Достапни линкови

Вести

Влада - Продажбата на „Славија“ е запрена поради барање за времена мерка до Судот

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски на прес-конференција пред седиштето на фирмата Славија во Скопје
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски на прес-конференција пред седиштето на фирмата Славија во Скопје

Продажбата на АД „Славија“ е привремено запрена поради барање за времена мерка доставено до Судот, кој по службена должност постапил по барањето на поранешниот сопственик на акциите на ова акционерско друштво, Кирил Кочевски, соопшти денеска Секторот за односи со јавноста на Владата, реагирајќи на тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ за кои се посочува дека се „целосно неточни и манипулативни“, дека наводно Агенцијата за управување со одземен имот се откажала од продажбата на акциите на „Славија“.

„Вакво барање е доставено и до Централен депозитар за хартии од вредност и до Комисија за хартии од вредност. Против лицето Кирил Кочевски е донесена првичната пресудата за одземање на акциите на АД „Славија“ поради сторено кривично дело. Законско право е на поранешниот сопственик да побара времена мерка од Судот“, се наведува во соопштението.

Од владината прес-служба посочуваат дека Управниот одбор на Агенцијата врз основа на доставениот предлог за поведување на постапка за времена мерка добиен од Судот и согласно досегашната пракса, одлучил времено да ја запре постапката за продажба.

„Тоа значи дека продажбата не може да се реализира додека трае времената мерка, но не значи дека Агенцијата се откажала од продажбата на акции“, се додава во соопштението.

Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски денеска на прес конференција излезе со тврдење дека „власта и СДСМ се откажале од продажба на АД „Славија“, признавајќи ја вината“.

„Сакаа да ја продадат на криминален начин, за без пари, да си ја присвојат и потоа да профитираат во милионски суми. Продажбата сакаа да ја направат на незаконски начин, без проценки, без реални вредносни суми на имотот и она што е најинтересно во вакуум период помеѓу смена на две гарнитури од СДСМ и непосредно пред Нова Година. мислејќи дека никој тоа нема да го види“, изјави Арсовски.

види ги сите денешни вести

Нов праг за независните кандидати на изборите, на 16 август итна седница во Собранието

Северна Македонија - Африм Гаши, претседател на Собранието на Република Северна Македонија, ги распишува локалните избори
Северна Македонија - Африм Гаши, претседател на Собранието на Република Северна Македонија, ги распишува локалните избори

Собранието за 16 август закажа седница чија единствена точка на дневен ред е Предлог на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка.

Со измените се предлага независните кандидати наместо со потписи од 1 процент од вкупниот број запишани избирачи во една Изборна единица, да можат за избори да се кандидираат со 0,95 проценти од вкупнозапишаните во една Изборна единица.

Тоа е за 0,05 отсто помалку од прагот што Уставниот суд во мај го прогласи за неуставен.

Предлагачи се пратениците Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, Бобан Карапејовски од ЗНАМ и Саранда Имери -Стафаи од коалицијата „Вреди“.

Седницата е закажана откако претседателот на Собранието веќе ги распиша локалните избори.

Претходно, Борис Кондарко, претседател на Државната изборна комисија (ДИК) изјави дека независните кандидати би можеле да поднесат листи на претстојните локални избори и без да собираат потписи.

„Согласно Уставот и Законот, секој има еднакво избирачко право да бира и да биде избран. Значи, ДИК нема право и никому не му го ускратува законското право за учество на избори. Членот 60 постои во Изборниот законик, тој е јавен и достапен за сите. Значи сите – и политички партии и коалиции и група избирачи, согласно членот 60, имаат право да учествуваат на изборите“,
изјави Кондарко.

Проблемот за независните настана откако минатата година беа донесени измени на Изборниот законик, со кои им се наметна повисок законски праг за да се кандидираат на избори. Имено, наместо 1.000 потписи од избирачи во конкретна изборна единица, на независните кандидати им беше наложено да обезбедат потписи од најмалку еден отсто од вкупниот број запишани избирачи, доколку станува збор за парламентарни избори.

Сакајќи да се осигураат дека ќе можат да настапат на изборите, независните граѓански иницијативи почнаа да собираат потписи за да формираат партии. За да се формира партија потребни се 1.000 потписи.

Заедничка партија ќе формираат граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“ и „Зелените од Гази Баба“. Посебна партија ќе формира граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“.

На локалните избори во 2021 година учествуваа 57 независни листи со кандидати за советници во 40 општини. Тие освоија вкупно 56.000 гласови.

Првиот круг за избор на градоначалници и членови на советите на 80 општини и на градот Скопје ќе се одржи на 19 октомври.



Норвешка ѝ дава 100 милиони долари на Украина за природен гас

Илустрација
Илустрација

Владата на Норвешка соопшти дека ѝ донира 1 милијарда круни (98,29 милиони долари) на Украина за да купи природен гас пред зимата, јави агенцијата Ројтерс.

Украина беше принудена да го зголеми увозот на гас откако руските ракетни напади ги оштетија производствените капацитети на истокот на земјата.

Аналитичарите велат дека украинските резерви на гас се на најниско ниво во последните 12 години, а капацитетите за складирање моментално се полни помалку од една третина, пренесе Ројтерс.

„Навремената и систематска помош што ја обезбедува норвешката влада е исклучително важна за обезбедување на енергетската безбедност на Украина“, изјави украинската министерка за енергетика, Свитлана Гринчук.

Добиените средства ќе ги користи државната енергетска компанија „Нафтогаз“ за купување природен гас на глобалниот пазар за да се создадат доволно резерви на гас пред грејната сезона, додаде таа.

Украинското министерство за енергетика соопшти дека на земјата ѝ се потребни околу 13 милијарди кубни метри гас во складиштето за зимската сезона.

Пожар кај Јажинце, привремено е затворен граничниот премин

Илустрација
Илустрација

Поради пожар затворен за сообраќај е патот Тетово - Јажинце кај село Рогачево, а затворен е и граничниот премин „Јажинце“ кон Косово.

„Во 15.15 часот патниот правец Тетово – Јажинце кај село Рогачево сообраќајот е запрен од страна на ПС од БПС Тетово, заради безбедност на возачите поради проширениот пожар во атарот на селата Рогачево и Јажинце, кој е во близина на пат“, соопшти Автомото сојузот на Македонија(АМСМ).

Сите противпожарни екипи од Тетово и две специјализирани возила на Дирекцијата за заштита се на терен и работат на заштита на имотите од огнот, соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Во готовност се и авион „Ер Трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување и хеликоптер на Министерството за внатрешни работи (МВР).

Надлежните институции ги повикаа граѓаните да ја избегнуваат областа и да ги ослободат патиштата за возилата на службите за итна интервенција.

Од МВР апелираат до граѓаните да не тргнуваат кон преминот „Јажинце“ додека да се изгасне пожарот и да се нормализира сообраќајот.

Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување, на прес-конференција на 15 август рече дека на територијата на државата сега има пет пожари на отворен простор, - два целосно изгаснати и три активни пожари.

Обединети нации: Најмалку 1.760 Палестинци се убиени во Газа додека барале помош

Газа - Раселени Палестинци, 28 јули 2025 година.
Газа - Раселени Палестинци, 28 јули 2025 година.

Најмалку 1.760 Палестинци се убиени додека барале помош во Газа од крајот на мај, што е скок од неколку стотици од последната објавена бројка на почетокот на август, соопшти Канцеларијата на Обединетите нации (ОН) за човекови права, јави агенцијата АФП.

„Од 27 мај па сè до 13 август евидентиравме дека најмалку 1.760 Палестинци се убиени додека барале помош; 994 во близина на локациите на ГХФ (Хуманитарната фондација Газа) и 766 по патиштата на конвоите за снабдување. Повеќето од овие убиства се извршени од израелската војска“, се вели во соопштението на канцеларијата на ОН за палестинските територии.

Војната во Појасот Газа започна со напад на Хамас, прогласен за терористичка организација од САД и ЕУ, врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година, кога милитантите убија околу 1.200 луѓе и киднапираа 251, според израелските бројки.

Последователните израелски офанзиви во Појасот Газа убиле повеќе од 61.000 луѓе, според Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас.

Руска ракета го погоди украинскиот регион Дњепропетровск

УКРАИНА -- Последиците од руски напад врз болница во Камјанске, Дњепропетровска област, 29 јули 2025 година
УКРАИНА -- Последиците од руски напад врз болница во Камјанске, Дњепропетровска област, 29 јули 2025 година

Русија лансираше балистичка ракета во украинскиот регион Дњепропетровск во петокот, 15 август, повредувајќи најмалку едно лице и предизвикувајќи пожар, јави агенцијата Ројтерс.

Нападот се случи неколку часа пред планираниот самит меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска, на кој ќе се разговара за договор за прекин на огнот во Украина.

Градот Дњепар е логистички центар за украинските сили, а регионот Дњепропетровск се граничи со борбената зона и редовно е гранатиран од руските сили.

Објавувајќи ја локацијата на самитот, Трамп рече дека неговите разговори со Путин ќе се фокусираат на решавање на 45-месечниот конфликт меѓу Русија и Украина, најголем во Европа од крајот на Втората светска војна.

Русија почна инвазија врз Украина на 24 февруари 2022 година.

Муцунски: Одлуката на Уставниот суд нема да влијае врз Преговарачката рамка

Северна Македонија - Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи на Република Северна Македонија
Северна Македонија - Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи на Република Северна Македонија

Каква и да биде одлуката на Уставиот суд, тоа нема да влијае врз реализација на нашата стратешка цел, ниту ќе влијае на каков било начин врз содржината на Преговарачката рамка, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, за иницијативата пред Уставен суд за вториот протокол со Бугарија.

Уставниот суд пред неколку дена формираше предмет во кој е оспорен Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија од 17 јули 2022 година во Софија. Во тек е претходна постапка во која се испитуваат податоците и известувањата потребни за донесување на одлука.

„По однос на нашите релации со ЕУ не мислам дека самата одлука на Уставниот суд, каква и да биде, ќе влијае по однос на тоа што го работиме во последниот период. Прво, нашата Влада докажува на дело дека е посветена кон процесот на европска интеграција и преку нашето дејствување на надворешно политички план, но и преку она што го правиме дома“, рече Муцунски.

Во однос на тоа дали Протоколот со Бугарија може да биде прогласен за ништовен и дали може да се доведе во прашање и Договорот за добрососедство со Бугарија, Муцунски рече дека ќе се воздржи од коментар, бидејќи веќе има постапка пред Уставниот суд, и доколку го дадам својот став „некој може да се обиде да го толкува како влијание, макар и јавно, врз работата на Уставниот суд“.

Претходно, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека „апсолутно ние никогаш нема да се повлечеме од преговорите со ЕУ, тоа не е цел на оваа Влада, напротив наша цел е да бидеме дел од ЕУ“.

Подносител на иницијативата е поранешната пратеничка и претседателка на ДОМ Лилјана Поповска, која наведува дека со оспорениот Протокол е прекршен Уставот и тврди дека има несоодветна форма и содржина, дека излегува надвор од рамките на правен акт кој обработува еден член од Договор меѓу две земји и произведува штетни дејствија врз идентитетските прашања за македонскиот народ, јазик и држава.

Поповска бара поништување на Протоколот и наведува дека поништувањето е издржано согласно Виенската конвенција за договорното право(1969) со која е овозможено поништување во случај кога е во спротивност со императивната норма на општото меѓународно право, што таа го толкува и во овој случај.

Во иницијативата, како што информираат од Уставен, е наведено дека Протоколот не е полноправен акт потврден од Парламентот, туку останува само записник од состанок на Меѓувладина комисија.

Протоколот беше потпишан во Софија за време на вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија меѓу Северна Македонија и Бугарија од страна на поранешните министри за надворешни работи на двете земји, Бујар Османи и Теодора Генчовска.

По потпишувањето, Османи тогаш кажа дека за земјава биле важни три работи и тоа: Протоколот да не биде дел од преговарачката рамка, македонскиот јазик да биде чист во комуникацијата со ЕУ и историските прашања да се надвор од преговорите.

Државјани на Хрватска и на Словенија меѓу приведените по нередите во Србија

Србија - Ивица Дачиќ, министер за внатрешни работи на Србија, на прес-конференција во Белград по масовните антивладини протести
Србија - Ивица Дачиќ, министер за внатрешни работи на Србија, на прес-конференција во Белград по масовните антивладини протести

Вкупно 114 лица се приведени по инцидентите на протестите низ цела Србија. Меѓу нив има тројца странски државјани, од Хрватска, Словенија и Италија, рече српскиот министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ на прес-конференција во петокот, ден по протестите за време на кои избувнаа судири меѓу демонстрантите и поддржувачите на владата

„Што прави хрватски државјанин на протест и ја напаѓа жандармеријата? Замислете некоја српска банда од тука да отиде во Загреб и да ја нападне нивната полиција“, рече Дачиќ.

Тој кажа дека приведен е словенечки државјанин од српско потекло и дека „ги завршил своите разузнавачки студии во САД“.

„Толку за отсуството на странска вмешаност“, додаде тој.

Трета ноќ инциденти на протестите во Србија
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:31 0:00

Според министерот, 75 полицајци биле повредени за време на немирите во четвртокот вечерта. Досега се поднесени 34 кривични и 28 прекршочни пријави.

Дачиќ кажа дека во претходните три дена, 121 полицаец бил повреден во инциденти на протестите низ цела Србија, од кои девет сериозно.

Три ноќи по ред, во градовите низ Србија се организираат антивладини протести, а паралелно се собираат и поддржувачи на владата. Притоа се случија неколку инциденти.

Антивладините протести во Србија, предводени од студенти, траат повеќе од девет месеци. Тие кои протестираат ја сметаат власта за за одговорна за смртта на 16 лица кога се урна настрешница на железничка станица во Нови Сад на 1 ноември.

Владата ја негираше одговорноста за несреќата и одби да распише предвремени избори, што е едно од последните барања на организаторите на масовните протести.

Моди: Индија нема да толерира нуклеарна закана од Пакистан

Индискиот премиер Нарендра Моди
Индискиот премиер Нарендра Моди

Индискиот премиер Нарендра Моди денеска(15 август), по повод 78-годишнината од независноста на Индија од Велика Британија, предупреди дека Индија ќе го казни соседниот Пакистан доколку изврши нови напади.

Изјавата на Моди доаѓа три месеци по четири дена жестоки судири меѓу двата нуклеарно вооружени соперници.

Индискиот премиер, говорејќи на церемонија одржана во тврдина од 17 век во Њу Делхи, рече дека Индија воспоставила „нова нормалност“ која не прави разлика помеѓу „терористи“ и оние кои го поддржуваат тероризмот. Моди додаде дека нема да толерира „нуклеарна уцена“ од Исламабад.

„Индија одлучи дека нема да толерира нуклеарни закани. Нуклеарната уцена трае долго време, но оваа нема да се толерира сега“, рече тој.

Пакистанските власти сè уште не одговорија на изјавите на Моди, но Исламабад претходно ги отфрли обвинувањата на Индија за нуклеарна уцена како провокативни и провокативни.

Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф вчера објави создавање нова ракетна команда за зајакнување на одбранбените капацитети на земјата. Шариф го објави ова во говорот по повод Денот на независноста, но не даде дополнителни детали.

Индија ја слави својата независност од британската колонијална власт еден ден по Пакистан.

Двете земји беа формирани по крвавата поделба на Британска Индија во 1947 година, процес што доведе до насилство во кое загинаа стотици илјади луѓе и беа раселени 12 милиони.

Последниот четиридневен застој меѓу Индија и Пакистан започна во мај откако вооружени лица убија 26 претежно индиски туристи во Кашмир, кој е под контрола на Индија, за што Њу Делхи ги обвини милитантите поддржани од Исламабад.

Пакистан негираше одговорност, повикувајќи на неутрална истрага.

Уапсени опозицискиот градоначалник во Истанбул и неговите соработници

илустрација
илустрација

Турските власти го уапсија градоначалникот на општина Бејоглу во Истанбул, заедно со околу 40 други функционери, како дел од истрагата за корупција.

Апсењата се дел од поширока кампања што критичарите ја гледаат како обид на властите да го ослабат влијанието на Републиканската народна партија (ЦХП), главната опозициска партија во земјата.

Според извештајот на државната новинска агенција Анадолу, градоначалникот Инан Гунеј од редовите на опозицијата е приведен под сомнение за коруптивни активности. Турските медиуми известуваат дека меѓу уапсените се неговиот телохранител, советник и неколку помошници.

Општината Бејоглу е управувана од ЦХП, партија која значително го прошири своето политичко влијание во последните години, особено во урбаните средини. Оваа година, општините управувани од ЦХП доживеаја бројни апсења - почнувајќи со апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, во март.

Имамоглу, еден од најистакнатите опозициски фигури и актуелен градоначалник на Истанбул, се смета за главен предизвикувач на дведецениското владеење на претседателот Реџеп Таип Ердоган. Тој веќе е потврден како кандидат на ЦХП за претседателските избори во 2028 година.

Критичарите тврдат дека законските мерки против опозициските функционери се политички мотивирани, со цел да се ослабне растечкото влијание на ЦХП. Од друга страна, владата на Ердоган инсистира судовите да дејствуваат независно и без политичко влијание.

ЦХП го презеде Истанбул и неколку други големи градови во 2019 година, а дополнително го прошири своето влијание на локалните избори одржани минатата година.

Апсењето на Имамоглу ги предизвика најголемите протести во Турција за повеќе од една деценија, дополнително илустрирајќи ја длабоката политичка поделба во Турција.

Мицкоски: Никогаш нема да се повлечеме од преговори со ЕУ

Христијан Мицкоски, премиер на РСМ
Христијан Мицкоски, премиер на РСМ

Апсолутно ние никогаш нема да се повлечеме од преговорите со ЕУ, изјави денеска (15 август) премиерот Христијан Мицкоски, запрашан за коментар околу иницијавата поднесена од поранешната пратеничка и претседателка на ДОМ Лилјана Поповска до Уставниот суд за оспорување на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија. Пред неколку дена Уставен отвори предмет за оваа иницијатива.

Премиерот Мицкоски кој присуствуваше присуствуваше на презентацијата на новопристигнатата опрема од САД во касарната „Јане Сандански“ во Штип, при што упати порака дека е најдобро да се почека одлуката на Судот.

„Апсолутно ние никогаш нема да се повлечеме од преговорите со ЕУ, тоа не е цел на оваа Влада, напротив наша цел е да бидеме дел од ЕУ. Околу поднесокот на поранешната пратеничка Поповска таа треба да ви даде одговор, да почекаме Уставниот суд да донесе конечна одлука поврзана со таа иницијатива“, рече Мицкоски.

Уставниот суд завчера информираше дека е формиран предмет во кој е оспорен Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија донесен на 17.07.2022 година во Софија, за кој во тек е претходна постапка во која се испитуваат податоците и известувањата потребни за донесување на одлука.

Подносител на иницијативата е поранешната пратеничка и претседателка на ДОМ Лилјана Поповска, која наведува дека со оспорениот Протокол е прекршен Уставот и тврди дека има несоодветна форма и содржина, дека излегува надвор од рамките на правен акт кој обработува еден член од Договор меѓу две земји и произведува штетни дејствија врз идентитетските прашања за македонскиот народ, јазик и држава.

Поповска бара поништување на Протоколот и наведува дека поништувањето е издржано согласно Виенската конвенција за договорното право(1969) со која е овозможено поништување во случај кога е во спротивност со императивната норма на општото меѓународно право, што таа го толкува и во овој случај.

Во иницијативата, како што информираат од Уставен, е наведено дека Протоколот не е полноправен акт потврден од Парламентот, туку останува само записник од состанок на Меѓувладина комисија.

Протоколот беше потпишан во Софија за време на вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија меѓу Северна Македонија и Бугарија од страна на поранешните министри за надворешни работи на двете земји, Бујар Османи и Теодора Генчовска.

По потпишувањето, Османи тогаш кажа дека за земјава биле важни три работи и тоа: Протоколот да не биде дел од преговарачката рамка, македонскиот јазик да биде чист во комуникацијата со ЕУ и историските прашања да се надвор од преговорите.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG