Достапни линкови

Вести

ХРВ: владите да не ги игнорираат човековите права

Хјуман рајтс воч во најновиот годишен извештај предупредува дека многу влади во светот прават голема грешка поради тоа што ги игнорираат човековите права за да се справат со безбедносните предизвици. Во денеска објавениот „Светски извештај 2015“ се прави преглед на човековите права во над 90 земји во светот од крајот на 2013 до ноември лани. Извршниот директор на Хјуман рајтс воч, Кенет Рот оценува дека минатата година била особено бурна. Тој ги наведува конфликтите до кои дојде по востанијата во таканаречената Арапска пролет, злосторствата извршени од исламските екстремисти и тензиите од типот на Студената војна околу украинската криза. „Клучно за решавање на овие кризи е почитување на човековите права и осигурување демократска одговорност“, наведува Рот.

види ги сите денешни вести

Пријава за лице од Крива Паланка кое влечело куче со возило

Илустрација
Илустрација

Поднесена е пријава за лице од Крива Паланка кое влечело куче со возило, информираат попладнево од Министерството за внатрешни работи.

„Вчера во 14:45 часот во ОВР - Крива Паланка бил извршен службен разговор со З.М., на возраст од 59 години, затоа што на магистралниот пат село Жидилово - Крива Паланка на патничко моторно возило 'фиат панда' врзал куче и го влечел. По целосно документирање на случајот, против З.М. поднесена е соодветна пријава“, појаснуваат од МВР.

Фотографии споделувани на социјалните мрежи предизвикаа реакции во јавноста и беа упатени повици за построги санкции за вакви и слични дела.

Минатиот месец основниот кривичен суд во Скопје ги прогласи за виновни Љубе Крстевски и Бранко Билбиловски за убиство на кучето Феликс, кое почина на 7 јануари 2025 година од последици на нанесените повреди.

Делото беше квалификувано според член 233 став 1 од Кривичниот законик, кој предвидува парична казна или затвор до три години за оној што ќе усмрти животно без причина или ќе го изложи на непотребни маки и болки.

Ова беше прва пресуда со затворска казна за овој вид кривично дело.

Заштеда од 800 до 2.000 денари по ученик со „Училишната кошница“, очекува Ристески

Илустрација - Ученик на првиот школски ден
Илустрација - Ученик на првиот школски ден

Од утре (15 август) стапува на сила мерката позната како „Училишна кошница“, односно одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки, која до 15 септември ќе ги опфати трговците на мало и на големо кои продаваат училиштен прибор.

Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески очекува слични резултати како лани, кога оваа мерка беше спроведена прв пат.

„Минатата година со спроведувањето на оваа мерка според нашите податоци имавме заштеда од 750 до 2.000 денари по ученик, а годинава очекуваме заштедата да се движи од 800 до 2.000 денари“, рече тој.

Ристески појасни дека со оваа одлука цените на производите кои ги користат учениците се враќаат на нивото од 1 јуни и за нив се дава попуст од најмалку 10 проценти во трговијата на големо и најмалку 15 проценти во трговијата на мало.

Заменик-министерот ги потсети трговците дека имаат обврска навремено да ги информираат потрошувачите за малопродажните цени на артиклите преку јасно означување со натписи „Помалку трошоци, повеќе за тебе”, како и јасно да ја означат старата цена која важела на 1 јуни годинава и да ја истакнат на новата цена со попуст.

Контрола на спроведувањето на одлуката на терен ќе прават инспекторите од Државниот пазарен инспекторат.

Над 330 медиуми пријавени за платено политичко рекламирање за локалните избори

Илустрација на регистар на онлајн медиуми
Илустрација на регистар на онлајн медиуми

Вкупно 333 медиуми доставиле пријава за платено политичко рекламирање за локалните избори кои ќе се одржат на 19 октомври до Државната изборна комисија (ДИК).

Сепак, од Комисија нагласуваат дека списокот не е конечен бидејќи барањата се проверуваат, а вечерва на полноќ истекува и рокот за доставување на ценовниците кои треба да се потврдат и објават на веб страницата на ДИК најдоцна на 24 август.

Според информациите на агенцијата МИА, за платено политичко рекламирање се пријавиле најмногу интернет портали - 257, а надвор од рокот тоа го направиле четири портали. Во рокот се пријавиле и 43 радиостаници, 33 телевизии и осум печатени медиуми.

Инаку, од 17 милиони евра вкупно планирани за двојните избори кои се одржаа во мај минатата година, 60 проценти беа наменети за медиумите за платени политички реклами за време на изборната кампања. Од нив една четвртина или 10,6 милиони евра беа за порталите и печатените медиуми, а поголемиот дел или 75% од за телевизиите и радијата.

Со објавата на регистарот на портали се отвори можност еден портал да добие вкупно најмногу 30 илјади евра за објавување на платена политичка реклама. Односно по максимални 15 илјади евра за претседателските избори и 15 илјади евра за парламентарните избори.

Пред ланските избори вкупно 249 портали беа заинтересирани за платено политичко рекламирање, што тогаш се сметаше за рекорден број.

На локалните избори во 2021 година, пак, се пријавиле вкупно 176 портали, додека на парламентарните во 2020 година имаше вкупно 235 пријавени портали.

До 500 милиони долари од Германија за американско оружје за Украина

Илустрација - Украинското знаме помеѓу знамето на Европа и германското знаме, пред зградата на Рајхстагот за време на дебатата во германскиот парламент Бундестаг во Берлин, 1 јуни 2022 година.
Илустрација - Украинското знаме помеѓу знамето на Европа и германското знаме, пред зградата на Рајхстагот за време на дебатата во германскиот парламент Бундестаг во Берлин, 1 јуни 2022 година.

Германија најави дека ќе обезбеди до 500 милиони долари за набавка на американска воена опрема за Украина, јави германската новинска агенција ДПА.

Министерството за одбрана и Министерството за надворешни работи во соопштението од 13 август наведоа дека помошта ќе се координира преку НАТО-механизмот „Листа на приоритетни потреби на Украина“.

НАТО го надгледува доставувањето на оружјето за Украина купено во САД, а финансирањето доаѓа од европските партнери и Канада.

„Германија е најголемиот европски донатор на воена помош за Украина, а оваа најава уште еднаш ја потврдува нејзината посветеност за одбрана на слободата и суверенитетот на украинскиот народ“, изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте синоќа.

Според НАТО, помошта ќе опфати воена опрема која или не може да се произведе во Европа или може да се испорача побрзо од САД отколку од европските сојузници или Канада.

Осум активни пожари, сѐ уште гори во резерватот Јасен

илустрација
илустрација

На територија на државава денеска(14 август) до 12 часот регистрирани се вкупно 19 пожари на отворен простор, од кои осум се активни, а 11 се изгаснати.

Како што информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), сѐ уште е активен пожарот во повеќенаменското подрачје „Јасен“ во општина Македонски Брод.

Активни пожари има и во Струга, кај местата викани „Октишка Краста“ и „Бегова Шума“, во Прилеп – село Дабница, во општина Македонски Брод, кај селата Девич – Грешница, во општина Чешиново и Облешево – село Теранци, општина Јегуновце – меѓу селата Рогачево и Јажинце и во општина Сопиште – село Св.Петка.

Изгаснати се пожарите во општините Демир Хисар, Струга, Делчево, Куманово, Старо Нагоричане, Сарај, Арачиново, Желино, Тетово и Гостивар.

Северна Македонија и ова лето се справува со зголемен број пожари на отворено.

На територијата на цела држава е прогласена кризна состојба, која Влада ја седница на 7 август ја продолжи за нови 30 дена.

За да се зајакнат капацитетите во справување со пожарите, Дирекцијата за заштита и спасување преку општините потпиша договори со 352 граѓани што се пријавија на неодамнешниот повик за обука на пожарникари.

Мицкоски: Борбата против криминалот не може да се води со вакво обвинителство и овој републички обвинител

Христијан Мицкоски, премиер на РСМ
Христијан Мицкоски, премиер на РСМ

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека борбата против криминалот и корупцијата не може да се води со вакво Обвинителство и републички обвинител.

Институциите вели тој, постојано поднесуваат пријави за сторен криминал, но, како што рече, обвинителството не презема ништо.

„Институциите преземаат мерки, доставуваат пријави, но треба обвинителството да преземе. Тоа е суштината. Не можете вие со ова обвинителство, со овој обвинител да очекувате резултати во борбата против корупцијата и криминалот. Можа да ги набројам можеби 100, 200 пријави од страна на институциите кои се доставени до обвинителството, таму нема никаков резултат така што треба обвинителството да преземе, изјави Мицкоски во одговор на новинарско прашање.

Мицкоски, кој присуствуваше на увид на градежни активностои на патот од Климештица до Охрид, вели дека институциите постојано преземаат мерки, но, како што нагласи, тоа со овие обвинители, и со овој обвинител е залудно.

Собранието на 29 јули, годинава со 71 гласа „за“ и без ниту еден „против“ и „воздржан“ ја прифати интерпелацијата за работата на Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, поднесена од Левица.

Собранието изгласа и заклучок во кој констатира дека наводите во интерпелацијата за работата на државниот јавен обвинител Коцевски се основани, и кој требаше да се достави до Владата и до државниот јавен обвинител.

Собраниската интерпелација има улога како политички притисок и ја одрази недовербата од страна на пратениците. Но, одлуката за понатамошно разрешување или останување на функцијата зависи од самото обвинителство и Владата.

Основната разлика помеѓу механизмот на интерпелација на Коцевски поднесена и изгласана во Собранието и постапката на Владата за негово разрешување се во нивната правна обврзност.

Интерпелацијата нема правно обврзувачко дејство за разрешување на обвинителот и не може сама по себе да иницира правно дејство или да изврши разрешување. Другата постапка која ја потегна Владата за разрешувањена обвинителот Коцевски е законски регулирана процедура со јасни чекори и правни ефекти.

Израел најавува населба на Западниот Брег за да спречи формирање палестинска држава

На оваа фотографија од 11 февруари 2020 година, палестинскиот претседател Махмуд Абас држи мапа на можна палестинска држава додека зборува за време на состанокот на Советот за безбедност во седиштето на ОН
На оваа фотографија од 11 февруари 2020 година, палестинскиот претседател Махмуд Абас држи мапа на можна палестинска држава додека зборува за време на состанокот на Советот за безбедност во седиштето на ОН

Израелскиот министер за финансии од крајна десница, Безалел Смотрих, на 14 август објави изградба на контроверзна нова еврејска населба во Западниот Брег, окупиран од Израел, за која Палестинците и групите за човекови права стравуваат дека ќе ги попречи перспективите за идна палестинска држава со делење на Западниот Брег на два одделни дела.

Објавата доаѓа откако многу земји изјавија дека ќе признаат палестинска држава во септември.

„Ова конечно ја закопува идејата за палестинска држава, бидејќи нема што и кој да се признае“, рече Смотрих и додаде дека „секој во светот кој се обидува да признае палестинска држава ќе добие одговор од нас на терен“.

Развојот во Е1, појас на земја источно од Ерусалим, се разгледува повеќе од две децении, но е замрзнат поради притисокот од Соединетите Држави.

Смотрих, сепак, ги пофали претседателот Доналд Трамп и амбасадорот на САД во Израел, Мајк Хакаби, како „вистински пријатели на Израел какви што никогаш порано не сме имале“.

Планот Е1 сè уште не добил конечно одобрение, кое се очекува следната недела. Планот вклучува околу 3500 станови за проширување на населбата Мале Адумим. Иако остануваат некои бирократски чекори, ако процесот се одвива брзо, инфраструктурните работи би можеле да започнат во следните неколку месеци, а изградбата за околу една година.

Групите за човекови права брзо го осудија планот. Организацијата „Мир Сада“ го нарече „смртоносен за иднината на Израел и за секоја шанса за постигнување мирно решение за две држави“, кое „гарантира уште многу години крвопролевање“.

Објавата доаѓа откако Палестинската самоуправа и арапските земји ја осудија неодамнешната изјава на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека е „многу“ посветен на визијата за Голем Израел. Поддржувачите на идејата веруваат дека Израел треба да го контролира не само окупираниот Западен Брег, туку и делови од арапските земји.

Руските регулатори ги ограничуваат апликациите WhatsApp и Telegram

илустрација
илустрација

Руските регулатори презедоа мерки за ограничување на користењето на популарните апликации за пораки WhatsApp и Telegram, што е најновиот чекор на руските власти да ги префрлат Русите кон новолансираната „супер апликација“ управувана од владата.

Овој потег на Роскомнадзор, агенцијата задолжена за следење и контрола на рускиот интернет, е дел од поголем, повеќегодишен напор на властите да контролираат како Русите пристапуваат до информации преку интернет.

Во соопштение од 13 август, Роскомнадзор објави дека телефонските повици направени преку Telegram и WhatsApp ќе бидат делумно ограничени, тврдејќи дека тие се „главните гласовни услуги што се користат за измама и изнудување пари и вклучување на руски граѓани во саботажа и терористички активности“.

„Ве информираме дека со цел борба против криминалците, во согласност со материјалите на агенциите за спроведување на законот, се преземаат мерки за делумно ограничување на повиците во овие странски пренесувачи на пораки“, ја цитираа државните новински агенции, Агенцијата.

Овој потег доаѓа неколку недели откако официјалните лица ја лансираа Max, нова апликација развиена од VK, компанијата за социјални медиуми порано позната како VKontakte. Активистите велат дека Max е делумно моделирана според кинеската апликација WeChat.

Со години, властите се мачеа да смислат начини за контрола или следење на Телеграм - апликација создадена во Русија, која сега се управува надвор од Русија - и WhatsApp, кој е во сопственост на матичната компанија на Фејсбук, Мета.

Овие напори се совпаѓаа со пошироките напори за контрола на тоа како Русите го користат интернетот.

Покрај тоа што ги таргетираа западните интернет гиганти како што се Фејсбук, Гугл, Епл и Амазон, властите развија домашни алтернативи како што се Јандекс, ВК и Меил.ру и се обидоа да воспостават надзор или целосна контрола врз нив.

Во соопштение објавено на платформата X, WhatsApp ги потврди ограничувањата и вети дека ќе стори сè што е можно „за да се осигури дека комуникацијата заштитена со енкрипција од крај до крај останува достапна за луѓето ширум светот, вклучително и во Русија“.

VK, чиј извршен директор е син на влијателниот советник во Кремљ, Сергеј Кириенко, се појави како лидер во развојот не само на апликацијата Max, туку и на алтернатива на YouTube, видео платформата во сопственост на Google, која е исто така многу популарна меѓу Русите.

Во јуни, рускиот претседател Владимир Путин објави дека сите владини услуги треба да бидат префрлени на Max.

САД предупредуваат на дополнителни царини за Индија, ако преговорите меѓу Трамп и Путин не успеат

илустрација
илустрација

Американскиот министер за финансии Скот Бесант предупреди дека Вашингтон би можел дополнително да ги зголеми царините за Индија и рече дека одлуката ќе зависи од исходот од средбата на американскиот претседател Доналд Трамп со неговиот руски колега Владимир Путин во Алјаска на 15 август, објави Би-Би-Си.

Порано овој месец, Трамп воведе казна од 25 проценти за Индија, покрај царините од 25 проценти за купување нафта и оружје од Русија.

Соединетите Држави се обидуваат да посредуваат во прекин на огнот меѓу Русија и Украина, а на 13 август, Трамп предупреди на „тешки последици“ ако Москва не се согласи на мировен договор.

Зголемениот увоз на евтина руска сурова нафта од Делхи од почетокот на војната во Украина ги затегна односите меѓу Индија и САД и ги наруши тековните трговски разговори со Вашингтон. Руската нафта сочинуваше 35 до 40 проценти од увозот на нафта во Индија во 2024 година, во споредба со 3 проценти во 2021 година.

Делхи го оправда купувањето руска нафта, тврдејќи дека како голем увозник на енергија мора да ја купи најевтината достапна сурова нафта за да ги заштити милионите сиромашни Индијци од зголемувањето на трошоците.

Новата царинска стапка на Трамп од 50 проценти за Индија треба да стапи на сила на 27 август, што некои го нарекоа де факто ембарго за трговијата меѓу двете земји.

Тоа ја прави Индија најданочен трговски партнер на САД во Азија и се очекува сериозно да ги попречи нејзините извозно ориентирани индустрии, како што се текстилот и накитот, а би можело и да го намали растот на Индија за дури половина процент.

Коментарите на Бесент доаѓаат откако тој ја нарече Индија „малку непослушна“ во трговските разговори во интервју за Фокс Бизнис на 12 август.

Трговските разговори меѓу Делхи и Вашингтон траат веќе неколку месеци, а се очекува американските преговарачи да пристигнат во Индија на 25 август. Сепак, експертите веруваат дека одбивањето на Индија да ги намали царините за земјоделските и млечните производи е голема пречка во преговорите.

Зеленски разговараше со Стармер пред средбата Трамп-Путин

Володомир Зеленски и Кит Стармер (архивска фотографија)
Володомир Зеленски и Кит Стармер (архивска фотографија)

Британскиот премиер Кир Стармер се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Лондон денеска, додека Европа се подготвува за самит меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин.

Стармер разговараше со Зеленски откако рече дека Велика Британија е подготвена да го „зголеми притисокот“ врз Русија доколку е потребно.

Трамп ѝ се закани на Русија со „сериозни последици“ ако рускиот претседател отфрли мировен договор.

За време на телефонскиот разговор со американскиот претседател и европските сојузници вчера, Стармер го пофали Трамп за неговите напори да создаде „вистинска можност“ за завршување на војната.

Сепак, се изразија загрижености во врска со исклучувањето на Зеленски од самитот Трамп-Путин утре во Алјаска.

„Средбата во петок, на која ќе присуствува претседателот Трамп, е исклучително важна. Како што му кажав лично на претседателот Трамп, во три и пол години колку што трае овој конфликт, не сме се приближиле до перспективата за вистинско решение за прекин на огнот. А сега ја имаме таа можност благодарение на напорите што ги вложи претседателот“, рече вчера Стармер.

„Важно е да ги потсетиме колегите дека сме подготвени да го зголемиме притисокот врз Русија, особено врз економијата, со санкции и посеопфатни мерки, доколку е потребно, додаде тој.

Стармер и европските лидери постојано наведуваат дека дискусиите за Украина не треба да се водат без учество на Киев.

Од друга страна, американскиот претседател претходно призна дека прекинот на огнот може да вклучува „размена“ на територија. Се верува дека едно од барањата на рускиот лидер е Украина да отстапи делови од Донбас што сè уште ги контролира.

Сепак, Зеленски веќе ги отфрли сите предлози што би го нарушиле територијалниот интегритет на Украина, што е забрането со уставот на земјата.

Во заедничката декларација на Коалицијата на подготвените, копретседавана од Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, се вели дека „меѓународните граници не треба да се менуваат со сила“.

Во неа се додава: „Санкциите и посеопфатните економски мерки за притисок врз воената економија на Русија мора да се зајакнат доколку Русија не се согласи на прекин на огнот во Алјаска“.

Коалицијата на подготвените е европска иницијатива за испраќање мировни сили во Украина во случај на прекин на огнот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG