Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска (27 мај) посочи дека мнозинството останува стабилно и оти Владата и парламентарното мнозинство ќе работат со полн капацитет.
„Мнозинството е стабилно. Нема никаква дилема околу тоа дали имаме мнозинство, се работи за преминување на една од политичките партии во опозиција, но гледате дека неколку пратеници остануваат дел од „Влен“. Мислам дека Владата и парламентарното мнозинство ќе работат со полн капацитет“, изјави Гаши одговорајќи на новинарско прашање, пред почетокот на Балканскиот Самит на Алумни Асоцијацијата.
Прашан кога ќе се избере новиот министер за здравство, Гаши одговори дека најпрвин премиерот треба да го предложи новиот министер, тој предлог да биде ставен на дневен ред и потоа ќе биде доставен до сите пратеници во Собранието.
„Како што знаете, и по Закон и по Деловник, предлогот доаѓа од Владата. Премиерот треба да предложи нов министер. Кога ќе дојде на дневен ред предлогот, тој предлог веднаш во Собранието ќе биде доставен до сите пратеници и ќе ја ставиме на првата наредна седница“, посочи Гаши.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити информираше дека се работи на предлозите за министри и дека тие деновиве ќе бидат доставени до Владата. Како што истакна Меџити, се комплетира листата и со членови на Владата и со заменици и со други позиции.
Првиот вицепремиер смета дека Азир Алиу е најдобар предлог за министер за здравство, како и дека новиот директор на Центарот за управување со кризи од Вреди може да го надмине темпото на работа на досегашниот Стојанчер Ангелов.
Меџити информира и дека вчера (26 мај) 10 членови од Алијанса за Албанците на чело со Арбен Фетаи се вклучиле во претседателството на Вреди. На синоќешниот состанок на партиското централно претседателство избран е Аднан Азизи за шеф на штабот, тој елаборирал за формираниот тим и за отворањето штабови во сите градови каде Вреди претендира за локалните избори.
Несогласувањата во коалицијата ВРЕДИ почнаа пред повеќе од еден месец кога Алијансата за Албанците предводена од Таравари реши на претстојните локални избори да настапат со свои листи за советници. По оваа одлука неговите коалициските партии во ВРЕДИ го обвинија за соработка со опозициската ДУИ и одлучија коалицијата да стане партија, но без Алијансата.