Собранието денеска (20 мај) ја констатира оставката на министерот за здравство Арбен Таравари. Констатирани се и оставките на замениците министри во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Фљакрон Беџети и во Министерството за одбрана, Елфет Исмаили.
Заменик претседателката на Собранието Весна Бендевска појасни дека согласно собранискиот Деловник тие имаат право да ја образложат оставката, но, оти до почетокот на оваа 49-та седница не побарале да го направат тоа, по што беа констатирани оставките.
Потоа беше предложен дневен ред на седницата, но, по процедуралната забелешка на Сашко Јанчев од Левица беше дадена пауза во траење од еден час.
Барањето за пауза, како што појасни Јанчев е поради тоа што службите на Собранието и генералниот секретар го игнорираат барањето на Левица за информации за исплатени патни тошоци на пратениците во Собранието поединечно за секој пратеник. Тој најави дека ќе бараат по еден час пауза на секоја седница се додека не ги добијат бараните информации.
Таравари ја поднесе својата оставка на 15 мај, по несогласувањата во коалицијата ВРЕДИ, откако крилото на АА на Таравари реши на локалните избори да излезе со свои листи за советници. По оваа одлука неговите коалициските партии во ВРЕДИ го обвинија за соработка со опозициската ДУИ и одлучија коалицијата да стане партија, но без Алијансата.
Алијанса на Албанците има 5 пратеници, од вкупно 14 колку што има коалицијата ВРЕДИ.
Таравари имаше и една средба со премиерот Христијан Мицковски, по која премиерот кажа дека со или без Таравари во Владата, таа е стабилна, цврста и со големо мнозинство.