Вести
Бебе родено со 665 грама си оди дома по два месеци поминати на ГАК

Предвреме родено бебе со само 665 грама, по поминати повеќе од два месеци во болница, денеска е пуштено од Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје (ГАК), соопштија од Министерството за здравство.
Женското бебе е родено во 29 гестациска недела. Тоа по 67 дена поминати на неонатолошките интензивни одделенија во ГАК денеска тежи 2.190 грама и е испишано од болница.
Трудницата бил хоспитализирана три дена пред раѓањето на бебето - на 5 октомври и во тој период била подложена на предродилен мониторинг и третман.
„Бременоста и била оптоварена со повеќе ризици, вклучувајќи го слабиот раст и развој на фетусот, односно на плодот во утробата на мајката“, се наведува во соопштението од Министерството.
Во земјава во изминатите четири години се постигнати значајни резултати во намалување на вкупната смртноста на родените бебиња, соопшти Министерството за здравство.
„Процентот на преживување на предвремени бебиња значајно се зголеми, односно смртноста од 2016 година кога беше 25 проценти, сега е 8,9 отсто“, се наведува во соопштението.
види ги сите денешни вести
ДЗР: Се очекува стабилизирање на пожарите во Јасен и Јагуновце

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информира дека во текот на вчерашниот ден биле евидентирани повеќе од 20 пожари на отворен простор низ државата, од кои два се оценети како најсериозни.
„Најтешкиот пожар е оној во Јасен, но предмалку изгубивме контрола и на еден крак од пожарот во Јегуновце, кој гори на рид каде што има неколку репетитори. Репетиторите се успешно спасени и остануваат функционални, но пожарот е сè уште активен“, изјави Ангелов.
На терен дејствува еден полициски хеликоптер, а според проценките на Дирекцијата, се очекува пожарот во Јегуновце да биде ставен под целосна контрола во текот на денешниот ден (15 август).
Северна Македонија и ова лето се справува со зголемен број пожари на отворено.
На територијата на цела држава е прогласена кризна состојба, која Владата на седница на 7 август ја продолжи за нови 30 дена.
За да се зајакнат капацитетите во справување со пожарите, Дирекцијата за заштита и спасување преку општините потпиша договори со 352 граѓани што се пријавија на неодамнешниот повик за обука на пожарникари.
Училишниот прибор со пониски цени за 10 и 15 проценти

Од денеска (15 август) почнува кампањата на Владата за намалување на цените на училишниот прибор за 10 и 15 проценти. Владата на последната седница донесе одлука и ги задолжи трговците да ги намалат цените за најмалку 10 и 15 проценти и таа ќе важи од 15 август до 15 септември.
Како што наведува владината прес-служба, одлуката е донесена поради тоа што „дел од трговците пред почетокот на новата учебна година енормно ги зголемуваат цените на училишниот прибор, со што директно влијаат за зголемување на трошоците на семејниот буџет на илјадници граѓани“.
„Трговците на големо ќе го намалат училишниот материјал за најмалку 10 проценти, додека во трговија на мало за најмалку 15 проценти. Со оваа одлука се намалуваат цените на ранци и ташни, тетратки, блокови, колажи, моливи и пенкала (економични, пластични), дрвени и мрсни бои, пластелин, теста за моделирање, подлоги, фломастери и текст маркери, темперни, акрилни, водени бои и четки, линијари и дидактички материјали, острилки и гуми за бришење, детски ножици, футроли и етуи, лепило, шестар, дигитрони, украсна хартија, папки и картонски ташни и материјали за изработка, како и други производи потребни за учениците, што ќе значи пониски цени и пристапност за сите наши граѓани“, соопшти Владата.
Исто така, трговците се должни покрај новата намалена цена на производите, да ја објават и старата цена која важела на 1 јуни 2025.
Од Владата апелираат да не се прават обиди за изигрување на одлуката, бидејќи како што велат, Државната пазарна инспекција ќе следи на терен дали таа се почитува.
Во спротивно ќе следуваат санкции, бидејќи секоја одлука донесена во интерес на граѓаните мора да се применува, се наведува во владиното соопштение.
Со ова не само што цените на училишниот прибор драстично ќе се намалат, нагласува Владата, „туку и според одредени анализи, би се преполовиле трошоците на илјадници семејства што имаат ученици“.
Сибиха: Никакви одлуки во врска со мирот не можат да се донесат без Украина

Мировните одлуки не можат да се донесат без Украина, а преговорите можат да дадат резултати само откако ќе се постигне прекин на огнот, изјави украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, пред средбата меѓу рускиот и американскиот претседател Владимир Путин и Доналд Трамп во Алјаска.
Тој истакна дека ставот на Украина и нејзините партнери на патот кон мирот е принципиелен и јасен и дека не може да се утврди без Киев, пренесуваат украинските медиуми.
„Никој не сака мир повеќе од Украинците. Никој не сака мир повеќе од Европејците. Но, Русија ја гледа својата главна цел во водењето војна. Русија претпочита да гради нови ѕидови на нашиот пат кон праведен и траен мир. Таа сака да ја запечати нашата слобода“, напиша Сибиха во објава на платформата „X“.
Тој додаде дека само преку единство, кое е „посилно од рускиот империјализам“, може да се постигне достоинствен мир изграден врз сигурна безбедност.
Претседателите на Соединетите Држави и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, ќе се сретнат денеска во Алјаска, најголемата и најоддалечената американска држава, за да разговараат за прекин на војната во Украина.
Средбата на 15 август меѓу двајцата лидери, нивна прва откако Трамп се врати на претседателската функција во јануари, би можела да ги преобликува не само идните граници на Украина, туку и европската безбедност, без ниту Киев ниту Брисел да имаат збор.
Демолирани простории на СНС, солзавец и судири на протестите низ Србија

Повеќе инциденти беа регистрирани на антивладините протести кои на 14 август се случија ширум Србија, а на кои повикаа студенти кои со месеци ги блокираат високообразовните институции.
Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека најмалку 42 полицајци биле повредени во протестите, од кои неколку сериозно и дека 37 лица биле приведени.
„Вечерва имаше масовно и сериозно нарушување на јавниот ред и мир низ цела Србија од страна на блокадерите. Бидејќи немаше поддржувачи во простории на СНС, полицијата беше брутално нападната вечерва, а полицијата го одржува јавниот ред и мир“, рече Дачиќ.
Тој додаде дека некои полицајци се тешко повредени и дека меѓу приведените е и 23-годишен хрватски државјанин кој ја нападнал жандармеријата.
„Толку за фактот дека протестите немаат никаква врска со надворешен фактор“, рече Дачиќ.
Според него, полицијата користела хемиски средства за да се одбрани, како и за да ги брани интересите на државата, а не за да брани која било страна.
Просториите на Српска напредна странка (СНС) беа демолирани на три локации во Нови Сад, што беше осудено од српскиот претседател Александар Вучиќ кој рече дека сите што биле насилни ќе бидат повикани на одговорност.
„Државата се уште има многу работа, ќе има уште многу апсења. Сакам да им се извинам на сите оние луѓе кои ми велат дека е време за вонредна состојба, дека е време да се укинат ТВ Н1 и Нова С, дека е време да се изнесе војската на улица...Сакам да знаат дека ќе го одмерам секој потег со моите сојузници, но дека нема да ја доведам Србија во позиција каде што државата би била дупка на нечиј тепих. Владеењето на правото ќе мора да функционира“, рече тој.
Тој ги повика граѓаните да останат смирени и додаде дека „сè што се случува вечерва е организирано однадвор“.
Пратеникот од Партијата за слобода и правда, Пеѓа Митровиќ кој синоќа бил претепан со палки во Белград, изјави дека бил нападнат од седум или осум маскирани хулигани без очигледна причина. Тој изјави дека, иако им кажал дека е пратеник, тие брутално го претепале по главата и телото.
Во Белград, полицијата ги потисна граѓаните подалеку од плоштадот во близина на просторите на СНС на улицата „Кнез Милош“ откако група демонстранти и поддржувачи на владата почнаа да фрлаат пиротехнички средства и топови, објави Бета.
За време на инцидентот беше фрлен и солзавец, објави репортер на РСЕ.
Демонстрантите и поддржувачите кај Владата фрлаа петарди и шишиња кон полицијата.
Порано вечерва, неколку полициски кордони со опрема за разбивање на демонстрации ги раздвоија учесниците на протестот што започна пред Генералштабот од поддржувачите на владата.
Меѓу поддржувачите на владата, кои бројат околу стотина, имаше и мал број целосно маскирани млади мажи, објави Бета.
На протестот во Ниш, пак, имаше помали инциденти кога демонстрантите фрлаа јајца кон полицијата, пренесе телевизијата N1.
Во Краљево, граѓаните стигнаа до просториите на Српска напредна странка (СНС), како што објави N1, а полицијата ја блокираше улицата каде што се наоѓаат просториите на СНС и полициската станица.
Полицијата го блокираше и пристапот до просториите на СНС во Лесковац.
Неколку стотици граѓани протестираа и во Горњи Милановац спроти просториите на Српската напредна партија (СНС), а полициски кордон го блокираше приодот, јави агенцијата Бета.
Протести се одржаа и во Врбас, Смедерево, Крушевац...
Вчера, на протестите во десетици српски градови се случија неколку инциденти и судири меѓу антивладините демонстранти и поддржувачите на владата.
Владини претставници, предводени од српскиот претседател Александар Вучиќ, ги обвинија демонстрантите дека предизвикуваат немири и напади врз просториите на владејачката партија. Од друга страна, учесниците во демонстрациите ги обвинија активистите на СНС дека ги нападнале со пиротехнички средства, а ја обвинија и полицијата дека не реагирала.
Антивладините протести во Србија, предводени од студенти, траат повеќе од девет месеци. Тие од власта бараат одговорност за смртта на 16 лица при уривањето на главната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември.
Трамп вели дека Путин е подготвен за договор, Зеленски доби поддршка од Стармер

Рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да постигне договор за војната во Украина, изјави американскиот претседател Доналд Трамп денеска (14 август), пред самитот меѓу двајцата светски лидери во Алјаска.
Трамп изјави за радио „Фокс њуз“ дека верува оти Путин е „уверен дека ќе постигнат договор“ на самитот, кој ќе се одржи во воздухопловната база Елмендорф-Ричардсон во близина на Анкориџ, Алјаска.
„Ќе има договор. Мислам дека ќе има и ние ќе дознаеме за тоа“, рече Трамп.
Во Москва, Путин ги пофали напорите на Трамп да ја заврши војната во кратко видео објавено од Кремљ, додавајќи дека Белата куќа вложува „прилично енергични и искрени напори за запирање на непријателствата“ и „постигнување договори што се во интерес на сите вклучени страни“.
Часови пред изјавата на Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски беше во Лондон за да разговара за безбедноста со британскиот премиер Кир Стармер.
„Во секој случај, Украина ќе ја задржи својата сила“, рече Зеленски по состанокот во резиденцијата на премиерот во центарот на Лондон.
„Детално ги разгледавме безбедносните гаранции што можат да го направат мирот навистина траен“, додаде тој, сугерирајќи дека таква можност би можела да се појави ако САД успеат да „извршат притисок врз Русија да го запре убивањето“.
Посетата на Зеленски на Лондон следеше по неговата посета на Берлин во средата (13 август), каде што присуствуваше на видеоконференција со неколку големи европски лидери кои стравуваа дека ќе бидат тргнати настрана од Трамп и Путин.
Трамп се чини дека се обиде да ги смири тие стравувања, велејќи во интервјуто за Фокс њуз дека „во зависност од тоа што ќе се случи“ за време на неговата средба со Путин, можеби ќе се јави на Зеленски за брзо да закаже втор состанок на кој ќе учествуваат сите тројца лидери.
„Вториот состанок ќе биде многу, многу важен, бидејќи ќе биде состанок каде што ќе постигнат договор. И не сакам да го користам изразот да се „поделат работите“, но знаете, до одреден степен, тоа не е лош термин, во ред“, додаде тој.
Зеленски рече дека го предупредил Трамп за време на повикот во средата дека Путин „блефира“ за неговата желба да ја заврши војната.
Трамп ја предупреди Русија за „многу сериозни последици“ ако не ја запре војната во Украина, но сè уште постојат стравувања дека исклучувањето на Киев и Брисел од разговорите би можело да ја задуши нивната желба да ги заштитат фундаменталните европски и украински безбедносни интереси.
Американскиот претседател не ги објасни последиците со кои би можела да се соочи Москва ако не ја заврши војната во Украина, но рече дека целта на разговорите во Алјаска е „да се заврши војната“.
Регистрирани 10 сериозни инциденти против новинари на српските протести

Медиумските организации од Србија и регионот денеска (14 август) објавија дека за време на демонстрациите претходниот ден, регистрирани се 10 сериозни инциденти против новинари кои известуваат од терен - од физички напади и навреди до уништување на опрема.
Според соопштението, издадено ден по уличните немири и судирите меѓу антивладините демонстранти и поддржувачите на владејачката Српска напредна странка (СНС), нападите врз медиумските работници дошле „и од граѓани и од полицајци, кои не само што не успеале да го спречат насилството, туку во многу случаи и самите го извршиле“.
„Претходната ноќ, дури шест од десет случаи на напади биле извршени од полицајци. Наместо да ги заштитат новинарите и да ја обезбедат нивната работа, властите одговорни за заштита стануваат директни сторители на насилство, игнорирајќи ги своите законски обврски“, се вели во соопштението кое е потпишано од 15 новинарски здруженија.
Потписниците ги повикуваат полицијата и јавното обвинителство итно да ги обработат и решат сите напади и закани врз новинари, без оглед на тоа кој ги извршил нападите.
Тие потсетуваат дека во 2016 година беше потпишан Договор за соработка со Републичкото јавно обвинителство и Министерството за внатрешни работи, чија главна цел беше да се обезбеди повисоко ниво на заштита на новинарите и медиумските работници.
„Сепак, во ситуација кога речиси секој ден сме сведоци на брутални и неоправдани полициски акции против новинари на улиците, станува очигледно дека институциите кои се обврзаа да ги заштитат сега отворено ги игнорираат сопствените ветувања и законите на оваа земја“, се вели во соопштението.
Протести беа одржани во Нови Сад, Белград, Ниш и неколку други градови во Србија на 13 август, пред или во близина на ограноците на владејачката партија. Под слоганот „Србија, разбуди се“, граѓаните се собраа како одговор на насилството извршено од поддржувачите на СНС врз граѓаните на претходните протести, главно во Војводина.
Владини претставници, предводени од српскиот претседател Александар Вучиќ, ги обвинија демонстрантите дека предизвикуваат немири и напади врз просториите на владејачката партија. Од друга страна, учесниците во демонстрациите ги обвинија активистите на СНС дека ги нападнале со пиротехнички средства, а ја обвинија и полицијата дека не реагирала.
Антивладините протести во Србија, предводени од студенти, траат повеќе од девет месеци. Тие од власта бараат одговорност за смртта на 16 лица при уривањето на главната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември.
Пријава за лице од Крива Паланка кое влечело куче со возило

Поднесена е пријава за лице од Крива Паланка кое влечело куче со возило, информираат попладнево од Министерството за внатрешни работи.
„Вчера во 14:45 часот во ОВР - Крива Паланка бил извршен службен разговор со З.М., на возраст од 59 години, затоа што на магистралниот пат село Жидилово - Крива Паланка на патничко моторно возило 'фиат панда' врзал куче и го влечел. По целосно документирање на случајот, против З.М. поднесена е соодветна пријава“, појаснуваат од МВР.
Фотографии споделувани на социјалните мрежи предизвикаа реакции во јавноста и беа упатени повици за построги санкции за вакви и слични дела.
Минатиот месец основниот кривичен суд во Скопје ги прогласи за виновни Љубе Крстевски и Бранко Билбиловски за убиство на кучето Феликс, кое почина на 7 јануари 2025 година од последици на нанесените повреди.
Делото беше квалификувано според член 233 став 1 од Кривичниот законик, кој предвидува парична казна или затвор до три години за оној што ќе усмрти животно без причина или ќе го изложи на непотребни маки и болки.
Ова беше прва пресуда со затворска казна за овој вид кривично дело.
Заштеда од 800 до 2.000 денари по ученик со „Училишната кошница“, очекува Ристески

Од утре (15 август) стапува на сила мерката позната како „Училишна кошница“, односно одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки, која до 15 септември ќе ги опфати трговците на мало и на големо кои продаваат училиштен прибор.
Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески очекува слични резултати како лани, кога оваа мерка беше спроведена прв пат.
„Минатата година со спроведувањето на оваа мерка според нашите податоци имавме заштеда од 750 до 2.000 денари по ученик, а годинава очекуваме заштедата да се движи од 800 до 2.000 денари“, рече тој.
Ристески појасни дека со оваа одлука цените на производите кои ги користат учениците се враќаат на нивото од 1 јуни и за нив се дава попуст од најмалку 10 проценти во трговијата на големо и најмалку 15 проценти во трговијата на мало.
Заменик-министерот ги потсети трговците дека имаат обврска навремено да ги информираат потрошувачите за малопродажните цени на артиклите преку јасно означување со натписи „Помалку трошоци, повеќе за тебе”, како и јасно да ја означат старата цена која важела на 1 јуни годинава и да ја истакнат на новата цена со попуст.
Контрола на спроведувањето на одлуката на терен ќе прават инспекторите од Државниот пазарен инспекторат.
Над 330 медиуми пријавени за платено политичко рекламирање за локалните избори

Вкупно 333 медиуми доставиле пријава за платено политичко рекламирање за локалните избори кои ќе се одржат на 19 октомври до Државната изборна комисија (ДИК).
Сепак, од Комисија нагласуваат дека списокот не е конечен бидејќи барањата се проверуваат, а вечерва на полноќ истекува и рокот за доставување на ценовниците кои треба да се потврдат и објават на веб страницата на ДИК најдоцна на 24 август.
Според информациите на агенцијата МИА, за платено политичко рекламирање се пријавиле најмногу интернет портали - 257, а надвор од рокот тоа го направиле четири портали. Во рокот се пријавиле и 43 радиостаници, 33 телевизии и осум печатени медиуми.
Инаку, од 17 милиони евра вкупно планирани за двојните избори кои се одржаа во мај минатата година, 60 проценти беа наменети за медиумите за платени политички реклами за време на изборната кампања. Од нив една четвртина или 10,6 милиони евра беа за порталите и печатените медиуми, а поголемиот дел или 75% од за телевизиите и радијата.
Со објавата на регистарот на портали се отвори можност еден портал да добие вкупно најмногу 30 илјади евра за објавување на платена политичка реклама. Односно по максимални 15 илјади евра за претседателските избори и 15 илјади евра за парламентарните избори.
Пред ланските избори вкупно 249 портали беа заинтересирани за платено политичко рекламирање, што тогаш се сметаше за рекорден број.
На локалните избори во 2021 година, пак, се пријавиле вкупно 176 портали, додека на парламентарните во 2020 година имаше вкупно 235 пријавени портали.
До 500 милиони долари од Германија за американско оружје за Украина

Германија најави дека ќе обезбеди до 500 милиони долари за набавка на американска воена опрема за Украина, јави германската новинска агенција ДПА.
Министерството за одбрана и Министерството за надворешни работи во соопштението од 13 август наведоа дека помошта ќе се координира преку НАТО-механизмот „Листа на приоритетни потреби на Украина“.
НАТО го надгледува доставувањето на оружјето за Украина купено во САД, а финансирањето доаѓа од европските партнери и Канада.
„Германија е најголемиот европски донатор на воена помош за Украина, а оваа најава уште еднаш ја потврдува нејзината посветеност за одбрана на слободата и суверенитетот на украинскиот народ“, изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте синоќа.
Според НАТО, помошта ќе опфати воена опрема која или не може да се произведе во Европа или може да се испорача побрзо од САД отколку од европските сојузници или Канада.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете