Вести
Советот за безбедност ќе гласа за прекин на огнот во Газа
Гласањето во Советот за безбедност на ОН за планот за прекин на огнот во Газа е повторно одложено за да се овозможи продолжување на преговорите. Новото време е среда околу 16:00 часот, по состанокот на Советот за Авганистан.
Од друга страна шефот на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања Џема Конел изјави дека хуманитарната пауза за да се дозволи помош во Газа „не е она што е потребно во моментов“. Конел вели дека војната мора да заврши бидејќи паузата „нема да обезбеди олеснување што ќе овозможи реанимација на Појасот Газа“.
„Тоа не им дава шанса на луѓето да се вратат во живот. Тоа не им дава шанса на децата кои моментално живеат во шатори надвор од местото каде што јас престојувам, да се вратат во своите домови и да ги обноват“, рече таа. Би-Би-Си.
Во меќувреме баптистичката болница Ал Ахли, лоцирана во Појасот Газа, престана со работа, соопшти палестинското Министерство за здравство.
„Болницата „Ал Ахли“ е надвор од функција поради бомбардирањето, опсадата и апсењето на неколку припадници на медицински персонал, се вели во соопштението, пренесува Си-Ен-Ен.
Ал Ахли беше една од ретките делумно функционални медицински установи во Газа.
Во моментов, само 11 од 36 болници делумно функционираат во Појасот Газа.
Повеќе од 18 800 Палестинци, од кои 70 отсто се жени, мали деца и адолесценти, се убиени во Појасот Газа во израелските бомбардирања од 7 октомври.
види ги сите денешни вести
Мицкоски за Извештајот на ЕК: Да ги донесеме уставните измени за петка и повторно ново вето
Да ги направиме уставните измени, најдобри ќе бидеме и потоа да добиеме ново вето и повторно нови проблеми и тогаш сигурно ќе добиеме петка и ќе бидеме шампиони. Вака премиерот Христијан Мицкоски го коментираше најновиот извештај на ЕК за напредокот на Северна Македонија, во кој комисијата повика на усвојување на уставните измени за вклучување на Бугарите во Уставот.
Во извештајот меѓудругото се потенцира дека иако „властите продолжија да работат на патоказите за владеење на правото, реформата на јавната администрација и функционирањето на демократските институции, како и на акцискиот план за заштита на малцинствата, Северна Македонија треба да ги интензивира напорите за почитување на владеењето на правото, особено преку заштита на независноста и интегритетот на судството и засилување на борбата против корупцијата“.
Премиерот вели дека е задоволен од содржината на извештајот, иако потенцираше дека има стагнација во некои области.
„Од она кое што е таму напишано јас сум исклучително задоволен, бидејќи нема назадување. И тоа е владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата и затоа нон стоп зборувам дека се потребни промени во Судскиот совет, во Обвинителството итн. Сега веќе по завршувањето на изборите многу посериозно ќе се занимаваме со таа тема, додека, пак, во сите други области има одреден мал напредок или значлителен напредок“.
Мицкоски додаде дека не се согласува со констатацијата дека има некои други земји кои што се пред нас.
„На пример ние сме многу пред Албанија. Иако некои од еврокомесарите даваат такви изјави какви што даваа така што кога ќе се анализира состојбата на државите кој е подготвен, кој не е подготвен, објективна оценка е дека Црна Гора е прва, второто место сме ние и Србија, па потоа доаѓаат Албанија, БиХ, Косово, итн од земјите во регионот“, рече Мицкоски.
Премиерот потенцираше дека Владата ќе продолжи да работи и дека тој е фокусиран на спроведување на реформите.
„Јас апсолутно сум фокусиран на реформите. Оваа Влада е реформска и во таа насока ќе продолжи. Ме охрабруваат пораките за реформите во делот на економијата, во делот на борбата против перењето пари, воведувањето на заедничкиот платежен систем односно СЕПА, Царината, деловите како што се бесплатен роаминг што ќе се имплементираат“, рече премиерот.
Мицкоски попладнево во Владата ќе го прими Извештајот од евроамбасадорот Михалис Рокас, а потоа е предвидена заедничка прес-конференција.
ЕК и ЕП не постигнаа договор за следната буџетска рамка на Европската Унија
Без договор заврши средбата меѓу претставници на Европската комисија и Европскиот парламент посветена на усогласување на ставовите околу Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ за периодот 2028-2034 година, вредна 2.000 милијарди евра.
Главната забелешка на европратениците се однесува на предлогот на Комисијата за спојување на фондовите за субвенционирање на регионалниот развој и земјоделството во единствени „национални и регионални планови за партнерство“ во вредност од 865 милијарди евра.
Средбата се одржи откако минатата недела пратеничките групи на Европската народна партија (ЕПП), Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), либералната Да ја обновиме Европа (РЕ) и Зелените со заедничко писмо се заканија дека ќе ги блокираат преговорите за следната буџетска рамка, доколку во неа не бидат извршат значајни промени.
„Европскиот парламент не може да го прифати ваквиот предлог како основа за започнување преговори“, беше наведено во писмото на четирите групи упатено до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во кое тие поставија рок бараните измени да бидат извршени најдоцна до 12 ноември, кога Предлог-финансиската рамка треба да се најде на дебата во Европскиот парламент.
Дополнително, свое писмо со забелешки и барања за измени на Предлог-буџетската рамка до Еврокомисијата упати и групата Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР).
По синоќешната средба (5 ноември), на која присуствуваа лидерите на пратеничките групи во ЕП и главните парламентарни преговарачи за буџетот, еврокомесарот за буџет Пјотр Серафин рече дека Европската комисија ќе разгледа некои „законски измени за да се одговори на загриженоста на пратениците“, но не прецизира дали тоа значи и дека е подготвена да прифати измени во предложениот буџет.
Од друга страна, претставници на ЕП изјавија дека „има напредок“ и дека би можело да биде постигнат некаков договор до следната недела.
Главниот преговарач на ЕП за буџетот, европратеникот од редовите на ЕПП, Зигфрид Мурешан изјави дека од ЕК добиле „изјави за намери“ да се приспособи предлогот на барањата на Парламентот, но дека тоа сепак не е доволно.
Со цел да се излезе од ќорсокакот Данското претседателство со ЕУ, според дипломатски извори, подготвува предлог со кој се предвидува за „најчувствителните прашања“ од буџетот да се преговара на највисоко политичко ниво меѓу трите главни институции на блокот - Советот, ЕК и ЕП, додека за останатите прашања решение да се најде преку преговори на техничко ниво.
Се очекува ваквиот предлог да се најде на следното заседание на Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер).
ДИК ги објави конечните резулати за градоначалници во 29 општини и Град Скопје
Државната изборна комисија (ДИК) на денешната 155 седница ги објави официјалните резултати од вториот круг на Локалните избори 2025 за избор на градоначалник во 29 општини и град Скопје, додека за три општини - Брвеница, Карпош и Шуто Оризари има приговори.
„Во врска со овие приговори Државната изборна комисија ја известува јавноста дека ќе постапува на јавна седница во законскиот рок денеска со почеток во 14 часот“, рече претседателот на ДИК, Борис Кондарко.
Тој додаде дека до ДИК има поднесено и три приговори за гласањето за избор на членови на Советот во Општина Шуто Оризари, каде што имаше прегласување спроведено на 2 ноември 2025 година и тоа на трите избирачки места.
„Поради тоа објавувањето на конечните резултати од гласањето за Советот на Општина Шуто Оризари нема да бидат објавени денеска, ќе се чека по постапувањето на приговорите на седницата на Државната изборна комисија, а потоа и по одлучување на евентуални тужби пред Управниот суд“, рече Кондарко.
Локалните избори се одржаа на 19 октомври и 2 ноември. Според резултатите од двата круга на локалните избори, Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ победи во 54 општини и Град Скопје.
Втора по бројот на освоени градоначалнички места е коалицијата ВРЕДИ со девет. Коалицијата на СДСМ ќе има шест градоначалници, НАИ 4, а Движење ЗНАМ и Унијата на Ромите, по еден градоначалник.
Две општини ќе ги водат независни кандидати.
Полска преговара за зголемување на увозот на американски природен гас
Полска преговара за зголемување на увозот на природен гас од Содинетите Држави за снабдување на Украина и Словачка, што дополнително би ги зајакнало врските на Европската Унија со американските производители на енергија, изјавија два извори запознаени со преговорите.
„Соработуваме со нашите партнери - Американците, Словаците, Украинците - за можноста за увоз на американски гас со цел да се зголеми енергетската безбедност на нашиот регион“, наведе за Ројтерс, Министерството за енергетика на Полска.
Се очекува официјалните лица да објават заедничка декларација за зголемување на увозот откако вклучените страни ќе се сретнат на трансатлантската конференција за енергија во Атина подоцна оваа недела.
„После тоа, ќе има разговори за условите за испорака до Словачка“, изјави изворот за Ројтерс.
Потенцијалните количини што ќе се испорачуваат на југ преку Полска би можеле да достигнат и до четири до пет милијарди кубни метри гас годишно, приближно еквивалентно на годишната потрошувачка на гас во Словачка, рекоа изворите.
Се очекува ова да биде најновиот во серијата енергетски договори постигнати меѓу европските и американските владини претставници и компании по притисокот од Вашингтон за зголемување на извозот на американски гас и нуклеарна технологија.
Во октомври, Европската Унија презентираше нови планови за прекин на снабдувањето со руска нафта и гас, со нов пакет санкции со кои се забранува увозот на руски течен природен гас (ЛНГ) до 2027 година.
Некои членки на ЕУ сè уште купуваат руска енергија, а во исто време ја поддржуваат Украина во војната. Словачка и Унгарија се обидуваат да балансираат помеѓу статусот на сојузници на Вашингтон и увозот на руска енергија, што предизвика критики од американскиот претседател Доналд Трамп.
Во септември, американскиот министер за енергетика Крис Рајт им испрати на европските министри „многу силна порака за сигурноста на САД како енергетски партнер и интересот на Америка за поголема соработка со Европа“.
Истиот месец, американскиот министер за внатрешни работи Даг Бургум се сретна со италијанскиот министер за енергетика и вети дека ќе ги продлабочи врските со зголемување на продажбата на американски природен гас. Наскоро италијанската компанија Едисон потпиша 15-годишен договор за снабдување со природен гас.
Потоа Рајт се сретна со полски и словачки претставници во Виена. На 7 октомври, Словачка потпиша договор со САД за нова нуклеарна централа.
Потрошувачката на природен гас во ЕУ достигна историски нивоа оваа година, при што САД моментално обезбедуваат околу 55 проценти од европската потрошувачка, во споредба со 27 проценти во 2021 година.
Како што објави Ројтерс, целосната замена на увозот на руски гас со американски течен природен гас (LNG) би го зголемила тој удел на повеќе од 80 проценти.
Вашингтон ја претстави нацрт-резолуција за планот на Трамп за Газа пред партнерите во ОН
САД им презентираа на земјите-партнери во Советот за безбедност на ОН нацрт-резолуција со која се бара поддршка на мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за Газа, кој предвидува и распоредување на меѓународни стабилизациски сили, соопшти американската мисија во Обединетите Нации.
Амбасадорот на САД во ОН, Мајк Валц, собра десет членови на Советот и неколку регионални партнери - Египет, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Турција - за да разговараат за нацрт-резолуцијата, објави АФП.
Портпаролот на американската мисија изјави дека Вашингтон покажува „регионална поддршка“ за предложениот текст.
Иако датумот на гласањето сè уште не е одреден, нацрт-резолуцијата „го поздравува формирањето на мировен совет“ со кој претседава Трамп, кој би ја надгледувал преодната влада во Газа.
Документот „исто така ги овластува Меѓународните сили за стабилизација“ (ISF) наведени во мировниот план на Трамп од 20 точки, изјави портпаролот на американската мисија.
Неколку земји, вклучувајќи ја и Индонезија, веќе изразија подготвеност да учествуваат во овие сили, но инсистираат на мандат од Советот за безбедност на ОН пред да испратат војници на палестинската територија, соопштија дипломатски извори.
„Благодарение на храброто водство на претседателот Трамп, САД повторно ќе постигнат резултати во ОН, а не бескрајни дискусии“, изјави портпаролот на американската мисија.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, кон крајот на октомври изјави дека е оптимист во врска со претстојното распоредување на меѓународни сили во Газа, додавајќи дека Вашингтон би можел да побара мандат од ОН за нивното дејствување.
Стабилизациските сили се предвидени со договорот од 10 октомври со кој се постигна примирје меѓу Израел и палестинското движење Хамас (кое САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација) по двегодишна војна, предизвикана од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.
Според условите на тој договор, силите би се состоеле од коалиција од арапски и муслимански земји, распоредени во Газа за да ја надгледуваат безбедноста за време на повлекувањето на израелската армија.
Шефовите на дипломатиите на Јордан и Германија минатата недела нагласија дека меѓународните сили мора да имаат јасен мандат од Обединетите Нации.
„За овие стабилизациски сили ефикасно да ја извршат својата мисија, сите се согласуваме дека тие мора да имаат мандат од Советот за безбедност“, изјави јорданскиот министер за надворешни работи, Ајман Сафади, на конференција во Манама, главниот град на Бахреин, заедно со неговиот германски колега Јохан Вадефул.
Вадефул ја поддржа идејата за мандат врз основа на меѓународното право, истакнувајќи дека тоа е „многу важно за земјите што сакаат да ги испратат своите војници во Газа, но и за Палестинците“.
Бугарија и Македонија ќе потпишат договор за изградба на меѓуграничниот тунел од Коридор 8
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и неговиот бугарски колега Гроздан Караџов денеска, 6 ноември ќе го потпишат Договорот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел на Коридорот 8.
Церемонијата на потпишувањето ќе биде организирана на железничката станица Ѓуешево, а предвидено е да присуствуваат претставници на Европската комисија, на НАТО, на САД, на Европската инвестициска банка, на Европската банка за обнова и развој, како и претставници на Светска банка.
Изградбата на железничкиот тунел ќе претставува меѓугранична точка на двете држави на Коридорот 8. Проектираната должина на тунелот е околу 2,4 километри од кои 1,2 се на територијата на Македонија.
„Изградбата на железничкиот Коридор 8, покрај економското значење за Македонија и регионот, има и безбедносно значење во рамки на НАТО. Во таа насока, на источниот Коридор 8 веќе е изградена и пуштена за сообраќај пругата од Куманово до Бељаковце“, наведуваат од Министерството за транспорт и врски.
Делницата од Бељаковце до Крива Паланка е во фаза на изградба, а интензивно се работи и на подготовка за третата делница од Крива Паланка до границата со Република Бугарија која во продолжение ќе го опфати и тунелското решение.
Македонија и Бугарија, по повеќемесечен застој, на крајот на јуни на министерско ниво постигнаа договор за придвижување на работите за железничкото поврзување. Следуваше состанокот на делегации на двете држави на 16 јули во Брисел на кој беа идентификувани приоритетите меѓу кои и повторно објавување на тендерот за работите на железничкиот дел помеѓу Крива Паланка и влезот на прекуграничниот тунел до крајот на годинава од страна на државава.
Вучиќ разговараше со Зеленски за „меѓународната агенда“
Српскиот претседател Александар Вучиќ разговараше по телефон со украинскиот претседател Володимир Зеленски за односите меѓу Србија и Украина, европската интеграција и „меѓународната агенда за наредниот период“.
„Се согласивме дека постои простор за меѓусебна поддршка на која ќе продолжиме да работиме заедно“, објави Вучиќ на Инстаграм без да даде детали.
Тој додаде дека се согласиле да одржат отворени канали за комуникација во наредниот период.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави на мрежата X дека тој и Вучиќ разговарале и за можностите за соработка во регионалната безбедност.
„Нашите земји го делат овој интерес и ние ќе работиме на него. Ја разгледавме меѓународната агенда за блиска иднина и се согласивме да останеме во контакт и да продолжиме со координацијата“, напиша Зеленски.
Србија е една од ретките европски земји што не се придружи на санкциите против Русија за нејзината инвазија врз Украина, но го поддржа територијалниот интегритет на Украина.
Србија постојано испраќа хуманитарна помош во Украина, која е под руска инвазија од февруари 2022 година.
Официјален Белград постојано негираше дека Србија директно извезува оружје во Украина, наведувајќи дека „не може да влијае“ дали српското оружје од трети земји ќе заврши на украинскиот фронт.
Провладин митинг во Белград, додека мајката на загинатиот млад човек четврти ден штрајкува со глад
Поддржувачите на владејачката Српска напредна партија (СНС) денеска се собраа во импровизиран шаторски камп пред Народното собрание во Белград.
Во исто време, во близина се собраа граѓани кои ја поддржуваат Дијана Хрка, која штрајкува со глад барајќи гонење на одговорните за трагедијата во Нови Сад.
Околу српскиот Парламент е поставен полициски кордон. Од кампот на поддржувачите на владата одекнуваат националистички песни.
Граѓаните кои ја поддржуваат Дијана Хрка, неколку илјади од нив, свиркаат и скандираат „СНС мафија“. Меѓу двете групи е полициски кордон, метална ограда и бетонска бариера.
Митингот на СНС не е официјално објавен, ниту причината за неговото одржување, но се одржува на четвртиот ден од штрајкот со глад на Дијана Хрка, чиј син почина кога се урна настрешницата на железничката станица во Нови Сад минатиот ноември.
Таа штрајкува со глад во непосредна близина на Парламентот, веднаш до шаторскиот камп, барајќи гонење на одговорните за трагедијата и распишување на предвремени парламентарни избори.
Според медиумските извештаи, низ цела Србија се организирани автобуси со членови и поддржувачи на СНС. На платото пред Народното собрание се поставени нови шатори, како и возила од општинските служби на градот Белград.
На собирот доаѓа и група Срби кои тргнаа пеш од Косово минатата недела. Кога тргнаа на 29 октомври, рекоа дека се упатуваат кон Нови Сад, на митинг во поддршка на српскиот претседател и член на СНС, Александар Вучиќ.
Вучиќ најави дека СНС ќе организира „голем“ митинг во Нови Сад на 8 ноември, седум дена откако десетици илјади луѓе, предводени од студенти, се собраа во тој град за да ја одбележат годишнината од падот на настрешницата.
Пред митингот во Белград, Вучиќ ги повика поддржувачите да бидат смирени и да покажат одговорност и почит кон политичките противници.
„Да покажеме почит кон политичките противници, да правиме сè што правиме во наредните денови на достоинствен начин и да подадеме рака за дијалог секој ден“, рече Вучиќ.
Студенти од Нови Пазар, Ниш и Нови Сад исто така го најавија своето пристигнување, но не на митингот на СНС, туку за да ја поддржат Дијана Хрка. Тие се собираат во близина на зградата на Ректоратот во Белград, од каде што заедно ќе пешачат до Парламентот.
Метална ограда и полициски кордони со денови ги делат двете групи луѓе - оние во шаторската населба, позната како „Чациленд“, и оние што се собраа за да ја поддржат Дијана Хрка, која штрајкува со глад од 2 ноември.
На првиот ден од нејзиниот протест, од кампот на поддржувачите на владата во неколку наврати беа фрлани факели, шишиња и столчиња, на што луѓето од другата група одговорија со фрлање предмети. Речиси 40 лица беа уапсени.
Во следните денови, собраните во „Чациленд“ гласно пуштаа националистички и народни песни од звучници, додека поддржувачите на Дијана Хрка одговорија со свирчиња.
По остриот извештај за проширувањето, Грузија ја обвини ЕУ за политичко мешање
Грузиската влада реагираше луто на критичката оценка на Европската Унија за назадувањето на земјата во демократските реформи на нејзиниот пат кон пристапувањето, обвинувајќи го Брисел за мешање во нејзините внатрешни работи.
Презентирајќи го својот годишен извештај за напредокот во пристапувањето, шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, рече дека Грузија „нема одржлив пат кон ЕУ во оваа фаза, освен ако околностите драматично не се променат“.
Извештајот на Европската комисија ги обвинува политиките на грузиската влада - репресијата врз политичките противници и политичката промена што се чини дека е насочена кон Москва, за поткопување на односите со ЕУ.
Претседателот на грузискиот парламент, Шалва Папуашвили, ја обвини ЕУ за „уцена“, велејќи дека „притисокот врз Грузија не функционира“.
„Бирократија проткаена со скриена политичка агенда, арогантен став и непочитување кон сите земји кои не покажуваат слепа послушност, кои се обидуваат да донесуваат независни одлуки и да го остварат сувереното право да управуваат со државата“, додаде Папуашвили.
Годишниот извештај за напредокот на 10-те земји-кандидатки служи како контролна точка за владите додека за усогласување на нивните закони, финансии и политики со оние на ЕУ.
Кандидати за членство во ЕУ се Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Грузија, Косово, Молдавија, Северна Македонија, Србија, Турција и Украина.
Извештајот од 2025 година ги пофали неколку кандидати и понуди можност за можно пристапување во ЕУ уште во 2030 година, доколку се завршат потребните реформи.
Сепак, Грузија беше критикувана во извештајот за проширување на ЕУ за „сериозно демократско назадување“.
Некогаш сметана за една од најдемократските и прозападните земји што произлегоа од распадот на Советскиот Сојуз, Грузија е обвинета дека станува сè поавторитарна, додека прифаќа политики што многумин, вклучително и Брисел, ги сметаат за пријателски настроени кон Русија.
Европа ќе се поврзува со брзи железници до 2040 година
Европската комисија претстави два нови плана за намалување на емисиите на јаглерод во транспортниот сектор – преку проширување на мрежата на брзи железници и зголемување на производството на одржливи горива за авијацијата и поморството.
Како што пренесува АФП, првиот план предвидува до 2040 година да се поврзат европските престолнини со брзи железнички линии, преку модернизација на постојните и изградба на нови траси. Така, патувањето од Берлин до Копенхаген би се скратило од седум на четири часа, а од Атина до Софија од речиси 14 на само шест часа.
Брисел планира да ги отстрани пречките за прекуграничен железнички сообраќај преку усогласување на билетните системи и поттикнување конкуренција за пониски цени. Европската комисија ќе ги обедини земјите членки, железничките оператори и финансиските институции за координација на инвестициите, кои се проценуваат на најмалку 345 милијарди евра до 2040 година.
„Ова е важен прв чекор кон вистинска трансевропска железничка мрежа“, изјави Алберто Мацола, директор на Заедницата на европски железници, нагласувајќи дека Европа треба да премине од изолирани брзи линии кон интегрирана континентална мрежа.
Покрај железницата, Комисијата усвои и план за зголемување на производството на одржливи горива за авионски и поморски транспорт, поддржан со речиси три милијарди евра. Целта е забрзување на преминот од пилот-проекти кон индустриско производство на нискојаглеродни алтернативи, особено е-горива создадени со декарбонизирана електрична енергија.
Организацијата „Transport and Environment“ оцени дека планот содржи „ветувачки чекори“ кон декарбонизација на транспортот, но предупреди дека Унијата мора брзо да ги спроведе мерките доколку сака да го задржи водството во технологијата за е-горива.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете