алиу вели дека постои решение – шест месеци пред истекот на договорот за постоечкиот тендер и компанија, да мора секоја клиника да го отвори и затвори тој процес на нова набавка.

Тој зборуваше и за инфраструктурните проблеми, како и за останатите предизвици за кои рече само на првиот состанок дефинирале 57.

Алиу беше дел од крилото на Алијанса за Албанците предводено од претходниот министер Арбен Таравари. Меѓутоа, поради несогласувањата во коалицијата „Вреди“ која е дел од власта заедно со ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, Таравари реши да замине во опозиција, додека Алиу остана во коалицијата.

Несогласувањата во „Вреди“ почнаа пред околу два месеци кога Алијансата за Албанците предводена од Таравари реши на претстојните локални избори да настапат со свои листи за советници. По оваа одлука неговите коалициските партии го обвинија за соработка со опозициската ДУИ и одлучија коалицијата да стане партија, но без Алијансата.

XS
SM
MD
LG