Вести
ДУИ чека резултати за Струга и за Кичево

„Во Кичево ДУИ води со 1.600 гласа. Во Тетово со 3.600 гласови, 70 проценти од избирачките места во Гостивар, исто така, води ДУИ“, рече Ахмети и ги нагласи дека ДУИ победил во првиот круг во Дебар, Желино, Пласница, Боговиње, Чаир и во Сарај, како и во Липково.
Во втор круг одат во Студеничани, Брвеница, Јегуновце, а се очекуваат резултатите од Струга, исто така и за Кичево, каде, како што рече, се во водство.
види ги сите денешни вести
Хитроу, Брисел и Берлин погодени од кибернапад врз системите за пријавување

Кибернапад врз системите за пријавување и качување го наруши работењето на неколку големи европски аеродроми, вклучувајќи ги Хитроу, Брисел и Берлин, предизвикувајќи одложувања и откажувања на летови.
Колинс Аероспејс, која обезбедува системи за пријавување и качување за неколку авиокомпании на повеќе аеродроми низ целиот свет, се соочува со технички проблем што може да предизвика одложувања за патниците што заминуваат, соопшти во саботата на 20 септември лондонскиот аеродром Хитроу, предупредувајќи на одложувања на летови.
Нападот ги оневозможи автоматизираните системи, оставајќи само можно рачно пријавување и качување, соопшти аеродромот во Брисел на својата веб-страница.
„Ова има големо влијание врз распоредот на летовите и за жал ќе предизвика одложувања и откажувања. Давателот на услуги активно работи на решавање на проблемот и се обидува да го реши што е можно побрзо.“
На патниците со летови закажани за сабота на засегнатите аеродроми им се советува да го потврдат своето патување со своите авиокомпании пред да се упатат кон аеродромот.
„Поради технички проблем со давателот на систем кој работи низ цела Европа, има долго чекање при пријавувањето. Работиме на брзо решение“, се вели во пораката на веб-страницата на аеродромот во Берлин.
Воена парада во Белград, истовремено мирен собир за поддршка на армијата

Во српскиот главен град Белград денеска (20 септември) се одржува воена парада под слоганот „Моќта на единството“. Во исто време, група граѓани, на повик на студентите кои учествуваат во блокадите, дојдоа на мирен собир „во поддршка на армијата“.
Најавено е дека повеќе од 10.000 учесници ќе маршираат на парадата, заедно со над 2.500 парчиња оружје и воена опрема.
Настанот се одржува во време на масовни антивладини протести во Србија, кои беа предизвикани пред десет месеци кога загибаат 16 лица во несреќа на железничката станица во Нови Сад.
Дел од опозициската јавност е огорчена од организацијата на воената парада, оценувајќи дека владата има намера да „демонстрира сила“ во време на голема поларизација во општеството.
Владините претставници велат дека причината за парадата е национален празник - Денот на српското единство, слобода и национално знаме.
Студентите во блокадата претходно повикаа на „мирен собир во поддршка на армијата“, со цел да покажат „дека вистинската сила лежи во народот и армијата што им припаѓа“.
Тројца загинати и десетици повредени во руски напад врз Украина

Русија изврши голем напад со беспилотни летала и ракети врз Украина преку ноќ, при што загинаа најмалку три лица, а десетици други беа повредени, изјави претседателот Володимир Зеленски во саботата.
Во изјава на Телеграм, Зеленски рече дека Русија лансирала околу 580 беспилотни летала и 40 ракети.
Дроновите и ракетите биле насочени кон украинската инфраструктура, компаниите за цивилно производство и станбените области во различни региони низ целата земја.
Активност на беспилотни летала беше пријавена и во Русија на руските и украинските канали на Телеграм.
Тие наводно биле насочени кон регионите Саратов, Ростов и Волгоград, како и Крим окупиран од Русија.
Трамп најави средба со кинескиот претседател Си Џинпинг

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг оваа есен на самитот за Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во Јужна Кореја.
Трамп го објави ова преку својот профил на социјалните мрежи Трут, откако претходно имал телефонскиот разговор со Си. Тој рече дека ќе патува во Кина на почетокот на следната година и оти очекува Си Џинпинг да ги посети Соединетите Држави во соодветно време.
„Тукушто завршив многу продуктивен разговор со кинескиот претседател Си. Постигнавме напредок по многу важни прашања, вклучувајќи ја трговијата, фентанилот, потребата од прекин на војната меѓу Русија и Украина и договорот со Тик-ток“, напиша Трамп.
„Исто така, се согласив со претседателот Си дека треба да се сретнеме на самитот на АПЕК во Јужна Кореја и дека ќе ја посетам Кина во првата половина од следната година. Претседателот Си, исто така, ќе дојде во Соединетите Држави кога ќе биде соодветно“, додаде Трамп.
Трговските активности помеѓу САД и Кина моментално се замрзнати. Тоа започна во април кога двете земји се заканија дека ќе воведат царини од повеќе од 100 проценти за увоз на стоки.
Во август, Трамп потпиша извршна наредба со која го продолжи замрзнување до 10 ноември. Пекинг го следеше американскиот пример.
Трамп и Си се сретнаа неколку пати за време на првиот мандат на американскиот претседател. Тие се сретнаа во Осака, Јапонија, во 2019 година, а претходно во 2017 година Си го посети имотот на Трамп, Мар-а-Лаго.
Во телефонскиот разговор, според кинеската државна новинска агенција Синхуа, Си рекол дека САД треба да избегнуваат еднострани трговски ограничувања, за да не го загрозат досегашниот исход од консултациите меѓу двете страни.
Си ги опиша разговорите како „позитивни и конструктивни“.
Оваа недела претставниците од САД и Кина одржаа нова рунда разговори во Мадрид, Шпанија, којашто беше четврта откако трговските спорови ескалираа оваа пролет.
Потпретседателот на Република Српска ги презема овластувањата од Додик

Потпретседателот на Република Српска, Давор Прањиќ, го потпиша указот за изменување на Законот за полиција и внатрешни работи, кој на 19 септември беше објавен во Службениот весник на овој ентитет во Босна и Херцеговина.
Во пракса, ова значи дека Прањиќ ги презема претседателските должности од Милорад Додик, кому на 18 август му беше одземен мандатот како претседател на ентитетот. Одземањето на мандатот следуваше по конечната пресуда за непочитување на одлуките на високиот претставник од страна на Додик.
Сепак, не е познато кога Додик официјално ги пренел своите овластувања на Прањиќ.
Досега, Додик и раководството ја отфрлаа пресудата на судот на БиХ и одлуките на Централната изборна комисија со кои му беше одземен мандатот и останаа на ставот дека тој е сè уште претседател на Република Српска.
Додик продолжи да носи одлуки како претседател на ентитетот дури и по одземањето на неговиот мандат, а на 23 август го назначи Саво Миниќ за нов мандатар за формирање на влада на Република Српска, иако ова е во спротивност со Уставот на ентитетот.
Република Српска има двајца потпретседатели, но тие не можат да ги преземат претседателските должности во случај ентитетот да нема претседател, како што е случај сега.
Тие можат да ги преземат само привремено, и само ако претседателот им дозволи.
Последниот пат кога имаше сличен ваков случај беше кон крајот на 2024 година, кога Додик ги префрли своите должности на Прањиќ поради операција.
Република Српска моментално нема претседател, а се очекува да добие нов на 23 ноември, кога се закажани предвремени избори за оваа позиција.
По пожарот во Трубарево во воздухот имало големо количество на тешки метали

По пожарот во простории на фабриката за електричен и електронски отпад, Ф Групација, во скопското село Трубарево, во воздухот биле измерени големи количини на ПМ 10 честички и тешки метали, покажаа резултатите што попладнето на 19 септември ги објави Министерството за животна средина и просторно планирање.
Станува збор за мерења што биле направени денот на пожарот – 13 септември и следниот ден – 14 септември.
„По пожарот е регистрирано значително надминување на дозволените граници за ПМ 10, олово, кадмиум и арсен. Беа измерени високи концентрации на честички и тешки метали, но тековните мерења покажуваат дека состојбата на воздухот е стабилизирана и во рамките на дозволените граници“, соопштија од Министерството.
Конкретно мерењата на 13 и 14 септември покажале дека ПМ 10 честички ги има во количина од 92,65 микрограми на кубен метар (дозволената граница е 50), олово имало 0,75 (границата е 0,5), додека кадиумот бил 59,1 нанограми на кубен метар (границата е 5), а арсенот 8,9 (границата е 6).
Никелот бил 6,4 нанограми на кубен метар што е во дозволените граници – под 20.
Претходно во текот на денот, од Министерството објави резултати од мерења направи вчера и денеска (18 и 19 септември) за ПМ 10 честички, според кои, тие сега се во рамки на дозволеното.
Естонија објави дека руски авиони влегле во нејзиниот воздушен простор

Естонија соопшти дека три руски борбени авиони МИГ-31 влегле во нејзиниот воздушен простор на 19 септември, неколку часа откако Европската комисија го презентираше 19-тиот пакет санкции против Москва поради нејзината целосна инвазија на Украина.
Министерството за надворешни работи во Талин соопшти дека авионите останале во естонскиот воздушен простор 12 минути.
„Русија веќе го наруши воздушниот простор на Естонија четири пати оваа година, што само по себе е неприфатливо. Но, денешниот упад, во кој учествуваа три борбени авиони кои влегоа во нашиот воздушен простор, е невидено дрзок“, рече министерот за надворешни работи Маргус Цахна.
Естонија е членка на НАТО и на Европската Унија. НАТО соопшти дека нејзините авиони направиле пресретнување на руските.
Инцидентот следува по неодамнешните упади на руски беспилотни летала во Полска и Романија, кои се исто така членки на двете организации.
Истрага за пустошење шуми кај Берово, 15 осомничени

Вкупно 15 лица, меѓу кои и полициски началник и директор на подружницата „Малешево“ во „Национални шуми“, се осомничени во истрага за пустошење шуми кај селото Двориште на територијата на Берово.
Меѓу осомничените се и други вработени во Министерството за внатрешни работи, „Национални шуми“, како и во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Според информациите од обвинителството и од МВР, опустошени се шест илјади хектари шумска површина, односно исечени се 1,5 милиони кубни метри дрва чија вредност е над сто милиони евра.
За основачи на групата која се занимавала со овој бизнис се наведени три лица, од кои едниот е полицаец. Според обвинителството, групата извршила нелегална сеча на дрва кои потоа биле транспортирани и продавани како легални.
Тие добивале поддршка и од полицајци кои не преземале никакви мерки и ги информирале кога се планираат полициски патроли.
Обвинителството тврди дека осомничениот директор од „Национални шуми“ ја одобрувал нелегалната сеча, а началник од полицијата во Делчево ги прикривал сторителите.
„Првоосмничениот, во името и за сметка на осомниченото правно лице, во август и септември 2025 година му дал паричен подарок на директорот на ЈП ’Национални шуми‘, во вкупен износ од 6100 евра со цел да дозволи нелегална сеча на дрвна маса, и тоа пред да биде објавен јавен повик за опожарена дрвна маса“, велат од Јавното обвинителство.
Оттаму тврдат дека припадниците на групата вршеле нелегална сеча и во текот на вчерашниот ден, 18 септември, па осомничениот полициски началник ги известил дека ќе има акција, за потоа информацијата да биде пренесена до остатокот од групата со цел да го „расчистат“ теренот.
За сите 15 осомничени, обвинителството бара да се одреди притвор.
Сите се гонат за две кривични дела – злосторничко здружување и пустошење шуми, додека на шестмина им се става на товар и делото злоупотреба на службена положба и овластување. Првоосмничениот – еден од организаторите на групата, се сомничи и за давање поткуп, додека друго лице за примање поткуп.
ЕУ ги претстави новите санкции и ја обвини Русија за кршење на меѓународното право

Европската Унија (ЕУ) го претстави новиот пакет санкции против Русија во кој, меѓу другото, Брисел бара целосна забрана за увоз на руски течен природен гас (LNG) до почетокот на 2027 со што се забрзуваат претходните планови кои предвидуваа постепено укинување на увозот до крајот на истата година.
Плановите, кои мора едногласно да бидат одобрени од земјите-членки, исто така, бараат ставање на црна листа на дополнителни 118 бродови од руската „флота во сенка“, која се користи за заобиколување на досегашните ограничувањата за извоз на нафта, како и санкции против оние кои се вклучени во индоктринацијата на украинските деца киднапирани од Русија.
„Во текот на изминатиот месец, Русија покажа целосен степен на непочитување кон дипломатијата и меѓународното право“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во видеообраќање објавено на 19 септември.
Наведувајќи ги масовните напади со беспилотни летала и ракети на Русија врз Украина, во кои беше погодена и мисијата на ЕУ во Киев, како и руските упади со беспилотни летала во земјите-членки на ЕУ, Полска и Романија, таа додаде:
„Постојано, претседателот Путин ја ескалира ситуацијата, а Европа одговара со зголемување на притисокот. Затоа денес го презентирам 19-тиот пакет санкции“.
Главната цел на новиот предлог-санкции е да се намалат приходите на Русија од продажба на фосилни горива, што ги користи за финансирање на војната во Украина, рече фон дер Лајен.
„Време е да се затвори славината“, рече таа, истакнувајќи дека сега под санкции се 560 бродови од руската „флота во сенка“.
Таа, исто така, најави целосна забрана за сите трансакции со руските енергетски гиганти Роснефт и Газпром-Нефт, со што ќе се укинат исклучоците што беа направени со претходните пакети санкции.
Притисок од Трамп
Овие потези од Брисел доаѓаат во период кога ЕУ е под притисок од американскиот претседател Доналд Трамп дополнително да го засили притисокот врз Русија, како услов Вашингтон да преземе казнени мерки како што се санкции или зголемување на царините, во обид да го принуди рускиот претседател Владимир Путин да преговара.
Трамп конкретно ги повика европските земји да престанат да увезуваат руска нафта. Само Унгарија и Словачка сè уште го прават тоа. Ниту една од нив не покажа подготвеност да престане, но сегашните планови на Унијата налагаат забрана за увоз на руска нафта на ниво на цела ЕУ до 2027 година.
Ова би се постигнало со користење на правилата за внатрешен пазар, што значи дека одлуката не може да се блокира со вето.
Предлозите презентирани на 19 септември бараат едногласна поддршка. Претходните пакети санкции беа изменети неколку пати, бидејќи Унгарија, која има блиски врски со Русија, се обиде да ги ублажи.
„Нашите санкции функционираат. Тие имаат видливо влијание врз јавните финансии и економскиот раст на Русија. Европската Унија мора да ги засили овие напори заедно со своите партнери додека не се постигне мир“, изјави шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас на 19 септември.
Клучните точки на новите предложени санкции вклучуваат целосна забрана за трансакции со руски банки и финансиски институции, вклучително и оние што работат во трети земји, забрана за инвестиции во руските специјални економски зони поврзани со војната и дополнителни мерки против кинеските актери што ја поддржуваат руската воена индустрија.
„Овие нови санкции дополнително ќе го ограничат пристапот на Русија до технологии, вклучително и вештачка интелигенција и геопросторни податоци, како и клучни ресурси што се користат за производство на оружје. Ова ги вклучува и оние ресурси што Русија ги добива од странски добавувачи, вклучително и Кина и Индија“, рече Калас.
За прв пат, ЕУ, исто така, ќе ги санкционира дигиталните платформи и ќе воведе забрана за трансакции со криптовалути.
Путин „нè завлекува“
Неколку часови пред објавувањето на пакетот, шефот на британската разузнавачка агенција МИ6, Ричард Мур, изјави дека Русија нема желба за мир во Украина.
Мур, кој се повлекува од функцијата на крајот на септември, зборуваше на темата во британскиот конзулат во Истанбул.
Тој рече оти „апсолутно нема докази“ дека рускиот претседател Владимир Путин сака вистински преговори и дека досегашното вклучување на Кремљ во разговорите било „завлекување“ додека тој продолжува со својата агресија против Украина.
„Сржта на проблемот е, и отсекогаш била, суверенитетот. Путин го негира суверенитетот на Украина и нејзиното постоење како држава и нација“, предупреди Мур.
Тепачка пред болницата во Прилеп, приведени 13 лица

Вкупно 13 лица се приведени по тепачка помеѓу две групи пред градската болница „Борка Талески“ во Прилеп, информираа од полицијата на 19 септември.
За да се смири ситуацијата, еден од полицајците со пиштол испукал и еден куршум во воздух.
Од Основното јавно обвинителство Прилеп веќе постапуваат по предметот и според информациите оттаму, пресметката помеѓу двете групи почнала изутрината во селото Бела Црква, општина Кривогаштани. Потоа, тепачката се префрлила пред градската болница.
Од Итната медицинска помош информираа дека пред да се појават групите пред болницата, три лица побарале лекарска помош. Тие имале лесни телесни повреди, главно од тупаници и не биле во никаква животна опасност. Сепак биле пратени на натамошно лекување во хируршкото одделение во болницата.
По лицата кои барале лекарска помош, веднаш се појавиле двете групи кои физички се пресметувале.
Според информациите од Секторот за внатрешни работи (СВР) Битола, во тепачката лицата користеле и дрвени и други предмети.
„На местото се испратени полициски службеници, но лицата не постапиле по нивните наредби да престанат, по што еден од нив испукал неколку истрели во воздух од службениот пиштол“, изјави портпаролката на СВР Битола, Сања Стаматова.
По документирање на случајот, од полицијата најавуваат дека ќе поднесат и пријави за учесниците во физичката пресметка.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете