Достапни линкови

Вести

Димитров - Ако Грција нè пушти во НАТО, ќе има клима за решавање на името

Архивска фотографија - Средба Никола Димитров и Никос Коѕиас во Атина, 14,06, 2017.
Архивска фотографија - Средба Никола Димитров и Никос Коѕиас во Атина, 14,06, 2017.

Ако Грција не ја блокира Македонија за влез во НАТО, ќе се создаде многу позитивна клима за решавање на спорот за името. Тоа ќе се одрази позитивно и на регионот, кој во последните месеци, ако не и во последните години, не е во најдобра ситуација, вели министерот за надворешни работи, Никола Димитров во интервју за телевизјата Н1, дадено во Дубровник за време на самитот на ПСЈИЕ.

Димитров вели дека оваа Македонија, која тој ја претставува им пристапува на своите соседи без предрасуди и страв. Затоа и неговата прва службена посета била на Атина, оти како што вели, таму е изворот на најголеми проблеми за Македонија, а задачата на дипломатијата е да решава проблеми, да отвора затворени врати, да стекнува нови пријателства и да ги зајакнува постоечките.

Тој вели дека од грчките власти добил одговор дека не се подготвени да дадат зелено светло за членството на Македонија, според одредбите на референтната рамка на ОН, но министерот вели дека им пренел оти македонската страна нема да престане да се обидува да ги убедува на пристоен начин и со позитивни пораки.

Спорот меѓу Македонија и Грција е долготраен и министерот за надворешни работи, не може да даде одговор дали ова прашање ќе биде затворено за време на мандатот на оваа Влада.

„Мора да работиме и на домашен план, бидејќи ова прашање е исклучително важно за македонскиот идентитет, тоа не е потребно да се нагласува посебно. Затоа, треба да создаваме соработка на сите клучни политички актери и национален консензус во инклузивниот процес, вели тој.

Димитров признава дека тој процес нема да биде лесен, особено по 27 април, кога како што вели полицијата следеше партиски заповеди, а не постапи според Уставот и Парламентот.

види ги сите денешни вести

Израел напаѓа цели на Хезболах во јужен Либан

Израелско бомбардирање во јужен Либан, август 2025 година.
Израелско бомбардирање во јужен Либан, август 2025 година.

Израел започна нови воздушни напади врз воените цели на Хезболах во јужен Либан за да ја спречи милитантната група да се прегрупира во тој дел на земјата, јави агенцијата Ројтерс.

Соединетите Американски Држави (САД) во ноември минатата година посредуваа во примирје меѓу Либан и Израел по повеќе од една година конфликт предизвикан од војната во Газа, но Израел продолжи спорадично да го напаѓа Хезболах, кој го поддржува Иран преку границата.

Хезболах е означена како терористичка група од страна на САД, додека Европската Унија го стави на црна листа военото крило на либанската група, но не и нејзината политичка партија.

Израелската војска во соопштение потврди дека спроведува неодредени напади, откако претходно изјави дека ќе ја таргетира воената инфраструктура на Хезболах „како одговор на нелегалните напори на групата за повторно воспоставување активности во областа“.

Војската ги предупреди жителите на три села да се евакуираат.

Либанската државна новинска агенција ННА ги потврди нападите во областа. Немаше коментар од Хезболах, ниту пак извештаи за штети или за жртви.

Либанскиот премиер Наваф Салам рече дека предупредувањето за евакуација е спротивно на меѓународните мировни напори.

Либанската влада е посветена на прекинување на непријателствата и е ангажирана да обезбеди спроведување на резолуцијата на Обединетите Нации со која се стави крај на борбите меѓу Хезболах и Израел во 2006 година, напиша Салам во објава на мрежата Икс.

Либан е под притисок од САД, Саудиска Арабија и внатрешните соперници на Хезболах да ја разоружа групата.

Хезболах соопшти дека би бил „многу погрешен чекор“ дури и да се разговара за разоружување додека Израел продолжува со воздушните напади врз Либан и окупира големи делови од земјата на југ.

Протести во Србија за поддршка на студентот кој во притвор штрајкува со глад

Србија - Протест за поддршка на студентот Богдан Јовичиќ пред Правниот факултет во Белград, 18 септември 2025 година.
Србија - Протест за поддршка на студентот Богдан Јовичиќ пред Правниот факултет во Белград, 18 септември 2025 година.

Во неколку градови во Србија има протести на повик на студентите во блокадата за поддршка на Богдан Јовичиќ, студент на Факултетот за природни науки во Нови Сад, кого српското обвинителство го обвини за насилно однесување и кој штрајкува со глад во притвор.

Студентите и граѓаните бараат Јовичиќ да биде ослободен.

Протестната прошетка во Белград се одржува на две локации - во Нов Белград и во центарот на градот.

Во Нови Сад, граѓаните и студентите се собраа на универзитетскиот кампус.

Јовичиќ е во притвор од средината на август, по протестот во Нови Сад кога беа демолирани просториите на владејачката Српска напредна партија.

Тој штрајкуваше со глад на 12 септември откако му беше продолжен притворот. Пет дена подоцна, беше префрлен од Нови Сад во затворската болница во Белград.

Додека студентот Јовичиќ беше во притвор, неговиот татко почина. Видеата од погребот објавени на социјалните мрежи, каде што може да се види студентот Богдан Јовичиќ како стои до ковчегот со врзани нозе, предизвикаа јавна осуда.

Управата за извршување на кривични санкции тврди дека Јовичиќ бил врзан со лисици на погребот за да не избега.

Управата објави и на 18 септември, со соопштение во кое наведува дека, по дијагнозата во Специјалната затворска болница, ќе се донесе одлука за понатамошната терапија на Јовичиќ.

Тие истакнуваат дека неговите витални параметри биле следени секојдневно, од моментот кога решил да штрајкува со глад на 12 септември - бидејќи, како што навел во писмена изјава, бил незадоволен од работата на судот.

Управата ги негираше обвинувањата дека Богдан имал нехуман третман за време на неговиот престој во притвор.

Митинзи во поддршка на студентот Богдан Јовичиќ беа одржани и во Нови Сад и Суботица на 18 септември.



Речиси 300 вработени на Факултетот за технички науки во Нови Сад објавија „Апел за одбрана на правата, слободата и достоинството“, со кој бараат студентот Богдан Јовичиќ да се брани од слобода.

Истото барање го упати и неформалната мрежа на професори, Академски пленум.

Во писмо до јавноста, Јовичиќ вели дека бара од институциите да дејствуваат во согласност со законот, а не со наредбите на режимот.

„Бидејќи очигледно сакаат да ме претстават како еден од најголемите непријатели на оваа земја, сметав дека ова е единствената форма на борба што ми преостанува“, напиша Јовичиќ.

Антивладините протести во Србија почнаа на 1 ноември минатата година, кога 16 лица загинаа при уривањето на настрешница на железничката станица во Нови Сад.

Стотици илјади граѓани се придружија на протестите, предводени од студенти кои го блокираа факултетот, со барање да се утврди одговорноста на властите за несреќата.

Владата ја негира вината и одбива и да распише предвремени парламентарни избори, што е последното барање на демонстрантите.

Оставка на Дмитриј Козак, долгогодишен соработник на Путин, кој наводно се противел на војната во Украина

Русија - Дмитриј Козак, долгогодишен близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин(лево) и претседателот на Русија, Владимир Путин (десно) 28 ноември 2013 година, за време на подготовките за Олимписките игри во Сочи.
Русија - Дмитриј Козак, долгогодишен близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин(лево) и претседателот на Русија, Владимир Путин (десно) 28 ноември 2013 година, за време на подготовките за Олимписките игри во Сочи.

Дмитриј Козак, долгогодишен близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин, кој наводно се противел на војната во Украина, поднесе оставка од функцијата заменик-шеф на моќната претседателска администрација.

Козак одлучил сам да си замине, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 18 септември.

Објавата следеше по денови на шпекулации за 66-годишниот Козак, кој е еден од најдолгогодишните соработници на Путин од почетокот на неговата политичка кариера во канцеларијата на градоначалникот на Санкт Петербург во 1990-тите години.

Заминувања на високи функционери од администрацијата или владата под Путин се ретки.

Неколку руски новински извештаи велат дека на Козак му била понудена позицијата на највисок функционер во Северозападниот федерален округ на Русија, но ја одбил.

Козак, роден во Украина, влезе во Кремљ кога Путин стана претседател во 2000 година и во текот на годините имаше неколку високи функции, вклучително и функцијата вицепремиер на која беше речиси 12 години.

Тој беше главниот човек на Кремљ за организирање на Зимските олимписки игри во Сочи во 2014 година, што Кремљ го сметаше за знак за враќање на Русија на светската сцена. Откако Москва го анектираше Кримскиот полуостров, САД и другите западни влади воведоа санкции против него.

Во 2020 година, Козак влезе во претседателската администрација, која игра моќна улога во Кремљ. Тој беше познат и како чест соговорник на западните амбасадори и претставници.

Некои аналитичари го гледаат заминувањето на Козак како нов сигнал дека е непожелно секое прашање за поддршка на војната против Украина.

Во месеците пред и во деновите веднаш по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, имаше извештаи за тивко противење или несогласување меѓу некои од блиските советници на Путин во врска со одлуката за инвазија.

Во деновите по инвазијата, Козак, кој беше назначен за клучен човек на Кремљ за украинското прашање, приватно му кажа на Путин дека се спротивставува на тоа, објави „Њујорк тајмс“.

Се вели дека Козак, исто така, разработил рамка за мировен договор со Украина што ќе одговори на неколку од приоритетните барања на Кремљ, објави „Ројтерс“. Путин го отфрли тој план.

Заминувањето на Козак е значајно не само поради неговиот долг мандат како човек наПутин - познато е дека Путин ја цени лојалноста пред сè - туку и поради релативно ретките случаи луѓе да го напуштаат Кремљ или владата, без разлика дали поради противење на војната или од други причини.

Други високи функционери за кои се знае декасе противеле на војната се претседателката на Централната банка, Елвира Набиулина, која наводно му ја поднела својата оставка на Путин, но Путин одбил да ја одобри.

Генералот Валериј Герасимов, кој ја надгледува војната во Украина, останува на позицијата началник на Генералштабот и покрај широко распространетото верување дека првите месеци од инвазијата на Украина беа катастрофа за руските вооружени сили.

Тој наполни 70 години минатата недела, далеку над вообичаената возраст за пензионирање за офицери.

Гласањето за новата албанска влада помина со тензии поради виртуелната министерка

Еди Рама, премиер на Албанија
Еди Рама, премиер на Албанија

Пратениците во албанскиот парламент го усвоија составот и програмата на новата влада, која ќе ја предводи Еди Рама по четврти пат, во гласање проследено со тензии околу министерката генерирана со вештачка интелигенција, наречена „Диела“.

Рама излезе на говорницата за да ја претстави програмата, но тензиите се зголемија откако во салата беше емитувано обраќање на ботот Диела.

На тоа се спротивставија опозициските партии, што доведе до 15-минутна пауза на седницата.

„Не сум тука да ги заменам луѓето, туку да им помогнам“, рече Диела во видео - обраќањето.

Опозицијата го критикуваше назначувањето како неуставно бидејќи ботот не е личност, нема албанско државјанство и може да доведе до поголема корупција, објави Ројтерс.

Минатата недела, Рама го номинираше бототот Диела да управува со јавни тендери за приватни компании за справување со проблемите со корупцијата. Неговата четврта влада со Диела има вкупно 17 министри.

По тензиите, Социјалистичката партија на Рама се закани дека програмата нема да биде презентирана и дека нема да има дискусија за неа, туку дека ќе биде ставена на директно гласање.

По продолжението на пленарната седница, програмата за работа на владата беше изгласана со 82 гласа „за“.

За време на електронското гласање, пратениците на опозициската Демократска партија се приближија до местото каде што седат министрите и фрлија деловник за работа на Собранието и шише вода кон Рама и кон новиот претседател на Собранието, Нико Пелеши.

Ова е прв пат програмата да не им се презентира на пратениците и да нема дискусија за неа, туку да се стави на директно гласање.

Седницата траеше само 25 минути, иако се очекуваше да трае 25 часа и да се дискутира за дневниот ред.

По седницата, Рама напиша на Фејсбук дека пратениците треба да можат слободно да дискутираат во Собранието.

За време на краткото обраќање до Собранието, пред ситуацијата да ескалира, Рама рече дека неговиот четврти мандат се совпаѓа со планот Албанија да стане дел од Европската Унија.

Во октомври 2024 година, Албанија го отвори првото поглавје во преговорите за пристапување со ЕУ. Ова следеше по долго чекање, бидејќи Тирана аплицираше за членство во 2009 година и доби статус на кандидат во 2014 година.

Социјалистичката партија на Еди Рама освои 83 места на парламентарните избори во Албанија на 11 мај, со што Рама го доби четвртиот мандат како премиер на Албанија.

Полска извести за зголемена активност на дронови во близина на границата со Белорусија

ПОЛСКА - Последици од напад со беспилотно летало во Полска, 10 септември 2025 година.
ПОЛСКА - Последици од напад со беспилотно летало во Полска, 10 септември 2025 година.

Полска забележала поголема активност на беспилотни летала во близина на границата со Белорусија во текот на ноќта, соопшти полската влада на 18 септември, откако ја затворила границата пред воените вежби на Минск со сојузникот Русија, јави агенцијата Ројтерс.

Загриженоста на Полска, која е членка на НАТО и членка на Европската унија (ЕУ), во врска со воените вежби „запад“ беше засилена кога 21 руско беспилотно летало влегоа во нејзиниот воздушен простор ноќта меѓу 9 и 10 септември.

На прашање зошто границата е сè уште затворена со оглед на тоа што вежбите „Запад“ завршија, министерот за внатрешни работи Марчин Киервински рече дека Полска ќе ја отвори границата повторно кога тоа ќе биде безбедно.

„Синоќа Граничната стража забележа зголемена активност на белоруски и руски беспилотни летала кои се обидуваа да го преминат полскиот воздушен простор“, рече Киервински . „Јасно е дека ситуацијата на полско-белоруската граница останува многу, многу напната.“

Киервински не даде дополнителни детали.

Портпаролот на полското Министерството за внатрешни работи рече дека немало полска интервенција или обид за соборување беспилотни летала.

Белорусија и Русија ги зајакнаа врските за време на инвазијата на Русија во Украина, при што Минск ѝ дозволи на Москва да испрати војници преку нејзина територија. Полска е еден од најголемите поддржувачи на Украина во конфликтот.

Помеѓу Полска и Белорусија има шест патни гранични премини, од кои четири Варшава веќе ги затвори поради долготрајните несогласувања со Минск.

Три железнички гранични премини за товар беа исто така затворени.

Катар размислува за правна акција против Израел во Меѓународниот кривичен суд

Израелските сили во градот Газа(илустрација)
Израелските сили во градот Газа(илустрација)

Главниот преговарач на Катар, Мохамед ал-Кулаифи, денеска (18 септември)се сретна со претседателката на Меѓународниот Кривичен суд (МКС), судијката Томоко Акане во Хаг, во обид да ги искористи „сите достапни правни и дипломатски патишта за да се обезбеди одговорност за нападот на Израел врз Катар“, изјави катарскиот официјален претставник за агенцијата АФП.

Смртоносниот израелски напад од минатата недела ги таргетираше лидерите на палестинската милитантна група Хамас со седиште во Катар и предизвика шок низ земјите од Персискиот Залив кои долго време зависеа од Соединетите Држави за нивната безбедност.

Хамас, која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација, соопшти дека врвни претставници на неговото политичко крило сместено во Катар го преживеале нападот, но соопшти дека пет члена биле убиени, заедно со еден офицер од внатрешните безбедносни сили на Катар.

Зборувајќи под услов на анонимност поради чувствителноста на дискусиите, официјален претставник го нарече нападот на Израел „незаконски“, додавајќи дека „претставува тешки прекршувања на меѓународното хуманитарно право“.

Катар, како држава набљудувач во МКС, не може сам да ги упатува случаите до судот.

Но, по вонредните разговори во Доха, арапскиот и исламскиот блок во понеделник ги повикаа своите членови да ги преземат „сите можни законски и ефикасни мерки за да го спречат Израел да продолжи со своите дејствија“.

Во објава на платформата X по средбата со шефот на МКС, Хулаифи рече дека неговата посета била „дел од работата на тимот задолжен за истражување на законски патишта за одговор на нелегалниот израелски вооружен напад врз државата Катар“.

Минатата година, МКС започна гонење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за воени злосторства и злосторства против човештвото за време на израелската војна во Газа, вклучително и со намерно таргетирање цивили и користење глад како метод на војување.

МКС, исто така, побара апсење на поранешниот министер за одбрана на Израел, Јоав Галант, и командантот на Хамас, Мохамед Деиф, за кој оттогаш е потврдено дека е убиен од Израел.

Војната во Газа беше предизвикана од нападот на Хамас во октомври 2023 година, што резултираше со смрт на 1219 луѓе, повеќето од нив цивили, според пресметката на АФП на израелски официјални бројки.

Во одмаздничката кампања на Израел загинаа најмалку 65141 луѓе, претежно цивили, според бројките од Министерството за здравство на територијата, кои Обединетите Нации ги сметаат за веродостојни.

Во Русија усвоен закон за повлекување од Конвенцијата за спречување на тортура

илустрација
илустрација

Руската државна Дума усвои закон за повлекување од Европската конвенција за спречување на тортура, со што формално завршува меѓународната обврска за зачувување на човековите права, која речиси целосно престана да има некаков ефект во таа земја.

Овој потег го предложи претседателот Владимир Путин претходно овој месец, во уште еден симболичен чекор на Москва во отстапувањето од меѓународните норми.

Иако Русија е членка на конвенцијата од 1997 година, активистите за граѓански права се пожалија дека тортурата и понижувачкиот третман се широко распространети во руските полициски станици и центри за притвор.

Формално, конвенцијата им дозволува на меѓународните набљудувачи пристап до руските затвори, но ова практично заврши по почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

„Во пракса, раскинувањето на овој договор нема да има никакви последици“, изјави Евгениј Смирнов, адвокат од организацијата за човекови права „Прв оддел“ за Радио Слободна Европа во август, кога за прв пат се дискутираше за потегот.

„Русија веќе престана да спроведува нешто поврзано со конвенцијата, всушност ниту една од конвенциите што Русија ги потпиша во претходните децении всушност не функционира“, додаде тој.

Русија соопшти дека Советот на Европа го блокирал нејзиното учество во Европскиот комитет за спречување на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување и дека Москва затоа не е во можност целосно да учествува во механизмот за следење.

Русија се приклучи на Советот на Европа во февруари 1996 година, но беше суспендирана од организацијата во февруари 2022 година, само неколку недели откако Москва ја започна својата инвазија на Украина. Истовремено со исклучувањето, Москва објави дека се повлекува од организацијата.

Европската конвенција за спречување на тортура од 1987 година е договор на Советот на Европа во кој се наведува дека, и покрај суспензијата на Русија, таа земја останува „потписничка на релевантните конвенции на Советот на Европа“.

Украинските воени затвореници кои беа ослободени во размена исто така, пријавија тортура во Русија.

„Тие немаат никакви загарантирани права што ги предвидува рускиот закон (формално). Не им е дозволено да се видат со активисти за човекови права, набљудувачки мисии, адвокати или роднини. Конвенцијата не беше почитувана и нема да биде почитувана за овие луѓе“, апелира Смирнов.

Еврокомесарот за клима ги брани климатските амбиции на ЕУ и покрај неуспесите

Европскиот комесар за клима, Вопке Хоекстра
Европскиот комесар за клима, Вопке Хоекстра

Европскиот комесар за клима, Вопке Хоекстра, ја бранеше улогата на Европската Унија во борбата против климатските промени, и покрај одложувањето на две клучни одлуки.

„Продолжуваме да бидеме меѓу апсолутно најамбициозните на глобална сцена“, рече тој, пристигнувајќи на состанокот на министрите за животна средина на ЕУ во Брисел на 18 септември.

Земјите од ЕУ не беа во можност да се договорат за обврзувачки придонес кон целите на Обединетите Нации за заштита на климата за 2035 година или за нов закон за намалување на емисиите за блокот за 2040 година.

Гласањата за двете прашања беа планирани за оваа недела.

„Навистина сум уверен дека лидерската улога што ја игравме во минатото ќе продолжи и оваа година и понатаму“, рече Хоекстра.

Целите на ОН се дел од Парискиот договор за борба против климатските промени и требаше да бидат договорени пред состанокот на високо ниво во среда во Њујорк.

Се очекува министрите за клима на ЕУ да се согласат за изјава за намери наместо за обврзувачки цели.

Хоекстра рече дека е оптимист дека ЕУ може да се согласи за амбициозни цели на време за КОП30, годишниот самит за клима на ОН, во ноември во бразилскиот град Белем.

„Одиме напред, два чекори напред, еден чекор назад“, рече комесарот.

Европската Унија претходно си постави цел да стане климатски неутрална до 2050 година, но блокот досега не можеше да се согласи за цел за намалување на емисиите на стакленички гасови за 2040 година за да го продолжи патот кон нето нулта емисија.

Се очекува лидерите на ЕУ да продолжат да дебатираат за ова прашање на претстојниот самит во Брисел во октомври.

Русија повторно нападна железничка станица во Украина

Покрај нападот врз железничката инфраструктура во Полтава, беше погодена и бензинска пумпа, 17 септември 2025 година
Покрај нападот врз железничката инфраструктура во Полтава, беше погодена и бензинска пумпа, 17 септември 2025 година

Русија продолжи со нападите врз железничката инфраструктура на Украина во четврток (17 септември), при што беа повредени најмалку пет лица во централниот регион Полтава, додека Украина возврати со напади со беспилотни летала во Русија.

Во областа Миргород во Полтава, рускиот напад предизвика пожари кои подоцна беа локализирани од службите за итни случаи, изјави регионалниот гувернер Володимир Кохут на Телеграм, додавајќи дека едно лице е повредено.

Украинскиот државен железнички оператор „Укрзализница“ соопшти дека нападите во текот на ноќта предизвикале привремен прекин на електричната енергија на станиците во регионот, предизвикувајќи доцнења на патничките возови.

Руските напади врз Полтава се случија еден ден по уште еден голем напад врз железничката инфраструктура на Украина, во кампања што го наруши железничкиот сообраќај, особено во централните центри во регионите Харкив и Донецк.

Украинскиот министер за територијален развој Олексиј Кулеба ја обвини Русија за намерно таргетирање на украинската логистика и цивилната инфраструктура во обид да го зголеми притисокот врз населението и економијата на земјата.

„Целта на ваквите напади е јасна - да се комплицира транспортот на патници и товар, да се нарушат стабилните транспортни операции и да се изврши дополнителен притисок врз луѓето и економијата“, рече Кулеба во среда.

Русија постојано негираше дека таргетирала цивилни цели за време на нејзината повеќе од тригодишна војна против Украина, и покрај сè поголемиот број докази за спротивното.

Одделно, напад со беспилотно летало доцна во ноќта во регионот Полтава оштети бензинска пумпа и предизвика пожар, додека четири лица беа повредени, објавија украинските служби за итни случаи.

Други напади беа пријавени во регионите на Киев и Чернихив. Во Нижин, регионот Чернихив, еден спасител беше убиен, а двајца беа ранети, изјави локалниот воен администратор Вјачеслав Чаус.

Тој додаде дека смртоносниот напад врз локалната спасувачка единица се случил на Денот на спасувачите на Украина.

Воздухопловните сили на Украина соопштија дека собориле 48 од 75 беспилотни летала лансирани од Русија и пријавиле 26 напади со беспилотни летала на шест локации.

Дотогаш, Русија објави дека Украина извршила голем напад со беспилотни летала врз регионот Волгоград. Според гувернерот на регионот, Андреј Бочаров, остатоците од беспилотното летало ги скршиле прозорците и ги оштетиле покривите на две приватни куќи.

Телеграм каналот SHOT цитираше очевидци кои пријавиле дека слушнале серија експлозии во јужниот дел на Волгоград. Подоцна, украинските специјални сили објавија дека погодиле рафинерија за нафта во Волгоград, што предизвикало затворање на објектот.

Руските власти тврдат дека во напад со украински дрон е убиен еден човек, а неговиот брат е сериозно повреден во градот Шебекино во рускиот регион Белгород.

Италија усвои закон за вештачка интелигенција со затворски казни за споделување лажни фотографии

Седница на италијанскиот парламент (илустрација)
Седница на италијанскиот парламент (илустрација)

Италијанскиот парламент ја усвои рамката на новиот закон за вештачка интелигенција, со кој дистрибуцијата на слики или видеа генерирани од вештачка интелигенција без согласност на прикажаните ќе се казнува со затвор до пет години.

Мерката, која беше поддржана од двата дома на парламентот (вклучувајќи го и конечното гласање од 77-55 во Сенатот доцна на 17 септември) е насочена кон поединци и компании кои дистрибуираат фотографии или видеа создадени од вештачка интелигенција без дозвола.

Во таканаречените „dipfakes“, може да се појави дека некој рекол или направил нешто што никогаш не го направил.

Усвојувањето на законот беше поттикнато од низа случаи поврзани со порнографски видеа генерирани од вештачка интелигенција, во кои жените, вклучително и јавните личности, честопати беа жртви.

Според владата во Рим, Италија е првата земја од ЕУ што воспостави национална правна рамка што ги вклучува новите упатства на Европската Унија за вештачка интелигенција.

Законот утврдува општи принципи за употреба на вештачка интелигенција и ѝ наложува на владата да развие детални прописи за употреба на системи за вештачка интелигенција.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG